дома блог страница 264

Звукот на добрата храна и музика: Петок со „Деспина“, сабота со Тиана и Дани, и финале со „Трио Мањифико“ — само во Порта!

Во најдобриот ресторан во градот, секој викенд е вистинско мало уживање за сите сетила. Мирисот на совршено приготвена храна, вкусот што останува во сеќавање и музиката која го буди најубавото расположение — токму така изгледа секоја вечер во Ресторан Порта.

Овој викенд носи тројна доза уживање: три свирки во живо, почнувајќи од петок навечер, потоа саботното денско ручек-уживање со девојките кои го освоија цел град минатиот викенд, и секако, завршница со уште една незаборавна саботна вечер исполнета со добра музика, вкусна храна и прекрасно друштво.

Во петок, 07.11., со почеток од 21 часот ќе ве прчекаат шармантните битолчани од ГРУПА “ДЕСПИНА” – луѓето кои се “виновници” за стотици досега одлични гурмански вечери ширум Пелагонија и ширум Македонија.

Во сабота следува ново ручек дружење со девојките кои минатиот викенд не’ шармираа и за чиј настап се зборуваше во цел град. Тиана и Дани ве канат со почеток од 14:00 часот.

И за крај, веќе одомаќинетите кавадарчани од “ТРИО МАЊИФИКО” за одлично заокружен гурмански викенд во ресторанот кој гради една поинаква приказна, каде секој е дел и остава свој белег.

Резервирајте навреме на телефонскиот број: 078 368 111

НАЗДРАВЈЕ!

ГОЛЕМИ ОДЛУКИ ЗА БИТОЛА на стартот од вториот мандат на Коњановски – Градот прими две милионски донации (ВИДЕО)

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, заедно со секретарот на општината, Борче Димитровски, претседателот на Советот, Бојан Бојкоски и раководителот на ЛЕР, денеска ја посетија новата противпожарна станица во кругот на поранешната касарна на АРМ, која благодарение на донацијата во износ од $1,093,017,00 долари обезбедена преку Инженериската команда на морнаричките сили на САД (NAVFAC), наскоро ќе профункционира, а Битола ќе добие современа противпожарна станица.

Донацијата од САД денеска беше примена со огромна поддршка од советниците во Советот на општината, а беа донесени и уште неколку други одлуки од огромно значење за градот.

Советниците гласаа и за нови 1.1 милион евра грант од Европската инвестициска банка за развој на локалната водоводна инфраструктура и подобрување на условите за живот на граѓаните.

Голема акција на прилепската полиција: Се апсеа дрвокрадци на повеќе локации (ФОТО)

Денеска (06.11.2025) на регионалниот пат кон с.Тројаци, прилепско, полициски службеници од ОВР Прилеп и РЦ за ГР – Југ го лишија од слобода И.Н.(48) од Прилеп затоа што бил затекнат во патничко возило „фолксваген пасат” со скопски регистарски ознаки, натоварено со нежигосано огневно дрво.

Исто така, на регионалниот пат кон с.Тројаци, од слобода е лишен и А.А.(23) од Прилеп поради сомнение за кражба на огревни дрва. Во неговото патничко возило „фиат” со кичевски регистарски ознаки биле пронајдени нежигосани огревни дрва и моторна пила.

На регионалниот пат кон с.Царевич, прилепско, полициски службеници од ОВР Прилеп и РЦ за ГР – Југ го лишија од слобода В.С.(38) од Прилеп затоа што при преглед во неговото патничко возило „опел” со скопски регистарски ознаки биле пронајдени нежигосани огревни дрва.

На место викано „Ленишки мост“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп и РЦ за ГР – Југ го лишија од слобода А.Р.(21) од Прилеп, кој управувал патничко возило „даеву” со ресенски регистарски ознаки натоварено со бесправно исечени огревни дрва.

Додека, во с.Беловодица, прилепско, полициски службеници го лишија од слобода Р.А.(22) од Прилеп затоа што кај него биле пронајдени бесправно исечени огревни дрва.

Дрвата се предадена на шумска полиција, а по документирање на настаните, против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Утре неколку часа без струја прилепско Мало Коњари и делови од ул. “Прилепски Бранители”

ЕВН МАКЕДОНИЈА информира за ПЛАНИРАНИ ПРЕКИНИ со снабдувањето со електрична енергија на 07.11.2025 година (Петок) во Општина Прилеп, и тоа на следните локации:

-ДЕЛ ОД УЛИЦА ПРИЛЕПСКИ БРАНИТЕЛИ од 09.00 ч. до 14.00 часот.
-С.МАЛО КОЊАРИ од 09.30 ч. до 16.00 часот

Пријателство се гради со инфраструктура и економија: Николоски и бугарскиот колега го потпишаа договорот за изградба на заедничкиот тунел од железничката пруга (ФОТО)

Железничкиот Коридор 8 е еден од најважните трансевропски транспортни коридори, кој има стратешко, економско и геополитичко значење за целиот Балкан и за цела Европа. Овој Договор за изградба на заедничкиот тунел е сон на многу генерации, историјата сакаше јас и вицепремиерот Караџов да го потпишеме, истакна денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, на потпишувањето на Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридор 8, што се случи на железничката станица во Ѓуешево.

Вицепремиерот Николоски потенцираше дека ова е многу значаен коридор за Македонија бидејќи ја поврзува земјата со две мориње и има огромо влијание врз зголемување на конкурентност на домашната економија. Во исто време овој коридор има и огромно безбедносно значење за НАТО Алијансата, рече вицепремиерот Николоски.

“ Овој Дoговор е сон на генерации од двете страни на границата, нешто за што сме читалe, нешто за што сме учеле, а тоа дека двете држави, двата главни градови треба да се поврзат со железничка врска. Ние сме силно посветени на неговата изградба и модернизација. Ќе работиме многу сериозно, ќе работиме многу посветено и се надевам дека и за брзо време ќе ги видиме реузлтатите. Јас не сакам да давам ветувања, но она што можам да го ветам е напорна работа и посветеност. Ова е коридор и од безбедносно значење, во услови кога во 21 век се случува нешто што не можевме да го замислиме, имаме војна недалеку воздушно од тука, агресијата врз Украина. И затоа овој коридор е многу значаен кој што е помош на Алијансата со цел да може да помогне на Украина да ја одбрани својата сувереност и територијална целовитост” – изјави Николоски.

Во однос на финансиската конструкција на целиот источен коридро 8, вицепремиерот Николоски истакна дека средствата се обезбедени.

“ Средствата се обезбедени. Првата фаза е завршена и ставена во функција оваа година. Втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка се работи во моментов, рокот за изградба е октомври 2026 година. Морам да кажам дека не сум задоволен од изведувачите, но со нашите партнери од ЕБРД ќе бараме заедничко решение како да го надминеме овој проблем. Третата фаза од Крива Паланка до границата се надевам дека со напорна работа со ЕИБ, ЕБРД и со ЕУ, во тек на месец декември да се распише претквалификација за избор на изведувач и избор на надор. Во однос на финансиите, најмалку буџетот за железницата од Куманово до границата е околу 810 милиони евра, за што 200 милиони се грант од ЕУ. Од Куманово до Бељаковце чинеше 79 милиони евра, од Бељковце до Крива Паланка треба да чини 155 милиони евра ако останеме во овој буџет. Од Крива Паланка до граница е околу 455 милиони евра и дополнително имаме 110 милиони евра за сигнализација и електрификација од Куманово до границата, со цел кога ќе се заврши цел коридор да имаме најмодерна сигнализација” , истакна вицепремиерот Николоски.

Тој најави дека во скоро време ќе го покани и вицепремиерот Караџов во Македонија на завршување на пругата од Бељаковце до Крива Паланка, како и на отпочнување на градежните работи на пругата од Крива Паланка до границата.

Промотивна дружба и разговори со авторката Ивана Хаџиевска во “Цепенков” инспирирана од нејзината збирка есеи „Суспендирана итност“

Литературно-издавачката дејност при НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп за 8 ноември 2025г/сабота/ од 18.30 часот ја најавува промотивната дружба и разговори со Ивана Хаџиевска, инспирирани од нејзината збирка есеи „Суспендирана итност“.

„Хаџиевска посочува на очајното ниво на македонската и балканската историографија и политика на секавање, при што, наместо повеќе да се работи на разбирањето на националните митови, се наметнуваат поими за „историска вистина”. (…) Хаџиевска ja има таа интелектуална храброст, толку малку почитувана, а толку многу важна“, вели политикологот Здравко Савески во рецензијата за книгата.

„Суспендирана итност“ е збирка есеи кои Ивана Хаџиевска ги пишувала и ги објавила во периодот од 2014 до 2024 година. Тие се пишувани низ призмата на историјата, социологијата, филмот и родовата димензија. Авторката ги разгледува симптомите на руптурните кризи кои го потресувале светот од 20 до 21 век. Состојбите се прикажани низ компаративни ракурси кои фокусираат локално и глобално, но наместо балканската ексцентричност, се обидуваат да ja допрат и универзалноста на проблемите на капитализмот, идеологиите и влијанието на кризите врз луѓето и заедниците.

Ивана Хаџиевска (1995) е историчарка и независна истражувачка. Дипломирала историски науки на Филозофскиот факултет во Скопје во 2018 година. Магистрирала во областа на економската историја. Истражува во полето на филозофијата на историјата, историјата на жените и политиките на сеќавање.

Разговорот со Хаџиевска ќе го води Кирил Бисероски.
Модератор: Александар Еленин.

Кривична пријава за директорка на училиште

Кумановската полиција поднесе кривична пријава против 57-годишната В.Т. од Куманово, поради сомнение дека како директорка на средно училиште во градот присвоила два мобилни телефони што ѝ биле доверени за службена употреба.

Според истрагата, жената по завршување на својот мандат не ги вратила уредите, иако тие биле сопственост на училиштето. Со тоа, таа се стекнала со противправна имотна корист од околу 130.000 денари.

Од СВР Куманово потврдија дека против поранешната директорка е поднесена кривична пријава за „проневера во службата“, а предметот е веќе доставен до надлежното обвинителство.

Шампионот шампионски во Прилеп

Ракометарите на РК Прилеп во рамки 10. коло од Супер лигата го пречекаа шампионскиот тим на Еурофарм Пелистер. Прилепчани кои имаа водство во неколку наврати на стартот од натпреварот, при 6-5 водство ги налутија гостите од Битола кои потоа до врв ја наполнија нивната мрежа.

Крајниот резултат на семафорот беше 25-40. Битолчани иако не пристигнаа со најсилиот состав, а во нивните редови од поискусните беше само голманот Хеидарирад, немаа поголеми проблеми и погодуваа од секоја ситуација. Ги немаше Хаџиќ, Митревски, Брестовац…, а поголема минутажа добија Мирче Кајлџиоски и Самоил Ристевски.

Кај гостите Петар Атанасијевиќ даде 7 гола, а еден помалку Мирче Кајлаџиоски. Во тимот на Прилеп најдобар поединец беше Ангел Крстески, кој постигна 7 гола.

По 10 одиграни кола Прилеп е во долниот дел на табелата со 6 освоени бода, а во наредното коло избраниците на Таневски ќе се соочат со Радовиш на гостински терен.

Каратистите на КК „Бонсаи“ oд Прилеп ќе ја претставуваат Македонија на Балканското првенство во Риека

Од 7 до 9 ноември 2025 година во Риека, Хрватска, ќе се одржи Балканското првенство во карате, на кое ќе учествува и прилепскиот карате клуб „Бонсаи“.

Клубот ќе настапи со петмина свои натпреварувачи: Јована Илиоска, Цвете Миланоска, Марија Јорданоски, Катерина Јорданоски и Леонид Белески, кои ќе се натпреваруваат во дисциплините ката (индивидуално и екипно) и кумите (индивидуално и екипно).

Натпреварувачите се под водство на тренерите Валентина Пурдеска и Дамјан Ристески, кои изминатиот период работеа интензивно со тимот во насока на техничка, физичка и ментална подготовка за настапот.

„Нашите каратисти се целосно подготвени и мотивирани. Веруваме во нивниот квалитет и се надеваме дека ќе го покажат најдоброто од себе на меѓународната сцена,“ истакнаа тренерите Пурдеска и Ристески.

Балканското првенство во Риека ќе собере каратисти од сите земји во регионот и претставува едно од најзначајните натпреварувања во календарот на Балканската карате федерација.

„Уметност во звук и форма“ – Пијано концерт и изложба на скулптури во петок во “Цепенков”

На 7 ноември 2025 г /петок/ од 19.00 ч. во ликовниот салон од ЦК „Марко Цепенков“ ќе одржи музичко ликовна вечер.

Вечерта е под мотото „Уметност во звук и форма“. На пијано ќе настапи Огненка Герасимовска Димитровска, која ќе се претстави со музика од познати композитори.

Ќе има и изложба на скулптури од Александар Ефтимовски.