дома блог страница 24

Од полноќ поскап бензин, дизелот се враќа на “стотка”

Од полноќ нови цени на горивата. Бензините поскапуваат за еден денар по литар, додека дизелот поевтинува за 4,5 денари и ќе се продава по 100 денари за литар.

ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе чини 100 денари, а ЕУРОСУПЕР БС-98 – 102 денари за литар. Екстра лесното масло за домаќинство поевтинува за три денари и ќе се продава по 111,50 денари за литар, додека мазутот ќе чини 49,882 денари за килограм.

Според Регулаторната комисија за енергетика, со новата пресметка малопродажните цени на нафтените деривати во просек се намалуваат за 1,06 проценти во однос на цените од 21 септември.

Клучната промена е кај дизелот. Неговата референтна цена на светскиот пазар во изминатиот период се намалила во просек за 6,7 проценти, или за повеќе од 107 долари по тон. Кај бензините, пак, берзанската цена практично останала непроменета, со минимален раст од 0,049 проценти.

Во пресметката влијаел и курсот на доларот. Денарот во однос на американската валута во просек бил послаб за нешто помалку од еден процент, што делумно го намалило ефектот од поевтинувањето на дизелот на светските берзи.

Дополнително, Владата денеска донела одлука повластената стапка на ДДВ од 10 проценти за дизелот да продолжи да се применува и во оваа пресметка.

Продолжена е и мерката за намалена акциза од четири денари по литар за бензините и дизелот.

Со комбинацијата од пониска берзанска цена на дизелот, задржаното ДДВ од 10 проценти и намалената акциза, дизелот од полноќ ќе биде поевтин за 4,5 денари по литар.

Новите цени ќе важат до следната пресметка на Регулаторната комисија.

Кривична за прилепчанец: Со нoж им се заканyвал на полициски службеници

-ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против Т.В.(57) од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ,,напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ и „загрозување на сигурноста“. На 09.09.2026, пријавениот со нож упатувал закани и пружал отпор на полициски службеници, кои вршеле службени дејствија, информираат од МВР.

Злато за Прилеп во Белград: Дарко Костадиноски триумфираше со својот „Total Look“ (Фото/Видео)

Прилепскиот фризер и стилист Дарко Костадиноски, од фризерското студио „Ema Place“, се закити со златен медал на престижниот регионален натпревар за фризери и стилисти „Eco Luxury and Sustainable Glam“, кој се одржа во Белград.

Костадиноски, заедно со професионалниот фризер и стилист Влатко Арсовски од Скопје, беа единствените претставници од Македонија на овој регионален настан, кој собра професионалци од повеќе балкански земји.

На натпреварот учествуваа фризери и стилисти од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија, презентирајќи ги своите техники, креативност и современи пристапи во фризерството и стилизирањето.

Признанието за македонските претставници не изостана. Дарко Костадиноски го освои златниот медал во категоријата „Total Look“, дисциплина во која целокупниот изглед се гради како една стилска целина, од фризурата и шминката, до облеката и модните додатоци.

Со својот настап Костадиноски креираше целосен изглед во кој различните елементи беа усогласени во препознатлив и заокружен стил, оставајќи силен впечаток на регионалниот натпревар.

Учеството во Белград беше можност за македонските професионалци да бидат дел од регионална сцена на која се презентираат нови техники, актуелни трендови и креативни концепти во современото фризерство и стилизирање.

Зад настапот на Дарко стои и неговата деловна партнерка Емилија Костадиноска, со која заедно го развиваат прилепското фризерско студио „Ema Place“.

За Костадиноски, златниот медал во Белград претставува уште едно значајно меѓународно искуство, но и признание за неговата долгогодишна посветеност на професијата, креативноста и современиот пристап кон фризерството и стилот.

Ги начекал како крадат во неговиот дом, а потоа и физички го нападнале со метални предмети

-На 25.09.2026 во 21:05 часот во ОВР Прилеп, Д.П. од Прилеп пријавил дека во неговата куќа затекнал три лица кои вршат кражба, кои потоа физички го нападнале до метален предмет него и неговиот син.

Се преземаат мерки за расчистување на настанот – велат од СВР Битола.

Битола подготвува спектакл пред првиот европски натпревар на Еурофарм Пелистер за сезонава

Европската сезона за Еурофарм Пелистер започнува со посебна програма за битолските навивачи.

На 30 септември, пред првиот натпревар од групната фаза во Лигата на Европа против шпанска Ла Риоха, клубот организира фан-зона под мотото „Осмиот играч“, посветена на Чкембари и 41-годишнината од постоењето на навивачката група.

Фан-зоната ќе биде поставена на платото пред спортската сала „Боро Чурлевски“, а програмата започнува во 18:00 часот, речиси три часа пред почетокот на натпреварот.

За навивачите се подготвени музика и DJ, навивачко шминкање, 360° камера, клупски производи, посебна зона за најмладите, како и храна и пијалаци.

Посебен момент ќе биде заедничкото одбројување пред почетокот на натпреварот, по што навивачите заеднички ќе се упатат кон трибините за да му дадат поддршка на тимот во првиот европски предизвик.

Пораката на клубот е јасна:

„На теренот се седум. Осмиот е на трибините.“

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Ла Риоха започнува во 20:45 часот, а битолчани ќе имаат можност уште од раните вечерни часови да ја создадат атмосферата за европската ноќ.

Еурофарм Пелистер е единствениот македонски претставник во групната фаза на Лигата на Европа. Покрај Ла Риоха, во групата ќе се соочи и со германскиот Гумерсбах и полскиот Вибжеже Гдањск.

Во Битола европската авантура започнува пред салата – со навивачите, музиката и „Осмиот играч“.

Градоначалникот на Битола организираше прием на Ален Рустемовски, кој со медал се врати од Европското првенство во Бугарија

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски денеска организираше прием за Ален Рустемовски кој освои бронзен медал на Европското првенство во Бугарија.

„Голема беше честа денеска да организирам прием за Ален Рустемовски кој испишува историја во македонскиот бокс. Задоволство беше да се слушне од него и неговиот тренер Јове Петровски за овој голем успех, односно освоениот бронзен медал на Европското првенство кое што се одржа во Бугарија. Рустемовски не застанува тука, пред него се нови предизвици.Знаев дека еден ден ќе успеам и денес можам да кажам дека ова е само почеток. Знам дека допрва ме чекаат уште поголеми предизвици. Мојот сонnостанува ист, а тоа е олимпијадата и олимписки медал“ рече младиот Ален, на кој му честитав за освоениот медал и му посакав исполнување на неговиот сон. Исто така рече дека е посебно горд што по 20 години успеа да донесе европски медал во бокс за Македонија. И на претходните и на оваа средба кажав дека сите веруваме во неговите способности во рингот, а Битола за него и за сите други боксери веќе ја гради новата боксерска сала, која за скоро време ќе биде на располагање на сите. Општина Битола ќе продолжи и во наредниот период финансиски да го поддржува Рустемовски. Со 1 милион денари од буџетот, Општината ќе го поддржи на неговите подготовки за обезбедување пласман на Олимписките игри“ истакна градоначалникот на Битола.

Владата ја продолжува до 12 октомври мерката со која ДДВ за дизелот се намалува од 18 на 10 отсто

Владата ја продолжува мерката со која ДДВ за дизелот се намалува од 18 на 10 проценти до 12 октомври, објави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Со мерките, како што посочува Димитриеска-Кочоска, Владата продолжува со заштита на стандардот на граѓаните и стабилноста на домашната економија.

-Со продолжувањето на оваа мерка директно влијаеме врз малопродажните цени на горивата и го ограничуваме пренесувањето на надворешните ценовни притисоци врз цените на останатите производи и услуги. Реагираме навремено и одговорно, следејќи ги движењата на меѓународните пазари и преземајќи мерки кога тоа е потребно за да го заштитиме стандардот на граѓаните – објави на својот Фејсбук профил Димитриеска-Кочоска.

„Св. Кирил и Методиј“ – Параклис: Од старата куќа на Мотевци до импозантен храм, кој еден век ја чува верата, историјата и духот на Прилеп

Каролина Дурло за “АЛФА TВ”/“ВЕЗИЛКА”

Веќе подлго од еден век, вгнезден како вечно-пулсирачко срце во центарот од градот под Марковите Кули, црковниот храм „Св. Кирил и Методиј“, меѓу прилепчани попознат и како „Параклис“, гордо му пркоси на времето, сведочејќи за исконската православна вера и македонскиот нескршлив дух. Првично поставен во старата куќата на семејството Мотевци, која била откупена и приспособена за богослужбен објект, параклисот служел за исполнување на духовниот живот на прилепчани. Во тоа учествувале свештеникот Спасе Игуменов и прилепчаните Стеван Зарески и Томе Шапче.

„Каде бил првичниот Параклис на „Св. Кирил и Методиј“, не можеме точно со сигурност да кажеме, но најверојатно е тука на некои 10-тина метри напред-назад, бидејќи и објектите се изменети. Тоа било куќата на Мотевци. Имаме историски податоци запишани, и од истражувања и од други дека куќата била тука. Но, дали била вака мала или малку поголема, бидејќи тоа го гледаме од иконите на Иконостасот, зашто тие биле истите икони од првичниот Параклис и тоа не било само Параклис, тоа било црква, веќе голема црква. Колку голема – не знаеме, бидејќи била куќа која била приспособена за богослужба. Но, она што сепак треба да го знаеме дека тоа било пред 1884 година. Во 1884 година, еден свештеник, познат и како национален будител, тоа е поп Спасе Игуменов, или поп-Спасе Игумен кој што ги собрал своите верни чеда Македонци и овдека во „Варошко маало“, кое е старото „Варошко маало“. И заедно со нив се приклучува и една исклучителна личност која што ние Македонците не сме ја запамтиле точно, а треба да ја памтиме и спомнуваме – тоа е протојерејот Алекса Попов, или Алекса Кочов, Кочовиќ. Тоа е парохиски свештеник во храмот „Св.Благовештение“ – Стара црква, но заради неговиот силен национален дух, му била одземена парохијата и бил избркан од храмот „Св. Благовештение“ и тој доаѓа овде и се приклучува на таа мала група и овдека развива една голема и просветителска дејност, но и јакнење на самата свест на самиот Македонец“, вели протојереј Емилијан Зелнички, старешина на црквата „Св. Кирил и Методиј“, Прилеп.

Од малиот Параклис кој полека почнал да пропаѓа заради дотраеност, и покрај силните пропаганди на соседните држави во тоа време, во 1926 година сепак започнува да се гради новата поголема црква, како проект на српскиот арахитект Момир Коруновиќ. Темелите биле осветени точно на 4 октомври 1926, а црквата се градела цели 10 години, кога било направено и големото осветување на храмот.

„Запишано е дека немале доволно средства да ја изградат, но сепак јас сметам дека не било баш заради тоа, туку архијерејот кој што ја осветил црквата, тоа е светиот владика Николај Велимировиќ, за неколку недели требало да ја напушти Охридско-битолската епархија, бидејќи бил преместен во Жичката епархија. Тој брзал да го освети храмот и со тоа да ја круниса неговата архијерејска кариера или неговото архипастирствување во Прилеп со осветувањето на храмот „Св. Кирил и Методиј“. Она што е битно е – од каде Св. Кирили и методиј ? Во 19 век имаме прослави на 1000 години од Моравската мисија и од блаженото упокојување на Св. Кирил Солунски и истиот век е илјадагодишницата од Св. Методиј Солунски, од блажената смрт негова и во тоа време толку силно се развива култот на Светите браќа Кирил и Методиј. А тоа е фактот кога дошле Србите и кога ја изградиле црквата настојувале таа да се вика „Св.Сава“, но борбениот дух на кој што била посадена таа национална свест на овие двајца свештеници…не дозволиле никако да биде преименувана, туку таа ќе биде на „Св. Кирил и Методиј“, на сесловенските и семакедонски учители и просветители и не попуштиле во тоа“, раскажува отец Емилијан.

Храмот „Св. Кирил и Методиј“ е трикорабна црква со триконхална основа, како спој на моравската традиција и романтичарски архитектонски израз. Иконите во црквата се особено значајни поради тоа што главно се дело на Јован Атанасов Будимовски, еден од позначајните прилепски иконописци од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Неговите икони се препознатливи по употребата на злато за нимбовите, драпериите и на одредени позадини што им дава карактеристичен сај и декоративност.

„Кога била изградена криптата, долниот дел од храмот, со иконостас, со сите параметри што треба да ги има еден храм, веднаш дошле од стариот Параклис во новиот и богослужбата била префрлена и црквувањето почнало да се одвива под нас, каде што сега ние стоиме. Од 1930-1936 се гради овој дел кој што не е ни готски стил, ни рококо стил, туку некаков правец – романтичен експресионизам, кој што така е и запишан….Последната градба од проектот ја врши надлежниот архијереј митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар со тоа што инсистира да се доврши проектот и да се изгради Куполата која што е над нас“, посочува отец Емилијан.

Денес овој импозантен црковен храм има богат и редовен богослужбен и литургиски живот. Има и свој црковен женски хор, кој постои откога и самио храм, а се изведуваат и други проекти меѓу кои и зографисувањето на стариот Параклис, по што за првпат ќе саледи и негово осветување. Исто така, во овој храм се чува и честица од моштите на патронот на нашата Црква – Св. Климент Охридски.

Го славиме светиот маченик Никита – За многу години!

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е е 15 септември, денот на Св. маченик Никита.

Свети Никита по потекло беше Гот. Во негово време готскиот кнез Атанарик започна гонење на христијаните во својата област. Меѓу оние што не сакаа да се откажат од Христа се најде и овој свет маченик.

Беше фрлен во оган и на тој начин погубен, но Бог така устрои неговите мошти сепак да останат цели.

А нив ги зеде другарот на Никита, Ма¬ријан, и ги пренесе од готската земја (Влашка и Бесарабија) во областа Киликија во Мала Азија, во градот Мопсуест. Тука неговите чудотворни мошти беа положени во црквата подигната во негов спомен.

А пострада и се прослави овој чудесен маченик во 375 година. Обичајот налага дека од денес се започнува со подготвување на зимница со помош на овој светец.

Исто така се верува дека тој кој денес ќе застане на каменот во манастирот Свети Никита, ќе се сврти трипати, ќе се поклони и ќе си замисли желба, моштите на светецот ќе им ја исполни.

Моќта не е во каменот, моќта е во коските, а тој е само начин да се поврзе верникот со светецот и со Бога. Стоејќи на каменот, верникот полесно се поврзува во Бог и неговата мака, болка или желба полесно ќе биде чуена и решена, исцелена, исполнета, со помош на светите мошти, но и силната верба.

За да еден човек си ја каже маката, се прави еден мал ритуал. Прво човекот влегува во црквата и си пали свеќа. Тогаш клисарот го трга тепихот под кој стои каменот. Човекот застанува со лицето накај олтарот. Се прекрстува, прави круг и се поклонува свртен кон олтарот. И така три пати. Кога ќе заврши последниот круг ја кажува молитвата „оче наш“. На крај си ја кажува маката или желбата.

Клисарот раскажува дека ова е единственото место во светот каде може со специфичен ритуал да се поврзат верникот и Господ, каде со помош на моќта на моштите од великомаченикот, му се помага на секој кој има мака.

И наши, и странци, мајки, татковци, деца, илјадници луѓе застане на овој камен и се поклониле, сите со иста цел, моштите да им помогнат. Неодамна дошле четириесет монахињи од Сибир, кои биле восхитени од манастирот.

Една жена, дошла оти не можела да има деца. Стапнала на каменот, ја кажала молитвата и заминала. По една година и четири месеци пак се појавила со машко дете во рацете, закажала крштавка и синот го крстила Никита, по светецот кој и помогна да зачне и да роди.

Еден ерген од соседно село кој не можел невеста дома да донесе, откако се поклонил и ја кажал својата мака, по неколку месеци закажал и свадба, во истата црква.

Најчести посетители на манастирот се мајките со мали деца, кои не можат за зборуваат, да одат, немирно спијат и мократ. Но, откако ќе го направат ритуалот, се враќаат задоволни, се поклонуваат пред иконата оти маките им се решени, децата мирни.

Клисарот насмеано раскажува и за две девојки, кои дошле да побараат помош за да го завршат факултетот. По некое време се вратиле и му кажале дека по толку маки, конечно дипломирале, но побарале повторно да застанат на светиот камен.

Тој им рекол зарем ме лажете, зарем не завршивте, зошто пак сакате да се помолите. Тие му рекле факултетот го завршивме, сега ќе побараме да се омажиме за добри момчиња. Вели дека и пратеници доаѓале, да се помолат пред избори, но тој им велел каменот е за здравје, не е за политика.

Ова се малку од многу исполнети желби, а ако и вие имате некоја и верувате во моќта на големиот Никита чудотворец и великомаченик, тогаш тргнете накај падините на Скопска Црна Гора, каде меѓу старите селски камени куќи и недопрената природа стои манастирот Свети Никита, каде чудата се случуваат, болни оздравуваат.

Во битолскиот Архив пронајдени нови фотографии на Кемал Ататурк снимени од браќата Манаки

Романскиот антрополог и професор на Универзитетот во Букурешт, Каталин Д. Константин заедно со тим од битолскиот Архив, истражувајќи ја архивата од делото на браќата Манаки, пронајдоа нови фотографии од Кемал Ататурк.

На фотографиите, односно стаклените плочи под број 515 и 1417 во описот стои дека се работи за ученици од воената гимназија на кои е и Кемал Ататурк.

-Архивот поседува најмалку две фотографии на кои се гледа ликот на Кемал Ататурк. Фотографиите се направени при посета на воена делегација на Битола предводена од Колман вон дер Голц, познат и како Голц паша. Во позадина на придружбата се гледа впечатливото лице на младиот Кемал кој веројатно бил дел од воената придружбата која имала за задача да направи увид во воената способност на битолските касарни, информираа од битолскиот Архив.

Новооткриените фотографии ќе бидат тема на темелни истражувања во иднина, а Архивот со помош на своите соработници ќе продолжи со својата мисија за промовирање на значајниот архивски материјал кој го чува во своите депоа, потврдија од битолскиот Архив.