дома блог страница 219

Николоски од Прилеп: Ќе го поврзeме градот со целосно автопатско решение

Синоќа на промоција на кандидати за советничката листа и промоција на кандидатот за градоначалник на општина Прилеп, се обрати потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Николоски ги посочи проектите и плановите кои треба да бидат спроведени во наредниот период соработувајќи со локалната самоуправа на Прилеп, со цел нивна реализација.

-Навистина имаме убави работи коишто ќе ги споделиме вечерва, работи коишто ги направивме изминативе 4 години во општината, но и многу планови за периодов којшто е пред нас и период во којшто заеднички со локалната самоуправа ќе работиме на реализација на навистина големи планови и големи проекти, изјави Николоски.

Николоски најави изградба на целосно автопатско поврзување на Прилеп, односно продолжување на истиот до Фариш со автопат кој ќе продолжува до Битола, што претставува целосна револуција на економијата и комуникациите на целиот регион.

-Вечерва ќе најавам, еве можам ексклузивно да го кажам пред вас дека имаме еден голем план на целосно автопатско поврзување на Прилеп, значи не само изградба на автопатот од Прилеп до Битола туку исто така продолжување на истиот до Фариш односно онаму кадешто сега во моментов завршува експресниот пат Градско-Дреново-Фариш, да продолжи кон Прилеп со автопат којшто би продолжил секако до Битола, што мислам дека ќе е целосна револуција и во однос на економијата и во однос на комуникациите на целиот регион“, истакна Николоски.

Преполна сала, Крушево добива нов градоначалник – Нико Чонески го обедини највисокиот град на Балканот (ФОТО/ВИДЕО)

Бизнисмен, фамилијарен човек и долгогодишен партиски активист – тоа е Нико Чонески. Крушевчани веруваат дека со неговата посветеност и љубов кон родниот крај, Крушево конечно ќе го заземе своето вистинско место – како град на културата, туризмот и гордите традиции, но и како модерен центар на нови можности.

Вечерва се одржа промоцијата на Чонески за кандидат за градоначалник на највисокиот град на Балканот од владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Во преполната сала во хотелот Монтана, Чонески се обрати до граѓаните, повикувајќи на сплотеност со цел еснафски развој на Крушево.

Говорот на Чонески во целост го пренесуваме во продолжение:

Од Крушево, од нашите китни села, Македонци, Албанци, Власи… ви благодарам за тоа што ни укажавте чест и можност да се претставиме пред вас.

Зошто јас?

Прашање на кое најпрво си одговорив на самиот себе, а сега треба да ви одговорам и вам. Одговорот кон мене се појави природно и инстиктивно. Всушност истиот сум го носел во мене целиот мој живот, тлеел скриен во неизмерната љубов кон секое сокаче, уличка, кафуле, места и случки.

Места што пробудуваат спомени на детски, другарски џагор, на први љубови, на среќни рожби и тажни испраќања. Крушево ме оформи мене како личност и ми даде се’ што имам, а јас секогаш чувствував, дека не сум му возвратил доволно.

Одговорот кон вас, зошто јас повторно е поврзан за минатото, затоа што познавајќи ме најголем дел од вас знаат, а останатите ќе се уверат за мојата чесност и неподмитливост.

Човек на кого непотизмот нема да му биде главен идеал, човек кој нема да дозволи да ве труе секогаш запалената депонија, кој нема да дозволи да нема вода за пиење, а кога ја има да биде загадена, човек кој верува во вас, кој знае какви домаќини сте во вашите домови, и дека може да бидете за вашите улици и маала, па така заедно да бидеме еден успешен градоначалник на Крушево.

Но исто така верувам во новата политичка реалност, верувам во заложбите и желбите на Владата, да помогне во реализацијата на многу проекти од типот на инфраструктура, урбанизам, општа хигиена, развој на туризмот, култура, грижа за младите, економски развој, и мн. др. сегменти.

Почитувани,

Непостои политичар во Македонија кој не го спомнал Крушево, востанието или Манифестот за да истакне одредена поента, па така и јас ќе го сторам истото. Но, јас би сакал да зборувам за тоа што се случувало во деновите по ослободувањето.

Крушевчани прогласиле Република, форма на општествено уредување, најдемократска во тоа време. Заедно со штабот избрале своја влада, со министри за повеќе ресори, не по пат на скапи кампањи, притисоци или уцени, туку еснафски кој за што го бивало.

Населението го зафатило еуфорија за општо добро, секој мислел како да придонесе материјално, идејно или физички. Мислејќи и на одбраната, а користејќи ги оние малку ресурси кои што ги имале, започнале сами да леат куршуми, а направиле и топ од цреша. Неслучајно ја одбрале црешата, тоа дрво отпорно на притисок, цврсто и инаетливо, исто како Македонецот.

Денес нам ни треба таа енергија, ни треба барем дел од одговорноста што ја имале тие луѓе тогаш. Ни треба нов, модерен топ, напревен од домаќинско работење, од правилно искористување на човечкиот капацитет, за од малку да направиме многу, од ништо да направиме нешто, а од доволно да направиме чуда.

Тоа мора да го направиме заедно, сплотени и единствени, Крушево да блеска, повторно сите да чујат за нас.

За еснафско Крушево!

Ќе биде вистинска штета да не го посетите овој настан утре во центарот на Прилеп (Фото галерија)

Утре (сабота, 13.09.) во Прилеп, по седми пат ќе се слави млекото, сирењето и луѓето кои стојат зад нив – сточарите. Тие кои со љубов и упорност ги чуваат стадата, ја негуваат традицијата и ни го даруваат вистинскиот вкус на нашата земја. Програмата за настанот е поделена во два дела, она што ќе се случува преку денот кај Градскиот Саат и вечерта на Камена бина на плоштадот “Александрија”.

Во текот на денот – кај Градскиот Саат

Од утро па сè до попладне, платото кај Градскиот Саат ќе се претвори во вкусна и шарена сцена:

🥛 ќе имате можност да поразговарате со повеќе производители на млеко и млечни производи од цела Македонија
🧀 ќе дегустирате сирења и млечни специјалитети
🌿 ќе откриете локални производи што совршено се спојуваат со нив
💬 ќе слушнете вистински приказни за предизвиците и радостите на сточарството

Ќе бидат присутни голем број изложувачи на органски производи од цела Македонија, меѓу кои:

Во рамки на дневниот дел, од 14 до 16 часот ќе се одржи конференцијата „Гласот на сточарите“ со два актуелни панела:

• Предизвици околу регистрација и продажба од куќен праг
• Човечки капацитети во сточарството

За атмосферата ќе се погрижи групата Романса, со звуците на староградската музика која секогаш носи доза носталгија и радост.
________________________________________

Вечерта – кај Камената бина

На зајдисонце, се селиме кај Камената бина. Таму, дечките од Слоу Фуд Млади Македонија заедно со шеф Маре Јаневска ќе приготват Диско Супа – вкусна, креативна и по малку бунтовна супа, направена од намирници кои инаку би завршиле во отпад.

А додека супата се подготвува, сцената ќе ја оживеат Јана Мрческа & Баже – млади, енергични и полни со ритам. Ќе има песна, ќе има смеа, и ќе има порака: храната е премногу вредна за да се фрли.

________________________________________

📅 13 септември 2025
📍 Прилеп – Градски Саат (дневна програма) и Камената бина (вечерна програма)

Дојдете да ја прославиме традицијата, младоста и иднината на нашето сточарство.

Фестивалот „Млеко“ е место каде што вкусовите, приказните и музиката се спојуваат во едно – а вие сте дел од таа приказна.

Во продолжение ви ги прикажуваме и останатите изложувачи на настанот:

 

Со низа настани во Прилеп ќе се одбележи “Европската недела на мобилност” – Ова е програмата

Општина Прилеп се приклучи кон ЕВРОПСКАТА НЕДЕЛА НА МОБИЛНОСТ, водечката кампања за подигање на свеста за одржлива урбана мобилност што секоја година се одбележува од 16 – 22 Септември и промовира промена во однесувањето во корист на активна мобилност, јавен превоз и други чисти, интелигентни транспортни решенија.

За таа цел креираше еднонеделна програма со интересна содржина, за чија реализација ќе се погрижат : граѓаните на Општина Прилеп, Здруженија на граѓани, Спортски клубови и Сојузи, Јавни претпријатија и други најразлични институции од градот.

16 СЕПТЕМВРИ 2025г (вторник)

Прес конференција во собраниската сала на Општина Прилеп и презентирање на програмата пред јавноста. На прес конференцијата ќе бидат присутни и ќе ги презентираат своите активности сите институции, НВО и спортски клубови кои се дел од организацијата на Европската недела на мобилност.

17 СЕПТЕМВРИ 2025г (среда)
Критична маса/Вело кино

Во изминатите години низ улиците на Прилеп еднаш во месецот во организација на ПРИЛЕП НА ТОЧАК се реализира манифестацијата Критична маса на која се собираат голем број на велосипедисти кои возат низ градските улици. Нивната цел е на самите учесници да им се долови (не)почитувањето на сообраќајните правила, интеракција со возачите на автомобили и интервенциите на полицијата.

Критична маса е возење точак! Се создава кога група велосипедисти ќе се соберат на едно место и заедно се возат по улиците од нивниот град.

Критична маса нема раководство. Тоа е возење каде никој не е главен. Секој е одговорен за себе и за Масата…..

На крајот од денот сите учесници ќе присуствуваат на проекција на филм, чија техничка поддршка ќе биде обезбедена од активностите на проектот „ПЕДАЛИ И ПРИКАЗНИ“ кој го реализираат здруженијата ФАК и GO GREEN.

18 СЕПТЕМВРИ 2025г (четврток)

Автобусите од градскиот превоз ќе возат бесплатно цел ден, а на патниците што ќе го користат јавниот превоз ќе им се делат флаери со претходно подготвена содржина на која ќе биде објаснето кои се предностите од користењето на јавен превоз во споредба со користењето на автомобили. Флаерите ќе ги делат учениците од сообраќајната паралелка при СОУ Ристе Ристески Ричко, кои преку целиот ден ќе бидат присутни во автобусите облечени во брендирани маички.

19 СЕПТЕМВРИ 2025г (петок)

Запирање на сообраќајот на Булеварот „Гоце Делчев“ од 18.00ч до 22.00ч и реализација на ноќна трка на 5 км низ прилепските улици. Организацијата и техничката поддршка на настанот е од Ориентациониот клуб „ЗЛАТОВРВ“ од Прилеп.

20 СЕПТЕМВРИ 2025г (сабота)

Сообраќајното одделение од СОУ Ристе Ристески Ричко заедно со претставници на одделението за сообраќај на МВР Прилеп ќе имат заеднички активности низ градските сообраќајници (запирање на возила и делење на флаери со подготвената содржина)

21 СЕПТЕМВРИ 2025г (недела)

„СИТЕ НА ВЕЛОСИПЕД 2025“

Групно возење на велосипед со старт од пред Реклами во 12.00Ч до Аеродромот во Коњари и назад. Настанот е во организација на ВК & сервис „ИЛИНДЕН “ – Прилеп на кој слободно можат да учествуваат сите љубители на велосипедот од Прилеп.

22 СЕПТЕМВРИ 2025г (понеделник)

ДЕН БЕЗ АВТОМОБИЛИ

Ќе биде запрен сообраќајот на главната сообраќајница на град Прилеп од 07.00 до 15.00ч.Во периодот додека е запрен сообраќајот на самата сообраќајница континуирано ќе се одвиваат активности координирани од страна на Сојузот за училишен спорт (СУС) – Прилеп во кој ќе земат учество училиштата, детските градинки, НВО, спортски Сојузи и спортски клубови со најразлични теми : прзентација за велосипедизам, презентација за планинарење, возење на ролери, презентација за сообраќајот и сообраќајни правила, тренинг на зумба клубот, ШАХ. ориентација, бадмингтон итн.

Левица со свој кандидат за Градоначалник на Крушево

Стопанственикот Зоран Јанески е кандидат за градоначалник на политичката партија Левица за Крушево. Добро познат помеѓу крушевчани, Јанески во своето обраќање до нив бара поддршка за општината да се врати на обичните луѓе, на работниците.

-После долго размислување одлучив да го прифатам предизвикот за кандидат за градоначалник од политичката партија ЛЕВИЦА.
И покрај притисоците да се откажам, јас сум човек кој не се откажува и не потклекнува без разлика дали е добар или лош период.

Затоа драги сограѓани ве повикувам да размислите и сами да одлучите на кој сакате да ја дадете вашата доверба за претстојните четири години. Вие одлучете дали ќе биде како до сега. Дали ќе дозволите општината да биде заробена од двете најголеми партии кои се виновни за уништувањето на Крушево. Или пак ќе се охрабриме и за прв пат од осамостојувањето на Република Македонија ќе му дадете шанса на работник.

Да ја вратиме општина Крушево на обичните граѓани, на работниците. Бидете здрави и живи и вие донесете ја одлуката – стои во обраќањето до крушевчани и жителите на околните населени места на Јанески.

Витаминка знае како треба! Вреден пакет за секое новороденче од вработените и ваучер за бела техника за склучен брак

Во согласност со заложбите за создавање работна средина која овозможува подобар баланс помеѓу професионалниот и семејниот живот, прилепската компанија Витаминка АД  донесе одлука за воведување нова мерка со која дополнително ќе се поддржат вработените.

Почнувајќи од 1 јули 2025 година, компанијата доделува вредни подароци за секое новороденче на вработен, како и вредносен ваучер за купување бела техника за секој вработен што ќе склучи брак. Со оваа иницијатива, Витаминка ја потврдува својата заложба за општата благосостојба на вработените и нивните семејства.

Со оваа мерка, Витаминка уште еднаш ја потврдува својата определба да инвестира во луѓето кои се двигател на нејзиниот успех.

 

Во Битола одбележана 83-годишнината од смртта на народните херои Стив Наумов и Димитар Богоевски (ФОТО)

Во организација на Сојуз на борци, денес со положување на свежо цвеќе е одбележана 83 годишнината од смртта на народните херои Стеван Наумов – Стив и Димитар Богоевски – Мите, кој заедно загинаа на 12 септември во 1942 кај местото Болно, Ресенско.
Во име на општина Битола почит оддаде градоначалникот Тони Коњановски, претставници на Советот на општина Битола, Сојуз на борци и членови на фамилијата, претставници на политичките партии како и ученици од основното училиште „Стив Наумов“ од Битола.

Приведени тројца млади прилепачани – полицијата им пронајде мариxyaна

-На 09.09.2025 во 20.00часот на ул. “11 Октомври” во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишиле од слобода С.Т.(19), Д.Т.(19) и еден малолетник, сите од Прилеп.

При преглед на патничко возило “фолксваген поло” со прилепски регистарски ознаки, во кое се превезувале, била пронајдена марихуана.

По документирање на настанот, против нив ќе следува соодветна пријава – информираат од МВР.

Мицкоски до Зејд: Слобода на говор е да кажам дека мојата земја е Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од собраниската говорница повтори дека Македонија е неговата земја и дека секогаш ќе биде, и дека почитувајќи го државниот интерес кога давал заклетва ја кажал придавката Северна.

– Не можете вие мене да ми кажете како јас да ја нарекувам мојата земја и што да кажувам. Мојата земја сум кажал дека е Македонија и ќе биде Македонија. Во интерес токму на оној државен интерес и слично кога давав заклетва ја спомнавме придавката за да не дојде до некои други компликации. Инаку нема да слушнете поинаку, барем додека јас сум премиер, рече Мицкоски на пленарната седница на опозициски прашања.

Тој одговараше на прашање на пратеникот Скендер Реџепи Зејд, кој зборуваше за употребата на уставното име во контекст на евроинтеграциите, но и за скандалот со Соравија и други.

– Дали го почитувам Уставот? Да, го почитувам Уставот, и токму при заклетвата кога ја давав како мандатар на Владата ја спомнав придавката дека го почитувам Уставот, а на оваа говорница можам и согласно Уставот да си кажувам она коешто мислам дека можам да го кажам и тоа е слобода на говор, рече Мицкоски.

Прашањето на Реџепи, Мицкоски го гледа во контекст на претстојните локални избори.

– Јас сум збунет со вашето обраќање денеска освен што видов дека сте жестоко мотивиран за кампањата која што ќе почне и претпоставувам дека го почитувате она добро е да се учествува не да се победи. И се надевам дека ќе постигнете исклучително квалитетен резултат, рече Мицкоски.

Во контекст на делот кога пратеникот Реџепи ја спомнува приватизацијата од 90-тите, Мицкоски рече дека таа за неа е криминална приватизација.

-Еве јас ви кажувам не како Македонец. Да е криминална приватизација. И тоа можам да ви го кажам. Но, исто така дали можам нешто да сторам по тоа прашање што се случило пред 30 и неколку години, не можам и затоа оставете ја таа фолклор реторика на страна, видете што можете да направите, рече премиерот Мицкоски.

Праша што направиле тие додека биле во Владата од 2002 година по прашањето на приватизацијата во Македонија.

-Јас нема да се обраќам ниту на Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Власи, на никому, јас го гледам тоа како процес, не како етничка работа. Еве вие го гледате како етничка работа. Што направи по тоа прашање ДУИ во изминативе 22 години додека беше влада. Имаше министри за правда, за економија, за финансии, за надворешни, за одбрана, дури и премиер имаше. Што направи по тоа прашање. Ништо, нула. Туку се уортачи со истите тие и како резултат на тој ортаклук играа фудбалчиња не за да се разодонуваат или да се растегнуваат во канцелариите од напорната работа, туку како резултат на тој ортаклук се случи фудбалчето како резултат на тој ортаклук со тие што направија таква приватизација се случи Соравиа, се случија инстант фирми за јаглен коишто преку ноќ стануваа милионери, се случи сватовски возен парк од милиони евра каде што се возеа мерцедес автомобили…, рече Мицкоски.

Што се однесува до Соравиа, рече тој, претпоставува дека на следната седница во Парламентот пратеникот ќе каже дека тоа била некоја детска игра.

-Детето си заиграло и решило оп трговски да си купи, рече Мицкоски.

Притвор за игумен и други пет лица уапсени за продажба на икони и реликвии во Грција

Мерка притвор им е одредена на игуменот на грчкиот манастир Успение на Пресвета Богородица на Пелопонез, на неговиот помошник и на уште четрири други лица кои во понеделникот беа уапсени за поседување и продажба на икони и антички предмети, јави дописничката на МИА од Атина.

Уапсените вчера дадоа исказ пред јавен обвинител, сослушување што траеше над 12 часа во судот во Коринт, по што на сите им беше одреден притвор, по покренатото кривично дело за формирање, раководење и членство во криминална организација проневера, непријавување на културно наследство, како и поседување и тргување со реликвии и антиквитети.

Како што објави МИА во понеделникот, игуменот и неговиот помошник биле уапсени додека се обидувале да продадат десетина византиски икони и две евангелија за 200.000 евра на полицаец кој се претставил како купувач.

Кај уапсените биле пронајдени и запленети 263 монети, 14 икони, две евангелија и верска книга од 18 век, две ловџиски пушки, 262 ловџиски патрони и 12.810 евра.

Манастир Успение на Пресвета Богородица, познат и како манастир Мега Спилео (Голема пештера) се наоѓа во Калаврита, во северниот дел од Пелопонез, изграден на отворот на голема пештера, а старите традиции го припишуваат основањето на манастирот на солунските браќа монаси Симеон и Теодор и го поврзуваат со чудесното наоѓање на познатата икона на Пресвета Богородица во пештерата во 362 година.

FacebookTwitterCopy LinkShare