дома блог страница 210

Изложба во Лапидариумот во Завод и музеј Прилеп – “Прилепските вајари творци како феникси”

Во среда, 24.09., со почеток од 13часот, во Лапидариумот при НУ Завод и музеј Прилеп, ќе биде отворена изложбата “Прилепските вајари творци како феникси”.

На изложбата ќе бидат презентирани дела од третата генерација на прилепски вајари како продолжение на генерациската љубов кон негување на скулптурата во Прилеп.

Промена на времето од четврток: Дожд, грмежи и пад на температурите

До среда во земјава ќе преовладува претежно сончево и топло време. Од четврток попладне следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, соопшти Управата за хидрометеоролшки работи.

Според најавите, во петок се очекува да дува умерен до засилен јужен ветер, а врнежите на места ќе бидат проследени и со грмежи. Дневната температура ќе започне да опаѓа, особено за време на викендот.

Концертниот караван „Македонијо, во срце те носиме“ се сели во Прилеп

По незаборавните вечери во Охрид, Делчево, Штип, Струмица, Битола и Гостивар – концертниот караван „Македонијо, во срце те носиме“ со полна енергија и патриотски дух пристигнува и во Прилеп!

Градовите ширум Македонија веќе одекнаа со звуци на љубов, традиција и гордост. Илјадници луѓе се собраа под отворено небо, со едно срце и една песна – за Македонија. На концертот во Битола, платото пред Офицерскиот дом беше претесно за сите што сакаа да ја почувствуваат магијата на 14-те нови композиции – химни на љубовта кон татковината. Во Гостивар, емоциите кулминираа со силна порака: Македонската песна живее! Сега, таа иста енергија и топлина во среда на 24 септември пристигнува и во Прилеп. Концертот кога на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“ на сцената ќе блеснат: Бојана Скендеровски, Наум Петрески, Зуица Лазова, Ламбе Алабаковски, Спасен Силјаноски, Андријана Јаневска, Сузана Спасовска, Александар Тарабунов, Огнен Здравковски, Миле Кузмановски, Марија Спасовска и Мина Блажев е со почеток во 20:00 часот,

„Пеевме во Охрид, Делчево, Штип, Струмица, Битола и Гостивар – сега е време тоа да го сториме и во Прилеп! Песната нѐ обединува, ни дава сила и нѐ потсетува кои сме“, порачуваат од Скендеровски продукција, организаторите на оваа музичка мисија.

Прилеп и прилепчани, подгответе се да пееме – за Македонија, со срце!

МВР ќе купува нови модерни униформи – старите биле нефункционални

Министерството за внатрешни работи објави тендер за нови униформи за замена на старите, непрактични и нефункционални униформи со нови, модерни, квалитетни и функционални по терк на европските полиции – стои во соопштението на веб страната на МВР.

Соопштението од МВР во целост го пренесуваме во продолжение:

Министерството во процесот кој е целосно транспарентен и одговорен, оствари технички дијалог со дури 13 заинтересирани компании при што беа земени во предвид сите сугестии и предлози. Министерството апелира на тендерот да се јават сите заинтересирани компании и во утврдените рокови да може да се промовира новата, модерна, квалитетна и функционална униформа за оние кои се грижат за безбедноста на македонските граѓани. Македонската полиција заслужува да биде модерна и функционална европска полиција.

Новата униформа во себе ќе содржи елементи како виндјакна, теренска јакна, теренски панталони летни и зимски, кошули со кратки и долги ракави, капи, маички, чевли со потенок и подебел ѓон и високи зимски и летни тактички чизми.

Тендерот е објавен на електронскиот систем за јавни набавки на следниот линк и на него можат да учествуваат сите заинтересирани компании.

https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie/a61cf1a0-5c40-4c78-b556-6d09a87ae0fa/1

ИЏЕ ТРЕТ ВО ГРУПА 1 ВО ФИА ЕВРОПСКИОТ ШАМПИОНАТ НА РИДСКИ ПАТЕКИ

Игор Стефановски – Иџе изминатиот викенд во Бузет, Хрватска, ја возеше својата 200-та трка во кариерата и ја заврши сезоната во ФИА Европскиот шампионат на ридски патеки (EHC) со одлично трето место во група 1.

Со своето „Ферари “, Иџе подготви вистинско шоу за публиката на последната трка, која традиционално собира голем број љубители на моторспортот. Поддршка доби и од бројни Македонци кои специјално дојдоа во Хрватска да го бодрат.

„Завршен е Бузет. Феноменална трка и атмосфера. Горд сум што многу луѓе од Македонија беа тука. Трето место во група 1 во финалната класификација во овој шампионат е голем успех за мене и за мојата Македонија. Сезоната беше долга, со многу предизвици, но и со пиедестали, победи и убави моменти, Завршени се 11 трки, низ цела Европа. Имавме преубава тркачка сезона. Морам да бидам искрен и да спомена дека имавме и предизвици, и физички и психички, имавме многу патувањА “ изјави Стефановски. Имавме вистински добра борба со моите конкуренти, приредивме вистинско шоу за публиката, верувам дека ќе го паметат, затоа што вакви времиња и вакви возења, не се направени на ниедна друга трка.

Тој им се заблагодари на својот тим, спонзорите, Министерството за спорт и своето семејство, кое – како што вели – „најсилно го трпи товарот“ од неговата кариера.

„Крај на една убава сезона со измешани емоции, но и многу искуства. Можам да кажам дека навистина сум горд на луѓето околу мене, на мојот тим, на сите спонзори, на тимот на Ферари за овој резултат. Имавме навистина сериозна конкуренција. Бузет е една од моите најомилени трки. Веќе размислуваме за следната година и со кој автомобил ќе настапуваме. Горд сум што достоинствено ја претставивме Македонија, “ додаде Игор Стефановски –Иџе.

Видеолотарија Касинос Австрија му го честита успехот и во оваа сезона. Остануваме посветени во поддршката на автомобилскиот шампион. Заедно ќе продолжиме да навиваме за Иџе и за Македонија.

Празникот Рожденство на Пресвета Богородица традиционално масовно одбележан во прилепското село Штавица (ФОТО)

Православните христијани вчера го празнуваа големиот празник Рожденство на мајката Божја Пресвета Богородица. Празнувањето на ваквите големи празници има посебна традиција во Прилеп и прилепско и е од огрoмно значење за граѓаните.

А традиција за празнување на овој ден постои и во црквата Рожденство на Пресвета Богородица во село Штавица, каде секоја година е највесело и се собираат стотици верници.

Така беше и оваа година, портите на храмот беа отворени за сите добронамерници. Како што носи редот празничниот ден започна со света литургија во храмот, а потоа следуваше жива музика и прекрасна македонска веселба.

Нека е за многу години, а до в година повесели и уште побројни!

Филмот има свој втор чин – МINT ве носи на after party секоја вечер после проекциите на ИФФК “Браќа Манаки” во Битола

Во рамки на офф-програмата на 46. ИФФК „Браќа Манаки“, со поддршка на MINT Fintech Group, секоја фестивалска вечер по проекциите на отворено пред Офицерски, се селиме во Јагода.

📍 21–25 септември | 22:00
🎧 На пултот:
• 21.09 – Saso Spect
• 22.09 – Acika
• 23.09 – Bad Juju
• 24.09 – Berry Qyat
• 25.09 – Chiko

Се журкаме после кино проекции!

Филмската магија продолжува со музика, дружење и фестивалска енергија што трае до доцна во ноќта, затоа што со MINT ништо не е црно-бело.

Во Битола уапсен 68-годишен педофил – Извршил полов напад врз 12-годишно девојче во хотел

-На 21.09.2025 во 01:45 часот во Битола полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода Ј.С.(68) од Берово со престој во Битола, поради сомнение за сторено кривично дело по чл.188 ст.1 „полов напад на дете кое не наполнило 14 години” од КЗ. Според пријавеното, тој го сторил делото во хотел во Битола врз 12-годишно девојче. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок – информираат од МВР.

Tри лица, меѓу кои едно од прилепско приведени – фрлиле експлозив кон куќа во Битола, опожариле 7 возила…

На 20.09.2025 СВР Битола до ОЈО Битола поднесе кривична пријава поради основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“ по чл.288 од КЗ против Б.А.(33) од Битола, Н.Ц.(25) од с. Ерековци, прилепско, со место на живеење во Битола, И.Ѓ.(40) од Битола и П.Д.(38) од Битола.

Имено, на 12.07.2025 околу 02:05 часот Б.А. и Н.Ц., по насоки од И.Ѓ., дошле со мотоцикл во близина на куќа во Битола, по што Б.А. фрлил експлозивна направа кон куќата. При тоа биле оштетени фасади од куќи, прозорци и врати, а биле опожарени седум возила. Четвртообвинетиот П.Д. пак, му помогнал на Б.А. да сокрие докази во врска со кривичното дело.

На 19.09 и 20.09.2025, по наредба од Основен суд Битола од страна на полициски службеници од СВР Битола извршени се претреси на повеќе локации во сопственост на осомничените, при што пронајдени биле една рачна бомба, марихуана, шише со непозната течност со семки во внатрешноста, солзавец, предмети со траги од прашкаста материја, како и предмети со кои се извршени кривични дела. Б.А., Н.Ц. и П.Д. се лишени од слобода, а се преземаат мерки за пронаоѓање на И.Ѓ..

Денеска е прв ден од есента, ќе трае до….

Есента во земјава и на северната хемисфера почнува денеска во 20:19 часот. Во исто време на јужната полутопка на Земјата ќе настапи пролетта.

Првиот есенски ден е 265-иот ден во годината и ќе трае 12 часа и 17 минути. Сонцето во Скопје изгреа во 6 часот и 18 минути, а ќе зајде во 18 часот и 35 минути. До крајот на годинава остануваат уште 100 дена.

Есента ќе трае до 21 декември во 10 часот и две минути, кога календарски започнува зимата.

На првиот ден од есента, според синоптичарите, утрото ќе биде посвежо, а потоа сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 14, а максималната ќе достигне од 27 до 32 степена Целзиусови.

И во Скопје наутро ќе биде посвежо, а преку денот сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 32 степена Целзиусови.

Утре и в среда ќе се задржи претежно сончево и топло време за овој период од годината. Од четврток ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Дневната температура ќе биде во опаѓање.