дома блог страница 2059

Златни дечиња! Најубавата честитка за Велигден ја имаат учениците од ООУ “Блаже Конески” Прилеп (Видео)

Учениците од III-3 одделение во OOУ “Блаже Конески” – Прилеп, ја имаат најубавата велигденска честитка. Секоја чест за нив, нивните родители кои ги воспитале во христијанскиот дух и традиција, и секако за нивната наставничка

-Велигден – Голем ден. Ова е најубавиот христијански празник, празник на љубовта и мирот. Празник кој секое дете го препознава по шарените јајца.

Всушност, јајцето е најпопуларниот симбол на овој светол празник. Од многуте адети поврзани за Велигден децата најмногу го сакаат кршењето со јајца.

На Велигден сите се кршат со велигденски јајца, а „победува“ оној во кого ќе остане здравото јајце. Според народните верувања, него ќе го следи здравје во годината која доаѓа.

Но да оставиме за тоа да ви раскажат нашите ученици а ние од името на нашето училиште ви посакуваме од Велигден до Велигден да биде присутна кај сите вас ЉУБОВТА, ИСКРЕНОСТА, ДОБРОДУШНОСТА… и секогаш бидете она што и всушност сте, за да сите знаат колку е убаво да си бидете само СВОИ… Имајте среќни празници – напишаа од ООУ “Блаже Конески”.

Bнимавajте! Beчepва ce вpaќа полициcкиот чac

Полицискиот час се враќа на сила денеска, 2 мај и ќе трае секој ден до до 15 мај (со можност за продолжување, зависно од епидемиолошката слика во државата), од 21 часот навечер до 5 часот наутро.

Потсетуваме дека единствен исклучок, беше вчеравечер, пред Велигден, и вечерта на 12 кон 13 мај, за муслиманскиот празник Рамазан Бајрам.

Овие прекини на рестрикцијата на движењето на граѓаните, како што истакнаа министерот за здравство и неговиот заменик – Венко Филипче и Илир Хасани, се воведени за да можат граѓаните да се чувствуваат слободно за време на овие два големи верски празници.

Сепак, како што и властите постојано апелираат, отсуството на полициски час не значи и отсуство на рестрикции, односно граѓаните сѐ уште се должни да ги почитуваат мерките за заштита од корона вирусот, пред сѐ за себе и здравјето на своите најблиски.

Г.г. Cтефан: Живeeме во вpeме на иcкyшениja, да ја запазиме вepaта и да се однеcyваме одговopно

Возљубени празникољупци,

Велигден, денот на Христовото воскресение, е празник на животот и настан што ја промени историјата на светот. Воскреснатиот Господ е почеток и крај[2], и под небото нема друго име со кое би можеле да се спасиме[3]. Така и оваа година, минувајќи низ времето на Светата Четириесетница преку подвигот на постот и молитвата, и потсетувајќи се на сè што Господ поднесе во деновите на страданијата, се удостоивме да навлеземе во вечносветлата и незаодна ноќ и да станеме сорадосници во Христовото светлоносно воскресение.

Созерцавајќи го ова воскресенско торжество, гледајќи ја и доживувајќи ја радоста од победата на животот над распадливоста и над смртта, се потсетуваме на зборовите на апостолот Павле дека христијаните се разликуваат од другите, што немаат надеж[4]. Па, токму Воскресението е нашата надеж, не која треба да се очекува за да се исполни, туку надеж која веќе е остварена, зашто „од смртта кон животот и од земјата кон Небото, Христос Бог нè преведе“[5]. Затоа „денес ликуваат ангелите и заедно се радуваат и се веселат Небесните сили поради општото спасение на човечкиот род“[6], поучува св. Јован Златоуст. И навистина, „нешто необично се случува по целиот свет: свештената и спасителна ноќ, станува голем и светлоносен ден“[7], истакнува еден светител од нашево време.

Воскресението Христово е темелот на нашата вера, на нашето служење на Бога, тоа е содржина на христијанскиот карактер, па дури и на културата на секој народ кој со името Христово се именува. Оттаму, нашиот живот, како православни христијани, треба да се напојува и да се храни од верата во Воскресението. И таквото секојдневно доживување на тој неповторлив настан не треба да биде само негово едноставно спомнување, како празнување заради празнување, туку треба да биде преживување и сведочење, да биде учество во сеспасителната победа на Животот над смртта, да биде наше постојано духовно обновување. Зашто, во Христа, нашиот живот треба да се преобразува, да се поправа, чекорејќи по патот кон обожувањето. Овој процес треба да го доживуваме и како наше сопствено воскресение, како лична Пасха и како Пасха на идниот век, за која Христос, откако ја изврши Тајната вечера, рече: Нема да пијам од овој лозов плод сè до оној ден, кога ќе пијам нов co вас во царството на Мојот Отец[8]. И само така нашето празнување ќе има вистинска смисла: кога како христијани ќе се трудиме преку личниот подвиг да преминеме од Пасхата на Божјата благодат, а тоа е Воскресението Христово, во вечната Пасха – Царството небесно.

Но, дали ние постојано и секогаш тоа го чувствуваме? Дали нашето срце Му е блиско на Бога, дали е чисто за да Го види Бога[9]? Дали сме познале дека љубовта е суштината на животот во Христа, не само овде, во сегашноста, туку и во вечноста, според пораката на Спасителот дека Тој е во секој наш ближен: Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле[10]. Затоа треба да живееме со покајанието и со молитвата, и низ светотаинскиот живот во Црквата, зашто „со Христа се раѓаме, со Него се распнуваме, со Него се погребуваме и со Него треба да совоскреснеме“[11], поучува свети Григориј Богослов.

Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,

Живееме во време со постојани искушенија. Често, и од сите страни на светот, доаѓаат вести за воени судири, за терористички напади, за страдања, за природни катастрофи, за криминални дела, за глад, за тешки болести, за сиромаштија и сл. Како и сиот свет, и ние во овие тешки времиња се соочуваме со здравствени проблеми – со ширењето на заразната болест, која прерасна во сесветско искушение што продре во сите сегменти од живеењето. Всушност, овој проблем повлече неприлики не само по здравјето на луѓето, туку и по безбедноста, економијата, па дури и по одговорноста на секој од нас како поединец во општеството, но и за нас како Црква. Исто така, ова искушение ја стави на испит и нашата вера. Како верен народ и Црква се соочивме можеби со најголемиот предизвик: како да се однесуваме одговорно и како да ја запазиме верата? Многумина меѓу нас постапија по снисходење, следејќи ги примерите од свештената историја на Црквата во ваквите ситуации, како и актуелните чекори на повеќето од Православните Цркви, соработувајќи со оние кои ја понесоа тежината на овој заеднички проблем и во чија одговорност е, и ќе биде – да го запазат општото добро.

Затоа татковски повикувавме и повикуваме на трпеливо прифаќање и спроведување на мерките пропишани од одговорните, и од Црквата и од световната власт, па времето што ни е допуштено да го искористиме за духовно единство во предложеното послушание. Беше и сè уште е потребно, низ разните лишувања кои ни се благословуваат, да се оддадеме на заедничка молитва за целиот свет: и за тие што боледуваат, и за тие што се трудат околу нив, како и за душите на оние коишто починаа од последиците на болеста. Да бараме жртва не од другите, туку од себе, и да не го забораваме советот од Отците: „Побрзај особено да бидеш блиску до оној којшто моли и доброволно притекни му на помош“[12]. Православната вера е живо слово и ниедна вонредна ситуација не може да ја ограничи верата што знае за љубов и послушание, што е утврдена врз надежта во зборовите Христови: Нема да ве оставам сираци[13]. Ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот[14].

Возљубени во Христа Воскреснатиот,

Во овој период, како народ сме исправени и пред разни предизвици, кои нè засегаат не само во денешницата, туку и особено во иднината. Беше најавен попис на населението, па поради пандемијата е одложен. Но кога и да се одржи, и како жители и како Македонци, потребно е задолжително да ја извршиме таа обврска, која ќе покаже не само колку сме, туку и каде сме, а сето тоа да се организира и да биде усогласено со меѓународните стандарди. Инаку, оставајќи им ги политичките предизвици на избраните од народот, чија задача е да служат најдобро и да ги запазат интересите на сопствениот народ, сепак не може да се молчи пред иницијативите на некои групи, кои сакаат своите определби да ги наметнат над мнозинството. Така, во образованието, во форма на некакви чудни реформи, од кои е исклучена објективната јавност, се прифаќа менувањето на нашиот историски, културен и духовен идентитет. На овој начин е засегната не само нашата сегашност, туку и иднината, зашто децата уште од најмала возраст се насочуваат кон туѓи, несоодветни и недостојни вредности, со кои се разнебитува личноста, а кои се спротивни на светогледот на нивните родители. Предложените процеси се толку еднострани и во нашиот општествен контекст многу недоследни, па во отвореното општество за сите, нема место за етиката и моралните вредности на религиите, нема место за искуството на Црквата, нема место за Бога!

Возљубени во Господа,

Христијанскиот живот е борба за доброто и спасоносното, за правдата и за вистината, а против сите зла, и во себе и кај другите. Но, да не очајуваме, зашто Христос го победи секое страдање и ја донесе радоста, осветлувајќи ја вселената. Нашата вера нè учи дека на страдањето треба да му пристапуваме крстовоскресно, доживувајќи го преку Воскресението, сведочејќи дека ништо не може да нè оддели од љубовта Божја[15]. Неправди имало и ќе има, но христијански е да не отстапуваме пред нив и уште поревносно да Му се молиме на Оној, Кој може да изврши изобилно сè што бараме или помислиме[16], и да се надеваме на Оној, Кој ги воскреснува мртвите[17] и Кој направи засекогаш да се веселат небесните и да се радуваат земните[18].

Просветлени со невечерната светлина, „да застанеме добро, да застанеме со страв, да внимаваме“[19], водејќи одлучна борба против сите неправди и страдања. Да Му бидеме благодарни за сè на Бога ‒ постраданиот и воскреснатиот, покорувајќи се на Неговата волја и молејќи Го да нè упати кон секое добро дело, да нè просветли со разумот на знаењето, да нè утврди непоколебливо во верата и да нè подготви за достојни исполнители на Евангелието на љубовта.

Честитајќи ви го Празникот над празниците, на сите чеда на Мајката Македонска Црква, во Татковината и насекаде по светот − ве поздравуваме со најрадосниот поздрав:

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

АРХИЕПИСКОП

ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

† С Т Е Ф А Н

заедно со членовите на Светиот архијерејски синод

на Македонската Православна Црква

– Охридска Архиепископија

XPИCTOC BOCKPECHA, НАBИCTИHA BOCKPECHA”: Нека радосната вест за Христовото Воскресение донесе мир, почит и разбирање во сечиј дом!

Денеска е најголемиот ден за православните Христијани. Христос Воскресна од мртвите и од земјата премина во вечниот небесен живот.

На овој ден подајте си рака, заборавете на се што било меѓу вас и ближните, чествувајте го името Божјо и поминете го денот во мир и благодет.

Бог нека ја благослови вашата празнична трпеза и нека го стопли вашиот дом со неговото присуство.

Подарете љубов, како што Господ Исус Христос ширел љубов и својата саможрва го спасил човештвото од гревови.

Божјата рака нека биде над сите, нека донесе мир на овие наши простори и нека ни го покаже вистинскиот пат.

“ХРИСТОС ВОСКРЕСНА – НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА”

Bнyкот на Гоце Делчев ќе диpигиpa на годишнината од неговата cмpт во Maкедонcката филxapмониja

Маестро Христо Христов, внук на најголемиот македонски херој Гоце Делчев, ќе диригира во македонската филхармонија на годишнината од смртта на големиот македонски великан.

Maeстрото е директен потомок на братот на Делчев, а се соочува со сериозни проблеми во Бугарија поради фактот што отворено се декларира како Македонец.

Со диригирање се занимава уште од далечната 1988 година кога би примен како приправник диригент во орекстарот во Варна. Тој на само 27 години станува еден од главните диригенти на оркестарот во Варна како најмлад главен диригент во историјата на Бугарија.

Покрај музиката тој е и претседател на Фондацијата Гоце Делчев.

-Мојот прадедо Христо е брат на Гоце Делчев. Делчев самиот немаше деца. Како и во голем број фамилии некогш, многу деца имало и во нашето семејство, 5 женски и 4 машки деца. Нашите мажи беа активни во борбата за слобода, а паднатите беа убиени. Само мојот прадедо преживеал, вели тој во неодамнешно интерјву.

Говорејќи за борбата за слобода тој истакнува дека станува збор за внатрешна шанса на духот.

-Луѓето се слободни денес. Многу работи можат слободно да ги прават, но никогаш не можат да бидат целосно слободни. Едно е да бидеш слободен на хартија, но слободата е внатрешна состојба на духот, додава тој.

Христо Христов дипломирал на бугарската Национална музичка академија, а понатамошното дообразование го завршил во елитна музичка школа во Виена.

3oшто Beлигден сeкогаш е во недела и на полноќ, а не пpeкy ден?

Сите знаеме дека Велигден е празник со непостојана дата за празнување. Денот не го менува, а датумот го менува. Може да биде во април, а и во мај. Временското растојание, од кога до кога може да се падне Велигден е определено и тоа се движи од 4 април до 8 мај, односно, најрано: три дена пред Благовец, а најдоцна: два дена по Ѓурѓовден. Што значи дека Велигден може да се падне на 35 различни датуми.

Велигден е Празник над празниците. Со Велигден се поврзани најмногу празници во годината. Најконкретно со Велигден, празниците се поврзани 50 дена пред него и 50 дена по него. Секогаш, педесеттиот ден пред Велигден е Прочка и секогаш педесеттиот ден по Велигден е Духовден (Педесетница). А и Спасовден е секогаш на 40 ден по Велигден, Цветници е неделата пред Велигден, а саботата е Лазарева сабота итн.

Велигден е првиот празник на христијаните. Но, во првите векови, немало ускладеност и еднообразност во празнувањето. Не го празнувале Велигден сите во исто време. Така било цели три века.

Христијаните на Исток, во Азија го празнувале Велигден во исто време и на ист датум, но другите не. Велигден се празнувал секогаш на 14 ден од првиот пролетен месец, без разлика во кој ден од седмицата ќе се падне тој датум. Тоа било истовремено празнување на Велигден со Јудејската Пасха.

Христијаните, во Европа велеле дека е неприлично да го славиме нашиот најголем празник Велигден, заедно со најголемиот празник на Евреите – Пасха. Затоа, се определиле да го слават Велигден секогаш во неделниот ден по првата пролетна полна месечина. Тоа значело дека Велигден ќе биде секогаш во недела.

Зошто во недела?

Затоа што во тој ден Христос воскреснал. Воскреснал во недела и треба да се празнува во недела. На првиот вселенски собор, во 325 година, била донесена одлука: Велигден да се празнува насекаде во првата недела по Пасхалната полна месечина.

Соборот ги определил: Денот – недела; периодот – пролет; денски, сончев знак – пролетна рамноденица; месечев знак – полна месечина, првата полна месечина во пролетта, по пролетната рамноденица; спореден празник – Пасха јудејска, секогаш во неделата по неа, но никогаш со неа, ни пред неа.

Ова правило од Соборот важи и до ден денес. Настанало единство во сето христијанство – единство за Празникот над празниците. Но, не за долго. Всушност, уште веднаш се појавиле разлики по прашањето за часот и времето од денот.

Западните христијани – Римската црква рекла дека на полноќ се објавува Воскресението Христово и започнува Велигден на почетокот од денот недела. Христијаните на Исток, започнувале еден час по полноќ, а некои, пред зори – во 4 часот наутро, по европско време. Оваа различност продолжила нови три и пол века.

Соборот одлучил: Велигденскиот пост престанува на полноќ на Велика сабота и започнува Велигден на полноќ, веднаш штом влегува во недела. Оттогаш настанала истовременост на празнувањето. Христијанскиот свет имал ист празник, во исто време и час.

Зошто на полноќ, а не преку ден?

Светите отци сакале да биде празникот, колку е можно, најблиску до времето на Христовото воскресение. Но, нам не ни е кажано точно времето и часот кога Христос воскреснал. Евангелијата ја премолчиле оваа точност.

За моментот на Христовото воскресение не е напишано, но за доаѓањето на ангелот Божји, којшто ги пречекал жените мироносици кај празниот гроб, се вели: “Стана голем потрес: ангел Господов слезе од небото…, а стражарите, уплашени од него, трепереа и беа како мртви.” Настанот се случил порано, а можело и на полноќ, но сигурно не пред полноќ.

Воскресението во почетокот на означеното време значи сила и моќ – дека немало што да чека, туку ја имал Божјата сила и можел да воскресне; а тоа, ако се случело на крајот од денот, ќе значело немоќ – како да чекал да собере сила, како едвај воскреснал.

Затоа е земен терминот веднаш по полноќ, само што почнува неделата. Затоа тогаш се објавува Воскресението и гласно се вели: – Христос воскресе! Ова значи објавување на една голема вистина – му се објавува на целиот свет дека нашиот Бог не е мртов, туку е жив и не е во гробот, туку воскресна.

Тоа се кажува гласно и сеопшто, од сите и за сите во светот. Тоа значи одеднаш, јавно и најмасовно исповедање на верата на сиот свет дека Христос Воскресе! На тоа се одговара: – Вистина воскресе!

Пожapникapите од Пpилеп се cпpaвиja со огнена cтиxиja во мapиовcко

На 30.04.2021 во 17.30 часот било пријавено дека настанал пожap на крстосницата од с.Полчиште и с.Бешиште, прилепско, со кој билe зафатени нискостеблеста шума, смрека и сува трева.

Од страна на Територијалната противпожарната единица Прилеп пожарот бил локализиран – информираат во дневниот билтен на МВР.

Мотopциклиcт од Прилеп завpшил co тешки повpeди откако излетал од патот кај с. Крклино

На 30.04.2021 во 11.20 часот било пријавено дека на магистралниот пат Прилеп-Ресен, кај с.Крклино, мотоцикл „јамаха“, со прилепски регистарски ознаки, управуван од М.Н.(27) од Прилеп, излетал од патот.

Во незгодата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница Битола. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Битола – информираат од МВР.

Автомобил yдpил во велосипедист од Прилеп

Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Скопје.

На 30.04.2021 во 16.30 часот било пријавено дека во Скопје на бул.„Партизански одреди“ патничко возило „хјундаи“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Г.С.(45) од Скопје удрило во велосипед, управуван од Р.Ј.(75) од Прилеп. Во незгодата велосипедистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „8 Септември“.

Филипче: Kaко дел од кpитичната инфpacтpyктypa, членовите на Bладата ќе се вакциниpaaт идната недела

Сметам дека е добар сигнал, членовите на Владата и јавните личности да се вакцинираат со таа вакцина која ја имаме во најголеми количини, а тоа сега е кинеската вакцина на „Синофарм“, рече министерот за здравство Венко Филипче во вчерашното интервју на „360 степени“.

– Немам никаков проблем, ниту пак преферирам некоја вакцина, смета дека вакцината на „Синофарм“ е сосем солидна, рече Филипче.

Членовите на Владата се очекува да започнат со вакцинација кон крајот на следната недела.

– Како дел од критичната инфраструктура, членовите на Владата треба да се вакцинираат после пратениците. Собранието како институција заврши со првата фаза, вакцина добија и вработените во службите, понатаму и пратениците. Целта е сите што се таму да бидат целосно вакцинирани за да може Собранието да функционира, а потоа на ред доаѓа Владата, можеби од следната недела па натаму, рече Филипче.