дома блог страница 203

Секоја чест! Ученици и наставници изработија прекрасен мурал во битолската Зоолошка градина (ФОТО)

Учениците од ОУ „Елпида Караманди“ преку нивната уметничка визија, водени од креативноста и љубовта кон природата, создадоа прекрасен мурал
во битолската Зоолошка градина.

Градоначалникот Тони Коњановски, директорката на училиштето и дел од наставниот кадар, ја посетија Зоолошката градина и со директорот на оваа јавна установа, го промовираа новото уметничко катче, создадено од младите битолчани. Под водство на нивната наставничка по ликовно образование, учениците изработија шарен и инспиративен мурал, на кој заедно со сите присутни оставија и свои отисоци од раце во боја,
симболизирајќи грижа, заедништво и љубов кон животните и животната средина.

За време на посетата на Зоолошката градина, претставниците на локалната самоуправа, предводени од градоначалникот, заедно со директорот на
Зоолошката градина, разговараа за тековните активности и планови за идниот развој на овој значаен простор. Во фокусот беа двата нови проекти кои ќе се реализираат со поддршка од Унгарскиот кредит преку Владата на Република Македонија; Изградба на ново живеалиште за копитари во вредност од 9.634.336 денари и Изградба на современ терариум во вредност од 8.994.667 денари.

Овие инвестиции се дел од заложбите на Општина Битола за подобрување на условите во Зоолошката градина, создавање на современ простор за
животните и овозможување на поквалитетно, едукативно и забавно искуство за сите посетители.

Над 300 спортисти доаѓаат во Прилеп – Ќе се одржи 15. Меѓународен турнир во џудо “Прилеп град херој – 2025 Цевитана Куп”

На 04.10.2025 година во спортската сала на СОУ “Ристе Ристески – Ричко” во Прилеп, ќе се одржи 15. Меѓународен традиционален турнир во џудо “Прилеп град херој – 2025 ЦЕВИТАНА КУП”.

Турнирот е во организација на Џудо клубот Сеишин oд Прилеп, со поддршка на Џудо федерацијата на Македонија. Истиот е за возрасните категории: деца, помлади пионери и пионери во машка и женска конкуренција, кои ќе се натпреваруваат во околу 40 тежински категории.

Согласно досега пријавените клубови се очекуваат натпреварувачи од околу 8 држави и тоа: Грција, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Бугарија, Турција и Англија и домашните клубови од Македонија.

Но, пријавувањето е во тек, и според најавите и оваа година во Прилеп ќе пристигнат над 300 натпреварувачи, која бројка ќе се знае веќе на 02.10.2025, кога е краен рок за пријави.

И оваа година повторно има клубови од нови две држави, кои за прв пат доаѓаат во Прилеп, а тоа се: Англија и Турција, со што турнирот го зголемува бројот на земји учеснички.

Традиционално на еден ден пред почетокот на турнирот, т.е. на 03.10.2025, клубот ќе ја одржи редовната прес конференцијата за јавноста и медиумите, со цел да се соопштат сите детали за настанот, а ќе се претстават дел од гостите, помагателите и спонзорите за овој настан.

Се покануваат сите љубители на боречките вештини да земат присуство и да ги проследат борбите во сабота 04.10.2025 со почеток во 10.00 часот.

Влезот е слободен.

Навивачката група “Мајмуни” конечно ќе има претставник во Советот на општина Прилеп?! (ФОТО)

“Пораката е јасна”, напишаа од навивачката група “Мајмуни” на социјалните мрежи, и објавија фотографија на која во прв план е Никола Трајкоски, носител на независна советничка листа за престојните локални избори во Прилеп.

Дали конечно една од најбројните навивачки групи во Mакедонија ќе добие свој претставник во Советот на општина Прилеп, кој ќе се залага за реална поддршка на спортот и ФК Победа?

Одговорот на ова прашање ќе го добиеме сите на 19. октомври.

Зошто кафе во “ШИШАМ БАР”? Најубавото ILLY и лимонада е уживање за 70 денари

Уникатно место каде се спојуваат стилот и вкусовите, локал кој му даде нов шмек на градот, каде кафето не е само почеток на денот и обичен пијалок додека разговарате со пријатели на маса, туку претставува предизвик и уметност.

Тоа е “ШИШАМ БАР”, местото кое за кратко време стана омилено катче за сите генерации. За тие малкумина што не знаат, локалот се наоѓа во населбата “Ѓоргдере” покрај Градската река, во непосредна близина на мостот “Табана”.

А зошто е омилено? Епа затоа што сопствениците решија да создадат место кое истовремено ќе биде уникатно, отмено, прекрасно уредено, а цените ќе останат ниски и достапни за секого.

Еден поглед во менито и ќе ви стане јасно дека МОЖЕЛО И ВАКА, можело КАФЕ + ЛИМОНАДА за само 70 денари, или кафе + минерална вода за само 100ден….

Го служат најдоброто illy кафе, што е причина плус за локалот да биде посетен преку целиот ден и да се бара маса плус. Вистинските кафеџии знаат за што станува збор!

За оние со пософистициран вкус, во “ШИШАМ БАР” ќе пијат ЛАТЕ за само 80ден, ОРЕО за 100ден, и неодоливото ТИРАМИСУ за 140ден.

Веруваме дека после ова веднаш ќе ги посетите. Поминете квалитетно време со вашите најблиски и пријатели во атмосфера каде секој период од денот е уживање.

“ШИШАМ БАР” ве очекува!

Прилеп стигна до втор триумф во екстра квалитетен и ефикасен натпревар против Пролет

Ракометарите на Прилеп ја остварија втората победа и славеа на домашен терен во ефикасен натпревар против составот на Пролет со 35-33.

По подолго време, избраниците на Наум Танески водеа од првата до последната минута и целосно ја заслужија победата. Прилепчани на стартот имаа предност со 9-2, а првиот дел го завршија со водство од 18:14.

Малиот пад во играта им овозможи на гостите од Скопје да стигнат до негатива од само -2 гола во финишот, но Прилеп не дозволи изненадување.

Во следното коло Прилеп ќе му гостува на Алкалоид.

Трајко Вељановски бара одговорност за тие што го погазија македонскиот идентитет, гласајќи антимакедонска резолуција

„Од искуство можам да кажам: нема заштита на македонскиот идентитет и интереси со утврдени црвени линии во резолуција изгласана во македонското Собрание, сè додека првин нема одговорност за лицата кои спротивно на резолуцијата изгласана во Македонското Собрание на 3 ноември 2008 година (за спорот со Грција), референдумот од 30 септември 2018 година и резолуцијата изгласана во македонското Собрание на 29 јули 2021 година (за спорот со Бугарија) ги погазија македонскиот идентитет и интереси”.

Ова на Фејсбук го напиша Трајко Вељаноски, поранешен претседател на македонскиот парламент.

Како што е познато, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, деновиве ја претстави предлог-резолуцијата за т.н. „црвени линии“ на Македонија во односите со Бугарија. Документот беше промовиран како „државнички одговор“ на долгогодишниот спор со Софија и како обид да се дефинираат јасни позиции на земјата во процесот на европските интеграции. Со него, според СДСМ, се предвидува заштита на македонскиот идентитет, јазикот и историјата, како клучни теми околу кои нема отстапки.

Водечки личности на ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека документот на Филипче не содржи никакви конкретни „црвени линии“ и дека е празен акт без политичка тежина. Според нив, тоа е само обид за дневно-политички маркетинг, без суштински последици во преговорите со Бугарија. Опозицијата дополнително потсети дека резолуции од ваков тип веќе се донесени во Собранието, но дека тие не влијаеле на ставовите на Софија.

Така, во јули 2021 година, а Собранието усвои Резолуција со која беа утврдени државните позиции во спорот со Бугарија. Документот беше предложен од тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но со усогласен текст кој претходно беше координиран со владејачките партии и усвоен со широка поддршка – над 90 гласа „за“. Целта беше Собранието, како највисок законодавен дом, да испрати јасна порака за националните интереси во процесот на евроинтеграциите.

Резолуцијата ги утврдуваше „црвените линии“ во однос на македонскиот јазик, идентитет и историја. Таа нагласуваше дека македонскиот јазик и идентитет се недвосмислени и неприкосновени, и дека тие не може да бидат предмет на преговори со Бугарија или со кој било друг меѓународен партнер. Со ова се сакаше да се обезбеди правна и политичка рамка за македонските преговарачи, во услови кога Софија го блокираше отворањето на пристапните преговори.

Овој документ претставуваше редок пример на широк политички консензус во Македонија околу националните прашања. Тој беше поздравен од повеќе страни во јавноста како чекор кон заштита на државните интереси, иако критичарите предупредуваа дека ќе има ограничено влијание врз ставовите на Бугарија.

Тогашната македонска власт самата ги погази сопствените „црвени линии“, а Македонија и натаму е блокирана од Бугарија поради историографски и јазични спорови.

Свечено одбележани 16 години од постоење на Институтот за современи композити и роботика и 35 години од постоење на Микросам

Оваа сабота, на 27 септември 2025 година, Прилеп беше домаќин на свеченост по повод две големи годишнини – 16 години од основањето на Институтот за современи композити и роботика (ИСКР) и 35 години од основањето на компанијата Микросам.

Настанот се одржа во просториите на Институтот и Микросам, во присуство на високи претставници на Владата на Република Македонија, меѓу кои министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, поранешниот претседател проф. д-р Ѓорѓе Иванов, ректорот на УКЛО – Битола проф. д-р Игор Неделковски, како и бројни професори, соработници и партнери.

Монографија што инспирира

По повод годишнината, под водство на проф. д-р Благоја Самакоски, Институтот ја издаде својата прва монографија – публикација што низ документирани достигнувања, образовни програми и научни проекти, ја отсликува трансформацијата на една визија во реалност.

Во својата монографија тој истакна:
„Денес, 16 години по неговото отворање, со гордост можеме да кажеме — ГОРДИ СМЕ. Горди сме затоа што, во мала земја, преку лична посветеност и креативност на нашиот тим, успеавме да го создадеме првиот приватен научен институт во техничката област на територијата на поранешна Југославија, и еден од ретките во Европа што активно работи на истражување, развој и едукација во областа на композити, автоматизација и роботика.“

Директорот на ИСКР, д-р Драган Велјаноски, ја промовираше оваа монографија посветена на историјата и развојот на Институтот. Ова е приказна за тоа како еден град создаде вистински центар за знаење, истражување и технолошка едукација.

16 години достигнувања на ИСКР

Во текот на своето постоење, ИСКР може да се пофали со:

  • Над 350 реализирани истражувачки проекти, голем дел со директна индустриска примена за светски лидери како NASA, Spirit Aerosystems, GKN Fokker (развој на материјали за складирање водород, лесни структури за авијација и автомобилска индустрија).
  • Специјализирани лаборатории за топлинска анализа, механички тестови, роботика, автоматизирана лента и влакна, CNC контрола и автоматизација.
  • Успешно реализирани магистерски студии по современи композити и роботика и композитни материјали.
  • Над 400 професионални обуки и курсеви за инженери и технички кадар, како и програми за деца и практикантски семинари во соработка со Микросам.
  • Повеќе од 100 научни трудови објавени во меѓународни списанија со значаен научен импакт.

35 години Микросам – македонска приказна со глобален успех

Свечениот дел продолжи со презентација од д-р Самоил Самак, генерален менаџер на Микросам, кој ја претстави 35-годишната приказна на компанијата – од мал тим во Македонија до глобален лидер во автоматизирани линии и софтвер за композити.

Денес, Микросам брои над 340 инсталирани линии во повеќе од 45 земји, со тим од 180 вработени и технологии кои се користат во автомобилската, авионската, вселенска индустрија, и голем број други.

„После 35 години, пораката е едноставна: Македонија може да создава технологија од светска класа. Благодарност до сите вработени – секој еден од нив е дел од успехот наречен Микросам. Благодариме и на нашите соработници, клиенти, универзитети и институции, за довербата и поддршката. А најдоброто допрва доаѓа “ – изјави д-р Самоил Самак.

Поглед кон иднината

Двојната прослава испрати силна порака: со визија, знаење и посветеност, Македонија рамноправно е вклучена на светската сцена. ИСКР и Микросам остануваат посветени на мисијата за развој на нови генерации инженери и технологии што ќе ја обликуваат иднината.

На Крстовден пред 33 години се врати крстот на Саат кулата во Прилеп (ФОТО)

Денешниот празник „Крстовден“, еден од најголемите празници на Православната Црква, за Прилеп и прилепчани е значаен по уште една работа, а тоа е повторното поставување на крстот на врвот од градската Саат кула пред 33 години.

Како датум за враќање на светиот крст бил избран денешниот празник Крстовден, а настанот се случил пред 33 години благодарение на донацијата на физиотерапевтот Жикица Петрески, како и повеќе фирми и граѓани до тогашното Собрание на општина Прилеп.

Дунимаглоски: “Ерата на докторите во Прилеп заврши, сега изборот не е ниту професор, ниту пратеник, туку независен кандидат” (ВИДЕО)

Независните имаат право да бидат слушнати нивниот глас и идеи!

Љупчо Дунимаглоски е независен кандидат за градоначалник на општина Прилеп. Станува збор за стопанственик од нашиот град кој влегува во изборната трка со цел да допре пред се до неопределените граѓани, а потоа и до сите разочарани од партиите.

Има свои идеи и пораки кои заслужуваат да бидат слушнати и пренесени, најмногу поради тоа што независните кандидати го немаат луксузот како политичките партии да добиваат пари за рекламирање од државниот буџет.

Дунимаглоски преку видео обраќање порача дека ерата на докторите во Прилеп е завршена, а потоа се осврна на партиската понуда на кандидати за престојните избори.

“Сега едните ни спремаат професор, а другите пратеник. Општината драги сограѓани, не е училиште. Пратениче, ти ни си потребен за Скопје, ние сите гласавме за тебе. Ти беше три години како претседавач, резултатот се гледа. Доколку ти бидеш избран, Прилеп ќе биде покус за едно пратеничко место во Скопје, бидејќи твоето место ќе го пополни некој од Дојран, од Струмица, од Неготино. Затоа драги граѓани, да се освестиме и да гласаме точно за мене, Љупчо Дунимаглоски, како независен кандидат”, порача Дунимаглоски.

Две изложби синоќа отворени за вљубениците во уметноста во Центарот за култура “Марко Цепенков” Прилеп (ФОТО)

Во ЦК”Марко Цепенков” во Прилеп синоќа беа отворени две изложби,поддржани од Министерството за култура и туризам. Во Ликовниот салон беше отворрна изложбата “Доминанта” на која се претставуваат 11 уметници, членови на ДЛУП.

“Доминацијата во уметничките дела се однесува на визуелната тежина или истакнатост на соодветен елемент во составот на дизајнот. Имањето на различни форми во различни големини може да биде донекаде привлечно, но само по себе не е доволно за да го плени гледачот. Користењето на живописна боја за елемент наспроти пригушена позадина ќе го направи елементот да се истакне”, посочи на отворањето на изложбата.

Се дела се претставуваат:

Дарко Талески,
Филип Јовески,
Методи Исков,
Емил Солески,
Лепа Милошевска,
Славчо Павлоски,
Елена Димоска,
Филип Перески,
Верче Николоска,
Маја Ралева-Миладиновски
и Марјан Стојаноски.

Во Ликовнста галерија беше отворена изложбата на скулптури и слики “Насмеани лица и состојби” од Емил Солески.

Најновото скулпторско и сликарско претставување на Емил Солески донесува неколку нови размисли за и околу постоењето и опстојувањето.

Емил Солески на отворањето посочи дека преку композиции во камен ги искажува своите согледувања и немири, додека со сликарските перформанси ги пренесува “насмеаните лица“.