дома блог страница 166

Мицкоски: Дури 27.000 студенти заклучно вчерашниот ден ги подигнале ваучерите за електронски уреди

Исклучително добар одзив има на повикот за ваучери за студенти за електронски уреди, вели претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.

Заклучно со вчера 27.000 студенти ги подигнаа ваучерите во вредност од 15.300 денари. Како ќе се искористат тоа оставаме на совеста на тие кои ги користат. Ние како Влада го ветивме овој проект и го испорачуваме, потенцираше премиерот Мицкоски.

За шпекулациите дека некои од студентите ги продаваат ваучерите, Мицкоски истакна дека дури и некои од студентите да ги препродаваат, истите не можат да бидат искористени бидејќи се со лични податоци.

Мислам дека и да ги препродаде не би можело да бидат искористени, бидејќи таму се со лични податоци, така што мислам дека тие обиди се јалови, дециден е Мицкоски.

Инспектори од УЈП лишени од слобода, земале мито

Главниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, денеска соопшти дека во текот на вчерашниот ден и денеска се води предистражна постапка против лица вработени во УЈП, а на некој начин се поврзани со предметот по случајот со пожарот во дискотеката во Кочани.

– Јавноста беше запознаена дека се водеше предистражна постапка за лица вработени во Управата за јавни приходи. Денеска се приведени околу десетина лица и во моментов се вршат претреси на лицата опфатени со кривичната пријава. Во овој момент можам да кажам само дека се работи за вработени во УЈП, а за кривични дела допрва ќе видиме. Првичните сознанија се дека се работи за кривичните дела – злупотреба на службена положба и овластување, како и примање и давање мито, рече Коцевски.

Тој посочи дека се работи за постапка поврзана со предметот за Кочани, како и дека за дел приведените се доставени и соодветени електронски комуникации и пораки.

– Дел од тие комуникации што беа презентирани во јавноста, дел се опфатени. Меѓутоа дадена е изјава Обвинителството дека дел од тие електронски пораки се дадени во Судот. Меѓутоа, тоа беше само дел за тој предмет, а се поврзани и со овие лица. Ова е постапка во врска со предметот за Кочани, рече Коцевски.

Главниот јавен обвинител уште истакна дека во моментов не може да соопшти за кои лица се работи, дека јавноста ќе биде запознаена откако ќе се земат генералиите, а за мерките што ќе бидат предложени против приведените ќе биде донесена одлука откако ќе бидат земени изјавите од приведените.

За предметот рече дека ќе се води во Обвинителството во Кочани, со оглед на тоа што тоа е подрачјето на извршувањето на евентуалното кривично дело.

– Доколку излезе нешто ново, можеби тоа да биде преземено од Обвинителството за организиран криминал. Засега неделжно од Обвинителството во Кочани, рече Коцевски.

За односниот предмет тој посочи дека е заведен во Кочани, истиот не може да се спои со предметот за пожарот во дискотеката бидејќи, како што посочи, се работи за кривични дела за злоупотреба на службена должност и овластување и земање и давање потпкуп, односно што нема поврзаност на штетната последица, се работи за кривични дела што немаат врска со предметот што е во тек за кривичниот настан во дискотеката во Кочани.

TЕРАСА – место каде викендот има своја мелодија, не чекајте последен момент, резервирај навреме и донеси го друштвото на супер забава и дружење

Викендот пристигнува — а Pub Club Terasa веќе го креира темпото! Oвој петок и сабота најдобрата ТЕРАСА во Прилеп ве кани на две одлични дружби, како и секогаш со жива свирка.

Во петок, 21.11. во Тераса ќе ве пречека одличното дуо Иван и Јулијана, гитара и вокал кои освојуваат и знаат како да приредат вечер за паметење.

Саботата е резервирана за нашите прилепчани – Боби и Никола, луѓето кои станаа препознатлив бренд и синоним за одлична акустична забава.

Не чекај последен момент — јави се на 070 304 967 и си обезбедуваш супер место.

Во Прилеп отворена изложбата „Артеизам“ од тројца битолски уметници – Владимир Симоновски, Дејан Макаријоски и Васко Ѓоргиев

Синоќа во фоајето од НУЦК „Марко Цепенков“ беше отворена изложбата „Артеизам“ од тројца битолски уметници – Владимир Симоновски, Дејан Макаријоски и Васко Ѓоргиев. Изложбата е поддржана од Министерство за култура и туризам.

Оваа изложба е заедничка авантура на тројца индивидуалци собрани во едномислието за нераскинливата врска меѓу верата и уметничкото творештво. Претставени се слики, скулптури и инсталација.

– Делата од изложбата ја потенцираат непредвидливоста на есхатолошкиот момент чие остварување е неминливо – велат од ЦК „Марко Цепенков“.
Владимир Симоновски, Дејан Макаријоски и Васко Ѓоргиев се членови на ДЛУБ и досега имаат реализирано повеќе изложби и учествувано на бројни ликовни колонии.

Претрес во битолско, пронајдено оружје и муниција, приведено едно лице

-На 19.11.2025 во 17:45 часот во с.Граешница, битолско, полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода В.Ј.(56) с.Граешница. При претрес во неговиот дом и помошни простории, извршен со судска наредба, пронајдени и одземени се ловечка пушка и патрони за пушката.

По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава – информираат од МВР.

Македонија го доби противникот за бараж за Светско

Македонската фудбалска репрезентација го дозна противникот за бараж за Светското првенство, кое идната година ќе се одржи во Канада, САД и Мексико.

Ждрепката во Цирих предмалку одлучи нашата репрезентација да се соочи со Данска во полуфиналниот бараж дуел. Натпреварот ќе се одигра на 26.март, а Македонија ќе и’ гостува на Данска.

Доколку нашите момци излезат како победници на овој дуел, финалниот натпревар ќе го играат против победникот од дуелот Чешка-Ирска, пет дена подоцна.

Прилепчанецот Седлоски еден од најсериозните кандидати за иден селектор на Македонија

Прилепчанецот Гоце Седлоски, актуелниот тренер на Вардар, се наметнува како еден од најсериозните кандидати за нов селектор на македонската фудбалска репрезентација. Се чини дека мандатот на сегашниот селектор Благоја Милевски — кој е на чело на националниот тим од 2021 година — привршува, а ФФМ најверојатно нема да му понуди продолжување на договорот.

Главното прашање сега е: Кој ќе ја предводи Македонија во мартовскиот бараж, пред уште една шанса за историски пласман на големо натпреварување?

Денеска во Цирих ќе биде познат и противникот на Македонија за баражот за Светско првенство. Противници на нашата репрезентација можат да бидат: Италија, Турција, Данска или Украина.

Спортските медиуми веќе пишуваат за две силни имиња како можни наследници на Милевски. Меѓу опциите се споменува и хрватскиот стратег Славен Билиќ – поранешен успешен селектор на Хрватска, со богато искуство и во Премиер лигата.

Во сабота во фоајето на ЦК “Марко Цепенков”, промоција на романот „Semper Idem“ од Ѓорѓе Лебовиќ

На 22 ноември 2025/ сабота/ од 18.30 часот во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“ ќе се одржи Промоција на романот „Semper Idem“ од Ѓорѓе Лебовиќ и разговор со Катица Гароска, преведувачка на делото – една од најпотресните и најреиздавани книги во Србија со 19 реизданија.

Лебовиќ:

„Престрашен бев од сознанието за поредокот на причини и последици. Една навидум безначајна одлука, еден мој погрешен чекор, едно единствено непретпазливо движење ќе го промени не само мојот живот, туку и животот на стотици и стотици други луѓе, мене блиски и непознати, можеби сè уште неродени“. „Semper idem“ е автобиографска книга, роман-хроника за едно детство во Кралството Југославија пред Втората светска војна, потресна приказна раскажана од перспектива на сеќавањата на едно дете кое го преживеало логорот Аушвиц за неговото доживување на приближувањето на „Големата пропаст“ – ширењето на нацизмот во својата околина и во Европа.

За време на Втората светска војна Ѓорѓе Лебовиќ (1928 – 2004) загубил четириесет членови од своето семејство, а тој како 14-годишник бил депортиран во логорот Аушвиц. Крајот на војната го дочекал во логорот на 5 мај 1945 година.

„Semper idem“ (Секогаш исто) е латински натпис на црквата во Сомбор каде Лебовиќ како дете одел со својата баба Лаура. На неговото прашање што е тоа што секогаш е исто, бабата одговорила: „Злото. Тоа никогаш не мирува, се повторува, а понекогаш се појавува во неразбирливи размери.“

Но, „Semper Idem“ е и приказна за универзалните вредности – добрината, љубовта, човечноста – кои во животот на Лебовиќ како дете се појавувале како зрак на надеж од најдлабокиот мрак на поблиската историја на човештвото.

„Жртвите на безумните војни се како ѕвездите на небото, вечно невини и вечно еднакви. За мене паметењето е божји дар, а заборавот најголема казна што може да погоди не само поединец, туку и цели народи“.

Модератор на настанот и разговорот со преведувачката Катица Гароска ќе го води Александар Еленин.

Собранието ги изгласа измените: Производите од „Тему“ ќе поскапат

Шноличките, маските за телефони, накитот… кои граѓаните ги порачуваат од „Тему“ ќе бидат поскапи за 18 отсто. Ова е резултат на измените на Законот за данок на додадена вредност со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн праткита со вредност до 22 евра. Оваа мерка ќе донесе одреден приход во државната каса, но и ќе ги направи производите што се нарачуваат на „Тему“ поскапи и понеконкурентни во однос на домашните производи. Од Министерството за финансии сметаат дека се очекува спроведувањето на измените да има директни позитивни ефекти врз економијата и врз работењето на домашните компании. Дополнително, со плаќањето данок на малите пратки, околу 4 милиони денари месечно, односно 65 илјади евра ќе се пренасочат кон домашното стопанство.

Од Организацијата за заштита на потрошувачите на Македонија појаснуваат за весникот ВЕЧЕР дека со зголемувањето на ДДВ на малите пратки, ќе има намалување на бројот на нарачки, бидејќи на граѓаните ќе им биде поевтино да купуваат некои производи во домашните продавници отколку да ги порачаат преку „Тему“.

-Ќе има мало зголемување на цената на малите пратки, што ќе придонесе за намалување на бројот на нарачки. Сега, кога ќе ја направат, нарачката ќе биде со вклучено ДДВ и граѓаните веднаш ќе знаат која е цената и дали да го порачаат производот. Сепак, ова не мора да значи дека некои производи што граѓаните ги порачуваат од „Тему“ ќе бидат поскапи, бидејќи моментално цената им е многу пониска од онаа на оние што се продаваат во нашите продавници – вели Татјана Тасевска, правен советник во ОПМ.

Оданочување на малите пратки се прави секаде во Европа, а целта е помалку да се купува кинеска стока и да се заштити европската економија. И кај нас оваа измена е донесена во таа насока, односно целта е заштита на домашната економија.

-Точно дека на овој начин ќе се спречи сивата економија, бидејќи голем дел од производите што се нарачуваа од „Али експерес“ и од „Тему“ се препродаваа на домашниот пазар. Овие производи беа без ДДВ и на тој начин се создаваше нелојална конкуренција. Сега ќе се купува повеќе од домашни компании чии производи, исто така, се увезени од Кина, но на друг начин – вели Тасевска.

Од ОПМ, сепак, сметаат дека воведувањето ДДВ и царински давачки на мали пратки ќе предизвика одредени проблеми во Македонија, барем во почетниот период, поради недоволната информираност, доцнењето при испорака, административните давачки, намалувањето на онлајн купувањето…

-На подолг рок, ова може да донесе и позитивни ефекти, како поголема заштита на потрошувачите, фер конкуренција со домашните продавници и појасни правила за сите. Важно е институциите и Организацијата за заштита на потрошувачите да спроведат информативна кампања за граѓаните навреме да знаат што да очекуваат и како да постапат при нарачка. Односно, треба да се организираат информативни кампањи преку медиумите, социјалните мрежи и веб-страниците со примери и одговори на најчестите прашања – вели Маријана Лончар-Велкова, претседател на ОПМ.

Од Министерството за финансии појаснуваат дека граѓаните нема да плаќаат поскапо, бидејќи трошокот за пресметка и наплата на ДДВ не паѓа врз крајните потрошувачи.

-Предлогот предвидува ослободување од ДДВ за малите пратки од некомерцијална природа пратени од физичко лице од странство до физичко лице примач во земјава, во вредност од 22 евра. Сепак, предвидени се исклучоци од ова ослободување, односно не се применува даночно ослободување за одредени категории производи како алкохол, алкохолни пијалаци, парфеми, тоалетна вода, тутун и преработки од тутун – изјави заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски.

Главни причини, како што рече, поради кои се вршат изменување и дополнување на постојното законско решение се создавањето појасна правна рамка, спречувањето злоупотреби и пофер услови за стопанисување.

Инаку, дневно се испорачуваат околу 10 илјади пратки само од „Али експрес“ и од „Тему“. Македонските граѓани најчесто порачуваат накит, практични работи за дома, детски играчки, маски за телефон, УСБ, но и поскапи работи како мали куфери, јакни, обувки, смарт-часовници, мобилни телефони, ИТ-опремa, пишува ВЕЧЕР.

(ВИДЕО) Се работи на целата траса – Автопат Прилеп – Битола до 2028 год. станува полека реалност

Силен прогрес во изградбата на автопатот Прилеп – Битола. Продолжуваме по планот автопат од Прилеп до Битола до 2028 година. Македонија се гради со силно темпо – напиша на социјалните мрежи министерот за транспорт Александар Николоски, кој објави и дрон видео на кое се гледа дека речиси на целата траса на автопатот се работи активно.