дома блог страница 157

Пример како се сака градот кој ве избрал за градоначалник – Кавадарци не запира!

Продолжуваат инфраструктурните зафати во Кавадарци, каде локалната самоуправа интензивно работи на подобрување на патната и комуналната инфраструктура низ повеќе делови од градот.

Градоначалникот Митко Јанчев информираше дека во тек е асфалтирањето на новопробиената улица на булеварот „Вељко Влаховиќ“, на потегот кон спојот со Западниот булевар.

Претходно на оваа делница била изведена целосна подземна инфраструктура, односно поставена водоводна, канализациона и атмосферска мрежа, а изградено е и ново улично осветлување, како и тротоари во должина од 180 метри.

Станува збор за инвестиција реализирана со поддршка од Министерство за животна средина и просторно планирање и Општина Кавадарци, во вкупна вредност од околу 6 милиони денари, на површина од 4.900 метри квадратни.

Кавадарци во изминатиот период прераснува во еден од најдобрите примери во Македонија за тоа како треба да се работи за развојот на еден град. Речиси секојдневно се реализираат нови инфраструктурни проекти – од реконструкција и пробивање улици, до уредување на јавни површини и модернизација на комуналната инфраструктура.

Граѓаните сè почесто коментираат дека ликот на градот видливо се менува од ден во ден, а локалната власт продолжува со динамично темпо на реализација на проекти кои имаат за цел подобри услови за живот за сите жители.

Добра вест за пелагониските сточари – По долго време, одново со работа започнува сточниот пазар во Кривогаштани

По подолг период на пауза, од среда (13 мај) повторно ќе започне со работа сточниот пазар во Кривогаштани, информација која ја соопшти градоначалникот на Општина Кривогаштани, Игор Каравилоски.

Со повторното отворање на пазарот, сточарите од Кривогаштани и околните населени места повторно ќе добијат организирано место за продажба и откуп на добиток, нешто што подолг период недостасуваше во регионот.

„Од среда повторно се отвора сточниот пазар во Кривогаштани, со што се создаваат нови можности за развој на локалното сточарство и зајакнување на економската активност во регионот“, напиша Каравилоски во својата објава на социјалните мрежи.

Тој додава дека ова претставува значаен чекор за поддршка на земјоделците и сточарите, како и за поттикнување на трговијата и соработката помеѓу луѓето кои егзистираат од сточарството.

Рестартирањето на сточниот пазар се очекува позитивно да влијае врз локалната економија, но и да ја олесни работата на сточарите кои повторно ќе имаат можност својата стока да ја пласираат на организиран пазар.

Во Прилеп одбележан Денот на сообраќајната култура: Апел за поголема безбедност и одговорност во сообраќајот (ФОТО)

Во Прилеп денеска беше одбележан Денот на сообраќајната култура, со низа активности насочени кон подигнување на свеста и одговорноста кај сите учесници во сообраќајот. Настанот беше организиран од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот – Прилеп, со поддршка од Станицата за технички преглед „Авто Контрол“, учениците од сообраќајната струка при СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ и Министерството за внатрешни работи.

Преку едукативни активности и пораки до граѓаните беше испратен силен апел за поголема безбедност на патиштата, почитување на сообраќајните правила и одговорно учество во сообраќајот.

Од „Авто Контрол“ истакнаа дека како компанија која секојдневно работи во областа на безбедноста во сообраќајот, со гордост поддржуваат вакви иницијативи кои придонесуваат за создавање повисока сообраќајна култура и побезбедна средина за сите граѓани.

Годинава посебен акцент беше ставен на безбедноста на мотоциклистите, како и на важноста од носење заштитна кацига.

„Почитувај ги сообраќајните правила, намали брзина, биди внимателен и одговорен и секогаш носи кацига – вози безбедно“, порачаа организаторите.

Од настанот беше испратена и заедничка порака дека само со поголема свест, одговорност и почитување на правилата може да се создаде побезбеден сообраќај за сите учесници на патиштата.

Општината казни фирма со 20.000 евра за незаконско фрлање отпад

Изминатите неколку дена при вонреден инспекциски надзор во Долно Лисиче во општината, на месноста „Купишта“, затекнат е камион кој незаконски одлагал отпад од градежен шут, спротивно на Законот за управување со отпад. Од страна на општинскиот инспекторат е е изречена глоба од 20 илјади евра во денарска противвредност за правното лице, поради сторениот прекршок, согласно со овој закон. Издаден е и прекршочен платен налог – информира на социјалните мрежи градоначалникот на општина Аеродром.

На својот официјален фејсбук-профил градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митевски дополнува:

-Казна од 20 илјади евра за незаконско фрлање отпад – нема толеранција!

Аеродром продолжува со засилени инспекциски контроли и нема да дозволи уништување на животната средина, загадување и создавање диви депонии на територијата на општината.

Ги повикуваме сите сите граѓани и компании совесно да постапуваат со отпадот и да ги почитуваат законските прописи. За секое несовесно однесување ќе следуваат казни, порача градоначалникот на Аеродром Дејан Митевски преку општествената мрежа.

Дизелот поевтинува за 4 денари, ова се новите цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,78% во однос на одлуката од 4.5.2026 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување и тоа во просек: кај бензините за 0,444%, кај дизелот за 6,073%, кај екстра лесното масло за 6,495% и кај мазутот има зголемувањето за 0,791%.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1199%.

Од 12.5.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 85,00 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 86,50 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 89,50 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 94,00 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 49,968 (денари/килограм)

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 4,00 ден/лит.

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 не се менува.

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 0,50 ден/лит.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 4,50 ден/лит.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,248 ден/кг и сега ќе изнесува 49,968 ден/кг.

-Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 12.5.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени, велат од Регулаторна.

Голем број естрадни пејачи ќе настапат на хуманитарен концерт за Моника во Прилеп

Хуманитарен концерт за Моника, ќе се одржи на 12 мај во Домот на култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, со почеток од 20:00 часот.

Настанот има за цел да се соберат средства и да се даде поддршка за Моника во нејзината борба против ракот, под мотото: „Да ги отвориме срцата и да помогнеме Моника да го победи ракот!“

На концертот ќе настапат: Спасен Силјаноски, Благоја Груевски, Влатко Миладиновски, Дарко Стојаноски,
Стојне Николова, Елена Велеска, Елена Јовческа, Мирослав Мирчески, Методија Столески, Марјан Коцев, КУД „Моминок“

Организаторите ги повикуваат сите хумани граѓани да бидат дел од оваа хумана приказна и заеднички да помогнат.

Влезници за концертот можат да се купат по цена од 250ден, секој ден од 11 до 13.00 ч. и 18.00 до 20.00 ч.

„Педали и приказни“ во Прилеп: Велосипеди, еко филмови и уметност го оживуваат јавниот простор

Форум за Авангардна Креативност – Прилеп (ФАК) и NGO Go Green работат на реализирање на проектот „Педали и приказни“ помогнати од фондацијата HEARTEFACT, во соработка со Општина Прилеп, НУЦК Марко Цепенков, СОУ Ристе Ристески Ричко, СОУ Ѓорче Петров и CLS Equipment.

Во Прилеп – како и во многу други помали градови во Македонија – јавниот простор останува недоволно искористен како место за култура, слободен израз и граѓанска поврзаност.

Културните настани главно се одвиваат во затворени, институционализирани формати, што исклучува многу граѓани, особено млади луѓе, надвор од системот и ги прави маргинализирани групи.Во тој контекст проектот вклучува културни работници и уметници и ги реализира следниве активности: проекција на филмови на јавен простор и изработка на мурал.

Воедно, вело-културата е недоволно развиена и сè уште не е препознаена како дел од одржливиот урбан живот, иако има потенцијал да ги поврзе луѓето со градот, со природата и едни со други. Проектот „Педали и приказни“ одговара на овие предизвици со тоа што ја отвора културата кон улицата, создава простор за дијалог, уметност и активизам и ја приближува до заедницата преку пристапен, одржлив и ангажиран формат.

Во рамките на четвртата епизода што ќе се одржи во среда на 13.мај 2026г, граѓаните на Прилеп ќе можат да бидат дел и да учествуваат во следните активности:

17.00 – 19.30 DJ PETE
18.30 Критична маса (возење на велосипед низ прилепските улици)
19.30 Проекција на ЕКО филмови
„Слобода на две тркала“
„Велоаџилак“

Паралелно со активностите кои се одвиваат на плоштадот во центарот на градот и низ прилепските улици, учениците и нивните ментори во СОУ Ристе Ристески Ричко изработуваат мурал кој ќе биде презентиран пред прилепската јавност во последната епизода од проектот.

ВИДЕОЛОТАРИЈА КАСИНОС АВСТРИЈА ГОРДО ГО СЛАВИ НОВИОТ УСПЕХ НА БУЗАЛКОВСКИ

Видеолотарија Касинос Австрија со особено задоволство и гордост продолжува да ги поддржува македонските спортисти. Тие се нашите најдобри амбасадори кои со своите успеси достојно ја претставуваат Македонија на светската спортска сцена.

Денес ја споделуваме одличната вест за новиот успех на мотоциклистот Христијан Бузалковски, со кого Видеолотарија Касинос Австрија успешно соработува веќе пет години.

Бузалковски изминатиот викенд оствари извонреден резултат освојувајќи го третото место на FIM European STK1000 CUP, уште еднаш потврдувајќи го својот талент, посветеност и шампионски дух. Овој успех претставува уште еден значаен чекор во неговата кариера, но и голема мотивација за младите спортисти кои сонуваат за европски и светски успеси.

„Викендов стартуваа првите трки од FIM EUROPEAN STK 1000 CUP на стазата Гробник во Хрватска. Уште од самиот почеток успеавме да направиме добар сетап на моторот, да бидеме брзи и да напредуваме од сесија во сесија! Имавме добри квалификации и бевме блиску со сите возачи во нашата класа! Успеавме на двете долги трки и на спринтот да завршиме на третата позиција, иако имавме шанса за повисоко место на подиумот , но тоа се трките. Сезоната е долга, знаеме каде треба да напредуваме во однос на другите возачи од нашата класа и ќе дадеме се од себе за следната трка да се претставиме уште подобро! Огромна благодарност до сите наши поддржувачи, спонзори и фанови! Без вас ништо од ова не би можело да се реализира!“, изјави Бузалковски.

Поддршката на спортот и спортистите е важен дел од стратегијата на Видеолотарија Касинос Австрија како општествено одговорна компанија, која континуирано инвестира во развојот на спортот и промовирањето на здрави животни вредности и спортски навики кај младите.

Под слоганот „Играј со најдобрите“, Видеолотарија Касинос Австрија останува посветен партнер на младите таленти од спортот, образованието, културата и медицината, поддржувајќи ги оние кои со својата работа, дисциплина и визија создаваат успешни приказни за Македонија.

Ај да видиме дали некој ќе скрши нешто: Штип ќе постави 190 камери на јавни површини за да се спречи вандализмот

По вандализмот во најголемото Општинско основно училиште (ООУ) „Ванчо Прќе“-Штип, градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов денеска најави дека во сите училишта освен што има видео надзор ќе бидат поставени и алармни системи, со цел да дополнително да се превенира против ваквите девијатни појави. Во ова училиште беа уништени смрт табли, компјутери, надгледни средства, а имало обид и да се поплави еден од катовите.

-Видео надзор имаме на сите образовни институции, но дополнително за да се превенира и да се полесно идентификува и лоцира проблемот потребно е да бидат лоцирани алармни системи кои ќе сигнализираат и ќе овозможат да се спречи во иднина девијантна појава како што имавме во ООУ„Ванчо Прке”- вели Јорданов.

Тој најави дека против ваквите вандалски појави низ градот ќе се постават и 190 безбедносни камери, а ќе бидат поставени пред институции, низ централното градско подрачје, пред училиштата и градинките, како и низ парковите.

-Тоа што го планираме е и на јавните површини, на голем дел од пристапите до самите институции ќе се постват безбедносни камери кои верувам дека ќе служат на СВР-Штип, кога имаме ваков инцидент за полесно да се утврди сторителот и да се санкционира – изјави градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов.

Zа да се подигне свеста кај малолетниците за одговорно однесување, во наредниот период покрај техничките мерки, ќе се организираат обуки и работилници со родителите, наставниците, учениците. Целта е психолози и педагози да разговараат со сите, но ќе зборуваат и за последиците од девијантното однесување и како тоа може да влијае врз нивниот живот.

Инаку, како што претходно информиравме штетите во училиштето „Ванчо Прќе“ се санирани и ова е прв ваков упад во едно штипско училиште.

СЕКОЈА ЧЕСТ! Фудбалерите на Тиквеш и клубските лекари спасуваа повредени во сообраќајка

Фудбалерите, стручниот штаб и медицинскиот тим на ФК Тиквеш покажаа хуманост откако на враќање од натпревар во Скопје застанале да помогнат на повредени лица во сообраќајна несреќа кај клучката во Мирковци, објави ТВ Стар.

Автобусот со кој се враќале играчите по победата над Македонија ЃП запрел кога забележале несреќа на автопатот, по што дел од медицинскиот персонал и членовите на тимот веднаш притрчале да укажат прва помош на настраданите.

Според објавите, лекарите, физиотерапевтите и дел од фудбалерите реагирале брзо и помогнале во стабилизирање на повредените лица додека пристигнале надлежните служби.

Од клубот и јавноста беше порачано дека овој чин претставува пример за хуманост и солидарност, при што беше истакнато дека „човечкиот живот е највисока вредност“.

Настанот предизвика позитивни реакции во јавноста, а кавадарчани беа пофалени за брзата и несебична реакција во критичен момент.