дома блог страница 139

Таста го објави списокот на играчи за Светското училишно првенство

Селекторот на машката македонска ракометна репрезентација Горан Кузманоски го објави списокот на ракометари за настап на светското училишно првенство во период од 21-29 април 2026 година што ќе се игра во Скопје.

Повикани се следниве ракометари: Атанасиј Труснов, Мели Фехми (голмани); Тома Симоновски, Андреј Георгиев, Лука Јовиќ (крила), Горазд Дамчевски, Марко Ѓорчевски, Петар Николовски, Трајче Костов, Давор Крстески, Стефан Ѓорѓиевски, Бобан Поповски (бекови), Ѓорѓи Лешниковски и Кристијан Вујичевски (пикери).

Македонските млади ракометари противниците во групата ќе ги дознаат вечерва кога ќе биде извршено и извлекувањето.

На Светското училишно првенство ќе се настапат 21 репрезентација, кои ќе бидат поделени во четири групи (три со пет селекции и една со шест), а првопласираните од групите ќе играат во полуфиналето.

Во четврток на камерната сцена во “Цепенков” – „Stefanijazz Project“, концерт кој вреди да се посети

На 23 април 2026 (четврток) од 19:00 часот, на камерната сцена во ЦК „Марко Цепенков“ ќе се реализира концертот „Stefanijazz Project“, што е дел од годишната програма на НУЦК „Марко Цепенков“, со поддршка од Министерството за култура и туризам.

Податоци за концертот:

Концертот носи љубов кон музиката, искреност и стил кој спојува повеќе жанрови. Предвидена е изведба на најистакнатите авторски композиции на Стефанија, преработени во современа џез фузија, џез-рок и босанова аранжмани, како и изведба на неколку џез стандарди – звук што го спојува класичното и модерното, нежното и енергичното.

Учесници:

• Стефанија Милевска Враниќ – вокал
• Билјана Трајковска – вокал и пратечки вокали
• Владимир Враниќ – гитара
• Владимир Николиќ / Dadoni – труба
• Ристо Крстевски – клавијатура
• Зоки Паркет – контрабас и бас
• Павел Талевски – тапани

Програма:

ЕДНО МОМЕ
БЕЗНАДЕЖЕН
THE MOMENT IS NOW
ПО ПАТОТ НА СВЕТЛИНАТА
AT LAST
БЕГАШ
ДА РАШИРАМ КРИЛЈА
SUMMERTIME
ПОСЛЕ ДОЖДОТ ДОАЃА СОНЦЕ
НЕШТО
HEY YOU LISTEN
МАЛКУ ЉУБОВ
НЕМА ДА МОЛЧАМ

Stefanijazz Project претставува уникатен музички израз што ја спојува авторската чувствителност на Стефанија со богатството на џезот. Концертната програма вклучува оригинален спој на неколку музички правци од нејзините најистакнати композиции, преточени во џез фузија, џез-рок и босанова аранжмани, како и нови интерпретации на класични џез стандарди.

Со современ, но топол пристап, проектот се стреми да го доближи џезот до пошироката публика, а особено до младите слушатели, негувајќи културна едукација, автентичност и жанровска отвореност. Со префинет баланс помеѓу нежност и енергија, Stefanijazz Project нуди доживување кое допира и инспирира. Овој концерт е замислен како интимно музичко патување кое нуди нов пристап кон сценската џез-изведба.

Програмата промовира домашна авторска музика со уметничка и културно-едукативна вредност, активно охрабрувајќи го развојот на домашната џез сцена. Stefanijazz Project претставува платформа за музичари, жанровска креативност и современа култура.

Како една од првите дипломирани џез пејачки во Македонија, Стефанија го одбележува својот музички пат преку истражување на границите на џезот и неговата способност да се интегрира со различни жанрови. Нејзиното долгогодишно сценско искуство од околу 20 години како музички изведувач, солистичките концерти, мјузиклите и перформансите низ Македонија, Србија, Бугарија и Босна, како и континуираното создавање авторска музика со карактеристични сценски изведби и два музички албуми, се заокружени во концертната форма Stefanijazz Project.

Зградите на “Димо Наредникот” утре без струја повеќе часа

-Утре (21 април, вторник), пак, од 08:30 до 15:00 часот, прекин на струја ќе има на следните места во Општина Прилеп : станбени објекти Ул.,,Димо Наредникот , кај ,,Пата маркет” и ,,Пата Маркет” – информираат од РЦУК Прилеп.

Во Прилеп пријавени за гласање на бугарските избори биле 52 жители – вкупно во Македонија 210

Од вкупно 3.504 граѓани во Македонија кои се декларираат како Бугари, само 210 биле пријавени за гласање на вчерашните парламентарни избори во Бугарија, покажуваат официјалните податоци.

Распределбата на пријавените гласачи по градови открива дека најголем интерес имало во Струмица, каде се регистрирани биле 62 гласачи. Потоа следуваат Охрид со 56, Прилеп со 52, Скопје со 29 и Битола со 11 пријавени гласачи.

Иако постоеше можност дел од гласачите да се пријават и директно на избирачките места на денот на изборите, првичниот одзив укажуваше на релативно низок интерес за учество во изборниот процес.

За споредба, на изборите во 2022 година биле пријавени 461 гласач, што значи дека годинава бројката е речиси преполовена. Овие податоци даваат јасна слика за тоа колку граѓани во Македонија кои се изјаснуваат како Бугари се вклучиле во гласањето, гледано по градови.

Од полноќ поевтини горива

Регулаторната комисија за енергетика во секој момент треба да ги објави новите цени на горивата. Имајќи предвид дека викендов премиеерот Мицкоски на прес конференција најави поевтинување за денар и половина, некоја поголема неизвесност нема.

Па така од полноќ се очекува да имаме бензин по цена од 80,5 денари и дизел кој ќе се продава по 94 денари. На овие цени најголемиот дел од бензинските пумпи одобруваат попуст па така бензин ќе може да се наполни за 78,5 денари по литар додека дизел за 91 денар.

Со оваа промена ќе се врати и стапката на ДДВ на дизелот на 18% додека онаа за бензините и натаму ќе биде 10%.

Премиерот Мицкоски рече дека Владата ја следи состојбата и интервенира во согласност со потребите.

Утрово цената на суровата нафта повторно скокна на над 95 долари за барел по последните тензии на блискиот исток откако во петокот се тргуваше и за суми под 86 долари.

Иницијатива за обнова на ФК Варош – Прилеп: Повик за заедничка акција и враќање на клубот на терените

По неколкугодишна пауза, се појави иницијатива за обновување на фудбалскиот клуб ФК Варош од Прилеп, кој не функционира од 2017 година. Станува збор за клуб со богата традиција и значајно место во спортскиот живот на населбата Варош, но и пошироко во градот.

Иницијативата беше споделена преку социјалните мрежи, каде се упати јавен повик до сите заинтересирани да се вклучат во процесот на обновување:

„Да го обновиме ФК Варош – Прилеп!
Со голема љубов кон спортот и нашата населба, сакаме повторно да го вратиме животот во ФК Варош – Прилеп. Клубот има традиција, историја и место во срцата на многу генерации, а сега е време повторно да заживее.
Ги повикуваме сите поединци, спортски ентузијасти, поранешни играчи, љубители на фудбалот и сите добронамерни луѓе кои сакаат да помогнат во обновата на клубот и подобрувањето на фудбалското игралиште да ни се придружат.
Секоја помош е добредојдена – со идеи, физичка работа, донации или поддршка од каков било вид. Заедно можеме повторно да создадеме место каде младите ќе спортуваат, ќе се дружат и ќе растат во вистински спортски дух.
Да го вратиме Варош таму каде што припаѓа – на фудбалскиот терен! Секој што е заинтересиран околу обновата на ФК Варош дали материјално или финансиски нека напише во коментар ќе биде приватно контактиран“

Целта на иницијативата е не само повторно активирање на клубот, туку и унапредување на условите за спорт во населбата, особено за младите генерации кои би добиле нов простор за развој и дружење.

По објавата на социјалните мрежи, следуваше вистинска лавина од коментари со поддршка, што јасно покажува дека интересот и желбата за враќање на ФК Варош се големи и реални.

Саксофонистот Христијан Ристески прогласен за најдобар џез-музичар за 2025 на “Џез фактори” фестивалот во Битола

Саксофонистот Христијан Ристески, музичар кој живее и работи во Австрија, е добитник на наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез-музичар за 2025 година.

Наградата традиционално се доделува во рамките на Џез фактори фестивалот во Битола, а свеченото врачување се одржа во НУ Народен театар Битола. Ристески, кој се издвојува со својот јасен и современ израз, изјави дека наградата е препознавање на целиот труд што го вложил низ годините и на неговата желба за џез-музиката.

Тој додаде дека континуитетот е многу битен во оваа работа и дека љубовта кон музиката е главниот двигател за да се продолжи напред и покрај тешките периоди. Наградата од оваа година е зајакната преку партнерство со Синпекс. Христина Фуна од Синпекс/UTOPIA, која ја додели наградата, изјави дека културата не е трошок, туку инвестиција во вредности што остануваат.

Таа им честиташе на Џез фестивалот за деветгодишното организирање и додаде дека ова признание за Ристески е „глас кој допрва ќе се слуша“.

Во соработката улога има и личната поврзаност со џезот на Синиша Петровиќ, еден од основачите на Синпекс. Во рамките на програмата, љубителите на џезот имаа можност да присуствуваат на концерт на Ристески квартетот во Утопија. Визуелниот идентитет на наградата е дело на Ања Ристевска.

Претходни добитници на признанието се Александар Ванчовски, Филип Динев, Александар Бошков, Јован Цветковиќ, Давид Скерлевски и Теодор Јаневски.

Танцот обедини: Проектот „Мостови на пријателство“ ги спои младите во Битола

Во Битола викендов се одржа завршницата на јавниот конкурс за меѓуучилишен танцов предизвик што го организираше Општина Битола во соработка со Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ од Битола, а кој се реализира во рамките на солидарниот проект „Мостови на пријателство“.

Овој предизвик не е само натпревар по танц, туку беше покана за дружење, поврзување и создавање пријателства меѓу младите од различни етнички и социјални заедници во Битола. Преку движење, музика и заедничко творење, младите добиваат простор да се запознаат, да се изразат и да покажат дека различноста може да обединува, а не да разделува.

Пред присутните се обрати градоначалникот на Битола Тони Коњановски истакнувајќи ја важноста на ваквите манифестации каде што танцот е универзален јазик, а јазикот не познава предрасуди, гради доверба и создава мостови таму каде што порано имало поделби.Учествуваа ученици од основните училишта.

Најуспешните кои преку танцот испратија јасна порака за пријателство, заедништво, толеранција и надминување на стереотипите беа наградни со прва, втора и трета награда.

Солидарниот проект „Мостови на пријателство“ е финансиран од Националната агенција за европски програми и мобилност преку програмата Европски солидарен корпус на Европската Унија.

Прилепските ротаријанци прославија полнолетство – 18 години хуманост и посветеност

На 18 април 2026 година, Ротари клубот Прилеп одбележа значаен јубилеј – 18 години постоење, симболично прославувајќи го своето „полнолетство“ со свечена настан-вечер исполнета со хуманост, дружење и забава.

Прославата се одржа во присуство на бројни гости, пријатели и поддржувачи на клубот, како и претставници од други ротари клубови од земјава и странство. Атмосферата беше збогатена со музичка програма и стенд-ап настап, а централно место имаше хуманитарната аукција на уметнички дела.

На аукцијата беа понудени вкупно 16 уметнички дела, кои беа целосно продадени. Со собраните средства ќе се обезбедат прочистувачи за воздух за целосно опремување на уште две детски градинки во Прилеп, што претставува уште еден значаен придонес кон локалната заедница.

Од клубот истакнуваат дека низ годините Ротари клубот Прилеп се профилирал како синоним за хуманост, вредности и посветеност, благодарение на ангажманот на своите членови. Посебна благодарност упатуваат до сите ротаријанци кои со својата работа го граделе позитивниот имиџ на клубот.

Денес, Ротари клубот Прилеп важи за еден од најголемите и најактивните клубови во државата. Само во ротаријанската 2025/2026 година, реализирани се повеќе од 20 проекти и активности, кои се широко прифатени од заедницата.

Од клубот порачуваат дека и во иднина ќе продолжат со исто темпо и уште поголема енергија, останувајќи верни на својата мисија – да создаваат позитивни промени во општеството.

Нова планинарска патека на Пелистер

Вработените од ЈУ Национален парк „Пелистер“ во соработка со Extreme Bike Team Bitola викендов извршија целосно уредување на планинарската патека која води од Цапарска пресека преку Горна Скала, Лоша Стена па се до селото Цапари.

Локацијата Лоша Стена е еден да најлесно достапните природни видиковци кои ги има Националниот парк „Пелистер“ и се наоѓа на околу 1.220 метри надморска висина, југоисточно од селото Цапари и сега е веќе лесно достапна локација за сите посетители, информира Иванчо Тошевски, директор на ЈУНП „Пелистер“.

Од ЈУНО „Пелистер“ посочија дека овој викенд работаат и на целосно уредување на кружната вело и пешачка патека со вкупна должина од 16 km, која ќе почнува од Инфоцентар, Цапарска Пресека, Цапарски Вир, Ротинско Езеро, Голема и Мала Ливада и назад до Инфоцентар.