дома блог страница 138

Везе Шари македонски бренд со врвен квалитет

Везе Шари (Veze Sharri) е приватна македонско-германска компанија со 51 % домашен (македонски) капитал и 49 % странски (германски) капитал, основана во 2000 година. Компанијата има седиште и главни производствени капацитети во Требош, во близина на Тетово, и функционира како интегриран систем во областа на земјоделството, прехранбената индустрија и обновливите извори на енергија.

Вашите почетоци – Раскажете за вашите почетоци во земјоделството/преработката. Што ве инспирирало да започнете? Како започна вашата приказна?

Почетоците на Везе Шари се поврзани со јасна визија за развој на примарно земјоделско производство и безбедна храна за човечка употреба. Првичната инвестиција беше насочена кон производство на 25.000 јајца дневно, што претставуваше основа за понатамошен раст и диверзификација. Со текот на времето, компанијата го прошири своето работење од живинарство кон месната индустрија и обновливите извори на енергија, развивајќи интегриран модел што ги поврзува земјоделството, преработката и енергетиката. Овој постепен и стратешки пристап овозможи стабилен развој, заснован на квалитет, дисциплина и долгорочна ориентација.

Предизвици и пречки – Со какви предизвици се соочивте на почетокот? Како ги надминавте? Дали имавте поддршка?

Во почетокот, компанијата се соочи со предизвици поврзани со пазарните услови, високите барања за квалитет и потребата за градење доверба. Овие пречки беа надминати преку јасни вредности, конзистентно лидерство и континуирано потпирање и инвестирање во сопствени капацитети и знаења, што овозможи стабилен развој и долгорочна одржливост.

Успеси и постигнувања – На што сте најгорди? Што сметате за ваш најголем успех? Како придонесувате за економијата и заедницата? Како реагираат купувачите?

Везе Шари е еден од најголемите производители на свежи јајца во земјата, со годишно производство од над 34 милиони јајца и развиена сопствена дистрибутивна мрежа. Компанијата работи согласно ISO 22000:2018, ISO 14001:2015, HACCP и HALAL стандарди, а производите се дел од синџирот на снабдување за домашни и меѓународни пазари, вклучително и структури поврзани со НАТО.

Компанијата придонесува за економијата и заедницата преку домашно производство, вработување и одговорно управување со ресурсите, додека купувачите реагираат со високо ниво на доверба и лојалност.

Заедница, традиција и иновации – Како ги комбинирате македонската традиција со модерните техники во вашето производство? Како вашата работа придонесува за локалната заедница?

Везе Шари ја комбинира локалната земјоделска традиција со современи европски технологии и строги меѓународни стандарди за квалитет. Преку интегриран модел што ги поврзува земјоделството, преработката и обновливата енергија, компанијата применува ESG принципи преку одговорно управување со животната средина, етички деловни практики и грижа за вработените и заедницата.

Компанијата придонесува за локалната заедница преку вработување, соработка со локални добавувачи, користење обновливи извори на енергија, правилен третман на нуспроизводи и поддршка на општествени и еколошки иницијативи, со што активно придонесува кон одржлив развој.

Поглед кон иднината – Кои се вашите планови за развој? Што сметате дека треба да направи државата за да бидете уште поуспешни?

Плановите на компанијата се насочени кон понатамошно унапредување на производствените капацитети, зголемување на ефикасноста, јакнење на одржливите енергетски решенија и придонес кон унапредување на пазарната економија преку конкурентно и одговорно работење.

За уште поголем успех, потребни се стабилни и долгорочни политики за поддршка на домашното производство, фер пазарни услови и предвидлива деловна регулатива.

Порака до јавноста – Што би им порачале на младите? Кој е вашиот апел до потрошувачите?

На младите им порачуваме дека земјоделството и прехранбената индустрија имаат иднина кога се водат професионално и одговорно. На потрошувачите им апелираме да избираат домашни производи и со тоа да го поддржат квалитетот и локалната економија.

Мислење за кампањата „Македонско најдобро“ – Што значи за вас? Дали придонесува? Што би сакале да видите понатаму?

Кампањата „Македонско најдобро“е значајна иницијатива за промоција на домашното производство и градење доверба кај потрошувачите, со посебен фокус на поддршка на домашното производство и производителите што имплементираат високи стандарди.

Во иднина, посакуваме континуирана поддршка и поголема видливост за производителите кои работат согласно најдобрите практики за квалитет и одржливост.

МВР им поднесе кривична пријава на младите битолчани кои разоткрија педофили и јавно ги објавија

MВР поднесе кривична пријава за 6 млади битолчани, кои како членови на така наречната група “Пантери”, минатата година разоткрија повеќе педофили во Битола. Дечките се претставувале преку лажен профил на социјалните мрежи како 14-годишна малолетничка, а тоа што возрасни мажи се согласувале на средба со наводната девојка, и кои јавно ги разоткрија пред целата јавност, им донесе кривична пријава.

Во полицискиот билтен на МВР денеска стои:

-СВР Битола поднесе кривична пријава против Н. Р. (22), М. И. (19), О. Н. (19), Л. Г. (19), А. Д. В. (18) и 15-годишник, сите од Битола поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „насилство“, „злоупотреба на лични податоци“, „неовластено снимање“ и „самовластие“. Во период од февруари 2025, пријавените, дејствувајќи организирано како група, преку креирани профили на социјални мрежи користеле лажен профил преку кој се претставувале како 14-годишна малолетничка и воспоставувале комуникација со машки лица, по што договарале средби на повеќе локации на подрачјето на Битола. По пристигнување на договорените локации, оштетените биле пресретнувани од членовите на групата, снимани без нивна согласност, навредувани, омаловажувани, психички малтретирани и принудувани да даваат изјави дека се „педофили“, а создадените видео записи и нивните лични податоци биле јавно објавувани на социјални мрежи, со што кај оштетените предизвикале чувство на страв, понижување и загрозување на нивната сигурност.

Денеска е Духовден – Слегување на светиот дyx врз апостолите – Честит именден Душко, Душка, Дунавка…

Православните христијани денеска го одбележуваат празникот Педесетница – Слегување на Светиот Дух (Духовден). Педестница спаѓа меѓу големите Господови празници. Меѓу народот е познат со повеќе имиња, како Дуовден, Доедни, Свети Дух, Педестница итн.

Се празнува десет дена по Спасовден (Вознесение Христово), а педесет дена по Велигден (Воскресение Христово). Духовден го означува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, или како што го нарекуваат светите отци „Роденденот на Црквата“. На 10-тиот ден од Христовото вознесение, а на 50-тиот од Неговото воскресение, на еврејскиот празник Педесетница, Светиот Дух слезе врз апостолите во вид на пламени јазици, а тие се исполнија со сила и добија дар да зборуваат на разни јазици.

За црквата овој настан има посебно значење затоа што Светиот Дух од тоа време, па се до денес не ја напушта и непрестано слегува врз црквата на литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен. Педесетница е еден од најсветлитe празници во христијанството и претставува исполнување на старозаветните пророштва. Во Стариот завет луѓето знаеа само за Бог, со раѓањето на Христос го видоа Единородниот Син, а на Педесетницата го запознаа третото лице на Света Троица – Светиот Дух.

Владиката Петар наполни 80 години – тој е најстариот архијерех на МПЦ-ОА

Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар денес го одбележува својот 80-ти роденден. Роден е на 29 мај 1946 година во селото Богомила, каде што го завршил и основното образование.

Своето богословско образование го продолжил во Богословијата во Призрен, каде што се запишал во 1966 година, а во 1970 година дипломирал на Богословскиот факултет во Белград.

Веднаш по завршувањето на студиите, на 1 септември 1970 година, бил назначен за професор во Македонската православна богословија во Драчево, Скопје. Во периодот од 1972 до 1976 година ја извршувал должноста прв секретар на Полошко-кумановската епархија, при што паралелно бил задолжен и за сметководствените, благајничките и административните работи.

На 6 февруари 1972 година го примил ѓаконскиот чин, а четири години подоцна бил произведен во чин протоѓакон. Истата 1976 година бил ракоположен и за свештеник.

По службата како парохиски свештеник во Соборниот архиепископски храм „Св. Димитриј“ во Скопје, во 1978 година повторно се вратил во Богословијата како професор, по барање на тогашниот ректор и на блаженоупокоениот Архиепископ Доситеј.

По смртта на својата сопруга, на 19 јуни 1979 година се замонашил во манастирот „Св. Ѓорѓи“ во Криви Дол, Скопје.

На 4 април 1981 година бил избран за втор митрополит на Преспанско-битолската епархија. На 14 јуни истата година бил хиротонисан во Соборниот храм „Св. Димитриј“ во Скопје, а веќе следниот ден свечено бил востоличен во катедралниот храм на епархијата во Битола.

Од септември 1981 година ја презел и грижата за црковните општини во Шведска, а во 1982 година ги завршил последипломските студии во Рим, каде што ја одбранил магистерската теза „Теологијата на Свети Климент Охридски во неговите напишани дела“.

Во 1995 година бил назначен за администратор на Австралиско-новозеландската епархија, продолжувајќи ја својата долгогодишна духовна и пастирска мисија во Македонската православна црква.

Во текот на повеќе од четири децении архијерејска служба, митрополитот Петар остави длабока трага во духовниот живот на верниците, во развојот на црковното образование и во зацврстувањето на црковните институции во Македонија и меѓу македонската дијаспора.

Мечка утрово нападна стадо овци во битолско

Мечка утрово нападна стадо со овци кај Крклино, битолско, објави градоначалникот Тони Коњановски.

-Ве информирам дека утрово околу 9:30 е пријавено дека мечка нападна стадо со овци во атарот на село Крклино, под манастирот во близина на каналот на хидросистемот Стрежево, при што една овца настрадала. Сопственикот на стадото го пријавил настанот во СВР Битола, а и јас контактирав и со него и со СВР Битола од каде ме информираа дека екипа излегла на лице место, направила увид и го документираше настанот.

Исто така контактирав и информирани се и Центарот за управување со кризи и инспектор за лов при државниот инспекторат за шумарство и ловство при Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство.

Ќе се испрати допис до Министеството за земјоделие и Министерството за животна средина кои се надлежни за постапување во вакви ситуации за соодветна реакција од страна на надлежните со оглед на тоа што се работи за мечка, животинска врста која е ставена под заштита на законот, соопшти Коњановски.

Мицкоски: Нема да има повластени, новиот закон за пушење ќе се спроведува на целата територија на државата

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на средба со здруженија, организации и претставници на засегнатите страни посветена на Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун порача дека законското решение е изработено низ инклузивен процес и во консултации со сите чинители, а неговата примена ќе биде еднаква за сите.

Според Мицкоски, законот не е донесен набрзина ниту еднострано, туку по разговори со здруженија, производители, дистрибутери, хотелиери и сопственици на ресторани и ноќни клубови.

„Сакам да бидам краток и прецизен кога станува збор за ова законско решение коешто како и многу други законски решенија коишто можат да поларизираат, не беше носено ад-хок ниту беше носено по принципот на сила, туку беше носено во еден инклузивен процес, заедно во консултации со сите засегнати страни“, изјави премиерот.

Тој оцени дека постигнатото решение претставува компромис кој не ги задоволува целосно сите страни, но ги регулира односите на начин што ќе овозможи заштита на јавното здравје и предвидливост за засегнатите сектори.

„Не постои идеално законско решение, не постои нешто коешто може да биде брилијантно и идеално, но мислиме и цениме дека ова законско решение во голема мерка ги регулира односите коишто треба да се случуваат во едно општество“, рече Мицкоски.

Премиерот информираше дека Предлог-законот следната недела ќе биде разгледуван на владина седница, по што ќе продолжи собраниската процедура.

Во своето обраќање тој нагласи дека една од клучните цели на Владата е намалување на употребата на тутунски производи и подобрување на јавното здравје.

Особен акцент стави на спроведувањето на законот, најавувајќи засилени инспекциски контроли низ целата држава.

„Верувајте ни инспекциите ќе бидат ригорозни на целата територија на државата. Нема да има повластени региони, градови, населени места итн. каде што нема да се почитува законот и за ова јас ви гарантирам, и тука ќе нема никаков пардон“, истакна премиерот.

Мицкоски направи паралела и со други законски решенија кои, како што рече, на почетокот наидувале на отпор, но подоцна дале резултати. Како пример го посочи проектот „Безбеден град“, наведувајќи дека во првите четири месеци од годинава во местата каде што функционира системот е забележано преполовување на бројот на жртви во сообраќајни несреќи во споредба со истиот период лани.

На крајот од обраќањето, премиерот повторно упати порака дека законот ќе важи подеднакво за сите граѓани и правни субјекти.

„После овој состанок нема да има повластени. Ако некој мисли дека бил повластен, па бил близок со овој, бил близок со оној, па нема да го почитува законот, па него нема да го фатат и слично – се лаже. Можете еднаш да поминете неказнети, па дури и втор пат, но трет пат сигурно ќе бидете фатени и ќе бидете санкционирани“, порача Мицкоски.

Владата најави поевтинување на дизелот за 6,5 денари

Премиерот Христијан Мицкоски очекува стабилизирање на цените и поевтинување на дизел горивото за 6,5 денари. За утре најави онлајн владина седница, а, како што рече денеска, одговорајќи на новинарски прашања, земјава ќе остане со убедливо најниски цени на горивата.

-Утре во текот на денот ќе имаме онлајн владина седница. Според нашите пресметки, врз основа на анализите како се движеа цените на светските берзи изминатите две недели, односно втората половина од мај, и како се движеа цените изминатава недела, очекуваме полека, но сигурно да се стабилизираат и кај нас, односно, досега повластената стапка за бензините од 10 да се врати на 18 проценти, а во делот на на акцизите ќе остане намалувањето од два денара по литар за дизел и за безоловните бензини 95 и 98 октани, бидејќи просекот во втората половина од мај на дизелот и безоловните бензини се движеше меѓу 1.000 и 1.200 долари за барел. Преговараме со „Окта“ да видиме како ќе биде. Можеби од таму да добиеме дополнителен попуст барем за првата половина на јуни. Кога ќе ги имаме предвид сите овие мерки, тогаш очекувам цената на бензините да остане иста или да има мало зголемување од половина денар, а дизелот да поевтини околу 6 и пол денара, 6 до 6,5 денара. Отприлика ова се бројките кои нашите калкулации ги кажуваат, а ќе видиме како како ќе направи пресметка регулаторно, истакна Мицкоски.

Според него, три месеци периодот беше динамичен, но Владата ја задржа ценовната стабилност.

-Граѓаните не почувствуваа ниту во еден момент какво било ограничување кога станува збор за снабдување со нафта и со бензини. Истовремено, притисокот врз нашите бензински пумпи беше огромен. Имаше денови кога 50-тина проценти беше зголемен од вообичаено, имајќи предвид нормални, регуларни денови. И кога сето ова ќе се ќе се заокружи, ние и денеска, односно и она што го очекуваме во понеделник, ќе останеме држава со убедливо најниски цени на на горивата, односно на на дизел горивото и на бензините. Ако се оствари оваа наша калкулација како точна, бензините би останале или иста цена или половина денар би поскапеле, а дизелот би поевтинил за 6 до 6,5 денари по литар. Така што, остануваме и понатаму посветени на подобрување на стандардот на граѓаните, потенцира премиерот Мицкоски.

Од нивната фарма, преку нивната месара, до највкусниот залак во градот: ДРЦКО денес ја отвори својата сендвичара!

Прилеп доби уште едно место кое мириса на домашно, свежо и квалитетно. Семејството Иваноски, кое веќе одамна е препознатливо по врвното месо и беспрекорната услуга во месарницата „ДРЦКО“, денес го проширува својот бизнис со нова модерна сендвичара, сместена на само педесетина метри под месарницата, веднаш над “Бонита”.

Но, ова не е само уште една сендвичара.

Ова е место каде што секој залак има потекло што се знае. Месото доаѓа од нивната сопствена фарма, се преработува во нивната месара и завршува во сендвичите што ќе се подготвуваат пред ваши очи. Од фарма, до месара, до сендвичара, целосно сопствено прилепско производство зад кое стои семејството Иваноски и нивната долгогодишна посветеност на квалитет.

Во време кога многумина се потпираат на увозно и замрзнато месо со сомнително потекло, во „ДРЦКО“ работат поинаку. Тука нема компромиси. Нема замрзнати производи кои патувале илјадници километри, сè е свежо, домашно и подготвено од месо кое минува низ нивните раце од самиот почеток до крајниот производ.

На менито веќе се наоѓаат мини сендвичи, плескавици во лепиња, ловечка плескавица, нивната препознатлива „ДРЦКО“ плескавица од 350 грама, кебапи, домашни колбаси, како и скара на парче за сите љубители на вистинскиот вкус на жарот. Секој производ е направен од месо кое е нивно лично производство, што денес е реткост не само во Прилеп, туку и пошироко.

Семејството Иваноски одамна ја има довербата на прилепчани. Познати се како вредни, чесни и гостопримливи луѓе, вистински еснафи кои секогаш знаат да ги пречекаат и услужат своите муштерии. Токму затоа нивното име со години е синоним за квалитет, а денес полека прераснува во вистински локален бренд.

Новата сендвичара е логично продолжение на приказната што ја започнаа со месарницата, приказна за домашно производство, свежина и бескомпромисен квалитет.

Ако сакате да почувствувате како изгледа кога производот има свое потекло, свој производител и свое име и презиме, тогаш посетете ја новата сендвичара „ДРЦКО“.

Од нивната фарма, преку нивната месара, до вашата трпеза, вкус кој не се глуми, туку се создава со работа, традиција и љубов кон занаетот.

Вашата свадба заслужува магија што ќе се памети цел живот (ВИДЕО)

Секој пар сонува за совршена свадба. Ден исполнет со емоции, љубов, насмевки и моменти што засекогаш ќе останат во срцата на сите гости. Токму затоа „Свадбени Облаци“ постои — за да ги претвори вашите најубави моменти во вистинска бајка.

Замислете го моментот кога започнува вашиот прв танц… Светлата се намалуваат, музиката започнува, а под вашите чекори се создава густ бел облак што прави да изгледате како да танцувате на небо. Нашите свадбени облаци создаваат романтична атмосфера што остава без зборови и прави секое видео и фотографија да изгледаат магично.

Но магијата не завршува тука…

Во најемотивните моменти, одозгора започнуваат да паѓаат волшебни меурчиња што ја исполнуваат салата со нежност и романтика.

Следува вистинско изненадување — балони што паѓаат од таванот или спектакуларни балони во форма на срца што излетуваат во најважниот момент и создаваат неверојатна атмосфера исполнета со радост, аплаузи и емоции.

За паровите кои сакаат нешто уникатно и модерно, тука е нашиот „Универзум Ласер“ — спектакуларно светлосно шоу што ја претвора свадбата во вистински визуелен спектакл.

Секоја сала добива луксузен и модерен изглед, а атмосферата станува незаборавна за сите присутни.

Посебна елеганција внесуваат и нашите фонтани за шампањ.
Фонтаната купола со 50 чаши е совршен избор за гламурозно наздравување и момент што изгледа како од холивудски филм. Дополнително, нашите фонтани за наздравување создаваат уникатен ефект што ги воодушевува гостите и остава впечаток на луксуз и стил.

Во „Свадбени Облаци“ веруваме дека секоја свадба треба да биде единствена. Не нудиме само специјални ефекти — создаваме емоции, спомени и магични моменти што ќе ги раскажувате со години.

✨ Дозволете вашата свадба да изгледа како сон.
✨ Дозволете вашите гости да доживеат вистинска магија.
✨ Дозволете секој момент да биде незаборавен.

🌐 www.svadbenioblaci.mk
📸 Instagram: @svadbenioblaciii
📲 Контактирајте не’ и резервирајте го вашиот термин навреме.

Ристески присутен на отварањето на „Mega shopping Park“ молот во Гевгелија – доби прашање: “Кога во Прилеп?”

Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, денеска беше присутен на отварањето на модерениот трговски центар „Mega shopping Park“ во Гевгелија.

-Ова е голема инвестиција вредна над 15.000.000 евра и истата ќе отвори многу нови работни места, а ќе има и позитивно влијание на локалната економија, напиша Ристески на социјалните мрежи, а потоа доби и прашање од познатиот новинар и критичар на општествено-политичките случувања, Зоран Момироски во коментари.

Прилепчани секојдневно гледаат како во останатите градови се отвараат големи трговски објекти, молови, големи дуќани за шопинг, за забава, рекреација…и веќе изгубија надеж дека тоа некогаш ќе го дочекаат и во својот град.

Покрај Гевгелија, градови како Битола, Охрид, Струга, Струмица… веќе имаа вакви шопинг молови, во Кавадарци веќе се гради, во Прилеп не е ниту на повидок. Во меѓувреме актуелните градски власти ветуваат изградба на три молови во градот под Марковите Кули. Koлку е тоа реалистично, останува да видиме…

Проданоски: “До крајот на мандатот Прилеп ќе има три затворени трговски центри”

Инаку, трговскиот центар „Мега шопинг парк” во Гевгелија се простира на површина од над 20 илјади квадратни метри, а денеска беше пуштен во употреба во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот на Гевгелија Андон Сарамандов, генералниот директор на трговскиот центар, Сотирис Јанакудакис, како и владини и општински претставници, и претставници од компанијата инвеститор „А ПЛУС 1″.

Новиот трговски центар, според најавите, отвора простор за познати и веќе присутни светски и домашни брендови, како и имиња кои првпат ќе влезат на македонскиот пазар, а инвестицијата се очекува да даде поттик за нови вработувања во Општина Гевгелија.