дома блог страница 13

Седум децении постоење и развој – Витаминка добитник на награда – плакета „3 Ноември“

Витаминка е добитник на наградата-плакета „3 Ноември“, доделена на свечената седница на Советот на Општина Прилеп по повод 82-годишнината од ослободувањето на градот. Признанието доаѓа во годината кога компанијата одбележува седум децении постоење и развој, со посебно значење за нејзината долгогодишна поврзаност со Прилеп. Во име на Витаминка, наградата ја прими Наташа Стојковска, директор на Секторот за набавка и логистика.

Од своите почетоци до денес, Витаминка расте заедно со градот, создавајќи производи што станаа дел од секојдневието на генерации потрошувачи. Со инвестициите, посветеноста на вработените и ширењето на меѓународните пазари, компанијата го носи името на Прилеп и надвор од границите на земјата.

„Оваа година е јубилејна – одбележуваме 70 години од постоењето на фабриката. Зад нас е историја на крупни чекори во работењето, реализирани инвестиции, освојување нови пазари и години без ниту една загуба во работењето. Во оваа значајна година го освежуваме и изгледот на Стоби Флипс, брендот што е носител на развојот и работењето на Витаминка. По 45 години му даваме нова облека, нов лик, но со истиот стабилен квалитет и препознатлив вкус што го има уште од првиот ден на производството“, истакна Симон Наумоски, претседател на Одборот на директори на Витаминка.

За Витаминка, признанието од сопствениот град е и признание за генерациите вработени кои го вложиле своето знаење и труд во нејзиниот развој. Тоа е дополнителен поттик компанијата да продолжи да инвестира, да создава и да придонесува за заедницата во која ги има своите корени.

Ова е Михо од Прилеп, од раѓање е во болница и води тешка битка за живот – Оваа приказна мора да допре до секого, секој е повикан да ПОМОГНЕ колку што може

Шестмесечниот Михо од Прилеп, кој се родил предвреме заедно со својата сестричка близначка Мина, веќе шест месеци се бори со тешка бактериска инфекција и хидроцефалус. Од денот на раѓањето е во болница, а неговото семејство сега се соочува со нова и исклучително тешка битка – да му овозможи неопходно лекување во Истанбул, Турција.

За да се соберат потребните средства за лекувањето, семејството започна хуманитарна кампања преку фондацијата Pavel Andreev, каде што сите хумани граѓани можат да донираат и да помогнат во борбата на малиот Михо.

Трошоците за лекувањето се огромни, а само еден ден интензивна нега чини 2.000 евра. На Михо му е потребна нашата поддршка, затоа што неговиот најголем сон е конечно да си замине дома и да порасне покрај своите родители и сестричката Мина.

Во продолжение ја пренесуваме личната порака на семејството, објавена во хуманитарната кампања:

Здраво, свету!

Јас сум Михо и иако сум многу мал, бескрајно ви благодарам за поддршката и надежта што им ја давате на мама, тато и дада.

Се родив во седмиот месец заедно со мојата сестра Мина. Нашата приказна е долга… И се надевам дека еден ден, кога сите заедно ќе бидеме дома, мама ќе ви ја раскаже до крај — со насмевка и солзи радосници во очите.

Накратко… Се родив како здраво и храбро, но мало бебе, заедно со мојата сестра.

И успеавме!

Со многу молитви, солзи, верба и секојдневни патувања од стотици километри, мама и тато доаѓаа само за да ни го шепнат она што ни даваше сила:

„Дада и бато се најубавото нешто на мама и тато.“

Да, пораснавме и во првите недели веќе почнавме да дишеме самостојно. Преживеавме сепса во болница и тогаш мама и тато помислија дека конечно сè ќе биде во ред и ќе си одиме дома.

И да, Мина беше многу силна и успеа, но јас останав!

Кај мене се случи нешто… И не знаеме како, но една опасна бактерија, Псевдомона, ја премина крвно-мозочната бариера и сега живее во ликворот што го штити моето мозоче.

Шест месеци се борам со тешка бактериска инфекција и хидроцефалус. Лекарите се обидуваа да ја стават инфекцијата под контрола со антибиотици и пункции, но таа сè уште не е исчезната. Поради инфекцијата и водичката во моето паметно главче, сè уште ме хранат преку сонда. Од раѓање сум во болница.

Времето минува, Мина расте, а јас сè уште не знам како е да заспијам во моето креветче, да се разбудам дома и мама да е тука до мене.

Знам дека ќе кажете дека сум храбар, знаат и мама, и тато, и дада.

Шест месеци сум во болница. Шест месеци мама и тато се делат меѓу мене и дада Мина. Шест месеци нивниот најголем сон е едноставен — нивните две деца конечно да бидат заедно дома.

Тие не се откажуваат од мене.

И јас ќе се борам и нема да се откажам!

Знам дека заедно ќе успееме да ја исчистиме оваа бактерија и сè да биде во ред, но за тоа ни треба и ВАШАТА ПОМОШ.

Ќе бидам храбар и умен како досега. Мама и тато секој ден ми кажуваат дека сум најхраброто бебе на овој свет.

Сега имаме надеж. Морам да заминам на лекување во Истанбул, Турција, на 12 ноември. Таму ќе се направат дополнителни испитувања и ќе се процени и спроведе потребниот третман за мојата инфекција и хидроцефалус.

Ме очекуваат сложени медицински процедури, вклучително и планирана надворешна дренажа, а понатаму, зависно од состојбата и контролата на инфекцијата, и поставување шант. Никој сè уште не може точно да каже колку долго ќе трае лекувањето и колку време ќе треба да поминам во болница.

Она што го знаеме е дека трошоците се огромни, а само еден ден интензивна нега за мене чини 2.000 евра.

Мама и тато би направиле сè на светот за да ме излечат. Но оваа битка е преголема за да ја извојуваат сами.

Знаете што сонувам секоја вечер?

Сонувам да си одам дома!

Да ја почувствувам мама без болнички мирис, да заспијам во прегратката на тато и да си играм со мојата сестричка Мина.

ВИ БЛАГОДАРАМ за поддршката, помошта, споделувањето и за тоа што сте дел од нашата приказна, која ВЕРУВАМЕ дека ќе има СРЕЌЕН крај.

Со љубов и надеж,

НАЈХРАБРОТО на мама, тато и дада — бебе Михо.

ЗА да донирате за МИХО одете на следниот ЛИНК: https://pavelandreev.org/mk/campaign/jas-sum-miho-imam-samo-6-meseci-i-se-ushte-ne-sum-bil-doma-kaj-mojata-sestrichka?fbclid=IwY2xjawVYEB5leHRuA2FlbQIxMABwZG9mBWJyaWQRMTRQNHFnQ2NMWWtWVGJoempzcnRjBmFwcF9pZBAyMjIwMzkxNzg4MjAwODkyAAEfOcCpw4jZqaurjKwGIVHqkESOWrWnpxOkZah3pM_7UcitU0ny5Kfcww4_coU_aem_61pi2YsVoW5lDfhUyOHtKw

Заводлива приказна, модерен звук и прилепски потпис: Алекса Петрески со нова песна и видео спот „Не ти требам“

Младите музички таленти од Прилеп продолжуваат да ја збогатуваат македонската музичка сцена. Еден од нив е Алекса Петрески, кој ја претстави својата нова песна насловена „Не ти требам“, заедно со официјален видеоспот.

Станува збор за песна со модерен поп-звук, интересна љубовна приказна и стихови кои раскажуваат за една неочекувана средба, привлечноста меѓу двајца луѓе и моментите кога не секогаш сме подготвени да ги препознаеме вистинските чувства.

Музиката е дело на Дејан Трајкоски, текстот го потпишува Весна Малинова, додека аранжманот го изработија Јордан Манов и Дејан Трајкоски. За миксот и мастерингот се погрижи Јордан Манов, а песната е реализирана во „Devil’s Eye Studio“.

Песната доби и свој визуелен приказ. Видеоспотот е режиран, сниман и монтиран од Ѓорѓи Вачев, во продукција на „Vacev Studio“. За фризурата и шминката се погрижи „Ema’s Place“, а во видеото како модел се појавува Нена Тодороска.

Со „Не ти требам“, Алекса Петрески носи нова музичка приказна, во која покрај вокалната интерпретација, важна улога има и целиот креативен тим задолжен за реализацијата на проектот.

Погледнете го видеоспотот за „Не ти требам“ и запознајте се со новата песна на прилепскиот пејач Алекса Петрески!

„Ниту еден денар повеќе“ – Јошевски со лична гаранција за понудата на МИНТ за клиентите на Алта банк

Авансот до плата или пензија ќе биде без камати, без провизии и други трошоци, со враќање во рок од три месеци. Исплатата започнува денес, 4 ноември 2026 година.

„Лично гарантирам.“ Со овие зборови основачот и извршен директор на МИНТ, Никола Јошевски, застана зад понудата на компанијата за граѓаните што примаат плата или пензија во Алта банка. Неговото ветување е конкретно.
Во договорениот тримесечен рок, корисниците ќе го вратат само износот што го позајмиле.

„Ниту еден денар повеќе“, нагласи Јошевски.

МИНТ ја објави понудата како поддршка за граѓаните што се соочуваат со ограничен пристап до сопствените средства. Станува збор за аванс до плата или пензија без камата, провизија или други трошоци, со флексибилно враќање во рок од три месеци и согласно условите за одобрување.

Исплатата започнува денес, 4 ноември 2026 година, и ги опфаќа примателите на плата или пензија во Алта банка во Битола и во другите градови.

Покрај официјалното соопштение, Јошевски објави и личен осврт. Во него, прашањето за помошта го поврзува со одговорноста на компаниите кон луѓето меѓу кои работат и растат.

„Ми се чини дека премногу се навикнавме да зборуваме за бројки, а сè поретко за луѓето зад нив. Како да се оддалечивме едни од други, како туѓата грижа да престана да биде и наша“, напиша тој.

Неговата објава под наслов „Кога можеме, помагаме“ ја пренесуваме во целост.

Кога можеме, помагаме.

Бизнисот бара резултати, профитот овозможува раст, но етичката и моралната одговорност што ја имаме како граѓани нè обврзува да бидеме тука за луѓето кога ним им е тешко.

Ми се чини дека премногу се навикнавме да зборуваме за бројки, а сè поретко за луѓето зад нив. Како да се оддалечивме едни од други, како туѓата грижа да престана да биде и наша. Верувам дека тоа можеме да го промениме, почнувајќи од сопствените постапки.

МИНТ ја создадовме и ја развиваме во Битола. Тука живееме и работиме. Клиентите на Алта банка се и наши сограѓани, соседи, пријатели. Луѓе што ги среќаваме секој ден и чија загриженост ја разбираме.

Кога пристапот до сопствената плата или пензија е ограничен, секојдневните обврски продолжуваат. Храната, лековите и сметките не можат секогаш да чекаат.

Затоа, МИНТ нуди тримесечен кредит за примателите на плата или пензија во Алта банка, без камата, провизија или други трошоци, со флексибилно враќање во рок од три месеци.

Лично гарантирам дека во договорениот тримесечен рок, на секој што ќе ја користи оваа понуда нема да му биде наплатен ниту еден денар за камата, провизија или каков било друг трошок. Го враќа само износот што го позајмил. Ниту еден денар повеќе.

За ова зборуваме јавно за информацијата да стигне до луѓето на кои може да им биде корисна. Колку вреди нашиот потег ќе кажат тие, преку помошта што навистина ја почувствувале.

Понудата е наменета за примателите на плата или пензија во Алта банка во Битола и во другите градови, согласно условите за одобрување. Нашиот тим е достапен за објаснување на износите, потребната документација и начинот на враќање.

За мене, да бидеш дел од една заедница значи да не останеш настрана кога можеш да помогнеш. Компаниите ги водиме ние, луѓето. И одговорноста почнува од нас.

Никола Јошевски

Премиера на „Татко“ на НУ Народен театар Битола за Денот на ослободувањето на градот

Screenshot
Screenshot

Премиера на “Татко“, 12. издание на Битола Шекспир фестивалот и подготовки на претставата „Ни треба пејачка“ за месец ноември во НУ Народен театар Битола

Народниот театар Битола во текот на месец ноември реализира неколку значајни програмски активности, кои имаат особено значење за културниот живот на градот, но и за меѓународната афирмација на македонското театарско творештво.

На 10 и 11 ноември 2026 година, Народниот театар Битола ќе ја има својата најнова премиера – „Татко“ од Август Стриндберг, во режија на Благој Мицевски. Претставата е дел од официјалната програма на Општина Битола по повод одбележувањето на 4 Ноември – Денот на ослободувањето на градот Битола. Со оваа премиерна изведба, театарот дава свој придонес кон одбележувањето на еден од најзначајните датуми во историјата на градот.

Освен режијата, Мицевски стои и зад сценографијата и костимите. Во претставата работена по делото на Август Стриндберг играат: Петар Горко, Катерина Аневска-Дранговска, Сандра Грибовска Илиевска, Никола Пројчевски, Живко Борисовски, Соња Михајлова.

Асистент на режија е Дамјан Димовски, композитор Марјан Нечак, тон Александар Димовски, светло Горан Петровски, суфлер Гордана Михајловска, реквизит Цветан Јовановски, испициент Оливер Петровски.

Се работи за длабоко потресна психолошка драма за распадот на интимноста, осаменоста, недовербата и кревките граници на моќта во семејството. Каде исчезнува љубовта кога меѓусебното разбирање ќе го заменат сомнежот и борбата за надмоќ? И колку далеку може да оди човекот кога ќе се соочи со сопствената ранливост?

Преку ова безвременско драмско дело, режисерот Благој Мицевски ги отвора прашањата за односот меѓу мажот и жената, за семејните односи и за трагедијата на човекот кој постепено го губи тлото под нозете.

Што се случува со човекот кога ќе остари? Кога љубовта ќе се претвори во борба за моќ, а бракот во бојно поле на кое детето станува најневината жртва?

Особено значаен датум за НУ Народен театар Битола е и 14 ноември, кога се одбележуваат 82 години од постоењето на оваа институција. Овој значаен јубилеј ќе биде одбележан со свеченото отворање на 12. издание на Битола Шекспир фестивалот, кој годинава ќе започне со претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, која токму на отворањето на фестивалот ќе ја има својата прва премиерна изведба во матичната куќа.

Годинашното издание на фестивалот ќе го збогатат театарски продукции и учесници од Италија, Ерменија, Соединетите Американски Држави, Романија, Грузија и Малта. Присуството на театри и уметници од шест држави уште еднаш ја потврдува меѓународната позиционираност на Битола Шекспир фестивалот и неговото значење како релевантна меѓународна театарска платформа, која ја поставува Битола на светската театарска мапа. Воедно се подготвува и претставата „Ни треба пејачка“ во режија на Ненад Витанов.

Со овие активности, Народниот театар Битола продолжува да ја исполнува својата мисија во развојот и промоцијата на театарската уметност, негувањето на домашното творештво и воспоставувањето меѓународни културни соработки, истовремено потврдувајќи ја својата улога како значаен културен чинител во земјата и пошироко.

Од утре исплата на средства за клиентите на АЛТА банка без платежни картички во Битола

Од утре, 5 ноември, граѓаните што имаат платежни сметки во Алта банка АД Битола, а немаат платежни картички, ќе може да ги подигнуваат своите средства на шалтерите во главната филијала на банката во Битола, информира Народната банка.

За таа цел, ќе бидат отворени повеќе шалтери на адресата ул. „Добривое Радосављевиќ“ бр. 21, наменети за исплата на готовина, особено за пензионерите и примателите на социјална помош, кои средствата ги добиваат преку сметки во банката.

Граѓаните ќе може да подигнат најмногу 20.000 денари, колку што изнесува максималниот дозволен износ за повлекување во период од две недели.

Од 6 ноември, вклучително и в сабота, 7 ноември, филијалата ќе работи во две смени, со цел да се опслужат што поголем број клиенти.

Исплатата ќе се врши во текот на повеќе денови, според однапред утврден распоред. Граѓаните ќе добијат СМС-порака со информација за денот и часот кога треба да дојдат во филијалата.

Народната банка апелира граѓаните да се придржуваат до добиените термини и да не доаѓаат во филијалата пред определеното време или во деновите кога не се повикани за да се избегнат метеж и подолго чекање. За оние кои нема да можат да дојдат во закажаниот термин, ќе бидат обезбедени дополнителни термини.

Шалтерите ќе бидат наменети исклучиво за подигање готовина и нема да се вршат други видови трансакции.

Во тек се и подготовките за отворање шалтери за пензионерите и примателите на социјална помош во други градови во земјата, за што Народната банка дополнително ќе информира.

Kривична пријава за тројца прилепчани, извршиле тешка кражба во стан

-СВР Битола, до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против И.В.(37), Н.Х.(30) и З.Д.(36), сите од Прилеп. Тие се сомничат дека на 02.11.2026 околу 11:30 часот извршиле „тешка кражба“ во стан на ул.„Карпош“ во Битола, сопственост на С.В.(49) од Битола, при што одзеле повеќе парчиња сребрен и друг накит. По преземени мерки и активности, И.В. и Н.Х. се пронајдени и лишени од слобода и се преземаат мерки за пронаоѓање на З.Д. СВР Битола, во координација со Единицата за насилен криминалитет при БЈБ преземаат мерки за откривање и расчистување на други вакви кривични дела.

Битола отвори три соби на својата меморија во чест на Александар Стерјовски

Во рамките на четвртоноемвриската програма на Општина Битола и Културниот и информативен центар насловена „Сите бои на сеќавањето”, Битола од вечерва добива три соби на својата меморија во чест на Александар Стерјовски.
Се работи за Музичка соба, Градска соба и Соба посветена на историјата на Офицерскиот дом.

Трите соби отвораат три тематски погледи кон Битола. Музичката соба е посветена на музичкиот живот на градот, Градската соба на неговата историја, а третата на минатото на самиот Офицерски дом. Заедно, тие создаваат повод посетителите повторно да се заинтересираат за средината во која живеат, за нејзините културни навики и за местата покрај кои секојдневно поминуваат.

На свеченоста присуствуваше градоначалникот на Битола Тони Коњановски, претседателот на Советот Бојан Бојкоски, секретарот на Општина Битола Борче Димитровски, советници, гости од збратимените градови и многу наши сограѓани.
Пред присутните се обратија директорот на КИЦ Димитар Михајловски и градоначалникот на Битола.

„Еден град се памети и по начинот на кој живеел. По музиката што се слушала во неговите салони, по луѓето што ги исполнувале улиците, по зградите во кои се среќавале различни генерации. За многу од тие страници на битолскиот живот денес можеме да навлеземе подлабоко, благодарение на професорот Александар Стерјовски, кој со децении ја истражуваше, запишуваше и толкуваше историјата на својот роден град. Во пресрет на празникот, отворањето на овие простори го насочува вниманието кон културната меморија и кон луѓето чија работа овозможила таа да остане достапна за следните генерации“ рече во своеото обраќање градоначачалникот на Битола Тони Коњановски.

Отворањето на трите спомен соби е признание за таа посветеност и можност неговото дело да добие нова публика, но и дополнителни насоки во денешнината, во рамките на одбележувањето на 4 Ноември, Битола се навраќа на сопственото минато со поглед кон оние што допрва ќе го откриваат.

Најдобрата чорба во Прилеп отсега ќе ве чека уште од 06:30 часот наутро! Beer ti & ja со ново работно време

Студените зимски утра се многу попријатни кога денот ќе го започнете со топла, вкусна и тазе приготвена чорба. А кога станува збор за чорба, во Прилеп одамна се знае каде се оди, во ресторанот Beer ti & ja!

Од понеделник (09.11.), ресторанот воведува ново работно време и ќе биде отворен секој ден од 06:30 часот наутро до 21:30 часот навечер. Тоа значи дека сите љубители на добрата чорба ќе можат да уживаат во својот омилен специјалитет уште од раните утрински часови, пред работните обврски или едноставно како најдобар почеток на денот.

А дека чорбата во Beer ti & ja е приказна сама за себе, добро знаат редовните гости. Уште од самото отворање, таа стана еден од најпрепознатливите гастрономски белези на ресторанот, а многумина веќе ја сметаат за број еден во градот. Подготвена со квалитетни свежи состојки и многу внимание, таа одамна го доби статусот на вистински бренд меѓу прилепските љубители на чорба.

Покрај чорбите, во Beer ti & ja ве очекуваат и вкусна прилепска скара, гулаш кој се крчка со часови, печена коленица, прочуениот прилепски ширден и уште многу специјалитети од богатата традиционална кујна.

Ресторанот се наоѓа на самиот влез во Прилеп, од страната на Скопје, во близина на Макпетрол, со обезбеден простран паркинг.

Од понеделник, 9 ноември, запомнете го новото работно време: од 06:30 до 21:30 часот!

Зимата доаѓа, утрата ќе бидат студени, но во Beer ti & ja веќе ве чека топла чорба. Добар апетит!

Tрадиционална ноќна атлетска трка низ Широк Сокак за Денот на ослободувањето на Битола

Вчерва низ битолски Широк Сокак, a во рамките на програмата за одбележување на Денот на ослободувањето на Битола се одржа традиционалната ноќна атлетска трка по 68 пат.

Организатор на трката е Општинскиот сојуз на спортови заедно со Општина Битола, а на неа зедоа учество околу 600 учесници.

Aтлетската патека ја трчаа ученици од 4 одделение до средношколци до 4 година, како и студенти и граѓани.
Учениците учесници на трката се најдобрите тројца од секое училиште кои доаѓаат во соодветната категорија.
Најбрзите беа наградени со дипломи и медали, а им ги врачија градоначалникот на Битола Тони Коњановски и претседателот на Советот Бојан Бојкоски.

Организаторот на трката вели дека ова е празник на младоста во градот, а симболиката е што се организира вечерта пред денот кога Битола била ослободена на 4 ноември 1944 година.