дома блог страница 12

Димитар Димитриоски со Третоноемвриско признание – Прилеп му оддаде почит на својот ракометен капитен и најдобар стрелец во Суперлигата!

Прилеп уште еднаш ги препозна и награди спортските успеси на своите сограѓани. На свечената седница на Советот на Општина Прилеп, одржана на 3 Ноември, по повод Денот на ослободувањето на градот, Третоноемвриско признание доби Димитар Димитриоски, капитенот на РК Прилеп и еден од најуспешните прилепски ракометари.

Признанието доаѓа како потврда за неговите одлични настапи и индивидуални достигнувања, особено во изминатата натпреварувачка сезона, во која Димитриоски беше најдобар стрелец во македонската ракометна Суперлига.

Со вкупно 212 постигнати погодоци, прилепскиот ракометар ја заврши сезоната на врвот на листата на стрелци, покажувајќи ја својата голгетерска ефикасност и континуитет во настапите. Успехот добива дополнителна тежина ако се земе предвид дека Димитриоски настапува за клубот од својот роден град, каде што денес ја носи и капитенската лента.

Неговата ракометна приказна е исполнета со значајни искуства. Во кариерата го носеше дресот на Металург и Вардар, настапуваше и за Еурофарм Пелистер 2, а три сезони мина и во шпанскиот ракометен шампионат, како член на Ваљадолид.

По интернационалното искуство, Димитриоски се врати во родниот Прилеп, каде што продолжи да го гради својот спортски пат, овојпат како капитен на РК Прилеп и еден од предводниците на тимот.

Третоноемвриското признание е уште едно значајно признание за неговиот досегашен труд, посветеност и резултати, но и убав момент за прилепскиот спорт. Успехот на Димитриоски е пример дека прилепските спортски имиња можат да се истакнат и на домашната и на меѓународната сцена, а потоа своето искуство и квалитет да ги вложат во клубот и градот од кој потекнуваат.

Честитки за заслуженото признание, капитене!

Министерство за транспорт: ДУИ и СДСМ ги уништија јавните претпријатија MЖ транспорт и инфраструктура, го повикуваме јавното обвинителство да постапи по ревизорските извештаи

Два ревизорски извештаи за работењето на јавните претпријатија „Македонски железници – Транспорт“ и „Македонски железници – Инфраструктура“, кои се однесуваат на периодот до 2024 година, откриле сериозни аномалии и проблеми во нивното работење. Од Министерството за транспорт обвинуваат дека претходните раководства, назначени од СДСМ и ДУИ, ги игнорирале клучните проблеми и ги довеле двете претпријатија на работ на пропаст.

Оттаму бараат Јавното обвинителство и надлежните институции да постапат по наодите на Државниот завод за ревизија.

Во продолжение интегралното соопштение од Министерството за транспорт:

Двете јавни претпријатија Македонски железници транспорт и Македонски железници инфраструктура ги примија двата ревизорски извештаи за периодот во кој со претпријатијата раководеа кадрите на СДСМ и ДУИ. Во ревизорските извештаи, кои се изготвени на барање на актуелните раководства, се нотирани клучни проблеми, за кои веќе се преземени мерки.

Сметаме дека врз основа на аномалиите кои се нотирани во извештаите и клучните проблеми кои биле игнорирани од претходните раководства, јавните претпријатија биле доведени на работ на пропаст и целосно уништување.

Како Министерство апелираме Јавното обвинителство и надлежните институции да ги проверат наодите на Државниот завод за ревизија. Државниот завод за ревизија по службена должност треба да ги испрати извештаите до надлежните институции, а истите во целост ќе бидат испратени до Јавното обвинителство и апелираме да постапи по овие извештаи.

Извештаите за двете јавни претпријатија, Македонски железници инфраструктура и Македонски железници транспорт, се однесуваат на работењето до 2024 година, а извршена е ревизија на финансиските извештаи, заедно со ревизија на усогласеноста на јавните претпријатија.

Зајкова по трагедијата во Богданци: „Со одбивањето на електронската нараквица убивте уште една жена“

Претседателката на Либерално-демократската партија и пратеничка, Моника Зајкова, остро реагираше по трагедијата во Богданци, обвинувајќи го владејачкото мнозинство дека нема волја да воведе дополнителни механизми за заштита на жртвите на семејно насилство.

Зајкова посочува дека 17-годишната Билјана претходно пријавувала насилство и смртни закани, а сепак не успеала да добие соодветна заштита.

Таа ја отвори дилемата како постапуваат институциите кога една девојка ќе пријави дека нејзиниот живот е загрозен и зошто не се преземаат дополнителни мерки за спречување на вакви трагедии.

Од ЛДП потсетуваат дека во изминатата година двапати поднеле предлог во Собранието за воведување електронски нараквици за сторителите на семејно насилство. Според предлогот, со оваа мерка би се следело движењето на насилниците, а жртвите и надлежните служби навремено би добивале известување доколку сторителот ја прекрши судската забрана за приближување.

Зајкова бара најстрога казна за сторителите, но и утврдување одговорност кај сите институции и лица кои евентуално не постапиле соодветно и можеле да придонесат за спречување на трагедијата.

ЛДП бара целосно расчистување на случајот во Богданци, проверка на постапувањето на надлежните институции и утврдување одговорност доколку се констатираат пропусти.

„Уште колку Ивани, Росици и Билјани треба да ни се случат за конечно институциите да почнат да функционираат и да ги заштитат оние на кои заштитата им е најпотребна?“, прашува Зајкова, повикувајќи на конкретни мерки наместо декларативни заложби за заштита на жените.

Третоноемвриско признание за прилепскиот гимназијалец Никола Здравески, кој освои злато и сребро на Светската олимпијада по геонауки!

Прилеп има уште една причина да се гордее со своите млади таленти! Гимназијалецот Никола Здравески, ученик во Гимназијата „Мирче Ацев“, е добитник на Третоноемвриско признание по повод Денот на ослободувањето на Прилеп – 3 Ноември, како признание за неговите извонредни достигнувања на меѓународната сцена и освоените златен и сребрен медал на XIX Меѓународна олимпијада по геонауки (IESO 2026), одржана во Торино, Италија.

Никола беше дел од македонскиот национален тим кој од 20 до 27 август се натпреваруваше со 160 средношколци од 40 држави, а неговиот резултат е навистина импресивен. Тој освои златен медал во категоријата „Earth System Project (ESP)“, за истражување на системот на Земјата во меѓународни тимови, и сребрен медал во категоријата „International Field Team Investigation (IFTI)“, за теренско истражување во меѓународни тимови.

До овој голем меѓународен успех, прилепскиот гимназијалец стигна преку посветена работа и одлични резултати на претходните натпреварувања, меѓу кои третото место на Државниот натпревар по географија, учеството на Европското првенство и високиот пласман на селекциониот натпревар. Негов ментор е професорката по географија Александра Ристеска.

Успехот на Никола е уште една потврда за квалитетот на младите ученици од Гимназијата „Мирче Ацев“, која и претходно имаше свој претставник на ова престижно натпреварување. Во 2024 година, гимназијалката Ивана Атанасоска на Олимпијадата по геонауки во Пекинг, Кина, освои два бронзени медала.

Инаку, македонскиот национален тим на овогодинешната олимпијада во Торино оствари извонреден колективен резултат, враќајќи се со вкупно девет медали. Покрај Никола Здравески, златен и бронзен медал освои Стефанија Димовска од Битола, Трајче Шатков од Кавадарци освои три бронзени медали, а Борче Кузманоски од Ресен освои два бронзени медали.

Македонската делегација беше предводена од д-р Горан Китевски, вонреден професор на Институтот за географија при ПМФ и претседател на Македонското географско друштво, и д-р Ивица Милевски, редовен професор на истиот институт.

Со освоените два медала на светско ниво и добиеното Третоноемвриско признание, Никола Здравески испиша уште една убава страница во успешната приказна на прилепската гимназија. Тој е пример дека знаењето, талентот, упорноста и посветеноста на младите можат да донесат резултати со кои се гордеат не само училиштето и градот, туку и целата држава.

Честитки за Никола и неговата менторка Александра Ристеска за успехот со кој Прилеп доби уште една причина да биде горд на своите млади генерации!

Vincinni го освојува светот: Макпрогрес со своите производи беше дел од големиот меѓународен саем Super Minas 2026 во Бразил

Македонскиот квалитет сè почесто го наоѓа своето место на светската деловна мапа. Уште една потврда за тоа е учеството на компанијата Макпрогрес, заедно со својот препознатлив бренд Vincinni, на Super Minas 2026, еден од значајните меѓународни саемски настани во прехранбената и трговската индустрија, кој се одржа во Бразил.

Настапот на овој престижен саем претставуваше одлична можност за меѓународна презентација на компанијата, нејзините производствени капацитети и разновидниот асортиман на производи, но и за воспоставување и зајакнување на деловните контакти со партнери и претставници од меѓународната прехранбена индустрија.

Преку брендот Vincinni, Макпрогрес пред меѓународната публика го претстави квалитетот, разновидноста и посветеноста што стојат зад производите кои се создаваат во Македонија. Учеството на вакви меѓународни настани е значаен чекор во градењето на препознатливоста на домашните брендови и отворањето нови можности за нивно позиционирање на глобалните пазари.

Од компанијата упатија благодарност до деловните партнери за довербата, соработката и поддршката, потенцирајќи дека токму силните партнерства се важен дел од досегашните успеси и мотив за нови деловни достигнувања.

Со ваквите настапи, Макпрогрес продолжува да ги развива своите брендови и да го претставува македонското производство пред потрошувачите и деловната јавност ширум светот, потврдувајќи дека квалитетот создаден во Македонија има свое место и на најголемите меѓународни пазари.

Битола ги додели четвртоноемвриските награди: Актерката Соња Михајлова е добитничка на наградата за животно дело

По повод 4 Ноември – Денот на ослободувањето на Битола, вечерва во Центарот за култура се одржа свечена академија на која беа доделени традиционалните четвртоноемвриски награди за 2026 година. Со признанија за своите достигнувања во областа на науката, здравството и спортот беа наградени тројца битолчани, додека наградата за животно дело ѝ припадна на истакнатата актерка и првенка на Народниот театар Битола, Соња Михајлова.

На свеченоста, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, потсети на историското значење на 4 Ноември 1944 година, нагласувајќи дека денот на ослободувањето засекогаш останува дел од колективната меморија на градот и неговите жители.

Тој истакна дека слободата стекната пред 82 години претставува обврска за зачувување на историските, културните и духовните вредности на Битола, но и мотив за нејзин понатамошен развој и напредок.

„Наша должност е да се погрижиме жртвите на нашите предци никогаш да не се заборават, а лекциите од историјата да нè водат во нашата потрага по подобро утре“, порача Коњановски.

Добитниците на овогодинешните признанија ги соопшти претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, кој нагласи дека локалната самоуправа продолжува да работи на подобрување на условите за живот, создавање нови можности и развој на градот.

Овогодинешни добитници на наградата „4 Ноември“ за едногодишни достигнувања се:

Д-р Горан Илиќ – редовен професор на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проректор за наука и главен и одговорен уредник на меѓународното научно списание „Journal of Liberty and International Affairs“. Награден е за својот придонес во науката, развојот на универзитетот и меѓународната афирмација на Битола.

Д-р Маргарита Камбовска – доктор по медицина, специјалист по педијатрија и субспецијалист по неонатологија, предложена од болницата „Плодност“. Признанието го добива за долгогодишната посветена работа и значајниот придонес во унапредувањето на здравствената грижа за новороденчињата и децата.

Кире Марков – аматерски учител по пливање и скијање, предложен од група граѓани. Оваа година одбележува 60 години активно занимавање со спортот, а награден е за неговиот долгогодишен придонес во спортското воспитување и обучувањето на младите генерации.

Наградите за едногодишни достигнувања се состојат од диплома и паричен износ од 15.000 денари.

Наградата „4 Ноември“ за животно дело за 2026 година ѝ припадна на Соња Михајлова, актерка која цели 42 години остава значаен белег во македонската драмска уметност, од кои повеќе од три децении на сцената на Народниот театар во Битола.

Михајлова е препознаена по својата богата актерска кариера, суптилниот емоционален сензибилитет и впечатливите сценски остварувања. Во текот на кариерата реализирала повеќе од 150 улоги на матичната сцена, со бројни гостувања во земјата и странство.

Нејзиниот уметнички опус е потврден со бројни награди и признанија, меѓу кои и наградата за животно дело на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, како и признанија на фестивалите „Ристо Шишков“, „Стоби“ и „Охридско лето“.

Пошироката публика ја препознава и по нејзините улоги во телевизиските и филмските проекти „Бушава азбука“, „До балчак“, „Кајмак“ и други остварувања.

Покрај актерските достигнувања, Михајлова оставила значаен придонес и преку поддршката и менторството на помладите генерации актери, со што станува дел од театарската историја и културниот идентитет на Битола.

За животно дело, наградата се доделува во вид на плакета и паричен износ од 60.000 денари.

Во име на сите наградени, на свечената академија се обрати актерката Соња Михајлова, која се заблагодари за признанието.

Со доделувањето на четвртоноемвриските награди, Битола уште еднаш им оддаде почит на луѓето кои со својата работа, знаење, талент и посветеност придонесуваат за развојот и афирмацијата на градот.

Maкедонија го торпедираше Луксембург, капитенот Кузмановски презадоволен од играта

Репрезентацијата на Македонијаго победи Луксембург (41-23) во првиот меч кој се одигра во Скопје во квалификациите за ЕП во 2028 година.

Капитенот Филип Кузмановски беше задоволен од целиот пристап на екипата.

„Како што кажав пред почетокот на двата меча, мислам дека тие ни се многу важни. Имавме задачи како треба да се однесуваме и да ги искористиме грешките на противникот.

Поголемиот фокус ни беше на мечот со Грција сите кои играа со Луксембург го дадоа максимумот. Влеговме во добра ротација, немаме замор. Имаме уште три дена да се спремиме за мечот со Грција, среќен сум за тимот.

Така треба да изледа Македонија на терен, тоа е модерен ракомет, добра одбрана, брза транзиција и како што кажав, овој тим ветува. Одиме чекор по чекор да се надградуваме и да одиме понатаму со самодоверба. Мислам дека имаме квалитет да покажеме уште повеќе во иднина“, изјави Кузмановски.

Облачно време со локален дожд, викендов температури под нулата

Времето денеска низ земјава ќе биде променливо облачно, во источните делови ќе има услови за слаб локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималните температури ќе бидат во интервал од 3 до 9, а максималните ќе достигнат од 8 до 15 степени.

Во Скопје ќе се задржи променливо облачно со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне 14 степени.

До недела ќе се задржи стабилно време со сончеви периоди. За време на викендот утринската температура наместа ќе се спушти под нулата, а по одделни котлини ќе има појава на утринска магла.

Во почетокот на следната седмица ќе има услови за слаб локален дожд.

По 18 години работа, германскиот „Дракслмајер“ ја затвора фабриката во Србија – без работа остануваат околу 1.100 вработени

По 18 години работење, компанијата „Дракслмајер“ (Draexlmaier) донела одлука за затворање на својот производствен погон во Зрењанин, Србија.

И покрај обидите да се обезбеди нов проект и да се продолжи производството, компанијата не успеала да најде одржливо решение поради големите нарушувања во европската автомобилска индустрија, намалувањето на пазарот и сè посилната конкуренција.

Според планот на менаџментот, околу 1.100 вработени ќе ја напуштат компанијата до крајот на јануари 2027 година. Покрај законски предвидените отпремнини, работниците ќе добијат и дополнителни 385 евра за секоја година работен стаж, на товар на работодавачот.

Целосното затворање на производствениот погон е планирано за март 2027 година, кога и преостанатите вработени би требало да го завршат својот работен ангажман.

Од менаџментот изразиле надеж дека евентуалното закрепнување на автомобилската индустрија во иднина би можело да отвори можност компанијата повторно да се врати во Зрењанин. Притоа, посебно го истакнале квалитетот и стручноста на домашните работници, како и добрата соработка со Република Србија и Градот Зрењанин во текот на сите години работење.

Затворањето на фабриката по речиси две децении претставува значајна промена за Зрењанин и сериозен удар за околу 1.100 работници и нивните семејства.

Инаку, „Дракслмајер“ е присутен и во Македонија, каде што има производствен капацитет во Кавадарци, во кој работат неколку илјади луѓе. Компанијата е еден од позначајните работодавачи во овој регион, па веста за затворањето на погонот во Србија неизбежно го отвора прашањето за состојбите и предизвиците со кои се соочува автомобилската индустрија во Европа.

По Отчетот и деновите на масовна прослава, СДСМ побара седница за советнички прашања со присуство на градоначалникот

Советниците од опозицијата во Советот на Општина Прилеп поднесоа официјално барање за свикување посебна седница на која ќе можат да поставуваат советнички прашања до градоначалникот Дејан Проданоски и општинската администрација.

Барањето е поднесено до претседателката на Советот, Билјана Кржеска, а зад него стојат советниците на СДСМ, заедно со уште четворица советници од опозициските редови. На дневниот ред на бараната седница е предвидена само една точка – поставување советнички прашања до градоначалникот и општинската администрација.

Од опозицијата се повикуваат на член 43 став 2 од Законот за локалната самоуправа, кој им дава законско право на советниците да поставуваат прашања до градоначалникот, како и на Годишната програма за работа на Советот на Општина Прилеп, со која е предвидено на секои три месеци да се одржува посебна седница посветена на советнички прашања.

Според нив, и покрај оваа обврска, досега е одржана само една ваква седница, а претседателката на Советот континуирано одбива да свика нова. Опозициските советници сметаат дека на овој начин им се оневозможува вршењето на нивната советничка функција и демократскиот надзор над работата на извршната власт во општината.

Во барањето се повикуваат и на член 39 од Законот за локалната самоуправа, според кој претседателката на Советот е должна да ја свика седницата во рок од 15 дена од поднесувањето на барањето.

Доколку тоа не се случи во предвидениот рок, подносителите најавуваат дека ќе го искористат законското право самостојно да се состанат, да изберат претседавач и да ја одржат седницата согласно законската постапка.

Останува да се види дали и кога ќе биде закажана бараната седница, на која опозициските советници ќе имаат можност директно да му постават прашања на градоначалникот Проданоски за работата на локалната самоуправа.