дома блог страница 121

Прилепскиот Вранец освои ЗЛАТЕН МЕДАЛ во светската винска колевка Бордо

Прилепското вино „Вранец со волк“ продолжува да ги освојува највисоките признанија на престижните меѓународни вински натпревари, потврдувајќи го својот врвен квалитет и место меѓу најдобрите вина во светот.

По успесите во Брисел, Дизелдорф и Белград, овојпат прилепскиот Вранец се закити со златен медал во Бордо – град кој со право се смета за светска престолнина на виното и еден од најзначајните центри на винската индустрија.

Наградата е освоена во исклучително престижната категорија на вина со вредност над 50 евра, каде што се натпреваруваат врвни етикети од најпознатите вински региони во светот. Во силна меѓународна конкуренција, „Вранец со волк“ уште еднаш го потврди својот автентичен карактер, висок квалитет и препознатлив вкус.

„По Брисел, Дизелдорф и Белград, нашиот Вранец со волк освои уште едно меѓународно признание – златен медал во Бордо. Во категоријата на вина над 50 евра, прилепскиот Вранец повторно го потврди својот квалитет на светската сцена“, објави Гоце Станоески.

Овој успех претставува уште една значајна потврда за квалитетот на македонското винарство, но и силна промоција на Прилеп како регион кој создава вина способни рамноправно да се натпреваруваат со најреномираните светски вински брендови. Освоеното злато во Бордо е признание не само за производителите, туку и за богатата винска традиција и потенцијал што ги поседува Македонија.

Над 60 ученици се фатени како препишувале на државната матура

Шеесеттина матуранти се фатени како препишувале на државната матура. Ваква е статистиката по само двата екстерни испити – странски јазик и полагањето на мајчин јазик. Најголемиот дел од нив употребиле мобилен телефон којшто е најстрого забранет за време на полагањето на тестовите.

„Оваа година за разлика од минатите каде имавме огромен број на ученици млади во Вибер групи и во телеграм групи, всушност од испитот се отстранети само двата дела и првиот и вториот само 60-тина ученици што значи имаме одличен напредок“, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Тој што решил да препишува, ќе си ги сноси последиците.

„Значи децата кои препишуваат и не го нарушуваат редот имаат можност да полагаат во првата сесија, а тоа е во августовската сесија. Секој еден ученик кој се спротивставувал и правел некаков неред во просторијата и додека му било укажано да го остави телефонот и да го остави текстот затоа што за него полагањето е завршено и реагирал малку бурно и го реметел процесот, нема да може да полага оваа сесија августовска, значи ќе чека догодина“, изјави Даниела Јовчевска Михајловска, директорка на ДИЦ.

Лани 172 деца беа фатени како препишуваат од вкупно 15.003 матуранти. Преходните години состојбите беа уште покатастрофални бидејќи беа формирани Вибер групи од кои матурантите масовно препишуваа. Оваа година за првпат се полагаше три вида матура, државна, државна стручно и државна уметничка.

Учениците имаат уште два предизвици – треба да полагаат и два интерни предмети.

УЖАС! Прилепчанка го трескала од земја тримесечното бебе на улица во Тетово

Тетовската полиција ја уапси В.М.(42) од Прилеп затоа што го удирала од асфалт своето тримесечно бебе. Случајни минувачи ја виделе и ѝ го одзеле бебето, па викнале полиција.

„На 14.6.2026 година во 17:20 часот во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово ја лишија од слобода В.М.(42) од Прилеп, со престој во Тетово, а во 18:30 часот во село Сараќино, тетовско, полициски службеници од Полициското одделение Групчин го лишија од слобода Б.С.(37) од истото село. Претходно, во 16 часот во СВР Тетово било пријавено дека околу 15:30 часот В.М. била забележана како физички го малтретира и го удира во асфалт своето тримесечно бебе. Лицата што го забележале тоа, ѝ го одземале детето и го пријавиле случајот“, соопшти полицијата.

За настанот е известен социјален работник и инспектор за малолетници, се додава во соопштението.

„Двете лица се задржани во полициска станица и по документирање на случајот против нив ќе следува соодветна пријава“, соопшти полицијата.

Со голем народен собир на стадионот “Младост” во Струмица, ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе прослави 36 години од формирањето на партијата

Денеска ВМРО-ДПМНЕ одбележува 36 години.

По тој повод голем народен собир ќе се одржи на стадионот „Младост“ во Струмица од 20 часот.

Пораката на прославата е „Македонија забрзува. Наша обврска“.

Оваа порака ја истакнува посветеноста на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, институциите и на граѓаните за забрзување на реформите за да се надминат застоите од минатото и заеднички да се изгради просперитетна Македонија.

Кривична и притвор за прилепчанец кој му го запалил возилото на свој сограѓанин

ОВР Прилеп, до Основното јавно обвинителство Прилеп, поднесе кривична пријава против Д.В.(34) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“, информираат од МВР.

На 02.06.2026, пријавениот со запалива течност предизвикал пожар на патничко возило „мазда“ сопственост на М.А.(48) од Прилеп, при што возилото било делумно опожарено.

Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Прилеп, а по преземени мерки тој бил пронајден и лишен од слобода.

Од судија на претходна постапка на Д.В. му е определена мерка притвор и е спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Битола за издржување на мерката.

ВИДЕОЛОТАРИЈА ЈА РЕАЛИЗИРАШЕ ТРАДИЦИОНАЛНАТА КРВОДАРИТЕЛНА АКЦИЈА

Во очи на Светскиот ден на крводарителите, Видеолотарија Касинос Австрија ја продолжи својата хумана мисија, реализирајќи ја 26-тата крводарителна акција. Акцијата се одржа во просториите на Институтот за трансфузиона медицина во Скопје.

Крводарителната акција прерасна во убава и препознатлива традиција што ја негува колективот на Видеолотарија Касинос Австрија, при што голем дел од вработените и индивидуално учествуваат и поддржуваат хумани иницијативи. Со ова, компанијата активно придонесува кон спасување човечки животи и кон промоција на културата на солидарност и хуманост.

Придобивките од крводарувањето се повеќекратни. Освен што директно се спасуваат човечки животи, со дарувањето крв се поттикнува и обновување и регенерација на организмот. Дополнително, лицата кои десет пати доброволно ќе даруваат крв, остваруваат право на бесплатно лекување.

На 14 јуни светот го одбележува Светскиот ден на крводарителите, датум избран по повод раѓањето на Карл Ландштајнер, научникот без кого модерната медицина не би постоела. Во 1900 и 1901 година, Ландштајнер спровел систематски испитувања на серуми и успеал да ги идентификува крвните групи А, Б и 0, откривајќи дека трансфузијата помеѓу неспоиви крвни групи предизвикува хемолиза, односно уривање на еритроцитите. Подоцна тој и неговите соработници го открија и резус-факторот (Rh), со кој системот на класификација станал комплетен. За ова откритие, Ландштајнер во 1930 година ја добил Нобеловата награда за медицина, а денес се смета за таткото на трансфузиологијата. Светскиот ден во негова чест се одбележува од 14 јуни 2004 година.

Пример за цела Македонија: Општина Новаци ги испрати сите основци на бесплатен одмор во “Молика” на Пелистер

По долг период на прекин, повторно се враќа една од најубавите традиции за учениците од Општина Новаци – „Зелените денови“ на Пелистер. Благодарение на заложбите на Општина Новаци и градоначалникот Стевче Стевановски, како и на соработката со АД ЕСМ, РЕК Битола и ЕСМ Молика ДООЕЛ Битола, годинава 150 ученици од ЦОУ „Славко Лумбарковски“ ќе имаат можност бесплатно да престојуваат во хотелот „Молика“ на Пелистер.

Учениците од прво до деветто одделение ќе уживаат во чистиот планински воздух, дружењето со своите врсници и бројни активности во природа, создавајќи спомени кои ќе ги паметат цел живот.

Денеска градоначалникот Стевановски ја испрати првата група од 75 ученици, посакувајќи им убав престој, многу нови пријателства и незаборавни моменти на Пелистер. Втората група ученици во наредниот период ќе замине на планината.

Од Општина Новаци истакнуваат дека враќањето на оваа традиција претставува значаен чекор за младите генерации, бидејќи овозможува здрав развој, едукација и социјализација во природна средина.

Директорот на Термоелектрани при РЕК Битола, Никола Кузмановски, нагласи дека е чест повторно да се продолжи оваа долгогодишна пракса, при што фокусот и понатаму ќе биде ставен на младите, нивното здравје, образование, дружење и градење вистински морални вредности.

Оваа иницијатива уште еднаш покажува дека кога локалната самоуправа, јавните претпријатија и општествено одговорните компании работат заедно, резултатите се во интерес на децата и идните генерации. Враќањето на „Зелените денови“ на Пелистер буди убави спомени кај многу генерации ученици од Новаци, а воедно создава нови за сегашните и идните ученици.

Ристески: Од следната недела грантови за сопствен бизнис, младите можат да добијат и до 20.000 евра

Оперативниот план за вработување за 2026 година стана активен откако доби одобрение од Комисијата за заштита на конкуренцијата. Планот е вреден 40 милиони евра, а средствата од помалку атрактивните мерки се пренасочени кон мерките за самовработување и вработување на невработени лица.

Новина е што право на аплицирање ќе имаат лица со најмалку средно образование, а за првпат се опфатени и младите повратници од странство, кои ќе добиваат 10 проценти повисоки грантови. Од Министерството за економија и труд очекуваат преку мерките годинава да се вработат меѓу 5.500 и 6.000 лица, а јавниот повик ќе биде објавен следната недела.

„Грантовите за лица за отворање на сопствен бизнис до 29 години изнесуваат до 10.000 евра помош, додека за лица над 29 години помошта изнесува 7.000 евра. Доколку се здружат 2 лица во друштво со ограничена одговорност тогаш помошта за младите до 29 години би била до 20.000 евра, а за лица над 29 години до 14.000 евра, или доколку се комбинирани лица до 29 години и над 29 години тогаш помошта со здружување би била 17.000 евра. За лица до 29 години предвидени се субвенции на правните субјекти до 250.000 денари, за лица со попреченост до 220.000 денари, а за лица над 29 години доколку ги вработат ќе имаат помош од 160.000 денари“, изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд.

Ристески информираше дека годинава за прв пат со мерките се опфатени и иселениците.

„Во овие две најатрактивни мерки оваа година ќе можат да учествуваат само лица кои имаат завршено средно образование. Исто така за прв пат се опфатени и иселениците кои ќе можат да ги користат сите овие грантови предвидени во овие 2 мерки, плус 10% од самиот грант. На пример доколку се лица до 29 години, тогаш би можеле да искористат помош од 10.000 евра плус за повратници 10%, односно 11.000 евра. Исто е и со другите мерки кои ги спомнав претходно“, додаде Ристески.

Вработен на шалтер во прилепската болница му ја фотографирал картичката на пациент, а потоа си пазарел на Интернет

-СВР Битола поднесе кривична пријава против И.С.(40) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ и „злоупотреба на лични податоци“. На 13.10.2025, пријавениот како административен службеник на шалтер за наплата во ЈЗУ Општа болница Прилеп фотографирал дебитна платежна картичка на едно лице од Прилеп и во периодот од 26.10.2025 до 19.02.2026 извршил 71 интернет трансакција со вкупна сума од 90.174 денари, информираат од МВР.

Се судрија два мопеди на ул. “Егејска” во Прилеп – еден од возачите заврши со тешки повpeди

-На 15.06.2026 во 08:20 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека на ул.„Егејска“ во Прилеп се случила сообраќајна несреќа помеѓу мопед со прилепски регистарски ознаки, управуван од В.И.(46) од Прилеп и мопед управуван од Г.М.(55) од Прилеп. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот В.И., констатирани во Градска болница Прилеп. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Прилеп, информираат од МВР.