По долг период на прекин, повторно се враќа една од најубавите традиции за учениците од Општина Новаци – „Зелените денови“ на Пелистер. Благодарение на заложбите на Општина Новаци и градоначалникот Стевче Стевановски, како и на соработката со АД ЕСМ, РЕК Битола и ЕСМ Молика ДООЕЛ Битола, годинава 150 ученици од ЦОУ „Славко Лумбарковски“ ќе имаат можност бесплатно да престојуваат во хотелот „Молика“ на Пелистер.
Учениците од прво до деветто одделение ќе уживаат во чистиот планински воздух, дружењето со своите врсници и бројни активности во природа, создавајќи спомени кои ќе ги паметат цел живот.
Денеска градоначалникот Стевановски ја испрати првата група од 75 ученици, посакувајќи им убав престој, многу нови пријателства и незаборавни моменти на Пелистер. Втората група ученици во наредниот период ќе замине на планината.
Од Општина Новаци истакнуваат дека враќањето на оваа традиција претставува значаен чекор за младите генерации, бидејќи овозможува здрав развој, едукација и социјализација во природна средина.
Директорот на Термоелектрани при РЕК Битола, Никола Кузмановски, нагласи дека е чест повторно да се продолжи оваа долгогодишна пракса, при што фокусот и понатаму ќе биде ставен на младите, нивното здравје, образование, дружење и градење вистински морални вредности.
Оваа иницијатива уште еднаш покажува дека кога локалната самоуправа, јавните претпријатија и општествено одговорните компании работат заедно, резултатите се во интерес на децата и идните генерации. Враќањето на „Зелените денови“ на Пелистер буди убави спомени кај многу генерации ученици од Новаци, а воедно создава нови за сегашните и идните ученици.




























