дома блог страница 1194

Отворено 42. издание на “МАЛ БИТОЛСКИ МОНМАРТР” и 41 Светска детска ликовна изложба

Во Старата битолска чаршија, вечерва свечено беше отворено 42 издание на Малиот Битолски Монмартр – светска детска ликовна колонија, која во континуитет се организира во периодот од 23 – 30 мај со учество на 20 до 25 групи.

Годинава, кога детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“, одбележува 55 години од основањето, се одбележува и 41 година од светската детска ликовна изложба и конкурс “Битола” на која пристигнаа 44.000 детски ликовни творби од 71 држава кои претставуваат 650 државни и приватни училишта или околу 40.000 млади ликовни уметници од цел свет. Општина Битола, како и во најтешките финансиски мигови кои ги имаше Малиот Битолски Монмартр минатата година, така и годинава, застанува зад оваа манифестација, поддржувајќи ја традицијата, континуитетот, квалитетот, развојот и поттикнувањето на ликовната уметност од најрана возраст. Малиот Битолски Монмартр, го отвори градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој поздравувајќи ги присутните, ја нагласи важноста на оваа светска детска ликовна колонија:

„Битола, со своите специфики, култура, историја и традиција, од вечерва во следните 7 дена, повторно ќе биде место во кое убавината на староградската и урбана архитектура, ќе биде инспирација како за домашните млади ликовни уметници, така и за гостите – учесници од 13 земји од светот.

Нашиот град продолжува да биде атракција за сите талентирани уметници од различни области од културата, а со тоа да биде и мотив за културно надградување и соработка на младите луѓе кои на овој начин ги градат своите вредности и ги развиваат талентите, афирмирајќи ги своите историски обележја, истовремено разменувајќи искуства и стекнувајќи знаења за културите и историјата на другите народи.

Во изминатите 55 години, Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“, дејствува токму во оваа насока, континуирано создавајќи дела, кои оставаат длабок печат на времето во кое се создаваат.

44.000 пристигнати детски ликовни творби од 71 држава или 650 државни и приватни школи, ширум светот, се уште една потврда за големината и значењето на овогодишната 41 ва светската детска ликовна изложба и конкурс „Битола“.

Со отворањето на 42 издание на Малиот Битолски Монмартр и светската детска ликовна колонија, продолжуваме една долга традиција, многу значајна за Битола.

Како локална самоуправа, даваме силна поддршка на оваа манифестација, која е наша дополнителна потврда на заложбата, Битола културно да се развива.

Тоа го потврдивме пред 3 дена со Интернационалниот фестивал на монодрама, го стимулираме со Битолското културно лето, но и со низа други културни манифестации кои се реализираат во текот на годината, организирани или поддржани од општината.

Ви благодарам на сите присутни вечерва, на организаторите заслужни за континуитетот на делото на почитуваниот Коста Хаџиантоновски, кој до последен здив вложи многу љубов и енергија во оваа манифестација.

Ви благодарам на сите кои со Вашето творештво го исполнивте детското ликовно студио и на сите Вас кои низ колоритност и уметнички израз, следниве денови, ќе творите во Битола.

Им честитам на добитниците на наградите и верувам дека секоја година бројот на млади уметници ќе биде се поголем, со што секое ново издание на Малиот Битолски Монмартр ќе биде се поуспешно, а Битола повесела и побогата.

Ви посакувам пријатен престој во Битола“, рече градоначалникот Коњановски.

На свеченото отворање беше доделена наградата Гран при која оваа година им припадна на младите ликовни творци од студиото „Simply Art“ од Хонг Конг-Кина, а награди добија и учесници од Индија, Јапонија, Србија, Бугарија, Словачка, Црна Гора, Турција и други држави.

Златни деца: Три втори награди за учениците од ООУ “Гоце Делчев” на Државниот натпревар по биологија

На Државниот натпревар по биологија кој се одржа на 20.5.2023 год. во просториите на ПМФ – Скопје учениците од ООУ “Гоце Делчев” Прилеп, под менторство на наставничката Билјана Георгиеска постигнаа одлични резултати:

Осмоодделенците Матеа Танева, Јована Пејовска и Марко Марковиќ освоија втори награди и уште еднаш покажаа дека биологијата им е силна страна на учениците од ова училиште.

Честитки за вредните ученици и желби за уште поголеми успеси во иднина!

Семејна драма: Се испотепале снаа и свекрва

Вчера во 12.15 часот било пријавено дека во с.Криволак-неготинско по претходна расправија бил нарушен јавниот ред и мир со меѓусебна пресметка помеѓу С.А.(20) и нејзината свекрва С.Ш., соопштија денеска од МВР.

Оттаму велат дека по целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

Уапceн 29-годишен битолчанец: Од автомобил пукал во кучиња скитници со воздушна пушка

На 24.05.2023 во 18.30 часот во Битола на ул.„Димитар Илиевски Мурато” од страна на полициски службеници од криминалистичката полиција на СВР Битола бил лишен од слобода И .Г.(29) од Битола.

Тој, управувајќи патничко возило „пасат“ со битолски регистарски ознаки, кај место викано „Грозд“, преку отворен прозорец со воздушна пушка испукал во кучиња скитници.

Од него биле одземени воздушна пушка „гамо“ калибар 4,5 мм. и пакување со дијаболи. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена пријава по Законот за оружје.

ДЕНЕСКА Е СПАСОВДЕН: Ова се обичаите за овој голем празник

Вознесение Христово или Спасовден — христијански празник кој се слави 40 дена по Велигден.

Во Новиот завет од Светото Писмо поточно во Светото евангелие според Марко опишано е и вознесението Христово: “А по разговорот со нив, Господ се вознесе на небо и седна од десната страна на Бога.

Тие, пак, отидоа и проповедаа насекаде; и Господ го окрепуваше словото нивно со чудеса, што се јавуваа.

Амин!” Така Исус се вознесол на небото, а неговите ученици се вратиле во Ерусалим каде што го прославувале и благословувале по храмовите.

Празникот Спасовден секогаш се слави четириесет дена по Велигден.

Датумот го менува, како и Велигден, но денот не. Секогаш се празнува во четврток.

На Спасовден за последен пат во тековната година се вапцуваат црвени велигденски јајца, а бојата од котлињата или тенџерињата во кои изминатите 40 дена се вапцувале велигденските јајца се истура во чиста вода во селската река.

Котлето или котлињата се измиваат и се оставаат на сигурно место, до идната година на величетврток. Во претпладневните часови на Спасовден се оди на празничен излет во месноста Покладишќа, каде што сега е изграден мошне убав црковен храм „Св. Спас“.

Се носат црвени велигденски јајца нешто за пиење и јадење, се посетуваат лековитите изворчиња и чешмичиња, при што во водата за здравје се фрлаат метални парички. Овде се кршат и јадат последните црвени велигденски јајца.

По убаво поминатиот претпладневен излет на враќање за дома се кинат билки и се кршат гранчиња со штотуку формирани оревчиња.

Потоа се оди на пладневна литургија во селската црква, каде што пред иконостасот се остават ореовите гранчиња, симболично означувајќи го формирањето на плодовите на родните дрвја.

Вечерта се оди на ракија во куќите во кои има крстено име Спасе.

За овој празник се врзани и многу други верувања и суеверија, кои во некои краишта се уште се почитуваат. За Спасовден се колеле јагниња, а старите верувале дека од Нова година до Спасовден не треба да се пие млеко. Се верувало дека на Спасовден мажите не треба да се бричат, жените да се мијат, а децата да се бањаат.

На Спасовден никако не треба да се спие преку ден, за да не се дреме цела година.

Уапсен 18-годишен прилепчанец кој силувал малолетничка во Кичево

18-годишен прилепчанец вршел полови дејствија врз малолетничка во Кичево, полицијата го уапси.

Имено според МВР, утрово во 00:30 часот, во ОВР Кичево од слобода бил лишен К.М.(18) од Прилеп, со привремено прстојувалиште во Кичево.

Тој, претходно, кај Сточниот пазар во Кичево, извршил полови дејствија врз малолетничка.

Според полицијата, по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Почина кралицата на рокенролот – ТИНА ТАРНЕР!

Легендарната Тина Тарнер почина на 83-годишна возраст, објави Sky News. Таа замина по долго боледување.

Во соопштението се вели: „Тина Тарнер – Кралицата на рокенролот, почина денеска на 83-годишна возраст по долго боледување во нејзиниот дом во Куснахт во близина на Цирих, Швајцарија. Со неа светот губи музичка легенда и модел за улоги“.

Нејзиниот портпарол појасни дека „ќе има приватен погреб на кој ќе присуствуваат нејзините блиски пријатели и семејството“. „Ве молиме почитувајте ја приватноста во овој тежок момент за нејзиното семејство“, додаде тој.

Битолчанец копал гроб на гробиштата кај “Буковски ливади”, па пронашол неексплодирана граната

Денеска (24.05.2023) во 07.20 часот во СВР Битола Г.Т.(43) од с.Кукуречани, пријавил дека при копање на гробно место на гробиштата кај „Буковски ливади“ пронашол неексплодирана граната.

Гранатата е безбедно подигната од пиротехничар од ДЗС, од кого било добиено известување дека се работи за артилериска граната со калибар 105 мм. од Првата светска војна.

Пожар во стан во Прилеп

На 23.05.2023 во 18.00 часот било пријавено дека на ул.„Климент Охридски“ во Прилеп настанал пожар во стан сопственост на И.Ѓ.(77) од Прилеп.

Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица Прилеп. Повредени лица нема.

Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Прилеп – информираат од ОВР Прилеп.

Да им посакаме среќа: Седум млади каратисти од КК “Бонсаи” Прилеп, ќе ја претставуваат Македонија на Балканското првенство во Бар

Каратистите од Карате клуб ,,Бонсаи ” Прилеп: Софија Димеска, Софија Крстевска, Иво Качаков, Леонид Белески, Глигор Иваноски, Марио Ангелески и Цвете Миланоска, ќе ја претставуваат нашата држава на Балканското првенство во карате (во кати и борби ), кое ќе се одржи во Бар, Црна Гора, од 26. до 28. мај.

Под водство ма тренерите Дамјан Ристески и Валентина Пурдеска, прилепските каратисти активно се подготвуваат за овој спортски предизвик, и ветуваат дека ќе дадат се’ за да не израдуваат со нови спортски успеси.