дома блог страница 1171

Со Отворен Балкан од Буре барут и Темен вилает до регион на пријателство и соработка за помалку од четири години

По децении недоверба, па дури и отворена омраза, иницијативата Отворен Балкан ноци нови ветрови на Балканот – соседите почнуваат да се запознаваат, да соработуваат и да се гледаат како пријатели. За нецели четири години (првиот состанок на иницијативата беше во септември, 2019 година во Нови Сад) Отворен Балкан доживува досега невиден позитивен одговор од македонските граѓани без оглед на кој дел од етничкиот спектар припаѓаат.

Така, на прашaњето како ја оценувате идејата за Отворен Балкан меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија – позитивно одговориле 63,3 проценти од граѓаните. А, она што е уште поинтересно е дека поддршката за ОБ е речиси подеднаква и кај Македонците и кај Албанците од Македонија и изнесува 62 и 67 проценти.

Се чини дека младите меѓу 18 и 29 години се навистина нашата иднина. Кај нив поддршката за Отворен Балкан е на огромни 70,9%, повеќе од две третини. Младите, ослободени од националистичките наративи на минатото, сегашноста не ја гледаат во изолационизмот и затворените граници, туку во нивното отворање и овозможувањето на соработка и заеднички напредок на регионот – нешто што иницијативата Отворен Балкан го нуди во изобилство.

Во очекување на понатамошното отстранување на преостанатите бариери меѓу државите на Отворен Балкан, како и најавеното пристапување на Црна Гора, младите можат да си дозволат реалистичен оптимизам дека работите на Балканот конечно се одвиваат во добра насока.

Доаѓа нова ера на отворени општества на Балканот и повеќе од очигледно, граѓаните нетрпеливо го очекуваат тоа.

„Роња, ќерката на ограбувачот“ и „Чудна случка со кучето во ноќта“ вечерва на „Војдан Чернодрински“, независната сцена го освои Прилеп

Две претстави на национални театри избрани во официјалната програма на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе бидат изведени вечерва на четвртиот ден на фестивалот. Во 10 часот е закажана првата претстава која се роди како резултат на „Едукативните работилници“, што фестивалот ги воведе од оваа година, а ќе се претстават учениците од ОУ „Климент Охридски“, предводени од наставничката Јулијана Талеска.

Еден час подоцна ќе следува промоција на „Еуродрам“.

Претставата на Театарот за деца и младинци „Роња, ќерката на ограбувачот“ во режија на Јакуб Максимов, ќе се изведе во 19 часот во театарот „Војдан Чернодрински“. Улогите ги толкуваат: Матеа Јанковска, Никола Наковски, Мики Анчевски, Катарина Илиевска-Силјановска, Ангела Димитрова и Петар Стојанов.

-Независно што целна група е детската публика, претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ е комплексна претстава во која радоста на актерската игра и нивната моќ за креација во симбиозата човек – кукла е повеќе од очигледна. Претставата во суштина ја покажува креативната сила на трансформацијата на актерската игра, притоа имајќи го предвид и односот кон публиката (можноста да се разбере моралната вертикала од најмали нозе) и односот меѓу актерите (можноста да се ужива во презентирањето на градењето на приказната меѓу куклата и актерот) – вели во образложението, уметничкиот директор Ана Стојаноска.

„Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс, во режија на Зоја Бузалковска, ќе биде изведена во 21 часот на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“.

-Иако станува збор за претстава работена според франшиза, режисерката Зоја Бузалковска заедно со ансамблот на Драмскиот театар – Скопје, создава претстава која по многу нешта отскокнува од актуелниот репертоар на театарот. Пркосот на креацијата во оваа претстава произлегува од начинот на кој се справува и режисерката и актерите со наметнатите правила, а истовремено отвора простор за слободна креација. Актерите во претставата играат мошне инвентивно и истовремено го покажуваат уживањето во играта. Сметам дека ова е актерска претстава во која ансамблот покажува како е да се игра во насока на креирање на играта на главниот актер – стои во експликацијата на Стојаноска.

Улогите ги толкуваат: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.

Вчерашниот ден помина во духот на независната програма на фестивалот. Беа изведени три претстави низ цел град, а публиката одлично реагираше на претставите „Под.готвено“, „Заминувања“ и „Скопјани“, а гостуваа и студенти на ФДУ со дипломска претстава. Цел град беше театар во вистинска смисла на зборот.
Со екипата на претставата „Мистерија Буфо“ на прилепскиот театар се одржа тркалезна маса, на која се разговараше за предизвиците на оваа претстава.

-На читачките проби ја гледавме само комедијата во претставата, без разлика дали ни се допаѓаше или не, но како што влегувавме во процесот на работа комедијата беше да се даде ѕид со насмевка за да се прикрие болката. Во сите сцени е вклучена религијата, рече актерот Илија Волчески.

За актерката Марија Спиркоска Илијески, ова е ретка претстава на која оделе со кеф на пробите.
-Не си одевме дома, и велевме ај пак да пробаме, за Диме да рече „напамет ја научивме“. И тоа, на наше инсистирање. Таа е радост на играта, и се смеевме и плачевме, побуди емоции кај публиката која ги искажа во коментари по претставата – рече Спиркоска-Илијески.

Во самиот почеток на процесот на работа со режисерот се договоривме дека ќе имаме целосна слобода во работата и да изберам со кои теми ќе се занимаваме. Ми даде одврзани раце и ми рече „мене да ми биде интересно“ и така одев. Направивме цела студија со генијален хумор… Најдов нишка и направив осум лика, а актерите ме разбраа и дадоа свој начин на интерпретација, објасни драматургот Лидиија Митоска – Ѓорѓиевска.

-Првата музика се постави за сцената со бебињата, а потоа и за другите. Сите инструменти се собрани, стари, особено рускиот инструмент на кого му се скина жица пред претставата. Но успев да го оспособам инструментот, рече Томе Темелкоски кој се погрижи за музиката во претставата.

Автомобилски гиганти наместо во Македонија, сега одат во Србија

Германска компанија од автомобилската индустрија доаѓа во Чачак, најави претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Утрово во Претседателството на Србија беа договорени последните детали за инвестицијата од најмалку 90 милиони евра во „гринфилд“ инвестиција и тоа само во првата фаза.

Тој најави дека до октомври ќе биде поставен камен-темелникот за „нова, исклучителна, извонредна германска фабрика која ќе вработи 800 луѓе со многу високи плати“.

Тој посочи дека фабриката припаѓа на автомобилската индустрија.

„Мислам дека тоа е одлична вест не само за Чачак, туку и за сите околни градови, а исто така мислам дека тоа ќе значи многу за понатамошниот развој на централна и западна Србија. Мораме да работиме на вакви работи, да имаме што повеќе вести што е можно бидејќи ние за разлика од некои кои бараат деиндустријализација, сакаме индустријализација, сакаме да одиме напред.

Им честитам на Чачаци, им честитам на сите граѓани на Србија и мора да се посветиме на ова бидејќи Србија сака и може и мора оди напред“, рече Вучиќ.

13 причини за среќа во еден ден: Болницата “Плодност” објави фотографии кои зрачат со љубов и топлина

Кој вели дека 13 е баксуз и несреќен број? 13 бебиња во еден ден, 13 причини за радост и огромна среќа! Фотографии кои зрачат со бескрајна љубов и топлина.

Таблети, ампули, грутчеста материја… пронајдени кај двајца битолчани при претрес на автомобил

На 11.06.2023 во 18.30 часот на ул. „Алексо Нанески” во Битола, полициски службеници од Полициската станица Битола ги лишиле од слобода К. Ј.(35) и Ј. Б.С.(34), двајцата од Битола.

При преглед кај нив и во возило „пежо“, во кое се превезувале, биле пронајдени и одземени бела грутчеста материја, дигитална вага со траги од бела материја, таблети, три шишиња исполнети со течност, ампули и други предмети.

Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

Oбјавен јавниот повик: Аплицирајте за субвенции за нов велосипед од Општина Прилеп

Врз основа на член 50 од законот за локална самоупрва (“Службен весник на РМ” број 05/02) а согласно Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на општина Прилеп за 2023 година број 09-4615/15 од 29.12.2022 година(Службен гласник на Општина Прилеп бр 14 од 29.12.2022), Правилникот за користење на финансиски средства од буџетот на Општина Прилеп за субвенционирање /надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Општина Прилеп за купување велосипеди број 09-595/31 од 15.03.2021 година (Службен гласник на Општина Прилеп бр.3 од 15.03.2021) и Одлуката за определување на максимален износ за доделување на поединечна субвенција/надомест на дел од трошоци на граѓани на подрачјето на Општина Прилеп за купување на велосипеди за 2023 година број 09-1911/2 од 31.05.2023 година (Службен гласник на Општина Прилеп бр.7 од 31.05.2023), Општина Прилеп објавува

ЈАВЕН ПОВИК

за субвенционирање /надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Општина Прилеп за купување на велосипеди за 2023година

  1. Опис на јавниот повик

1.1. Општина Прилеп со цел да ги стимулира жителите на Општина Прилеп за користење на велосипеди, на жителите кои имаат купено велосипеди во период од денот објавувањето на јавниот повик, а најдоцна до денот на завршување на јавниот повик, односно до искористување на предвидените средства, ќе им надомести дел од трошоците :

– до 50% од вредноста на купениот велосипед, но не повеќе од 5.000 денари во нето износ по лице/домаќинство за купување на велосипед за барателите кои поднесле комплетно барање и  ги исполниле критериумите согласно јавниот повик .

Персоналниот данок на доход паѓа на товар на исплаќачот.

1.2.Јавниот повик трае од денот на објавувањето од 12.06.2023 година заклучно со 12.07.2023 година, односно до искористување на предвидените средства, до кога и ќе можат да се достават барањата.

1.3. Јавниот повик е објавен на ВЕБ страната на општина Прилеп www.prilep.gov.mk, во два печатени и електронски медиуми и на огласна табла во Општина Прилеп

1.4. Јавниот повик ќе се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“

1.5 При констатирање на целосна реализација на предвидениот буџет, Општина Прилеп веднаш ќе ја извести јавноста дека согласно принципот „прв дојден, прв услужен“ повеќе нема да прима барања по однос Јавниот повик, и известувањето ќе го објави на својата Веб страна www.prilep.gоv.mk, во електронските медиуми и огласна табла во Општина Прилеп.

  1. Право на учество на јавниот повик

2.1.Право на учество на овој јавниот повик имаат Жителите на Општина Прилеп кој купиле/ќе купат велосипед во периодот од денот на објавување на јавниот повик од 12.06.2023 година, најдоцна до денот на завршување на јавниот повик 12.07.2023 година, односно до искористување на предвидените средства и кои ќе достават навремено и комплетно барање согласно условите на јавниот повик.

Само едно лице од семејството може да поднесе барање за добивање надоместок исклучиво за купување на еден велосипед .

Услови кои треба да ги исполни барателот за субвенционирање/ надоместување на дел од трошоците за купување на велосипеди:

  • Да има живеалиште на подрачјето на општина Прилеп
  • Велосипедот да го купил по објавување на јавниот повик
  • Да нема искористена субвенција за истата намена од било кој извор во Република Северна Македонија.

 За докажување дека условите за учество се исполнети , барателот за надоместување на дел од трошоците до Општина Прилеп ги доставува следните документи:

  • Барање за надоместок (образецот на барањето може да се подигне во Општина Прилеп или од Веб страната на Општина Прилеп www.prilep.gov.mk
  • Фотокопија од важечка лична карта на барателот
  • Фотокопија од трансакциска сметка
  • Доказ дека е извршено купување на велосипед и тоа фотокопија од фискална сметка заверена на нотар или фактура со извод од деловна банка за извршената уплата со датум во период од денот на објавувањето на јавниот повик до денот на завршување на јавниот повик.
  • Изјава заверена на нотар со која барателот под полна материјална и кривична одговорност ќе потврди дека :

– друг член од семејството нема поднесено барање за добивање на субвенции

– дека не искористил субвенција/ надомест на дел од трошоци за истата намена од било кој извор во Република Северна Македонија                     

( образецот на изјавата може да се подигне во Општина Прилеп или од Веб страната на Општина Прилеп www.prilep.gov.mk      )                                     

3.Начин на пријавување на јавниот повик

3.1. Барањето за субвенционирање/ надоместување на дел од трошоците на граѓаните за купување велосипеди, физичките лица го поднесуваат заедно со комплетната документација до Општина Прилеп на адреса преку Архивата на Оштина Прилеп до Комисија за спроведување на постапка за субвенционирање/ надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Општина Прилеп за купување велосипеди во затворен плик со намена “Јавен повик за субвенции/ надомест на дел од трошоци за купување на велосипеди“/ со назнака „НЕ ОТВОРАЈ“, име и презиме и адреса на барателот.

Копието од лична карта и копието од трансакциона сметка, како и секоја друга документација која содржи лични податоци за подносителот на барањето, задолжително се доставуваат во затворен коверт, со назнака ,,строго доверливо-лична документација,, како прилог кон барањето.

Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на надоместок за еден велосипед

Лицата кои веќе добиле субвенција/ надоместок за купување на велосипед како и членовите на нивното потесно семејство кои што живеат во заедница, немаат право да поднесат повторно барање за користење на истиот надоместок.

3.2. Пристигнатите барања во архивата на Општина Прилеп ќе бидат евидентирани и заведени со точен датум и време на поднесување (датум, час и минута), заради воспоставување на редослед по кој ќе се разгледуваат барањата.

4.Начин на спроведување на јавниот повик

4.1. Градоначалникот на Општина Прилеп формира Комисија за спроведување на постапка за субвенционирање/ надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Општина Прилеп за купување велосипеди.

4.2. Комисијата за спроведување на постапката за субвенционирање/ надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Општина Прилеп ќе ги разгледаат пристигнатите барања и документацијата во прилог со цел да утврди дали истите се уредни и комплетни.

4.3. Општина Прилеп односно Комисија го задржува правото да изврши посета во домаќинствата кои ќе поднесат барање по Јавниот повик , а подносителите на барањата имаат обврска да му овозможат пристап до местото/просторијата  каде се наоѓа купениот велосипед, при што ќе изготви и записник.

4.4. Комисијата за спроведување на постапката за субвенционирање/ надоместување на дел од трошоците ќе состават записник од прегледот на сите пристигнати барања и ќе достават предлог за субвенционирање/надомест на дел од трошоците или одбивање на барањето.

4.5. Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати барања, се до искористување на предвидениот буџет за соодветната намена.

5.Начин на остварување на правото на надоместок

5.1. Врз основа на предлогот на Комисијата, Градоначалникот на Општина Прилеп ќе донесе Решение за одобрување  и исплата на средствата од Буџетот/одбивање на барањето.

5.2. По завршувањето на постапката ќе се изготви финална листа на баратели кои го остваруваат правото на субвенционирање/ надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Општина Прилеп за купување на велосипеди за 2023 година  и истата ќе биде објавена во време траење од 15 дена на Веб страната на Општина Прилеп и огласна табла на Општина Прилеп.

 

 

Општина Прилеп

(ВИДЕО) Eмотивно до бескрај! Јане Ченто за прв пат после 6 години на слободен викенд, средбата со синот ќе ве погоди сите

Јане Ченто, еден од осудените уставобранители, минатата недела доби слободен викенд од Затворот Идризово, и тоа после 6 години зад решетки. Ченто беше пречекан од сите негови сопартијци, пријатели, поддржувачи, но најемотивна беше средбата со неговиот син.

-После 6 години на слободен викенд. Ме пречекаа моите другари и браќа. Синот ме виде после долги години…. Емоции многу, желба една…. КОНЕЧНА СЛОБОДА И ЗА НАС И ЗА МАКЕДОНИЈА – стои во објавата на Фејсбук страната “Слобода за Јане Ченто”.

Берин Мухамед е нов претедател на Сојузот на средношколците

Сојузот на средношколци на Македонија го избра својот нов претседател, а тоа е Берин Мухамед, кој е втора година во скопската гимназија „Зеф Љуш Марку“.

Тој освои 54 отсто од гласовите, додека неговата противкандидатка Ива Трпески освои 46 отсто. И двајцата досега беа дел од Извршниот одбор на Сојузот.

Мухамед по победата ја покани Трпески да биде потпретседателка, а таа рече дека изборот бил организиран на демократски начин и дека Сојузот на средношколци, како што рече, е целосно сплотен.

Досегашниот лидер Лука Павиќевиќ соопшти дека на Конгресот учествувале повеќе делегати од територијата на цела држава со опфат на сите статистички региони.

По одличната организација на турнирот “Крали Марко”, девојките борачки од Прилеп денеска собраа грст медали на Државното во Кочани (ФОТО)

По одлично организираниот Меѓународен турнир “Крали Марко 2023” вчера во Прилеп, борачите и борачките од БК “7-ми Мај – Златна рака”, денеска продолжија да нижат успеси.

На Државното првенство кое се одржа во Кочани, девојките од Прилеп одново блескаа и го освоија првото место во екипна конкуренција.

Михаела Тодороска и Стефанија Перканоска се закитија со златни медали, Теодора Димеска и Елена Најдоска беа второпласирани, а трети места освоија Елена Малиноска и Михаела Богеска.

Честитки за најновите успеси!

Се пресметале тројца на тројца во казино на улица “Прилепска”

На 11.06.2023 околу 00.20 часот во СВР Битола било пријавено дека во казино на ул.„Прилепска“ бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Н.Д.(41), Б.Н. и уште едно лице, сите од Битола, од една страна и А.И.(35), А.И.(21) и А.М.(23), сите од Битола, од друга страна.

Според пријавеното, некои од лицата користеле и тврди предмети.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот – информираат од СВР Битола.