дома блог страница 1163

Maкедонија вечерва гостува кај Англија на “Олд Трафорд”

Македонската фудбалска репрезентација вечерва од 20:45 часот на стадионот „Олд Трафорд“ во Манчестер ѝ гостува на Англија во рамки на 4. коло од група Ц во квалификациите за пласман на ЕУРО2024.

Избраниците на селекторот Благоја Милевски најавија дека ќе вложат максимум да ја продолжат традицијата и да останат непоразени и во третиот натпревар на гостински терен против Англија.

Во 2002 година, македонската репрезентација, предводена од тогашниот селектор Никола Илиевски, одигра 2-2 во Саутемптон, а четири години подоцна, под водство на Среќко Катанец, „црвено – жолтите“ ремизираа без голови во Манчестер.

По воведните два натпревари во тековниот квалификациски циклус, македонската репрезентација е четвртопласирана во групата Ц со три бодови, шест помалку од Англија на лидерското место.

МВР открива зошто косовски полицајци влегле во Македонија

Министерството за внатрешни работи се огласи откако пратеникот Драган Ковачки преку објава на социјалните мрежи истакна дека полицајци и војник од Косово се влезени во Македонија.

МВР вели дека косовски полицајци влегле во земјава по вчерашната трагедија кога возило од Косово падна во реката Лепенец.

-Вистината е дека по трагедијата, а врз основа на меморандумот за соработка што го имаме со косовската полиција, а со цел поддршка на нашите екипи во потрагата по косовските граѓани, уште вчера пристигна екипа со опрема од косовската полиција и таа постојано работеше со нашите полициски службеници, велат од МВР.

Не застануваат! Во една недела учество на четири трки! Велосипедистите од ВК “Илинден” Прилеп со нови големи успеси (ФОТО)

Во една недела учество на 4 првенства и низа успеси за велосипедистите од Велосипедскиот Клуб & Сервис “Илинден” од Прилеп.

Најпрво во Шид, Србија на 12.06., Константин Костоски заврши како четвртопласиран на меѓународната трка во категорија на кадети, каде лани победи во конкуреција до 15 години.

Станува збор за силна конкуренција од целиот Балкан, а прикажаното на Константин на трката е за секоја пофалба.

Следуваше Државното првенство “Хронометар 2023”, каде Андреј Маџоски го освои второто место во јуниори, Константин беше трет во кадети, Никола Ристески заврши како петтопласиран во кадети, а Младен Петрески осми исто така во кадетска конкуренција.

Вчера пак, на Државното друмско првенство до 15 и 13 години во Кичево, Стефан Маџоски стана нов државен првак во конкуренција до 15 годишна возраст.

А денеска на истото првенство, Андреј го освои второто место во јуниори, Константин беше втор во кадети, а Никола Ристески и Младен Петрески завршија како петто и шесто пласирани.

Честитки за најновите успеси на младите велосипедисти и желби за уште поголеми во наредните натпреварувања.

Ковачки: Полицајци и војник од Косово се влезени во Македонија

До нас стигна информација дека тројца полицајци и еден војник на Косово се влезени на наша територија и дека биле задржани од нашите полицајци во с. Орман, обелоденува Драган Ковачки.

„Главното прашање е како може припадници на странски униформирани вооружени сили да престојуваат на наша територија без придружба на МВР.

Спасовски нека шета по кампањи рамо до рамо, а странски униформирани лица нека ни шетаат во државата“ – пишува тој.

Како потсетување, тројца припадници на специјалната полиција на Косово пред неколку дена беа уапсени во Србија, откако биле забележани како се движат со униформа и оружје.

Еве кој одлучува за милијардата на Берлускони

Во Италија расте исчекувањето за тоа кој ќе ја наследи деловната империја на починатиот поранешен премиер Силвио Берлускони.

„Кориере дела сера“ пишува дека како што поминува ден по ден од погребот на Берлускони, кој се одржа со државни почести во средата во Милано, станува се појасно дека централната фигура во оваа приказна за наследување е неговиот сметководител.

Се вели дека Џузепе Спинели (81) од градот Бресо, осум километри северно од Милано, е личноста која ги чува сите деловни тајни што ги оставил Берлускони, со кој имал многу интимни односи.

Тој е претседател на четири финансиски компании основани од Берлускони, кои имаат мнозински удел од 61 отсто во неговата холдинг компанија „Фининвест“, во која спаѓаат медиумскиот гигант „Медиасет“, една од најголемите италијански издавачки компании „Мондадори“ и други компании.  „Кориере дела сера“ наведува дека за семејните сефови покрај Спинели се грижел и Салваторе Саса, сенатор од партијата Форца Италија на Берлускони. Се наведува дека отворањето на тестаментот на Берлускони може да биде одложено за неколку дена и дека не е невозможно да има изненадувања.

“Kико не е добар”: Да донираме! Итно му е потребна нашата помош

Малиот Кристијан има ретка дијагноза Атаксија-телеангиектазија. За неговото лекување се потреби финансиски средства со кои тој би отпатувал за Турција на лекување.

Јутјуберот Стефан Лазаров кој му пружи голема поддршка на детето, информира дека Кико е е добар и дека помошта е итно потребна.

Teлефонските броеви за донација се

А1: 143 471

Телеком: 143 130

ТРАНСАКЦИСКА СМЕТКА: 200004087594930 СТОПАНСКА БАНКА АД Скопје, Катерина Коцева.

Отворена е и сметка na gofundme

Уживање за сите љубители на класичната музика: Две дами утре ќе се претстават пред прилепската публика

Во понеделник, во фоајето на Домот на културата “Марко Цепенков” во Прилеп, со почеток во 19:00 часот (влезот е бесплатен), пред прилепската публика ќе се претстават две млади дами кои се вбројуваат во врвот на најперспективните имиња на класичната музичка сцена во нашата држава и пошироко и тоа, од Прилеп, Анастасија Петреска на пијано и од Охрид, Ана Матеска на флејта.

Нашите сограѓани веќе неколку пати имале можност да уживаат во изведбите на Анастасија Петреска, а сега, за првпат, ќе можат да го слушнат и волшебниот звук од флејтата на Ана.

Дека овие две млади дами се одлични музичари сведочат мноштвото освоени награди на дузина меѓународни и државни натпревари.

ЗА АНАСТАСИЈА ПЕТРЕСКА:

Анастасија Петреска е родена во јули 2006 година во Прилеп. Основното музичко училиште го завршува во “Ордан Михајлоски – Оцка” во Прилеп во класата на професорката Христина Никоска. Своето средно образование го продолжува во Државното музичко училиште во Битола каде моментално завршува втора година во класата на профеосрката д-р Татјана Божиновска. Има земено учество на голем број државни и меѓународни натпревари по пијано и камерна музика каде што има освоено мноштво награди.

Некои од позначајните награди и признанија се:

– Прва награда на државен натпревар (2023)

– Прва награда на меѓународен натпревар “Полихимнија” – Maкедонија (2022,2023)

– Прва награда на интернационален натпревар “GREAT MASTERS” – Шпанија (2021,2023)

– Прва награда на интернационален натпревар “GOLDEN PIANO” (2023)

– Втора награда на државен натпревар (2022)

– Специјална награда на меѓународен натпревар “Artisti I Ri” – Тетово (2021)

-Специјална награда на државен натрпевар на млади музичари (2019,2021)

– Прва награда на меѓународен натпревар во Слобомир, Босна и Херцеговина (2021)

– Прва награда на интернационален натпревар “MOZART” (2021)

– Прва награда на интернационален натпревар “ Luigi Cerritelli” – Милано, Италија (2021)

-Прва награда на меѓународен натпревар за пијано “Accordeon Art Plus” – Сраево, Босна и Херцеговина (2019)

– Прва награда на меѓинароден натпревар “ULЈUS” – Смедерево, Србија (2018,2022)

– Втора награда на меѓународен натпревар “Davorin Jenko” – Belgrad (2018, 2023)

– Прва награда на меѓународен натпревар Гевгелија (2017, 2019)

– Трета награда на меѓународен натпревар “ Охридски Бисери” (2020) како и лауреат за најдобро изведено дело на македонскиот композитор Томислав Зографкси

Исто така Анастасија Петреска поседува и сертификати за активно учество на семинари по пијано кај предавачите: Karl Andreas Kolly (Швајцарија), Katarina Krpan ( Хрватска), Дино Имери (Македонија), Ана Гацева ( Македонија), Марија Ѓошевска (Македонија), Туту Ајдиноглу (Турција)

За АНА МАТЕСКА

Родена e во Охрид на 02.01.2007 година. Основно образование го завршува во ООУ “Христо Узунов”, додека основно музичко образование го завршува во ОМУ “Методи Патче” во класата на професорката Нина Момировска. Нејзината љубов кон музиката ја натера музички да се образова и средното образование да го продолжи во ДМУ Битола во класата на професорот Александар Стефановски. Во досегашниот период има учествувано на повеќе музички настани и натпревари и има постигнато забележителни резултати и бројни награди, како што се:

  • Први места на државен натпревар 2021,2022;
  • освоени Специјални награди на државен натпревар 2019,2023,
  • Први места на меѓународни натпревари како:
  • Полихимнија – прва награда 2019;
  • Охрид Те сакам Прва награда 2019,
  • Специјална награда 2021 и прва награда 2022
  • Охридски бисери трета награда 2023.

Ја има претставувано Македонија на фестивалот “Мала Ноќна Музика” во Крагујевац, Србија 2023г. па се до учество на  многу семинари и концерти во кој има учествувано како солист, но и како дел од камерен состав и оркестар.

(ФОТО) Додека МВР спие, ХУЛИГАНИТЕ во Прилеп не мируваат

Вандалите не мируваат и се додека нема строго казнување на вакви постапки ќе биде вака. Фотографиите се направени денеска кај прилепското вештачко езеро, локалитет кој во изминатите години повторно стана атрактивно место за одмор и рекреација, како за помалите, така и за повозрасните.

Но, се чини дека тоа на некого му пречи, па ова не е прв пат да се уништува урбаната опрема. НЕ БЕ КОПУЦИ, ова не е направено со парите од татко ви, па вака да се однесувате. Која е таа ваша потреба да уништувате нешто вредно и убаво за сите? Дали тоа ве храни? БЕДНИЦИ!

Па и не е толку ваша вина тоа што МВР спие и речиси никогаш не ги пронајдува ваквите сторители. А државата конечно треба да размисли и ваквите дела да ги стави како посебно кривично дело во Кривичниот законик.

Внимателно покрај коритото на Дабничка Река: Водата синоќа предизвика значително оштетување (ФОТО/ВИДЕО)

Регионалниот ЦУК Прилеп известува дека по јавување на граѓанин за оштетување на коритото на „Дабнички канал“ на ул. „Кеј 19 –ти Септември“ наспроти објект – зграда 3 и е направена дупка што е проширена до работ со асфалтот од улицата.

На лице место веднаш е излезено од вработените во РЦУК Прилеп и е утврдено истото и дека тоа претставува опасност за непретпазливи минувачи и евентуално пропаѓање на асфалтот при минување на потешки возила.

Ѓорѓиевски: За година и 6 месеци имаме асфалтирано над 40 километри улици во Кисела Вода

„ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија чии темели се засноваат токму на постоењето и на работењето за подобра Република Македонија. Ние сме вистински показател како се работи со душа и со срце, и како се сака Република Македонија“, истакна Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на општина Кисела Вода на вчерашната трибина на ВМРО-ДПМНЕ на тема „33 години ВМРО-ДПМНЕ и Македонија“.

Ѓорѓиевски посочи дека владата нема компас подолг временски период. И затоа се потребни на Република Македонија итни и неодложни промени односно избори час поскоро и нов премиер, а тоа е Христијан Мицкоски. Токму Христијан Мицкоски ќе покаже како државата се сака со дела, а не со празни зборови и криминал како што тоа го прави Социјалдемократскиот сојуз години наназад.

„Јас наследив општина која што не четири туку повеќе години беше во еден зимски сон практично во хибернација. Општина која што имаше огромни проблеми поврзани најмногу со подземната инфраструктура и надземната инфраструктура. Општина која што јас ја затекнав со над 3 ипол милиони евра долг, морам да потенцирам над 3 ипол милиони евра долг“, нагласи градоначалникот на Кисела Вода.

Тој додаде дека од денешна перспектива Општината денес нема долг. А, патем има реализација на проекти како никогаш досега во општината.

„Кога сме кај подземната инфраструктура морам да истакнам дека за година и половина колку што јас и мојот тим ја администратираме општината Кисела Вода имаме изградено канализациони системи и мрежа на над 6 километри. Водоводна мрежа над 4 ипол километри, и една бројка импозантна која што Владата ја нема сработено за години наназад, а тоа е во однос на средување на патната инфраструктура и асфалтирање за година и шест месеци имаме асфалтирано над 40 километри улици во Кисела Вода. Нешто што не се случило во општината 30 години наназад и нешто што Владата не успеа за седум години“, нагласи Ѓорѓиевски.

Тој рече дека над 400 дечиња чекаа да бидат запишани во градинки, сега во моментов по отворање на две нови градинки за година и половина списокот е намален на само 110 деца. Во тек е нова реконструкција на еден објект, а за два месеци од денес започнуваме со изградба на уште една градинка.