дома блог страница 1149

Професорот Трајковски: “Стручните лица знаат дека автопат Прилеп-Битола не е исплатлив, но молчат како мулиња”

Професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола, на својот Фејсбук профил, направи кратка анализа за потребата од изградба на автопатска делница Прилеп – Битола.

-Видот на пат и бројот на сообраќајни ленти зависи од повеќе фактори, меѓу кои најважни се бројот на население на дадено подрачје, просечниот годишен дневен сообраќај (ПГДС) односно фреквенцијата на возила, проектираниот раст на обемот на сообраќајот, (не)постоењето на алтернативен пат, како и важноста на даден пат за економијата на една земја.

Меѓутоа, како генерално правило, минимален ПГДС од најмалку 20.000 до 30.000 возила најчесто се цитира како праг на исплатливоста за изградба на автопат со 2х3 сообраќајни ленти.

Прагот на исплатливост за експресен пат со 2х2 ленти изнесува околу 10.000 до 15.000 возила на ден, во комбинација со останатите фактори. Доколку безбедноста е важен фактор (како на пример патиштата преку Плетвар, Буково или Стража), може да се гради експресен пат дури и при помала дневна фреквенција.

Патот Битола-Прилеп е далеку под овие бројки, односно ПГДС изнесува под 5.000 возила на ден (поточно 4.884 возила на ден, измерено во 2017 година). Освен тоа, теренот е рамен и видливоста е одлична, па ни безбедноста не диктира потреба од „фул“ автопат со 2х3 ленти.

За споредба, на автопатот Београд-Ниш, на наплатната станица Бубањ Поток, ПГДС изнесува околу 44.000 возила на ден! Сиот сообраќај од Белград кон Бугарија, Турција, Македонија и Грција мора да помине таму, па дури и 2х3 ленти понекогаш се малку, би можело да има и 2х4 сообраќајни ленти.

Од друга страна, на делот од автопатот од Бујановац до границата со Македонија автопатот изгледа речиси празен, со ПГДС од околу 6.000 возила на ден. Сепак, Србија решила да изгради автопат и таму, само за да го комплетира коридорот кон Грција.

За сé постојат изградени критериуми и емпириски правила, но лошо е кога ќе се замеша политиката и ќе ги „кратко спои“ сите критериуми – како и за многу други прашања во земјава.

Кај нас има стручни лица што го знаат ова многу подетално од мене, но сепак решиле да молчат како мулиња и да гледаат како земјата заглавува во должничко ропство. Зошто?

Oбјавена програмата за 57. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Девет претстави во официјална, седум од независна продукција, две од придружна програма и една дипломска претстава ќе бидат дел од програмата на 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, што годинава ќе се одржи од 9 до 16 јуни. Програмата денеска во Прилеп ја соопшти Ана Стојаноска, директорка и селектор на фестивалот, кој годинава се одржува под мотото „Враќање дома“. Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Инферно“ на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, која е селектирана во официјалната програма.Српско народно позориште од Нови Сад ќе го затвори фестивалот на 16 јуни со претставата „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски.

Пред да и’ биде соопштена на јавноста, програмата на фестивалот беше соопштена пред Собранието на фестивалот, на кој беше прифатена без забелешки.

Од 52 одгледани претстави низ целата земја, во периодот од 22 септември 2022 до 10 мај 2023, Стојаноска програмата ја конципираше во четири различни програми: Официјална селекција, ОФФ актива, Независна продукција што игра македонски автори и Видеопрограма.

„Театар: радоста на играта или пркосот на креацијата“ е насловот на концептот што ги обединува избраните претстави.
-Понудената слика низ македонските театарски институции покажа неколку важни елементи со кои се соочува денес театарот кај нас. Сликата не е унисона, ниту покажува дека постои сериозна стратегија што треба да е денес театарски идентитет. Најпоразително е тоа што нема интерес за поставување домашни драми. Предизвикот да се селектира програмата за ова издание на фестивалот беше огромен, затоа што сметав дека на најстариот и најзначајниот македонски театарски фестивал треба да се покаже денешната актуелна театарска практика низ еден сериозен концепт. Концепт што ќе ни покаже каде сме и до каде сме и концепт кој треба да нѐ замисли и сериозно да ја наметне потребата да создаваме подобар театар. Во суштина, она што доминира во овој мој избор е креативноста на актерската игра, автентичните режисерски естетики и интересот кон драмската и не само драмска продукција на познатите автори, т.н класици. Добро е што некои од тие класични дела се актуелизирани и контекстуализирани, што мислам дека е важно да се покаже – рече Стојаноска.

Ова се селектираните претстави за 57. МТФ „Војдан Чернодрински“

Официјална програма:

„Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на Драмски театар – Скопје, премиера: 29.12.2021г.

„Бесачи“ од Мартин Мекдона, во режија на Јавор Грдев, продукција на Македонскиот народен театар – Скопје, премиерна обнова: 21.2.2023г.

„Инферно“ според Данте Алигери, во режија на Дејан Пројковски, продукција на НУЦК Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес, премиера: 29.10.2022г.

„Мистерија Буфо“ според Дарио Фо, во режија на Андреј Цветановски, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, премиера: 16.11.2022г.

„Мy name is Medeјa“ според Еврипид, драматизација на Милан Рамшак Марковиќ, во режија на Себастијан Хорват, продукција на Народен театар – Битола, премиера: 27.09.2022г.

„Три сестри“ од Антон П.Чехов, во режија на Кендрим Ријани, продукција на Албански театар – Скопје, премиера: 27.10.2022г.

„Несфатената цивилизација“ од Добри Војников, во режија на Софија Ристовска, Народен театар – Охрид, премиера: 10.04.2023г.

„Роња, ќерката на ограбувачот“ од Астрид Линдгрен, во режија на Јакуб Максимов, Театар за деца и младинци – Скопје, премиера: 23.12.2022г.

„Женска гардероба“ од Арношт Голдфлам, во режија на Наташа Поплавска, Театар Комедија – Скопје, премиера: 26.10.2022г.

Придружна програма:

„Човек перница“ од Мартин Мекдона, во режија на Сибел Абдиу, продукција на Турски театар – Скопје, премиерна обнова: 15.02.2023г.

„Циркус Пирандело“ според драми од Луиџи Пирандело, адаптација и режија на Бојан Трифуновски, продукција на Народен театар „Антон Панов“ – Струмица, премиера: 20.10.2022г.

Независна продукција што игра домашни автори

„Елегија во пет здива“ автор и режисер Филип Петковски, премиера: 13.06.2022г.

„Заминувања“ – колективно авторство, режија на Драгана Гунин, независна продукција во соработка со Мировна продукција, премиера: 29.12.2022г.

„Срам“ од Ангела Стојановска, режија на Милош Б.Андоновски, Продукција на „Тииит! Инк“, премиера: 03.12.2021г.

„Скопјани“ според раскази на Оливера Ќорверзировска и колективно авторство на актерската екипа, режија на Милош Б.Андоновски, премиера: 13.11.2022г.

„Глум(и)ци“ колективно авторство и режија, продукција на „Артопија“, премиера: 26.12.2021г.

„Подготвено“ според поезија и проза на Ѓоко Здравески, раскази на Елизабета Баковска, поезија на Блаже Конески и адаптација на сцена од „Трите високи жени“ од Едвард Олби, режија на Дејан Спасовиќ, продукција на „РКЦ РАКАТРАК“, премиера: 16.11.2021г.

„Are you crazy? (Улаф сте?)“ автор и режисер Јован Ристовски, продукција на „АТО Центар за современа уметност и култура“ – Битола, премиера: 13.06.2023г.

Глобалната слика на денешната театарска практика покажува дека не постои сериозна репертоарна политика, ниту концепт во кој се развива една театарска институција, истакна во своето образложение на програмата.

-Сметам дека главните создавачи на македонската театарска практика треба повеќе да се фокусираат на домашните драми, на актуелната театарска естетика и пред сѐ, секој режисер и директор на театар да го има предвид ансамблот со кој ја создава претставата. Од избраните претстави евидентно е дека недостига претстава работена според драма на македонски автор. За жал, тековната продукција понуди малку претстави од македонска драма, но затоа како уметнички директор го иницирав откупот на драми од македонски автори и повикот за претстави од независната продукција што игра македонски автори.

На прес-конференцијата беа соопштени и имињата на добитниците на наградата за животно дело на фестивалот. Годинава тоа се актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски.

Стојаноска исто така ја најави програмата „Автор во фокус“, што прв пат се воведува на фестивалот. Годинава тоа ќе биде Коле Чашуле (1921-2009), драмски автор, писател, есеист, општествен деец.

Исто така, од денес е достапна и редизајнираната веб-страница на фестивалот www.mtf.com.mk, која ќе биде основа за информирање на публиката за 57. издание на фестивалот.

Стојаноска истакна дека тркалезните маси ќе бидат многу важен сегмент од ова издание на „Војдан Чернодрински“ и дека учесниците на фестивалот ќе можат да остануваат во Прилеп, толку колку што ќе можат.

“Про Бокс Македонија” зеде учество на 75-то Генерално собрание на Европската Боксерска Унија во Малта

Во саботата на 13 мај 2023 година во Малта се одржа јубилејното 75-то Генерално Собрание на Европската Боксерска Унија.

На Собранието присуствуваа двајца делегати од “Про Бокс Македонија”, секретарот Дарко Чатлески и претседателката Весна Чатлеска.

-Од страна на Боксерската Асоциација на Малта состанокот беше организиран на високо ниво. Присуствуваа 38 членки од Европа. Главна точка на состанокот беше потпишувањето на договор помеѓу сите федерации и асоциации члеки на Е.Б.У за лиценцирање, издавање дозволи за професионални борби, времетраење на суспензиите на боксерите, нови правила за боксерски ракавици за борби итн. – информираат од “Про Бокс”.

-Претседателот на Е.Б.У Господинот Петар Штуцки потенцираше дека задолжително да се почитуваат минималните стандарди на лекарските прегледи на боксерите, бидејќи најважно е здравјето и заштитата на боксерите. Додека пак за локалните судии напомена дека треба да судат фер и професионално. За промотер на годината беше избран Еди Херн. Турција, Молдавија и Албанија беа изгласани за нови привремени членки на Е.Б.У. Во текот на оваа година договоривме да организираме професионална боксерска манифестација во Прилеп помеѓу Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. На крајот со свечена вечера се прослави 75 годишнината на Европската Боксерска Унија. Од страна на Е.Б.У ни беше доделена плакета а претседателот Петар Штуцки изрази задоволство за работата на Про Бокс Македонија – истакна претседателката на “Про Бокс Македонија”, Весна Чатлески.

Лидери во регионот: Пред 520 делегати прикажани практичните примени на лапароскопската микроинвазивна хирургија на Болница Плодност

На 5-тиот конгрес на МАГО (Македонска асоцијација на гинеколози и акушери на Македонија), кој се одржа во Охрид од 11.05 до 14.05.2023, нашите гинеколози и акушери учествуваа со 8 теми од областа на гинекологијата и акушерството. На конгресот беа присутни 520 делегати.

Прим. д-р Таше Трпчевски имаше предавања за новините во примената на лапароскопската микроинвазивна хирургија во Македонија – наши искуства.

„На овој конгрес сите присутни имаа можност да видат дека ние сме лидери во Македонија во примената на напреднатата лапароскопска хирургија. Со ова потврдивме дека науката нѐ движи нас, а ние ја движиме науката“, истакна д-р Трпчевски.

Викендов најбрзо се возело во Прилеп: Во акциска на СВР Битола најголем број казнети возачи од Прилеп

Вчера (14.05.2023) во периодот од 16.00 до 22.00 часот на територијата на СВР Битола спроведена e засилена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваaт возило со брзина поголема од пропишаната, при што санкционирани се 97 возачи од кои (31-Прилеп, 19-Битола, 28 Ресен, 6-Демир Хисар, 13- Македонски Брод).

Од вкупно 97 возачи 58 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 38 надвор од населено место. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.

Засилените акциски сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта.

Денеска е летен Атанасовден: Честит именден Атанас, Атанасија, Тане, Насте, Борче…

Светецот Атанасиј се нарекува борец за вистинското православие. Црквата одбележува два датуми врзани со неговото име, 31-ви јануари како зимски и 15-ти мај како летен празник. Св.Атанасиј е заштитник на многу домови и семејства, а како именден го прославуваат: Атанас, Атанасија, Тане, Насте, Борче…

Свети Атанасиј бил роден во Александрија, во 296 година. Уште како мал покажувал голема љубов за Бога. Едно време минал во пустина заедно со свети Антониј Велики. По враќањето во Александрија, станал архиѓакон во александриската црква. Учествувал на Првиот вселенски собор и се истакнал со познавање на Светото писмо и со говорништвото. Веднаш по Првиот вселенски собир на барање на народот од страна на епископите бил поставен за архиепископ на александриската црква каде што останал долго време.

Четири пати бил протеруван во прогонство, за време на различни цареви кои се плашеле од неговите проповеди и влијание. Во прогонство минал цели дваесет години. Се упокоил 373 година.

На денешен ден се празнува пренесувањето на неговите мошти, како и чудата што се случуваа над нив.

Џафери ќе мора да одговори на ова: Вељаноски го подбра Талат преку отворено писмо

Вељаноски прашува каде е целата база на податоци, како што се дневни редови на седници од 1991 година, стенограми на сите тие седници од 1991, видео записи од седниците од 2002 година наваму, гласања по точки, податоци за сите пратеници и нивни биографии почнувајќи од првиот собраниски состав од 1991 година.

Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, упати писмо до актуелниот спикер, Талат Џафери, како и до сите пратенички групи и невладини организации, обвинувајќи дека некој сака да го врати Парламентот 20 години наназад.

Вељаноски прашува каде е целата база на податоци, како што се дневни редови на седници од 1991 година, стенограми на сите тие седници од 1991, видео записи од седниците од 2002 година наваму, гласања по точки, податоци за сите пратеници и нивни биографии почнувајќи од првиот собраниски состав од 1991 година.

„Каде се целиот труд, време и енергија вложени од собраниската служба со цел собранискиот сајт и е-парламент систем да бидат едни од најдобрите во светот, да бидат пример и да им користат на граѓанити, пратениците и службата? Кој тоа се поигрува со два изградени, имплементирани и функционални системи? И зошто? Требаше само совесно и одговорно да се одржуваат и користат“, прашува Вељаноски.

Според него, со вакво неодговорно однесување, се губи транспарентноста на Собранието.

„Се губи отчетноста на пратениците пред своите гласачи, се губи најсилната алатка на медиумите за прибирање на многу податоци за работата на Собранието, сега и во минатото, пратениците губат можност за црпење на искуства од меморијата на работа и пракса на Собранието, фрлени во сенка се можностите за проверка на ставовите на партиите и пратениците за значајни теми во сегашноста и минатото, пратениците не можат да црпат искуство од воспоставените практики за работа на Собранието, академската и стручна јавност губи сериозен извор на информации и податоци за своите научни потреби“, наведено е, меѓу другото, во писмото на поранешниот спикер.

(ВИДЕО) Ѓурковиќ верен на ФК Победа до последно коло – испрати емотивна порака до прилепчани

Еден од најдобрите поединци во Победа сезонава, Србинот Огњен Ѓурковиќ, по крајот на сезоната во македонскта Прва лига ќе се раздели со црвено-белите.

Ѓурковиќ кој сезонава одигра 18 натпревари во дресот на прилепчани и постигна 3 погодици, во Победа дојде од редовите на Будуќност Добановци, а во својата кариера има настапувано уште за Партизан, Телеоптик и Зарково.

Србинот преку видео обраќање до Маркукуле се заблагодари до целиот стручен штаб во клубот и до менаџерот Златко Тодороски кој го доведе во редовите на Победа.

Вели дека изминатата година за него ќе остане во сеќавање и дека е задоволен од целата прилепска фудбалска јавност.

Ѓурковиќ жали што клубот не ја освари главната цел, а тоа е обезбедување опстанок во Прва лига и им посака на црвено-белите успех во иднина.

Тој на вчерашниот натпревар во Прилеп против Тиквеш го постигна единствениот погодок за Победа во поразот од 1:4.

На Ѓурковиќ му посакуваме среќа во понатамошната кариера и Прилеп несомнено ќе го памети.

https://www.facebook.com/reel/3406851592913723

Кај стасал направил пуздер: Полицијата влезе во домот на битолчанец – пронајдени дрога, накит, пари, телефони, часовници…

Вчера (14.05.2023) од страна на полициски службеници беа вршени претреси во домови, возила и помошни објекти на подрачјата на неколку сектори за внатрешни работи, при што беа пронајдени повеќе предмети поврзани со различни кривични дела.

Така, инспектори од Одделот за крим полиција – Одделение за недозволена трговија со дрога и оружје Битола, при претрес извршен со наредба од судија на претходна постапка од Основен суд Битола во домот на Т.П.(48) од Битола пронашле и одзеле поголем број предмети кои потекнуваат од кривичните дела “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”, “кражба” и “тешка кражба”. Во пронајдените предмети се кутија со бела грутчеста материја, бела прашкаста материја, повеќе ќеси со остатоци од бела прашкаста материја, две дигитални ваги со остатоци од кокаин, таблети, нож со остатоци од кокаин, скенер-детектор, лаптоп компјутер, два мобилни телефона, пет екслузивни рачни часовници, повеќе парчиња златен накит, над осум илјади евра во различни апоени, 600 австралиски и 800 американски долари, 30 илјади денари, патничко возило “БМВ”, со битолски регистарски ознаки.

За случајот е известен Јавен обвинител и по неговото целосно документирање против Т.П. ќе следи соодветен поднесок.

Во 16.45 часот полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога и оружје при ОВР Струга го лишија од слобода А.Л.(46) од Струга. По преземени мерки и активности, извршен е преглед на неговото возило „ауди“, со струшки регистарски ознаки на улицата „Петар Ѓончески Гиле” во Струга, при што полициските службеници пронајдоа и одзедоа осум опаковки со кафеава прашкаста материја – хероин. По целосно документирање на случајот и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Претходно во текот на изминатото деноноќие претреси со судски наредби беа извршени на подрачјето на СВР Струмица, при што во домот на Д.П.(20) од село Ангелци, струмичко, бил пронајден предмет кој потекнува од извршено кривично дело разбојништво, додека на подрачјето на СВР Тетово во домот на Б.Х.(23) од Тетово, била пронајдена и одземена марихуана. Лицата се приведени и следуваат кривични пријави.

Стартува плеј-оффот, Младост 96 изминатиот викенд забележа 4 победи, младиот Јоноски брилираше (ФОТО)

Викендов во Скопје во СЦ “Борис Трајковски”, ППК Младост96 одигра четири натпревари од Супер лигата во пинг-понг и извојува четири убедливи победи. Со тоа регуларниот дел од првенството прилепската екипа го завршува убедливо на првата позиција,всо само еден пораз и 17 победи.

Во саботата и неделата, Борчиќ, Стомнароски, Костовски, и младиот Давид Јоноски ги остварија четирите победи. За истакнување е одличната игра на младиот Јоноски, кој забележа две победи.

Пред стартот на плеј-оффот, екипата на Младост96 ја оствари првата цел, и до освојување на шампионска титула потребни се уште два чекори.

Прво во сабота, Младост96 ќе гостува во Берово во полуфиналето на плеј оффот, каде со истоимената екипа има предност од регуларниот дел од 1-0.

Потребна е уште една победа. Вториот полуфинален натпревар го сочинуваат Телеком Нец2 и Шампиони ФА.

Оптимизмот е голем за враќање на шампионската титула во Прилеп.