дома блог страница 1148

Во четврток уживање со класична музика во “Марко Цепенков”

Љубителите на класичната музика, во четврток (18.05.2023), во фоајето на Центарот за култура “Марко Цепенков”, со почеток од 18:30ч., ќе можат да уживаат во прекрасен концерт, во изведба на студентите од класата на Проф. Д-р Марија Ѓошевска.

Гости на концертот ќе бидат и младите виртуози на пијано од Прилеп, Анастасија Петреска и Арсениј Ангелески.

Дојдете, поддржете ги младите уметници и уживајте во извонредна музичка програма!

Влезот е бесплатен!

За летен Св. Никола највесело ќе биде во прилепско Загорани: Присутните ќе ги забавуваат Татијана Стефановска и “Форум бенд”

Верниците на православната црква на 22 мај го одбележуваат летен Свети Никола, празник посветен на преносот на моштите на Светиот отец Николај – Мирликиски чудотворец.

Христијаните веруваат дека Свети Никола е чудотворец и дека се случуваат многу чуда од неговите чудесни мошти. Овој светител спасил заробени и изгубени бродови, па затоа се смета за заштитник на морнарите. Затоа морнарите често го повикуваат во опасни ситуации или бродски бродоломи.

Овој светител – милостив, мудар и бестрашен свештеник, го поминал својот живот во служба на Бога. За време на неговиот живот, тој веќе се сметал за светец, а верувањето дека може да помогне и да излечи било каква болка, се одржува до денес.

На овој датум, сите бродови, каде и да беа, ги испуштија своите сидра и почиваа до следниот ден, давајќи слава на овој светител. Денес чамците често застануваат додека морнарите му се молат на светителот и потоа продолжуваат со своето патување.

Христијаните веруваат дека со неговите чудесни сили, Свети Никола им помага на сите што му се обраќаат за помош во болест, беспомошност и душевно страдање. Со помош на неговата молитва, погледот е вратен на слепите, а чувството за слух е вратено на глувите.

На овој ден, според традицијата, никогаш не треба да ја перете облека, да ја чистите куќата и да правите какви било домашни работи.

Во прилепско празникот се празнува во село Загорани, каде има прекрасен манастир посветен на Св. Никола.

Загорани се наоѓа во Прилепско Поле, југозападно од градот Прилеп. Селото се наоѓа на граница меѓу возвишението Шипковица на југоисток и низински дел на северозапад. Околни населени места се Веселчани, Чепигово, Тројкрсти и др.

До селото се пристигнува преку стариот пат за Битола, каде доколку доаѓате од Прилеп, се врти десно веднаш под депонијата Алинци.

По тесниот пат најпрво се стигнува до Веселчани, а веднаш потоа е и Загорани. Манастирот Св. Никола е оддалечен на само 500 метри над селото, а околу него изобилува зеленило.

Она што е интересно е дека околу манастирот, а и во неговите темели, се забележуваат остатоци од некое дамнешно време.

Локалните жителите велат дека на тоа место имало ранохристијанска базилика, а црквата е градена на тие темели.

Оваа година празнувањето ќе започне со света литургија, и тоа во недела 21.05. со почеток од 18:00часот и во понеделник на празникот, со почеток од 07:00часот.

За забавата ќе се погрижат Татијана Стефановска и “Форум бенд” на 21.05, а музика ќе има и наредниот ден.

Домаќините ги покануваат сите верници и добронамерници да го посетат манастирот, и да поминат еден убав празничен ден со своите најбилски.

Прилепчани на врвот во американски билјард: Кире Зајкоски го освои третиот МАСТЕРС од Државното првенство (ФОТО)

Изминатиот викенд на 13 и 14 мај во просториите на “Гран клуб” во Скопје се одржа третиот мастерс од Државното првенство во американски билјард дисциплина деветка во А и Б дивизија.

На мастерсот учествуваа 39 играчи од цела Македонија во Б дивизија и стандардните 16 играчи во А дивизија.

Како и на претходните мастерси, и на овој, Прилеп може да се пофали со одлични резултати, па така во Б дивизијата нашиот Менде Димитриоски со неговата одлична игра, се закити со бронза. Додека пак во А дивизијата, резултатите беа уште подобри.

Александар Крстески ја однесе бронзата, а Кире Зајкоски го освои мастерсот и се закити со златен медал.

Ова е уште еден доказ дека Прилеп има одлични играчи, кои после секој турнир се се’ повеќе конкурентни, како на домашен, така и на меѓународен терен.

Честитки за сите тројца прилепчани кои и на овој мастерс не го оставија Прилеп без медал.

Вработените во УЈП излегоа на предупредувачки протест: Бараат повисоки плати (ФОТО)

Вработените во Управата за јавни приходи (УЈП) и во регионалните канцеларии на УЈП денеска излегоа на предупредувачки протест од 10.00 до 11.30 часот пред Регионалните дирекции на управата.

Тие побараа зголемување на платите. Велат дека нивните лични доходи не се зголемени изминативе 14 години и дека тоа е во спротивност со Законот за плати.

Посочува дека трошоците за живот континуирано растат, а платите на вработените во УЈП се исти со години. Доколку нема зголемување на платите на вработените во УЈП, синдикатот и вработените се подготвени и за порадикални чекори, односно ќе продолжат со протести и генерален штрајк.

Маре и Благоја од Прилеп по 20 години работа во САД се вратиле во Македонија и сега живеат на раб на егзистенција: Aмерика ги одбила за пензија (ВИДЕО)

Во далечната 2000-та година заминале како туристи во посета на свои роднини во Америка, а таму останале цели 19 години. Брачниот пар, Маре и Благоја Петрески, навлезени во осмата деценија од животот, стари и болни, во 2019 година се враќаат дома во родниот Прилеп, убедени дека ќе го остварат правото барем на скромна американска пензија за тешката физичка работа која Благоја ја работел таму, откако обезбедил легална работна виза и така ќе имаат спокојна старост. Вели, си ги плаќал сите давачки кон американската држава, ама, од за нив неразбирливи причини, не можат да дојдат до пензијата. Неуки и изнемоштени, веќе четврта година, тие овде живеат на работ од егзистенцијата со 17 илјади македонска пензија, во изнајмен стан, а најблиските не се во можност да им помогнат – oбјави “АЛФА ТВ”

„Со сите потребни документи како што работеше таму секој Американец, така и јас работев. Земав чекови на кои што ми одбиваа за пензија,за здравство, за се. Ако чекот беше илјадарка, 300 долари запираа по разни основи. Јас во 2017 година од Америка се јавив во Скопје, женската ми рече, не е проблем, кога ќе си дојдиш овде, ќе го оствариме правото. Кога си дојдовме, се јавувам, сега, рече, топката е префрлена во Неапол во Италија, прати таму на е-мајл. И така почна цела работа“, раскажува 74-годишниот Благоја.

Неупатени во сето ова, помош побарале од извесна Агенција во Прилеп, која ја презела обврската службено да комуницира со посочената Канцеларија во Неапол. Таму, им биле испратени сите побарани документи. Првично дури и им била побарана и сметка каде да им бидат испраќани парите, но од пензијата ништо. Без никакво конкретно образложение, по сета таа админстративна голгота, Благоја бил одбиен.

„Требаше да вратат барем некакво писмо од Америка, образложение… Овие од Скопје, од Амбасада можат многу, многу да помогнат, а не МНР се занимава со триста проблеми што ги има државава, некој ќе се заниша од Минисерствово за Благоја Петрески оти во Америка не остварил право или не загинал таму во зградите некаде“– вели Благоја.

Благоја, додека бил во Америка работел како физикалец, учествувал и во расчистувањето на урнатините од Кулите-близначки, а работел и со многу опасни материјали, најчесто со азбест, за што уште тамошните адвокати му кажувале дека ќе му следува и соодветен надоместок за тоа.

Сега, Благоја вели дека се’ почесто и се’ посилно ги чувствува последиците по неговото здравје oд долгогодишната работа со опасниот азбест, но нема пари да оди и да направи испитувања, па како што вели, сега им останувало само да си ја чекаат смртта, живеејќи со скромната македонска пензија која успеал да ја добие за некогашната негова работа како возач. Истовремено, овие очајни луѓе молат за нивниот случај да се заинтересира и МНР и да им помогне час поскоро.

Каролина Дурло за “АЛФА ТВ”

МЛАДИТЕ ВО ПЕЛАГОНИЈА ПРОДОЛЖУВААТ СО РАЗВИВАЊЕ НА СВОИТЕ БИЗНИС ИДЕИ

На 13.05.2023 година во Битола продолжија активностите на проектот “FAST FORWARD” во чии рамки се реализираше четвртата работилница од модулот: ДОНЕСУВАЊЕ ОДЛУКИ И ДЕЛОВНО ПЛАНИРАЊЕ – ПАЗАРНА ВАЛИДАЦИЈА НА БИЗНИС ИДЕИ.

За време на работилницата, младите учесници од Пелагонискиот регион ги презентираа своите бизнис идеи разработени во CANVAS формат притоа разработувајќи ги најважните аспекти на секој стартап и тоа: потенцијални клиенти, value proposition, канали на дистрибуција, маркетинг и промоција, потребен инвестициски капитал, расходи и клучни активности.

Со цел поголем импакт од работилницата, за време на истата со учесниците беше дискутирано и за поими и практики кои се од исклучителна важност за раст и развој на секој бизнис во почетна фаза како што се бизнис акумен, лидерство и ефикасна комуникација.

Како и кај претходните три работилници, според коментарите и евалуацијата од страна на учесниците, целта на работилницата беше постигната: учесниците имаа можност да ги разработат и валидираат своите бизнис идеи но и да стекнат нови знаења и вештини кои ќе им помогнат да ги реализират своите претпремачки планови и да ги креираат своите бизнис успеси истовремено применувајќи иновативно размислување и пазарна логика.

Проектот “FAST FORWARD – развој на вештини на младите од Пелагонија за подобра иднина” е имплементиран од Здружението за унапредување на развојни процеси ПРО ЛОКАЛ од Битола со поддршка од Американската Амбасада во Северна Македонија.

ВРЕДЕН НАГРАДЕН ФОНД, награди и трофеи за најдобар играч, голман и стрелец: Пријавете екипа за “Лажани Футсал Куп”

Oд први јуни во Лажани ќе се одржи голем турнир во мал фудбал, за кој пријавувањето е веќе во тек.

Заинтересираните екипи ќе можат да го регистрираат своето учество најдоцна до 31.05. до 15:00 часот, а котизацијата по екипа изнесува 3.000 денари.

Наградниот фонд на турнирот е навистина богат, па првопласираната екипа ќе добие награда од 1.000евра, за второ место се предвидени 600евра, а за трето 400евра.

Покрај тоа трите најдобри екипи ќе добијат трофеи и медали за своето учество.

Организаторите се погрижиле да набават и оригинални трофеи за најдобриот играч, стрелец и голман на турнирот.

Заинтересираните екипи своето учество можат да го пријават на еден од следните телефонски броеви:

Белмин Кујовиќ – 071-968-552

Адмир Угљанин – 070-374-805

Есмин Колашинац – 071-659-645

Следете ги сите новости за турнирот на следната Фејсбук фан страна: Lazani Futsal Cup

Училиштата ни се празнат: Големо намалување на бројот на ученици за една година

На крајот на учебната 2021/2022 година, бројот на учениците во редовните основни училишта изнесувал 184 910, што претставува намалување за 0.6 % во однос на претходната учебна година, соопшти Државниот завод за статистика.

Во редовните средни училишта, бројот на учениците на крајот на учебната 2021/2022 година изнесува 69 378, што е намалување за 2.5 % во однос на претходната учебна година.

Фуриозните ИЛИНДЕНЦИ од Прилеп викендов одлични на “Трофеј Охрид”: Koнстантин Костоски и со дефект на тркалото го освои првото место (ФОТО)

Велосипедскиот клуб “Илинден” од Прилеп со победа ја започна новата сезона во роад конкуренција. Викендов се возеше Куп на Македонија “Трофеј Охрид”, a ИЛИНДЕНЦИТЕ од Прилеп одново беа неприкосновени.

Константин Костоски – фуриозно стигна до првата победа во кадетска конкуренција. За потенцирање е тоа дека Константин во еден момент имаше и дефект на предното тркало, но сепак успеа да се избори за првата позиција.

Андреј Маџоски го освои второто место во конкуренција на јуниори, а прва трка возеше Ребека Јанкоска, која беше одлична, ако се има предвид дека доживеа и повреда при пад од велосипедот.

За потенцирање е и осмото освоено место од Младен Петрески, кој оваа трка ја извози болен.

Што ќе понуди второто издание на адреналинскиот фестивал SAMOKOV XTREME? Eдинствена можност да уживате во недопрената природа на Поречието

Соопштение од Гоце Бојкоски, извршен директор на Здружението на граѓани, “Форум за авангарда креативност-ФАК”

Форум за авангардна креативност-ФАК, е здружение на граѓани кое повеќе од 20 години работи во областа на културата и уметноста, во насока на промоција на културниот идентитет препознатлив во меѓународни рамки. Насочен кон заштитата на културното наследство, како и кон подобрување на условите на граѓаните за квалитетен живот, Форум за авангардна креативност реализираше повеќе значајни проекти во областа културата и културниот туризам. Исто така мотивирани од трендовите на авантуристичкиот туризам, ФАК организира и помага во организација на традиционални меѓународни аутдор настани на полето на активниот туризам во повеќе региони низ Република Македонија.

На 3 и 4 јуни 2023г во Самоков и Белица (Општина Македонски брод) во организација на Општина Македонски брод и здруженијата: Форум за Авангардна Креативност, Вело Че и САМОКОВ ЕСТРЕМ, втор пат ќе се одржи фестивалот на отворено SAMOKOV XTREME на кој очекуваме да земат учество повеќе од 500 спортисти и љубители на природата.

На фестивалот, учесниците ќе можат да се претстават во следните спортски категории, и тоа :
– возење со теренски возила ( џипови)
– возење со мотокрос
– возење со АТВ возила
– возење со МТБ велосипеди
– планинарска тура

Покрај спортскиот дел на фестивалот,предвидена е и културно-забавна програма со учество на естрадните артисти Елена Јовческа и Дарко Билбиловски со нивните бендови, кои ќе настапат во саботата на 03ти јуни во кампот на фудбалскиот стадион и учество на реномиран DJ кој ќе ги забавува присутните за време од двата дена кога ќе се реализира настанот.

Главната цел на проектот е развојот на туризмот во Поречкиот регион и поставување на Македонија на мапата на атрактивни дестинации за алтернативен туризам.

Очекуваме успешно организиран настан, кој ќе биде голем адут во иднина за организирање на поголеми интернационално посетени настани, со цел промовирање на поречкиот регион и Македонски брод.

Ова се информациите за спортските дисциплини кои ќе ги содржи фестивалот на отворено SAMOKOV XTREME :

Велосипедска тура
Велосипедската тура е во организација на Здружението ВЕЛО ЧЕ и годинава ќе се одржи по љубилеен петти пат. Базата и стартот на вело турата ќе бидат во ресторанот Чифлик во с.Белица.

На учесниците ќе им бидат понудени две велосипедски тури, и тоа :
Мала Тура – GREEN TOUR … која се вози по течението на река Треска…со освежување во с.Црешнево ;
Голема Тура – EPIC TOUR … која се вози до Фојник каде велосипедистите ќе ги чека пункт за освежување;

Планинарската тура со должина од околу 15км ќе се одвива по следната релација : Старт од кампот во Самоков – с.Ковач – с.Бенче- враќање во Самоков.

Сакаме да напоменеме дека при реализацијата на велосипедската и планинарската тура ќе бидат ангажирани искусни планински и велосипедски водичи со големо искуство на настани од ваков тип.

Турите со теренски возила, АТВ возила и мотокрос ќе се возат двата дена(сабота и недела) на релација:

Сабота 03 јуни 2023г
Самоков – Добра вода – с.Бенче – Самоков

Недела 04 јуни 2023г
Самоков – с.Рамне – с.Брест – Фојник планина – с.Требовље – Самоков.