дома блог страница 1139

Битолчанец копал гроб на гробиштата кај “Буковски ливади”, па пронашол неексплодирана граната

Денеска (24.05.2023) во 07.20 часот во СВР Битола Г.Т.(43) од с.Кукуречани, пријавил дека при копање на гробно место на гробиштата кај „Буковски ливади“ пронашол неексплодирана граната.

Гранатата е безбедно подигната од пиротехничар од ДЗС, од кого било добиено известување дека се работи за артилериска граната со калибар 105 мм. од Првата светска војна.

Пожар во стан во Прилеп

На 23.05.2023 во 18.00 часот било пријавено дека на ул.„Климент Охридски“ во Прилеп настанал пожар во стан сопственост на И.Ѓ.(77) од Прилеп.

Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица Прилеп. Повредени лица нема.

Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Прилеп – информираат од ОВР Прилеп.

Да им посакаме среќа: Седум млади каратисти од КК “Бонсаи” Прилеп, ќе ја претставуваат Македонија на Балканското првенство во Бар

Каратистите од Карате клуб ,,Бонсаи ” Прилеп: Софија Димеска, Софија Крстевска, Иво Качаков, Леонид Белески, Глигор Иваноски, Марио Ангелески и Цвете Миланоска, ќе ја претставуваат нашата држава на Балканското првенство во карате (во кати и борби ), кое ќе се одржи во Бар, Црна Гора, од 26. до 28. мај.

Под водство ма тренерите Дамјан Ристески и Валентина Пурдеска, прилепските каратисти активно се подготвуваат за овој спортски предизвик, и ветуваат дека ќе дадат се’ за да не израдуваат со нови спортски успеси.

Стотици велосипедисти од најмала до најголема возраст, возеа заедно во Прилеп на традиционалната тура “Сите на велосипед 2023” (Фото галерија)

По повод Денот на сесловенските просветители „Свети Кирил и Методиј“ денеска во Прилеп, се одржа традиционалната „Сите на велосипед“- 2023.

Стотици велосипедисти од најмала до најголема возраст возеа до населеното место Мало Коњари и назад, а целта на трката е да се промовира велосипедот како еколошко и најприфатливо средство за патување кое не ја загадува животната средина.

Градоначалникот Борче Јовчески кој ја отвори трката го честиташе големиот празник 24 мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, и порача дека за многу скоро време општина Прилеп ќе го распиши Јавниот повик за субвенционирање на дел од трошоците за купување на велосипеди.

Организатор на велосипедската тура е велосипедскиот клуб „Илинден“ од Прилеп, заедно со Локална самоуправа како покровител.

Прилепските ангелчиња пред преполна сала и со прекрасна приредба одбележаа 55 години постоење на Детските градинки “Наша иднина” (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Во преполната сала на Центарот за култура “Марко Цепенков” и со прекрасна програма од дечињата, ЈУОДГ “Наша иднина” од Прилеп прославија 55 години од своето постоење.

Публиката уживаше во беспрекорно подготвените точки кои дечињата ги спремија заедно со нивните воспитувачи и воспитувачки.

Прекрасни, разиграни, весели…. тие се нашата иднина за која треба да направиме се’ во животот и да ги однесеме на вистинскиот пат.

Нека е честит јубилејот – 55 години постоење на ЈУОДГ “Наша иднина”.

Мицкоски: Одлуката на Судот во Стразбур за 27-ми април е шамар за СДС и ДУИ кои водеа политичка хајка против опозицијата

Стигна пресуда од судот во Стразбур за 27 април каде јасно се вели дека биле прегазени човековите права и притворот бил злоупотребен. Оваа пресуда е шамар за власта на СДС ДУИ која ја водеше најбруталната политичка хајка против опозицијата, а целта е јасна, не дека, луѓе кои и сега се по затворите се терористи, туку затоа што од власта правеа притисоци за да им поминат уставните измени. Неколку години потоа судијката која, и го водеше случајот стана синоним за она што денес преставува и се вика кацарска судството, распаднат судски систем кој е корумпирана алатка во рацете на власта, како и СЈО камшик во рацете на СДС и ДУИ кои се распадна поради неговата криминализираност, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашната трибина во Струмица посветена на здравството.

Мицкоски укажа, стотици, би рекол илјадници семејства страдаа, а десетици своите најблиски ги испраќаа по затворите не затоа што се бараше правда, туку затоа што се водеше хајка.

„Не велам дека луѓето од 27 април не употребиле сила, но ако за тоа лежат 200 години затвор, тогаш овие од власта треба да лежат 2000 години. Не може тие луѓе 200 години затвор, а Рашкоски на слобода, Рашковски на слобода, Ден Дончев со туце пари на летен одмор во Австралија, а ниту еден, ниту еден криминален случај решен. Ќе дојде ден кога сите овие ќе се соочат со правдата. А тие што ги водат овие хајки треба да знаат дека одговорност ќе има, за судиите, за обвинителите, за политичките субјекти кои нарачуваа брутални сценарија и ја газеа правдата и вистината“, заклучи Мицкоски.

Претрес во домот на 60-годишен битолчанец: Полицијата му пронајде голема количина трамадол и дијазепам

На 23.05.2023 во 10.00 часот во Битола од полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Битола бил лишен од слобода Ќ.М.(60) од Битола поради тоа што при претрес во неговиот дом биле пронајдени и одземени голема количина капсули трамадол и таблети дијазепам.

По целосно документирање на случајот ќе следи кривична пријава по чл.212 од КЗ – информираат од СВР Битола.

RiverSoft Прилеп слави прв роденден! ЦЕЛА НЕДЕЛА ЦЕНИ И ДО -50%!

Продажниот салон за бела техника на RiverSoft во Прилеп слави една година од своето отварање. Во изминатите 365 дена брендот целосно го промени пазарот во градот под Марковите Кули, нудејќи постојано цени достапни за секого, голем број промоции, љубезен персонал и исполнување на желбите и потребите на муштериите.

Сега по повод роденденот на салонот, прилепчани ќе имаат можност да се подноват со некој нов апарат по цени пониски од 20 до 50%, и тоа на целиот асортиман.

Само погледнете ги флаерите во продолжение и ќе ви биде јасно ко ден:

Акцијата започнува од 25.05 и ќе трае до 01.06.2023.

АЈДЕ ВО РИВЕРСОФТ!

Христијанскиот свет ги празнува македонските просветители Св. Кирил и Методиј – Честит именден Кире, Кирил, Методиј, Менде, Методија…

Големите македонски и сесловенски просветители Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, тие имаат и заеднички празник на 24/11 мај. Поради нивните заслуги за христијанството Светета црква ги прогласила за рамни на апостолите.

Именден празнуваат: Кирил, Методија, Кире, Киро, Методиј, Мето, Менде…

Во почетокот Црквата одделно го празнувала споменот на двајцата браќа, на деновите на нивното упокојување Кирил на 27/14 фев. и на св. Методиј на 19/6 април. Но подоцна се јавила потреба за нивен заеднички празник, едно затоа што тие се родени браќа и друго затоа што заедно извршувале иста дејност.

Најпрвин заедничкото празнување било на денот на упокојувањето на св. Методиј, како што е запишано во Станиславовиот пролог: „И се празнува нивниот спомен на 6 април и црквите многу празнуваат во нивниот спомен“.

Но, поради тоа што овој датум се паѓа во строгите велигденски пости кога црквата забранува свечено празнување, се нашло за попогодно ова празнување да биде пренесено на 11 мај (с.с.). При празнувањето на илјадагодишнината од Моравската мисија во 1863 година, Светиот серуски синод донел одлука, почнувајќи од таа година 11 мај (с.с.) да се празнува како црковен празник на преподобните Кирил и Методиј.

Потоа ова празнување било прифатено од сите словенски народи. Родени се во Солун во семејство на висок византиски службеник. Татко им Лав бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија. Најстариот од седумте деца, Методиј е роден околу 815 година, а Константин бил седмо дете и е роден во 826/27 година.За постариот брат Методиј многу малку се знае. Не се знае дури ниту неговото крстено име, а името Методиј е добиено во монаштво.

Се знае дека завршил највисоки школи во Константинопол, дека во младоста ја избрал воената служба и десетина години бил управител на Словенско кнежевство во Македонија што било под власта на византискиот император и дека таму го напишал делото „Закон судниј људем“ („Закон за судење на луѓето„). Но ја напуштил оваа служба и заминал во манастирот на планината Олимп (Мала Азија) каде што се закалуѓерил.

Подоцна во овој манастир дошол и неговиот помал брат Константин со кого заедно учествувале во две значајни мисии: Хазарската и Моравската.Константин, пак, уште како дете го учел напамет познатиот христијански беседник Григориј Богослов, се истакнувал во учењето поради што бил забележан од царските советници, кои му овозможиле да се школува во познатата Магнаурска школа во Цариград којашто имала ранг на денешен универзитет.

Тука се афирмирал како извонреден мислител, богослов и апологет на христијанството. Во житијата се вели дека граматиката ја изучил за три месеци, дека го учел Хомер (Илијадата и Одисејата), дека кај Лава и Фотија ги учел дијалектиката, сите филозофски науки, потоа реториката, артиметиката, астрономијата, книжевноста, сите елински уметности итн.

По завршувањето на школата работел како библиотекар во познатата Патријаршиска библиотека во Цариград, од каде што заминал во еден манастир на Босфор. По престојот во манастирот бил поканет за професор на Магнаурската школа каде што станал познат професор по филозофија, поради што го добил прекарот Филозоф.Бидејќи се истакнал со познавање на црковните но и на световните прашања на 24 годишна возраст од страна на византискиот двор бил испратен во Арапската мисија кај Сарацените, којашто имала државно-политички и религиозен карактер.
Со Сарацените водел полемики по повеќе верски прашања, а се запознал и со нивниот живот и обичаите.Во 858-859 година Кирил, Методиј и повеќе други пратеници од Византија престојувале во Мисија кај Хазарите каде што требало да решат повеќе важни политички и верски прашања.

Овде ги нашле и моштите на папата Климент I, кој уживал голема почит кај Римјаните, а Кирил напишал и пофално слово за Климент и химна за него. По успешното завршување на оваа мисија, Методиј повторно заминал во својот манастир на Олимп, а Кирил во некој манастир во Цариград. За време на овој престој во Цариград тој се прославил со дешифрирањето на еден запис од чашата на еврејскиот цар Соломон која се чувала во црквата „Света Софија“ во Цариград.

Сепак, за двајцата браќа најважна е Моравската мисија, којашто е важна и за иднината на сите Словени. Иницијатива за оваа мисија дал моравскиот кнез Ростислав кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземал мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија.

Имено, замолил да му испратат луѓе кои Божјото слово ќе го проповедаат на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но и Византија имала свој интерес па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. А тие мисионери биле Кирил и Методиј.

Но тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), за првите преводи од грчки на словенски јазик Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината.Во Моравија Кирил и Методиј биле пречекани со воодушевување од страна на кнезот Ростислав, но и со жесток отпор од страна на германските свештеници.

Тие ги обвинувале солунските браќа затоа што службата ја изведувале на словенски јазик, тврдејќи дека Божјото слово треба да се проповеда само на три јазици: еврејскиот, грчкиот и латинскиот.Поради ваквите пречки во работата двајцата браќа тргнале за Рим со намера, лично поред папата, да ја образложат својата дејност и да ги оспорат многуте клевети. На пат за Рим минале низ Панонија каде што кнезот Коцел бил одушевен од нивната служба и посакал и во неговото кнежевство службата да се изведува на разбирлив словенски јазик.

Потоа стигнале во Венеција каде што Кирил имал остра полемика во одбрана на правото сите народи, па и Словените, на свој јазик да ја изведуваат богослужбата. „Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А Сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишиме воздух сите еднакво?

Па тогаш како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“ ‒ им рекол Кирил и додал дека и Персијанците, Ерменците, Арабјаните, Хазарите и други народи словото Божјо го проповедаат на свој јазик и дека е незамисливо дури и апсурдно тоа да се прави на јазик неразбирлив за верниците.Во Рим браќата биле пречекани со голема свеченост, уште повеќе што со себе ги носеле моштите на папата Климент I, коишто св. Кирил ги нашол за време на Хазарската мисија.

Во Рим во тоа време сè уште бил жив култот кон папата свети Климент I, кој маченички го завршил животот, поради што враќањето на неговите мошти во светиот град претставувало голем настан, а браќата биле почестени со големо внимание.Папата, тргнувајќи од некои интереси на папската столица, дозволил во неколку цркви во Рим да се изврши богослужба на словенски јазик, со што го признал овој јазик за службен во црквата.

Тој ги зел во заштита словенските книги, Методиј го произвел во свештеник, Константин во повисок калуѓерски ред (со што го добил името Кирил), повеќе ученици добиле свештенички звања, а Климент и Наум станале презвитери.По големите напори Кирил починал во Рим на 27/14 февруари 869 година на голема жалост на брат му Методиј и неговите ученици. Тука бил и погребан, така што и денес неговите мошти почиваат во Рим во црквата „Свети Климент“.

Оттука св. Методиј со своите ученици се вратил во Моравија, одел и во Панонија кај кнезот Коцел, но непријатностите не престанале. Две и пол години минал во затвор, а по ослободувањето (по директна интервенција на папата), морал постојано да оди во Рим и Цариград да се правда од клеветите и да реферира за постигнатите резултати. Чувствувајќи го својот крај во 884 година зел двајца свои ученици-брзописци и за шест месеци ја превел целата Библија на словенски јазик.

Починал на 19/6 април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград.По смртта на Методиј неговите ученици останале без заштита. Германските свештеници со нив жестоко се пресметале. На Горазд му се губи трагата, некои од учениците биле продадени како робови, други протерани преку Дунав, на југ. Меѓу овие биле и светите Климент и Наум кои делото на своите учители со голема страст и знаење го продолжиле на брегот на Охридското Езеро во древниот град Охрид.

Грчката црква не го празнувала споменот на светите Кирил и Методиј. Словенските цркви, пак, споменот на смрта на св. Методиј го одбележувале на 6 април (с.с.) набргу по неговата смрт. Сведоштво за тоа е и „Асемановото евангелие“ (10-11 век) во кое датумот 6 април е забележан како „спомен на смртта на преподобниот наш отец Методиј, архиепископ на горна Моравија, брат на преподобниот Кирил Филозоф.“

Долго време споменот на св. Кирил Филозоф се одбележувал на 14 февруари (с.с.), а на 6 април (с.с.) се одбележувал заедничкиот спомен на двајцата браќа. Бидејќи овој празник е во велигденските пости кога не е дозволено повесело празнување потребен бил нов датум за таа цел.

Со указ на светиот Синод на Руската црква, по повод 1000 годишнината од првотро осветување на словенскиот јазик, во 1863 година решено е секоја година на 11 мај (с.с.) да се слави празникот на преподобните Кирил и Методиј, со ноќно бдение, со литургија и молебен и со служба која за таа цел била напишана истата година.Светите браќа Кирил и Методиј од страна на Светата црква се прогласени за рамноапостолни поради нивните заслуги за афирмацијата на христијанската вера.

„Најголема пофалба за нив, ‒ пишува Григор Прличев во Словото за св. Кирила и Методија, ‒ е оти папата, денешниот папа римски, оценувајќи ги нивните маки и трудови, оценувајќи ја величината на нивните дела, ги нарече рамноапостоли и издаде заповед, писмена заповед, строга повела по сето свое паство да го празнуваат сите денот на св. Кирил и Методија.“

Коментирајќи ја ваквата одлука на папата и на црквата воопшто Прличлев истакнува дека нивните заслуги се големи. „Иако биле болни тие многу направиле за афирмација на Христовата вера, тие пак се трудеа, неуморно се трудеа додека го извршија великото дело, коешто не би можеле да го извршат ни цареви, ни императори, ни самите можеби Христови апостоли, ниеден од апостолите не покрстил толку души колку св. Кирил и Методи.“

Во ова свое Слово коешто не е датирано, но веројатно е кажувано за време на неговото учителствување во Солун 1884-1890, Прличев во едно свое вдахновено расположение искажува умерение дека солунската гимназија „ќе произведе уште многу Кириловци и Методиевци, што ќе бидат светила на нашите училишта, ќе бидат благолепие на нашите цркви, ќе бидат столпници на верата и ќе го прославуваат македонското име.“

Празникот на светите браќа Кирил и Методиј посвечено почнал да се празнува во 19 век. Марко Цепенков забележува дека овој празник силум се воведе во црквата (…) при подигнувањето на црковното прашање. Стефан Тановиќ во своите записи од Гевгелиско вели дека „Св. Кирил и Методиј“ е нов празник кој од скоро почнал да се споменува и да се слави. Го празнуваат само Србите и Бугарите, како Словени, додека Грците не сакат ни да слушнат за него. Во денешно време тенденцијата е заеднички да се празнуваат светите браќа како просветители на словенските народи.

Планинарско дружење низ Селечка Планина: Во недела ќе се одржи вториот марш “Планинарска тура МОМАТА 2023”

Планинарското здружение “МОМАТА” oд Прилеп ве поканува на планинарски марш низ Селечка Планина, што ќе се одржи во недела (28.05.2023) со почеток од 08:00часот.

-Оваа година, исто како и минатата нашето Планинарско спортско друштво, повторно го организира маршот “Планинска тура МОМАТА 2023”. Овој марш минатата година имаше добра посетеност, се надеваме дека така ќе биде и оваа година.

Околу маршот: Тргнувањето е во 08 часот од манастирот Св.Димитрија над с.Селце-прилепско, потоа продолжуваме до-Домаќинско чешмуре (пауза од 5 минути)-Рикина чешма-групно сликање кај карпа Момата, потоа се качуваме до место викано Желката-по изохипса до Казанташ-Попова нива, каде е предвидено одмор од 45 до 60 минути, и освежување со чиста планинска вода и јадење од ранец (кој што си носи).

Потоа се продолжува со искачување до место викано Ливада, (одмор од 5 минути) и се продолжува со заобиколување на врвот Чуле до местото викано Устрелец 1442 МНВ. Пауза од 15 минути на Устрелец и се тргнува за назад до манастирот Св.Димитрија, каде и завршува овој марш. Доколку некој сака да го искачи врвот Чуле 1545 МНВ да ги извести за тоа водичите и организаторите на овој марш. Пожелно е никој да не се одделува од групата, а доколку има потреба за тоа да ги извести водичите и организаторот.

Оваа тура спаѓа во средно тешки тури. Должина на рутата е 11 километри. Доколку има некои измени, благовремено ќе бидете известени.

Тел за контакт: Дарко 072-226-439 Тони 076-425-103 Горданчо 075-464-380.

Ве чекаме и покануваме на учество во овој марш низ Селечка – стои во поканата за планинарскиот марш.