дома блог страница 1124

Исправно: Јавно претпријатие набави машини за обележување улици во Битола – Нема повеќе нереални трошоци

Општина Битола, продолжува да работи на реализација на предвидените проекти за кои согласно буџетот, обезбедени се потребните средства. Во согласност со здравствените препораки, се работи во раните утрински и вечерните часови, вели секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски, кој заедно со директорот на „Паркинзи“ присуствуваше на започувањето на обележувањето на хоризонталната сигнализација со новата машина и опрема набавена од страна на јавното претпријатие за паркирање во соработка со Општина Битола.

„Општина Битола продолжува посветено да работи во интерес на граѓаните. Работиме посветено на реализација на инфраструктурните проекти. Последниот период се соочуваме со голем предизвик со новонастанатата ситуација со зголемените температури. Секако, внимаваме на препораките, но во договор со економските оператори со кои имаме склучени договори, се со цел навремена реализација на инфраструктурните проекти, а работиме на повеќе од 10 проекти, работното време се организира во раните утрински часови, попладне или во вечерните часови за да може да се задоволи потребната динамика. Тоа се оние проекти за кои се обезбедени средства преку изгласаниот и предвиден буџет. Така, во текот на утрешниот ден не очекува асфалтирањето на улица Зборска, за скоро ќе се реализира асфалтирање на улица СРУ 5, улица 16 та. Дел од проектите, до средината на месец август ќе бидат завршени.

Но, покрај проектите во инфраструктурата во соработка со јавните претпријатија, работиме заеднички и на осовременување и на возниот парк и на нивната опрема. Така, започнуваме со бележење на хоризонталната сигнализација со новата машина која што е набавена во соработка со Јавното претпријатие „Паркинзи“, во вредност од 2.250.000 денари, што ќе овозможи и осовременување на нивните услуги, но и секако и зголемување на нивните приходи и ефективност во работењето. Покрај оваа машина, набавена е и дополнителна опрема за бележење на пешачките премини. Исто така, кога зборуваме за осовременување на опремата, во тек е јавна набавка за камион за отпад за тесни улици за подобрување на јавната чистота низ улиците на Битола, како и 6 косилки и дополнителна механизација, а корисник ќе биде јавното претпријатие Комуналец. Ова го правиме заеднички со јавните претпријатија за подигнување на квалитетот на услугите, но и поефективно и поефикасно одржување на јавните површини и остварување на нивната дејност, а во интерес на граѓаните на општина Битола“, изјави Борче Димитровски, секретар на општина Битола.

Нови дела во трајна вредност на Прилеп од 15-та меѓународна ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2023“ (ФОТО)

Деветнаесет уметници од земјава и од странство се гости на Прилеп и веќе активно творат и ги креираат своите уметнички дела, на годинашната 15-та меѓународна ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2023“.

Уметниците денеска ги посетија градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески и претседателот на Советот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, кои се запознаа и се интересираа за работењето на уметниците и начинот на креирање на нивните дела, изразувајќи го своето задоволство од нивното учество на една од најзначајните ликовни колонии во Македонија.

Уметниците и оваа година работат во повеќе дисциплини: скулптура, инсталација, сликарство и користат различни материјали, дрво, метал и прилепски мермер. Се очекува годинава да се создадат 40 дела кои ќе бидат дел од наследството на Центарот за култура „Марко Цепенков“, кој,патем, поседува завидна колекција на уметнички дела од претходните колонии.

Делата од меѓународна ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2023“ ќе бидат презентирани на изложбата во Центарот за култура, „Марко Цепенков“ во сабота на 22 јули со што и официјално, во Прилеп ќе заврши 15-тата меѓународна ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2023“.

Меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков -Дрен 2023„ започна на 17 ти јули и ќе трае до 22 јули.

Му предвидуваат светла иднина: Младиот талент од младинската школа на РК Прилеп потпиша професионален договор со првиот тим

18-годишниот Давид Трајкоски кој потекнува од младинската школа на РК Прилеп, денеска потпиша професионален договор за првиот тим на клубот.

Трајкоски кој игра на позиција лево крило важи за голем талент и му се предвидува светла иднина.

-Уште едно засилување на нашата екипа пред самиот старт на новата сезона. Имено, 18 годишниот Давид Трајкоски е најновиот член кој ни доаѓа од редот на младинската школа на клубот и својот понатамошен професионален развој ќе го продолжи во рамките на нашиот тим – напишаа од клубот на Фејсбук.

Богата музичка програма: Денеска и утре во Новаци се одржува вториот по ред “Фестивал на жетвата” – главна ѕвезда Влатко Лозаноски

Општина Новаци и оваа година, втора по ред, организира „Фестивал на жетвата“. Истиот ќе се одржи на 21. и 22.07.2023 година.

Од општината најавуват дека – Овој фестивал ќе биде дводневен хепенинг кој покрај забавниот дел, ќе содржи и едукативен и изложбен дел, односно ќе присуствуваат и изложувачи на разни видови на земјоделска механизација, препарати, семиња. Општина во Пелагонискиот Регион во која се најголемите производители на храна во нашата држава.

Малолетник од Прилеп завршил со тешки телесни повреди откако со велосипед удрил во ограда

Вчера во 20.00 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на ул.„Дебарца“ во Прилеп, малолетник од Прилеп, управувајќи велосипед, изгубил контрола и удрил во ограда, информира МВР.

Во несреќата, малолетникот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската болница Прилеп, додаваат од МВР.

Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Прилеп.

БРАВО! Македонски ученички освоија два бронзени медала на Европската олимпијада по информатика за девојки

На третата Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2023), која од 15 до 21 јули се одржува во Лунд, Шведска, македонски ученички освоија два бронзени медала.

Бронзените медали за Македонија ги освоија Софија Велковска од Скопје и Јована Трифуноска од Тетово, а солиден резултат постигнаа и другите две членки на македонскиот тим: Сара Стефановска од Крива Паланка и Атина Рувинова од Охрид.

Тимот е раководен од лидерите д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Ученичките беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 34-ти пат.

-Вклучувајќи ги овие два медала, македонските ученички на трите досегашни изданија на Европската олимпијада имаат освоено вкупно еден сребрен и четири бронзени медали, што претставува успех со кој можат да се пофалат релативно мал број на земји учеснички на олимпијадата, изјави проф. Јованов.

Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е релативно нов натпревар, наменет само за средношколки кои се заинтересирани за изучување на компјутерските науки. Примарна цел на оваа олимпијада е да се поттикне интересот за информатиката и кај девојките, кои се забележливо помалку присутни на редовните меѓународни олимпијади по информатика.

Форматот на натпреварување е многу сличен на веќе етаблираните меѓународни натпревари, како што е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ). Главниот дел од настанот се состои од два натпреварувачки дена, во кои ученичките решаваат предизвикувачки проблеми преку дизајнирање и имплементирање на соодветни ефикасни алгоритми.

Секоја земја членка на ЕОИД-заедницата учествува со свој тим составен од најмногу четири натпреварувачки на возраст под 20 години, избрани преку националните натпревари во програмирање, како и лидер и заменик лидер на тимот.

На ЕОИД 2023 учествуваат вкупно 127 учеснички од 36 европски земји, а како претставници на земји гости, во неофицијална конкуренција учествуваат и 62 ученички од 16 земји надвор од европскиот континент (како Бразил, САД, Египет, Индија, Саудиска Арабија и др.).

-Успехот на нашиот тим, со освоените два бронзени медала во ваква силна конкуренција, е навистина голем и заслужува почит, истакнува проф. Јованов.

Следната, четврта по ред, Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2024) ќе се одржи идната година, во Ајндховен, Холандија. Следен настан, пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ) во Сегедин, Унгарија, кон крајот на август.

Фатен битолчанец кој се барал за тешки кражби, разбојништва, кражба на возило: Спроведен во прилепскиот затвор

На 20.07.2023 на ул.„Караорман“ во Битола, полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Битола го лишиле од слобода Д.Џ.(22) од Битола.

Тој бил баран по централна потерница врз основа на судска наредба за издржување казна затвор од шест години и три месеци за сторени кривични дела по член 238, 242, 236 и 396 од Кривичниот законик.

Тој бил спроведен во Казнено-поправнат установа Затвор Прилеп за издржување на казната.

Инаку, при лишувањето тој физички нападнал полициски службеници кои вршеле службени дејствија за што ќе му биде поднесена соодветна пријава.

Prilep Jazz Weekend по 12-ти пат

Во организација на здружението за субкултура ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ, од 28 август до 02 септември, во Прилеп ќе се одржи дванаесеттото издание на фестивалот „Prilep Jazz Weekend“.

Прилепскиот џез фестивал и овој пат ќе понуди одлична програма со повеќе концерти, и перформанси, со што ветува доживување на ново и незаборавно искуство на сите љубители на добрата музика.

Околу програмата и изведувачите ќе ве информираме наскоро.

Битиќи: 130.000 вработени во јавниот сектор ќе добиваат повисоки плати

Општиот колективен договор за јавниот сектор, е успех на дијалогот што го водевме со синдикатите, истакна вчера во интервју за дневникот на телевизија „Сител“, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

– Со ова решение околу 130.000 мои сограѓани ќе добиваат повисоки плати и тоа повеќе нема да зависи од нечија политичка волја. Ставаме крај на политичките превирања, на уцените и влијанието врз оние кои треба да им служат на сите граѓани. Во општиот колективен договор имаме методологија со која за првпат тука во регионот, платите во јавниот сектор ќе се индексираат согласно растот на просечната плата, порача Битиќи.

Тој додаде дека платите во сите сектори растат постојано, а само во секторот образование, со последното покачување од 10 отсто во септември оваа година, за само пет години, ќе има вкупен раст на платите од 54 отсто.

Осврнувајќи се на измените на законите за извршување, за облигациски односи и за финансиски друштва, Битиќи посочи дека тоа е акт на праведност и правичност кон граѓаните.

– Конечно имаме решение со кое каматата не смее да го надминува износот на главниот долг, го намаливме и рокот за застарување на долгот, со цел да ги заштитиме граѓаните, и конечно, ставаме ред и на „брзите кредити“ каде трошоците за еден кредит ги ограничивме на најмногу 60 отсто, изјави Битиќи за телевизијата „Сител“

Полицијата “улови” 81 возач за брзо возење во еден ден на територијата на СВР Битола

Вчера (20.07.2023) во периодот од 12.00 до 18.00 часот на територијата на СВР Битола спроведена e засилена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваaт возило со брзина поголема од пропишаната, при што санкционирани се 81 возачи. Од вкупно 81 возачи, 59 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 22 надвор од населено место. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.

Засилените акциски сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта.