дома блог страница 1096

„Блиц“: Коста поставува две прашања на Клиниката и не бара да се види со родителите

Коста К.(13) кој со пиштолот на татко му уби осум врсници и чувар во ОУ „Владислав Рибникар“, ниту денеска, шест дена по монструозниот чин, не се кае. Тој е во изолација на Клиниката за неврологија и психијатрија за деца и млади кај д-р Суботиќ, сосема мирен и има само две прашања: „Кога да излезам одовде?“ и „Какви се реакциите на она што го направив?“.

Kaко што пишува „Блиц“, момчето убиец не побарало никаков контакт, ниту пак побарало да се види со родителите.

„Нема барање, не прашал ни за родителите. Единствените интереси му се кога излегува и какви се реакциите на неговиот чин“, вели изворот на „Блиц“.

Опишувајќи ја моменталната состојба на момчето, изворот наведува дека тоа размислува и се однесува како да е прашање на време кога ќе ја напушти Клиниката, односно кога ќе биде на слобода.

Го чека тој момент и очигледно е убеден дека треба да биде деновиве.

Второто прашање што го поставува е какво влијание остави, какви реакции има. Што се случува надвор и тој очекува да биде популарен. Неговите очекувања се буквално дека ќе се соберат под неговиот прозорец и ќе му скандираат“, објаснува соговорникот за „Блиц“.

Како што дознава порталот, седмоодделенецот не добива ни седативи, бидејќи е „сосема мирен“. Не му требаат.

Лекарски тим работи на утврдување на фактите и состојбата на момчето, што му претходело на монструозниот чин, но и за време на егзекуцијата.

Престанал да ги убива пријателите иако имал уште две куршуми, односно 34 куршуми.

Како што пишува Блиц, тој прекинал бидејќи почувствувал дека останува без здив.

Во сета своја жестокост, децата кои преживеале биле спасени поради нападот на паника што го имал Коста во еден момент. Влегол во дворот, го испразнил пиштолот и повикал полиција.

Невидена трагедија во Србија се случи на 3 мај во белградското основно училиште во Врачар, кога ученик од седмо одделение влегол во училиштето со оружјето на неговиот татко. Прво го убил училишниот чувар Драган Влаховиќ и дежурните ученици, а потоа продолжил со маршот низ училишната сала до кабинетот за историја. Таму убил пет свои врсници, ранил еден наставник и уште шест ученици.

Бектеши: Meреките дадоја резултат, ние сме земја со најевтина храна во регионот

Мерките дадоа резултат, смета министерот за економија Крешник Бектеши, кој денеска рече дека Македонија е најевтина земја во регионот во делот на цените на прехранбените производи и нафтените деривати, таму каде што владата може да има влијание согласно различни мерки.

Тој вели дека „во април инфлацијата е намалена за 13 отсто, а споредбено со октомври кога почна ценовниот шок намалувањето на инфлацијата е речиси седум отсто“. Бектеши смета дека овој тренд на намалување на инфлацијата ќе продолжи, а ако не се случи нешто непредвидливо, очекува во јуни таа да биде под пет отсто.

-Иако од октомври до март, разликата меѓу месеците во делот на трошоците за живот на цени на мало, посебно на храната и безалкохолните пијалоци се одвиваше од околу два отсто, само споредбено од март и април оваа година, имаме речиси повеќе од двојно намалување споредбено со другите месеци. Имаме намалување само за еден месец од 5,2 отсто во делот на трошоците на живот на мало за храна и безалкохолни пијалоци, посочи Бектеши.

Министерството за економија, рече Бектеши, секојдневно ги следи случувањата во делот на утврдување на цените и во трговијата на големо и во трговијата на мало, а паралелно на тоа, не се укинати ниедна од мерките во делот на поддршката на стопанството со цел да се зголеми нивната продуктивност, да се зголеми производството, но и конкурентноста.

Во однос на цените на прехранбени производи, Бектеши најави дека Министерството за економија ќе продолжи да оддржува консултации со сите стопански комори, Организацијата на потрошувачи и со сите засегнати страни во делот на дизајнирање на нови мерки на поддршка, посебно на најранливите категории на граѓани.

-Само од октомври 2022 до крајот на април годинава, имаме намалување на цените на прехранбени производи со 14,7 отсто, што е поголемо намалување од зголемувањето на платите во овој период во нашата држава, рече Бектеши.

Според него, цените на суровините и цените на енергенсите се на ниво на кое можат дополнително да се намалуваат, а Владата, како што рече, почнува процес на консултации за дизајнирање на нови мерки со цел да им излезе во пресрет на најранливите категории на граѓани

Се одбележува 9 мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа

Денеска се одбележува 9 мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

Денот на победата над фашизмот се одбележува на 9 мај 1945 година, кога со капитулацијата на нацистичка Германија заврши Втората светска војна во Европа.

Безусловната капитулација на Германија беше потпишана во Берлин од фелдмаршалот Вилхелм Кајтел, маршалот Георги Жуков во име на СССР и британскиот генерал Артур Тедер во име на западните сојузници. Со ова, формално заврши Втората светска војна во Европа.

Деветти мај се слави и како Ден на Европа, бидејќи на тој ден во 1950 година францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман објави декларација со која повикува на воспоставување нов поредок без конфликти меѓу европските земји.

Следната година беше формирана Европската комисија за јаглен и челик, која потоа прерасна во Европска економска заедница, а во 1991 година во Мастрихт беше прогласена Европската Унија.

Во Милано, во 1955 година, беше одлучено 9 мај да се слави како Ден на Европа.

60 км планинарење во два дена: Се одржа втората по ред Прилепска трансферзала (Фото галерија)

Голем број вљубеници во природата викендов се дружеа на втората по ред Прилепска трансферзала во должина од 60 километри, која се одвиваше два дена.

Во првиот ден планинарите поминаа 35,5км, а во вториот уште 24. Турата започна од Варош до манастирот Св. Богородица – Трескавец, па преку Дабница и Присад, учесниците пристигнаа на Плетвар.

Вториот ден патеката на движење беше по Селечка Планина, а крајната дестинација беше селото Штавица. Една импресивна километража која е за пофалба.

На организаторите ВЛАТЧЕ и ПЕЦЕ им посакуваме уште многу вакви успешно организирани тури и уште поголем број учесници во годините кои следат.

Девојчиња на возраст од 12 и 14 години исчезнаа во центарот на Скопје

Две девојчиња исчезнаа во центарот на Скопје.

На 08.05 во 15 часот и 50 минути две девојчиња, Антонија Јанкова – 12 години и Радмила Иванова – 14 години се упатиле од ВЕРО Џамбо кон Центар по што им се губи трагата, објави на Фејсбук Александра Јанкова.

Се замолуваат сите кои ќе ги забележат девојчињата да го контактираат Министерството за внатрешни работи.

Ученици од сите страни на Пелагонија се натпреваруваа во Економскиот факултет во Прилеп – прво место за тимот од СОУ “Ѓорче Петров” (ФОТО)

Денеска на Економскиот факултет во Прилеп се одржа натпревар од областа на циркуларната економија за учениците од средните општински училишта од Пелагонискиот регион.

На натпреварот учествуваа 22 тимови, односно 88 ученици од средните училишта. На победничкиот тим, учениците од СОУ “Ѓорче Петров” – Прилеп под менторство на проф. Христина Петковска Димеска, им беше доделена награда во износ од 10.000 денари.

Покрај наградата од Економскиот факултет-Прилеп, на учесниците од победничкиот тим им беа врачени и ваучери од Пакомак во вредност од по 2000 денари за секој учесник, односно вкупната награда за тимот е во вредност од 10.000 денари.

Девојките од Прилеп кои освоија три медали за Македонија дочекани на спектакуларен начин (ВИДЕО)

Борачките од “7-ми Мај – Златна рака”, Ангела Трајкоска и Елена Дејкоска, по којзнае кој пат не’ направија горди како прилепчани и Македонци, а причина за тоа овојпат се успесите кои девојките ги забележаа на Балканското првенство за кадети и јуниори, кое изминатите денови се одржа во соседна Грција.

Ангела освои бронза и злато, а Елена се закити со бронза. Настап на Балканското првенство имаше и Тамара Цветкоска која за жал загуби во борбата за трето место.

Вечерва девојките се вратија во Прилеп, а од клубот беа дочекани со шампионски шпалир и бакљи.

Ново поевтинување на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Македонија донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,92% во однос на одлуката од 5.5.2023 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,392%, кај дизелот за 0,874%, кај екстра лесното масло за 0,827% и кај мазутот намалувањето е за 1,482%.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,05%

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 1,00 ден/лит, додека малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,465 ден/кг и сега ќе изнесува 39,155 ден/кг.

Од 9.5.2023 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 77,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 79,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 39,155 (денари/килограм)

-Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 9.5.2023 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени, велат од Регулаторна.

Кривична за 24-годишен битолчанец кој речиси цела година следел и се обидувал да оствари контакт со девојка

СВР Битола поднесе кривична пријава против М.А.(24)од Битола поради постоење основи на сомнение дека во периодот од септември 2022 година до почетокот на мај оваа година неовластено следел и настојувал да оствари контакт со битолчанка – информираат од МВР.

Задолжителен тест на дрога на средношколци и деветтоодделенци предложен за поголема безбедност во училиштата

Задолжителен тест на дрога кај средношколците и кај учениците од деветто одделение, контрола на оружјето што го имаат граѓаните, анализа на казните за извршителите на насилство и контрола на интернет-провајдерите се меѓу мерките што денес ги претстави професорот Марјан Ѓуровски како дел од предлозите за зголемување на безбедноста во училиштата. Тој заедно со тим професори од Филозофскиот факултет го спроведува научноистражувачкиот проект „Безбедноста во училиштата – градење механизми на превенција од ризици и рано предупредување“, со кој, како што нагласи, Универзитетот „Кирил и Методиј“ ја става во прилог на праксата за градење механизми за рано предупредување за насилство, особено по убиствата во Србија.

„Предлагаме да се размисли за воведување задолжителен тест кај учениците од средно образование и кај учениците од деветто одделение на дрога и наркотични средства, и тоа еднаш-двапати во текот на училишната година. Сакаме да им предложиме на институциите серија мерки не само за Министерството за образование и наука туку и, за пример, од Министерството за внатрешни работи. Дополнително, треба да се ангажира Министерството за внатрешни работи да направи контрола на лесното и мало оружје што го поседуваат граѓаните. Сега е моментот кога се врши пререгистрација на дозволите на граѓаните и мора да се зајакнат контролата на начинот на чување на оружјето и почитувањето на регулативата кај стрелиштата. Потребна е и посебна регулатива за тоа кој може да поседува лесно и мало оружје, но и начинот како тие ќе се користат. Предлагаме Министерството за правда да направи анализа на казнената регулатива во делот на политиката за извршителите на насилство, но и во делот на казнената регулатива на оние што не постапуваат во однос на одговорностите што ги имаат за справување со безбедноста“, рече Ѓуровски.

Тој најави дека со интердисциплинарниот пристап на проблемот ќе бидат направени прирачници, но и механизми, а еден од предлозите е и да се дојде до национална платформа за безбедносна култура, превенција и рано предупредување за сите видови насилство кај децата и младите.

Ѓуровски вели во соработка со Бирото за развој на образованието има предлог да се разгледа можноста за развој на предметна програма од областа на безбедносната култура во основното, средното и во високото образование, каде што би било и справувањето со природните катастрофи, со сајбер-безбедноста, но и со насилството.

Министерот за образование, пак, Јетон Шаќири, рече дека во фаза на изработка се правилници, протоколи и платформа, но првите препораки до сите училишта ќе бидат доставени до крајот на неделава за превенирање и постапување во случај на насилство, а ќе се разгледа можноста за начинот на ограничување на социјалните мрежи.