дома блог страница 1017

И после Кинезите не чинеле? Со кинеска донација Битола ќе го добие првото училиште со фотоволтаици

Во кабинетот на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, вчера беше потпишан трипартитниот договор, по кој започнуваат оперативните активности за поставување на фотоволтаици на подрачното основно училиште „Даме Груев“ во с. Долно Оризари.

Фотонапонскиот систем ќе биде поставен со средства во висина од 400.000 денари, донација од Амбасадата на Народна Република Кина во земјава.

Амбасадорот на Народна Република Кина Џанг Ѕуо како донатор, градоначалникот Тони Коњановски како примател на донацијата и претставници на фирмата изведувач Солар Спектар АГ Дооел од Скопје, го потпишаа трипартитниот договор, со кој практично започнува изведбата на системот со вкупна инсталирана моќност од 12,1 kWр.

Подрачното основно училиште „Даме Груев“, опфаќа околу 160 ученици од прво до деветто одделение, а во состав на објектот е сместена и една група на деца од предучилишна возраст.

Покрај обезбедувањето на донацијата, општина Битола продолжува со капитални инвестиции за кои оваа година исплатени се 154.000.000 денари, што значи реализација на 45,10% од планираното, а во моментот на општинската сметка има 237.000.000 денари.

Владата донесе одлука: Еве кои производи поевтинуваат по 10%

Владата донесе Одлука за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврска на трговците да прибавуваат определени видови и количества одделни стоки на потрошувачите, според определен редослед.

Со одлуката се определуваат посебните услови за трговија, највисоките цени во трговијата на мало, како и обврската на трговците кои претставуваат правни и физички лица и кои се регистрирани за вршење дејност производство и за вршење дејност трговија на големо и на мало во соодветен регистар согласно со закон, да ги прибавуваат и продаваат следните производи/стоки:

1) ориз бел, во пакување од 900 гр до 1 кг;

2) брашно пченично тип 400 и тип 500;

3) бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450 гр (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите;

4) други пекарски производи;

5) бисквити „Petit Beurre” и бисквити обични и посни од 300 до 500 гр;

6) наполитанки, со фил од какао крем (обични, непрелиени) од 300 до 500 гр;

7) тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица, обични) без и со јајца од 500 гр;

8) јунешко месо без коски, од бут или некој друг дел;

9) свинско месо без коски, од бут или некој друг дел;

10) мелено месо свинско и јунешко;

11) пиле свежо или замрзнато (цело);

12) пилешки стек свеж или замрзнат;

13) чаен колбас (јунешки, свински и говедски) без додатоци и без слајс пакување;

14) пилешка посебна салама (без слајс пакување);

15) паштета од џигер и пилешка (без додатоци) во пакување од 95 и 100 гр;

16) трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, во пакување од 1 л;

17) јогурт од кравјо млеко обичен (без додатоци) со масленост од 2,8% до 3,2%, во пакување од 1 л и 1,5 л;

18) кисело кравјо млеко (обично, без додатоци) со масленост од 2,8% и 3,2%, во пакување од 300 до 500 гр;

19) павлака од кравјо млеко со масленост од 12% до 20%, во пакување од 180 или 200 гр;

20) традиционално кравјо бело сирење и мешано бело сирење (без додатоци);

21) традиционален кравји и мешан кашкавал (без додатоци);

22) свежи јајца од кокошка;

23) свежо овошје и

24) свеж зеленчук.

Највисоките цени овие производи/стоки се утврдуваат на нивото на цените (со исклучок на цените на акциска продажба), коишто се применувале на 1 август 2023 година, во трговијата на мало, односно цените на овие производи се намалуваат за најмалку 10%.

Трговците за вршење дејност трговија на мало, производите/стоките што се предмет на оваа одлука и коишто се поставени на полиците, фрижидерите и во разладните уреди, треба јасно да ги обележат со натписот „гарантирана цена”, што е објавен на веб-страницата на Министерството за економија.

Трговците за вршење дејност – производство и за вршење дејност – трговија на големо, имаат обврска, производите/стоките посочени во оваа одлука, да им ги продаваат месечно на трговците за вршење дејност – трговија на мало, во количина од најмалку 70% од количината продадена во месец август 2023 година.

Одлуката е донесена имајќи ги предвид состојбите на пазарот од страна на учесниците во ланецот на трговија на големо и на мало, коишто, според предлагачот на Одлуката, Министерството за економија, предизвикаа сериозно зголемување на цените на основните прехранбени производи.

Следејќи го растот на цените на домашниот пазар и потрошувачката моќ на граѓаните, оценето е дека за заштита на животниот стандард на населението е потребно повторно да се ограничат цените на слободниот пазар на одделни прехранбени производи, коишто се доминантни производи за конзумирање и за коишто Државниот завод за статистика објавува месечни статистички податоци за мерење на трошоците за живот.

Целта на владината Одлука е да се спречат натамошни пореметувања на пазарот и да се отстранат штетните последици од пореметувањето на пазарот во поглед снабдувањето на населението со основните прехранбени производи.

Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе се применува до 30 ноември 2023 година, со можност за продолжување доколку состојбата на пазарот и понатаму го бара тоа.

Владата, на предлог на Министерството за економија, донесе и Одлука за дополнување на Одлуката за забрана на трговците да вршат трговија со одделна стока.

Со Одлуката, им се забранува на трговците на мало да нудат акциска продажба (акција) и промотивна продажба (промоција) при ставањето во промет на земјоделски и прехранбени производи. Забраната ќе важи до 30 ноември 2023 година.

Воедно, одлучено е, цените во трговијата на мало, коишто се намалуваат поради истекување на рокот на земјоделските и прехранбените производи, да не се сметаат за акциска продажба (акција).

Оваа Одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија.

Владата, на денешната седница ja разгледа и усвои Информација за потребата за изработка на Национална Стратегија за безбедност на Република Северна Македонија и донесе Одлука за формирање Управен комитет за координација и изработка на Национална стратегија за безбедност на Република Северна Македонија, во којшто ќе учествуваат претставници на Владата и сите министерства како и од Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија.

Националната безбедност е основа за просперитет на државата. Само безбедна средина може да обезбеди функционирање на зрел и демократски уставен поредок, одржлив економски раст, заштита на човековите права и слободи и одржливост на граѓанското општество. Со оглед на изменетите околности во безбедносната средина настанати на европскиот континент, меѓу кои и воената агресија врз суверена и демократска држава на европскиот континент, како и постојаната закана од активни малигни актери и нивните обиди директно или индиректно да ја влошат постојната рамнотежа, постојат повеќе прашања околу обезбедувањето храна, енергија и клучни суровини, што влијаат врз стабилноста и потенцијалот за развој на одделни земји и региони, коишто треба да се разгледаат од призма на сегашниот геополитички и безбедносен контекст.

Владата, на денешната седница го разгледа и текстот на Предлог законот за амнестија предложен од страна на Министерството за правда. По разгледувањето на состојбите во областа што треба да се уреди со законот, целите, начелата и основните и конкретни решенија опишани во текстот на Предлог законот за амнестија, Владата констатираше дека постои потреба од дополнително усогласување на Предлог законот за амнестија со надлежните институции.

На седницата Владата го задолжи Инспекцискиот совет на Република Северна Македонија итно да преземе мерки за решавање на статусот на општинските даночни инспектори преку издавање лиценци за работа, согласно Законот за инспекциски надзор, со што ќе се реши долгогодишниот проблем кој датира од 2019 година.

Со ова, Владата им овозможува на единиците на локална самоуправа преку општинските даночни инспектори, непречено да ги извршуваат своите работни задачи согласно законите и со тоа се подобрува инспекцискиот надзор врз даночните обврзници во единиците на локална самоуправа. На овој начин се придонесува кон зголемување на буџетот на општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје.

Со ова Владата дава поддршка за унапредување на самостојноста во функционирањето на општините, во интерес на подобар живот на граѓаните.

Од денеска можат да се доставуваат предлози за Третоноемвриски награди и признанија

По повод одбележувањето на Денот на ослободувањето на Прилеп, 3-ти Ноември, Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, традиционално секоја година доделува општински награди и признанија “3-ти Ноември” како и награда за животно дело.

Овие признанија и награди се доделуваат на физички и правни лица за достигнувања во општествениот, стопанскиот, културно-уметничкиот и политичкиот живот. Предлог за доделување награди и признанија можат да дадат претпријатија, здруженија и граѓани како и други субјекти.

Предлозите се доставуваат до Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија при Советот на Општина Прилеп, на приемното одделение во новата општинска зграда или на адреса ул.,,Прилепски бранители’’ бр.1-Прилеп почнувајќи од денес (19.09.2023) до 18.10.2023 година.

Предлозите треба да бидат образложени, аргументирани и да ги задоволуваат критериумите за посебни достигнувања во Општината во соодветната област, за периодот од 3-ти Ноември 2022 година до денес, односно за животно дело на кандидатот, кој подолг период впечатливо е присутен со значајни остварувања во својата област.

Ова вчера на прес конференција го истакна претседателот на Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, Игор Николоски.

Нема повеќе ваучери за спортските клубови: Фирмите данокот на добивка наместо во спортот целосно ќе го уплаќаат на државна сметка

На денешната собраниска седница беа донесени измени во Законот за добивка на кој се темелеше и ваучер системот за помош на спортот. Помошта која ја имаа клубовите, федерациите и спортистите веќе нема да ја добиваат, или барем не на начинот кој беше актуелен во изминатите години.

Ваучер системот кој за некои клубови и спортисти беше единствениот извор на финансии веќе го нема. Државата реши да направи измени во Законот за добивка и да го укине.

Со претходниот Закон компаниите имаа можност дел од годишниот данок на добивка наместо на државата да го уплатат на спортските клубови, спортистите или федерациите. Максималната сума која можеа да ја добијат спортските чинители ја одредуваше Агенцијата за млади и спорт (АМС).

Со денешните измени на Законот, се укинува можноста компаниите дел од данокот за добивка да го донираат во спортот, целата сума ќе оди на сметка на државата.

„Со членот 30-а од Законот е предвидено даночно ослободување за даночните обврзници кои донираат во спортот. Имено истите имаат право на намалување на пресметаниот данок на добивка за дадените донации на спортски субјекти. Во насока на изедначување на третманот на дадените донации во спортот со донациите во другите области, како и разгледување на можноста за обезбедување на друг начин на поддршка на развојот на спортот се утврди дека е потребно да се избрише постојното даночно ослободување на обврзниците за дадените донации во спортот“, се вели во објаснувањето за измените кои стапуваат на сила од 1 јануари 2024 година.

Државата претходно најави дека помошта во спортот нема да изостане, само ќе се промени начинот на кој таа ќе се доделува. Наместо преку компаниите, ќе биде директно од државата. Но, засега нема донесено регулатива за замена на укинатиот ваучер систем.

Доколку до крајот на годината државата не донесе регулатива за помош во спортот, укинување на ваучер системот ќе биде голем удар за клубовите и спортистите.

Прилепските советници ќе се изнаработат: Утре ќе гласаат по 25 точки

Советот на Општина Прилеп, утре (20.09.2023), со почеток од 12 часот, ќе ја одржи 32-та седница, а на дневниот ред се 25 точки.

Д Н Е В Е Н Р Е Д

1. Предлог-Одлука за измени на распоредот на средствата во Буџетот на Општина Прилеп за 2023 година.
2. Предлог-Одлука за проширување на средствата на Буџетот на Општина Прилеп за 2023 година.
3. Предлог-Одлука за давање согласност на Годишниот план за измена на Годишен план за вработување во 2023 година на Општина Прилеп.
4. Предлог-Одлука за давање согласност на Годишниот план за вработување во 2024 година на Општина Прилеп.
5. Предлог-Одлука за давање согласност на Годишниот план за вработување во 2024 година на ЈКП ,,Водовод и канализација’’ Прилеп.
6. Предлог-Одлука за давање согласност на Годишниот план за вработување во 2024 година на ЈКП ,,Комуналец’’ Прилеп.
7. Предлог-Одлука за давање согласност на Годишниот план за вработување во 2024 година на ЈП за ПУП Прилеп.
8. Предлог-Одлука за давање согласност на Годишниот план за вработување во 2024 година на ЈКП ,,Пазари’’ Прилеп.
9. Предлог-Одлука за давање согласност на тримесечниот извештај за финансиското работење на ЈКП ,,Пазари’’ Прилеп, за период од 01.04.2023 година до 30.06.2023 година.
10. Предлог-Одлука за давање согласност на тримесечниот извештај за финансиското работење на ЈПЕД ЕНЕРГО Прилеп, за период од 01.04.2023 година до 30.06.2023 година.
11. Предлог-Одлука за давање на трајно користење на возило за прифатилиште на бездомни кучиња на ЈКП ,,Комуналец’’ Прилеп.
12. Предлог-Одлука за измена и дополнување на Одлука за определување на тарифа за општински линиски превоз за подрачјето на Општина Прилеп.
13. Предлог-Одлука за измена и дополнување на Одлуката за уредување на општински линиски превоз за подрачјето на Општина Прилеп.
14. Предлог-Одлука за усвојување на Годишен Извештај за работата на СОУ Гимназија “Мирче Ацев”- Прилеп, за учебната 2022/2023 година.
15. Предлог-Одлука за усвојување на Годишна Програма за работа на СОУ Гимназија “Мирче Ацев”- Прилеп, за учебната 2023/2024година.
16. Предлог-Одлука за усвојување на Годишен Извештај за работата на СОЕПТУ “Кузман Јосифоски-Питу”- Прилеп, за учебната 2022/2023 година.
17. Предлог-Одлука за усвојување на Годишна Програма за работа на СОЕПТУ “Кузман Јосифоски-Питу”- Прилеп, за учебната 2023/2024година.
18. Предлог-Одлука за усвојување на Годишен Извештај за работата на СОУ “Ѓорче Петров”- Прилеп, за учебната 2022/2023 година.
19. Предлог-Одлука за усвојување на Годишна Програма за работа на СОУ“Ѓорче Петров”- Прилеп, за учебната 2023/2024година.
20. Предлог-Одлука за усвојување на Годишен Извештај за работата на СОУ “Ристе Ристески-Ричко”- Прилеп, за учебната 2022/2023 година.
21. Предлог-Одлука за усвојување на Годишна Програма за работа на СОУ “Ристе Ристески-Ричко”- Прилеп, за учебната 2023/2024година.
22. Предлог-Одлука за усвојување на Годишен Извештај за работата на СОУ “Орде Чопела ”- Прилеп, за учебната 2022/2023 година.
23. Предлог-Одлука за усвојување на Годишна Програма за работа на СОУ “Орде Чопела”- Прилеп, за учебната 2023/2024 година.
24. Предлог-Одлука за давање согласност на Одлуката за отпис на расипаните и неупотребливи компјутерски системи и други електронски уреди на ООУ ,,Кире Гаврилоски Јане’’-Прилеп.
25. Предлог-Одлука за откажување од корисничко право на градежно земјиште кое претставува КП 5788 КО Прилеп.

Прилепчани не се за фини нешта – му го најдоа “заколот” и на новите контејнери за електронски отпад (ФОТО)

Не издржаа ниту еден месец новите контејнери наменети за електронски отпад во Прилеп

Со цел да се овозможи селекција на електричен и електронски отпад , акумулатори и батерии, ,, Комуналец’’ Прилеп, во соработка со Локалната самоупрва, поставија 12 специјализирани контејнери за овој вид на отпад. Контејнерите беа поставени на 14 август на 12 пункта, а за еден месец поголемиот дел од нив веќе се оштетени, односно присилно се отворани долните лежишта – информираат од прилепското јавно комунално претпријатие.

-Во контејнерите пак, има секеков вид на отпад, освен електричен и електронски отпад, батерии и акумулатори. Она што наумиле дека е корисно е украдено, иако овој вид на отпад воопшто нема корисни компоненти. Оставени се само некорисните тонери, кои подлежат пак на постапка со уништување. Се исфрла дури и тетрапак, најлони, пет амбалажа и др. Она што ќе создаде поголема штета, е што истите отпадни апарати ќе бидат исфрлани на дивите депонии.За месецов , ,, Комуналец’’ , планираше да постави уште 12 контејнери од овој тип, но ќе се почека со оваа аакција, со цел да се направи анализа , но и поправка на постојните – стои во соопштението од ЈКП Комуналец.

Двајца постари прилепчани во еден ден каснати од кучиња скитници

Двајца постари прилепчани во текот на вчерашниот ден пријавиле каснување од кучиња скитници

-На 18.09.2023 во ОВР Прилеп, З.П.(67) од Прилеп пријавил дека на ул.„Трајко Николоски“ во Прилеп бил каснат од куче скитник.

-На 18.09.2023 во ОВР Прилеп, Б.М.(76) од Прилеп пријави дека во близина на поранешната фабрика Металец во Прилеп бил каснат од куче скитник – информираат од МВР.

Прилепчанец се преправал дека е струмичанец, па од жена наплатил еден куп пари ветувајќи дека ќе и’ помогне во купување апартмани

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Б.К. (41) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на лични податоци’’ и ,,измама’’.

Пријавениот, лажно претставувајќи се во име на лице од Струмица, преку мобилни апликации довел во заблуда жена од Скопје дека ќе ѝ помогне при купување на три апартмани во Струга, за што во неколку наврати извршила уплата на парични средства во износ од 23.000 евра, но ниту ги добила апартманите, ниту и биле вратени парите – информираат од МВР.

Во еден ден казнети 90 возачи на подрачјето на СВР Битола

Секторот за внатрешни работи Битола во текот на вчерашниот ден (18.09.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на СВР Битола санкционирани се 90 возачи, меѓу кои 23 мерки за возење повеќе од дозволената брзина, 16 мерки за возење без возачка дозвола, 3 возачи за управување под дејство на алкохол, 19 санкции за непрописно паркирање. Изречени се шест санкции за користење на мобилен телефон при возење…

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта – информираат од СВР Битола.

(ФОТО) Можело и вака! Има време за мобилни телефони, но на училиште најважен е часот!

Има време и за мобилни телефони, но на училиште, најважен е часот и предавањето на наставникот. Со одлука на Наставнички совет, сите ученици и наставници задолжително ги оставаат своите мобилни телефони во кутиите со прегради кои ги набавивме специјално за таа намена – напишаа на ФБ од Гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола.

-Секако дека за време на одморите можат да се користат. Вниманието и вклучувањето во часот се приоритет. Со оваа одлука се надеваме и очекуваме да се подобри вниманието и концентрацијата на часот, да се подобри училишниот успех на учениците но и да се намали употребата и зрачењето на мобилните телефони во секојдневието – стои во објавата.