Во организација на Здружението на граѓани „Ресурсен центар на родители на деца со посебни потреби – Скопје“, денеска, 25 ноември 2026 година, во Клубот на пратениците во Скопје, се одржа конференцијата „Социјалните услуги во РС Македонија – досегашни бенефити, развој и можности за унапредување“.
Конференцијата претставуваше значајна можност за размена на искуства, согледување на досегашните резултати и отворање дискусија за понатамошниот развој на социјалните услуги, нивната достапност, квалитет и одржливост.
Посебен акцент беше ставен на значењето на социјалните услуги во заедницата, поддршката на повозрасните лица, лицата со попреченост и семејствата на кои им е потребна дополнителна грижа и помош.
Развојот на социјалните услуги не претставува само унапредување на системот на социјална заштита, туку и директна инвестиција во достоинството, сигурноста и квалитетот на живот на граѓаните. Особено значајна е улогата на институциите, локалните самоуправи и граѓанските организации во создавањето функционален систем на поддршка, заснован на солидарност, партнерство и еднакви можности.
Во таа насока, беше истакната важноста на континуираната поддршка од страна на Владата и надлежните институции, како и потребата од дополнително вложување во развојот на услугите, човечките капацитети и професионалните стандарди.
Значајна улога во овој процес имаат и организациите на граѓанското општество, меѓу кои и Ресурсниот центар и Црвениот крст, кои преку своите активности и услуги придонесуваат за подобра грижа, поддршка и вклученост на граѓаните.
Заедничката порака од конференцијата е дека социјалните услуги мора да продолжат да се развиваат како достапна, квалитетна и одржлива поддршка за секој граѓанин на кој му е потребна, затоа што грижата за луѓето е мерка за одговорноста и хуманоста на едно општество.
На конференцијата свое обраќање имаа министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и Лазар Јовевски, советник во Кабинетот на претседателот на Владата.
Министерот Велковски ја истакна заложбата на Владата за развој и проширување на социјалните услуги, со посебен акцент на поддршката за старите лица, унапредувањето на грижата и создавањето услови за поквалитетен живот. Тој ја нагласи и важноста на партнерството со граѓанските организации во обезбедувањето услуги за граѓаните.
Лазар Јовевски се осврна на значењето на системскиот пристап, институционалната соработка и унапредувањето на социјалната заштита како важен сегмент во креирањето политики насочени кон потребите на граѓаните.
Во фокусот на конференцијата беа досегашните резултати, предизвиците и можностите за развој на достапни, квалитетни и одржливи социјални услуги, како и улогата на институциите и граѓанскиот сектор во нивното унапредување.































