Родител од Прилеп: Потребни се 1.200 евра за опрема за двајца ученици, тоа е научна фантастика, а образованието треба да е бесплатно (Видео)

Наместо радост и возбуда – стpec, паника, но и стpaв кај родителите на учениците. На само пет дена пред почетокот на новата учебна година, конечно објавената национална платформа за учење на далечина на МО, ги вознемиpи учениците, но многу повеќе нивните родители. Крешимир Здравески е родител на двајца ученици. Едниот е основец, а другиот средношколец. Исправен пред обврската да ја набави препорачаната ИТ – опрема, која според неговите пресметки би го чинела околу 80 илјади денари, вели дека не знае кој крај да го фати – oбјави “АЛФА ТВ”

„Јас правев пресметки, конкретно за тие две конфигурации, сосе монитор, со одредени пиксели, тоа ни е напишано какви пиксели треба да има, какви резолуции, неизбежни се 1.200 евра. Тоа е научна фантастика во оваа Ковид-криза за една Германија, а камо ли за една држава како нашата“, – вели Крешимир Здравески.

Здравески тврди дека овде има и кршење на Законот, ако се земе предвид фактот дека основното и средното образованието во земјава се бесплатни. Според него, и користењето на таблетите и смартфоните, како алтернатива, е недопустливо, а и неадекватно за препорачаната платформа.

„На таблет и на смратфон, дете или возрасен да учи, очите ќе му истечат, да се изразам народно. И се надевам дека и во Министреството ќе успеат да се потрудат да разберат, и каде што мозочето ќе му врие буквално, концентрацијата нема да му биде во образованието, туку ќе му биде за да се мачи, затоа што платформата не е направена за таблет и смартфон, затоа што постојано ќе мора да се поместува страницата, или наставниот материјал“, -објаснува Здравески.

Инаку, во текот на вчерашниот ден, во телефонски пораки им биле испратени и новите напатствија, кои според Здравески се повеќе од иритирачки.

„Секој ден, нов шок…Денеска добивме напатствие од МО дека утре учениците треба во 10 часот задолжително да бидат вклучени на пробниот час. Повторувам – задолжително. Дали некој нас не праша дали сме ние технички, технолошки, финасиски, интернетски спремни, и како семејства, и како држава?!“– прашува Здравески.

Здравески, кој освен што е родител, е и мајстор-професор по фризерство, прва генерација во земјава, со своја Академија, и е и директно вклучен во образовниот процес во земјава, смета дека ова ќе создаде уште една длабока дупка во психолошкиот развој на децата, но и во образовниот процес, што долгорочно гледано, многу негативно ќе се одразело на и онака колабираното, македонско стопанство.

Каролина Дурло




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.