Полицијата трага по “вандалите” кои нацртале пешачки премин

Полицијата трага по човек кој нацртал пешачки премин пред училиште за да им го олесни преминувањето на улицата на пешаците, минатата недела на патот во Нипарс кај Штралзунд во Северна Германија.

Германската полиција го сфаќа овој чин многу сериозно, а прекршителот се смета за сериозен криминалец. Верувале или не, на сторителот му се заканува затворска казна од пет години. Затоа не е чудно што пешачкиот премин е нацртан невешто, веројатно со голема брзина и без соодветни помагала.

– Можеби некому овој прекршок му изгледа како безопасна детска шега, но станува збор за сериозен и опасен прекршок во сообраќајот – вели германската полиција.

Се чини дека причината за цртање на пешачкиот премин е тоа што граѓаните барале токму на ова место да се постави пешачки премин затоа што во близина има училиште. Надлежните институции ја отфрлиле идејата со образложение дека сообраќајот едноставно не е доволно густ.

По истрагата службата за одржување на патиштата го отстранила пешачкиот премин, а штетата се проценува на 500 евра. Полицијата интензивно го бара сторителот со надеж дека ќе се појави некој сведок на овој необичен вандализам.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.