Од визија преку напорна работа до реализација: Прилеп има борци од европски и светски ранг – Интервју со тренерот и членовите на “Tим Чатлески”

Желбата да се направи врвен резултат, да се инвестира во спортот и во развојот на спортскиот дух кај најмладите, а притоа да се изградат борци од европски и светски ранг е визија за тренерот на боксерскиот клуб “АС” од Прилеп, Дарко Чатлески. Искуството низ годините, тешките борби на држано и меѓународно ниво, како и целото знаење добиено од неговиот татко, врвниот мајстор во боречките вештини Ѓорѓи Чатлески, го прават Дарко Чатлески човек за врвни дострели во боксот. Резултатите се веќе видливи. Неговите борци ја покажаа својата надмоќност и знаење на претходните 3 натпревари на меѓународен план. Два пати во Белгија и еднаш во Холандија, во друштво на врвни боксерски имиња и страшна боречка атмосфера, тимот на Чатлески го покажа својот квалитет.

BeFunky Collage

Трајче Илиоски, Бојан Станојоски и најмладиот Димитар Ангелески се идните боксерски шампиони на Македонија, кои со напорот кој го вложуваат, надполнето со силниот тренинг на Дарко Чатлески им се насмевнува блескава иднина пред себе.

“За борбата во Гент се спремавме околу 2-3 месеци, имавме 2 тренинзи во денот, од кои првиот ни беше кондиционен, а вториот беше за техники и спаринзи. До сега имам учевствувано на многу натпревари, учевство зедов во Холандија каде имав добар настап и стекнав големо искуство, па поради тоа сакав уште да напредувам, а со тоа напорно се подготвував за овој натпревар. Тренерот  имаше голема улога во нашите подготовки. Неговиот ангажман направи да победиме во борбите, вложуваше во нас многу труд и го слушавме секој негов збор за време на борбата”, истакна Трајче Илиоски за неговиот настап во Гент и остварениот успех на ова големо такмичење.

17742159_10154973396305926_871713229_n

17757995_10154973396315926_940312540_n

17821237_10210900729745732_718348339_n

17841766_10210900730665755_1250309450_n

17841827_10210900730305746_1303395594_n

На нашето прашање зошто го одбра токму овој спорт, тој одговори: “Одсекогаш сакав потешки спортови, а овој спорт ме исполнува повеќе од било што. Тренирам 6 години, а преку овој спорт се изградив како спортска личност. Преку овој спорт можам повеќе да се истакнам, сакам да освојам некоја врвна титула, но за тоа ќе треба повеќе време и напорни тренинзи.

Што е тоа што те мотивира кога ќе влезеш во рингот?

Пред борбата треба да си психички и физички спремен, да имаш доволна кондиција, бидејќи рундите се прилично тешки.

Дали освојувањето на медал ти е пресудно за да настапиш во некоја борба?

Медалот не ми е пресуден, затоа што пред се сакам да прикажам убава техника и добро да настапам.

Разговаравме и со најмладиот меѓу тројцата херои, Димитар Ангелески кој истакна:

“Овој спорт го тренирам нешто повеќе од една година. Тренирав прво карате, но овој спорт ми беше поголем предизвик. Се чувствував доволно спортски изграден за да пристапам на боксот. Тренинзите на тренерот се тешки, но со секојдневно упорно тренирање, твоето тело ќе стане имуно и ќе издржи. За натпреварот во Гент се подготвував 3 месеци, но за жал немав борба, поради тоа што протвникот не се појави на натпреварот. Затоа овој успех не го сметам за успех. Наредно се подготвувам за натпреварите во Шведска и Белгија, мој предизвик е да станам професионален боксер и кик-боксер и се надевам дека ќе имам повеќе борби на кои ќе победувам”.

Бојан Станојоски не се закити со медал овојпат во Белгија, меѓутоа неговата спремност и напорна работа е видлива.

“Во боксот сум речиси една година. Претходно имам тренирано повеќе спортови, тренирав карате, џудо, но сакав потврд спорт и затоа се одлучив за боксот. Би рекол дека искуствата од претходните спортови повеќе ми одмогнаа отколку што ми помогнаа за да се снајдам во боксот. Во боксот одлично се пронајдов, во една година имам 7 борби, од кои имам 5 стекнати победи. Претходно настапував на домашен терен, но желба ми беше да излеземе надвор и да се такмичам со посилни борци. На последниот настап во Гент добро се изборив, покажав добра техника, но не работев доволно со нога, па изгубив на поени. Овој неуспех дополнително ме мотивира за наредните борби кои до крајот на годината ќе ги имаме во Шведска, Белгија и Холандија.

17742399_10154973396425926_1498938936_n

17760370_10154973403850926_1740406964_n

17690512_10154973396620926_378967487_n

На крајот разговаравме и со главниот “виновник” за овие успеси на младите борци, предводникот на тимот, Дарко Чатлески.

Kaжете ни нешто повеќе за историјата на клубот, од кога функционира и кои се вашите лични успеси и успесите на клубот?

Историјата на овој клуб е од раните 90-ти години. Клубот е основан од мојот татко Ѓорѓи Чатлески. Околу 1993 – 1994 години се зачленивме во федерација и полека започнавме во оваа благородна вештина да бележиме успеси. Со тек на време како борец настапував на сите државни првенства, започнав на возраст од 13 години . Околу 1995-96 година во мојот дом дојдоа тренери од боксерскиот клуб “Битола” од Битола, јас прифатив да настапувам за овој клуб и патував 3 пати неделно. Истовремено ги работев и двата спорта и бокс и кик-бокс и освојував медали на државни првенства. Нашиот клуб се движеше напред, нашите членови напредуваа и правевме големи резултати на национално и интернеционално ниво.

Колку денес овој спорт се разликува, дали за разлика од тогаш одиме напред или стагнираме?

Од досегашното искуство, пласирам борци во Европа на професионални натпревари. Имаме основано асоцијација за професионален бокс, од 2011 година сме членови на Европската боксерска унија, а воедно и на Светската боксерска мрежа (WBC). Овој спорт во Европа се движи напред, а кај нас потребно е некој да го придвижи. Мојата цел е нашите борци да ги промовираме надвор, за да го достигнеме врвот. Во иднина мислам дека ќе направам за прв пат во историјата на Македонија професионален боксер кој ќе се бори за едни од најјаките титули E.B.U и W.B.C.

17742317_10154973403905926_1411799239_n

Што би било пресудно, што треба да превземе боксерската федерација, Агенцијата за млади и спорт и другите чинители за овој спорт да се движи нагоре?

Aматерскиот бокс стагнираше повеќе години со старото раководство на Аматерската федерација, имаше блокирани сметки и федерацијата не можеше да функционира. Основното нешто е да постои Лига на Македонија. Со новото раководство и новиот закон за спорт оваа година очекуваме да се реализира целосно натпреварувачкиот систем на бокс лигата на Р.Македонија, па со тоа се надеваме од таа лига да излези и олимписки боксер од нашиот клуб.  Таа идеја требаше да започне да се реализира, но пак на некој начин стагнира, поради блокираната сметка на федерацијата. Поради тоа се организиравме на клубски план да организираме детска лига на Република Македонија, од причини што досегашните правила на Аматерската боксерска федерација беа, боксер може да настапи од 14 години па нагоре, но повеќето членови во клубовите се деца од 8 до 14 години. Па, ако ги изоставиме тие деца да не се натпреваруваат и само да тренираат, тие деца би се откажале. Поради тоа ја формиравме оваа лига со другите клубови, за овие млади деца да собираат искуство.

Со млади спортисти  во вашиот клуб работите  уште од 1993 година, кога вие самостојно започнавте да работите со нив и колку е лесно или тешко да се работи со нив?

Морам да кажам дека ситуацијата во Република Македонија малку ме разочара, па така до 2007 година воопшто не се занимавав со спорт, а потоа ми дојде идеја, поради тоа што навистина сум ценет во Европа и Балканот, зошто да не ја преземам менаџерската и тренерската улога и да изградам борци. Работиме заедно со мојот татко Ѓорѓи Чатлески и постојано инвестираме во овие деца. Работите се придвижија во позитивна насока, покажуваме добри резултати во Европа и се надеваме дека тоа ќе продолжи.  За вториот дел од прашањето колку е лесно или тешко, сметам дека да се работи со млади деца е навистина тешко, треба многу да се вложува да се инвестира во неговиот развој, да се посвети преголемо внимание за од млади години го пораснете во еден врвен спортист. Потребно е на децата да им се даде правилна насока, за кога ќе влезе во ринг да не се плашиш како тренер дека може да се стекне со тешка повреда.

Колку сте задоволни од вашите борци на претходните неколку настапи низ Европа и дали сметате дека нешто сте изоставиле, па наредно треба да им укажете?

Со децата сум постојано, ја следам нивната форма и ги знам нивните потреби. Веќе започнавме да ја освојуваме Европа и чувстувам дека веќе се надмоќни за нивните противници. Јас сум презадоволен од нивните последни настапи, поради како што реков, гледано од техничко-тактички план нашите борци се еден степен надмоќни од европските борци, но сепак искуството иди полека, за кога ќе дојдеме со сениорска конкурениција, после 18 -годишна возраст, да правиме резултати и тогаш.

Освен финансиите кои се секогаш најнеопходни, дали имате нешто друго што моментално ви е најпотребно за да функционирате уште подобро како клуб?

До сега се финансираме целосно од сопствен џеб, единствено ни недостасува наменски простор за тренинг. Не можи ракомет да играте во сала за пинг-понг, или фудбал да играте во сала за гимнастика. Во светот клубовите кои го промовираат овој спорт имаат свои наменски сали за бокс и кик-бокс. Ова е проблем 2 децении наназат. Во недостиг на овие услови тренираме во наш импровизиран простор. Ако имаме своја наменска сала, јас сметам дека ќе бидеме прваци и во Европа и во светот.

Дали последните успеси донесоа и нови членови во клубот?

Ние сме насочени кон квалитет, не кон квантитет. Секако последните успеси на нашите борци дополнително го привлекоа вниманието на родителите и нивните деца. Постојано се јавуваат нови деца, но сепак ова е специфичен спорт и не можете секое дете со сила да го задржите тука. Ние имаме програма и за помали деца, сепак секое дете не може да го издржи сето тоа.

За крај како успевате да се снаоѓате со време, како се снаоѓате на релацијата семејство-тренинзи-работа?

Два месеци пред меч сум со работни обврски, тренинг, дома помалку присуствувам, претешко е, пренапорно, но мојата цел е да направиме борци прваци во Европа и светот.

За крај би упатил голема благодарност до компанијата “Марфил” кои несебично пред тргнувањето за Белгија не опремија со тренерки, а во иднина имаме договорено соработка за понатамошно спонзорство и целосно опремување на клубот. Ова е единствен случај некоја компанија да ни излезе во пресрет, па затоа јас и моите борци сме преблагодарни.

Да се успее да се дрма Европа и да се стекне толкава голема почит за кратко време кон македонските борци е навистина нешто вредно. На Дарко Чатлески и на младите борци им посакуваме успеси и понатаму и се надеваме дека од овие млади дечки во иднина ќе пораснат вистински шампиони.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.