“Црвен картон за Градоначалникот, за Заев, за Миле Талески и лошите двојазични северномакедонски политики во градот херој Прилеп? ВМРО победи!!”

Заврши првиот круг од претседателските избори кои според денешното пишување на медиумите и анализата на политичките аналитичари се голем удар за владеачката СДСМ и така наречената коалиција од 32 партии кои го поддржаа Стево Пендаровски.

Според резултатите, ВМРО-ДПМНЕ и кандидатката за претседател Гордана Сиљановска Давкова победија во поголемиот број општини каде мнозинство е македонското население. Тоа го отсликува и мапата на Државната изборна комисија која е обоена во црвено.

Сиљановска победи во скопските општини Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Ѓорче Петров, Бутел, потоа во Прилеп, Битола, Велес, Охрид, Штип, Неготино, Кавадарци…

Она што изненадува е и малата разлика во бастионите на СДСМ, како што се Куманово и Струмица, каде Пендаровски води со незначителна разлика ако се има во предвид дека таму СДСМ победувал и со 4,5, па и повеќе илјади гласови.

Во Прилеп резултатите навидум отсликуваат изедначеност. Сиљановска доби 138 гласови повеќе од Пендаровски, но она што е интересно е тоа дека владеачката партија која пред само година ипол на локалните избори освои 23.607 гласови, сега падна за околу 6.500 гласови.

Ова според прилепчани е голем удар за политиките на актуелната локална власт, но и за политиките на централната власт кои се однесуваат на Прилеп.

Граѓаните коментираат на социјалните мрежи дека ова е прво поголемо предупредување за градоначалникот Јованоски, претседателот на Совет на општина Прилеп, Миле Талески, како и премиерот Зоран Заев.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ синоќа ја прославија победата во првиот круг на претседателските избори, а во СДСМ беше мртва тишина.

Опозицијата верува дека оваа разлика ќе биде многу поголема за вториот круг на 5-ти мај, за кога очекуваат поддршка и од голем број гласачи кои поради различни причини во текот на вчерашниот ден не го остварија своето право на глас.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.