Се огласи и Груевски: Ах таа македонска деструкција

Вчерашниот прв круг од претседателските избори помина со досега најнизок одѕив на гласачите споредено со претходните изборни циклуси за шеф на државата. Според последните податоци што ги објави ДИК одѕивот во првиот круг на Претседателските избори изнесуваше 41,82 отсто или на гласање излегле 755,816 граѓани.

Според првичните неофицијални податоци од Државната изборна комисија (ДИК) од обработени 99,96 отсто од гласовите, води претседателскиот кандидат на СДСМ и Коалицијата Стево Пендаровски со 42,85 отсто, втора е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска Давкова со 42,24 отсто, а трет е кандидатот поддржан од Алијансата за Албанците и Беса, Блерим Река со освоени 10,57 отсто од гласовите. За Пендаровски гласале 323.846 граѓани, за Силјановска Давкова 319.240, а за Река 79.915 граѓани. Неважечки се 32.828 ливчиња. Одѕивот во првиот круг на Претседателските избори изнесува 41,82 отсто или на гласање излегле 755.816 граѓани.

За изборите се огласи и поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство.

– Кога ВМРО ја водеше владата во време на економски и политички кризи, се трудевме и носевме нови фабрики од странство за невработените и нископлатените да добијат работа и можности.

Денес, кога економски кризи во Европа и светот нема, би требало да доаѓаат три пати повеќе нови инвестиции. Но денес нема речиси воопшто напор за убедување на нови фабрики и компании кои ќе отворат нови работни места, освен малку глума. А нема ни кој. Незнаат ни како. Ниту пак имаат воља и интерес да научат или да најдат некој кој знае.

Затоа сега, се повеќе, многу повеќе од порано, невработени и невреднувани спасот го бараат надвор. Таму кај што се фабриките, компаниите, можностите… кои никој не се труди да ги привлече и донесе, а Македонија секој ден е со помалку народ.

Всушност, не се само фабриките, невработените и нископлатените оние кои не ги интересираат…

Подолу ќе видите многу повеќе работи кои не ги интересираат да ги довршат а во најголема мерка им се одработени…ах таа македонска деструкција…напиша Груевски вчера.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.