Пpвото yчилиште на македонcки jaзик во Љyбojно и понатамy се pacпаѓа, а ние се бyниме кога ни го негиpaaт (Фото галерија)

Прекрасното Љубојно е село во општина Ресен, во областа Долна Преспа, сместено на 2 километри од брегот на Преспанското Езеро и 28 километри оддалечено од Ресен.

Малкумина знаат дека во Љубојно постоело првото училиште на македонски јазик во Преспа, а второ во слободна Македонија.

На 15 ноември 1945 година во училиштето „Димитар Влахов“ во преспанското село Љубојно се одржал првиот час на македонски јазик. Тоа е второто училиште во Македонија, по она во кичевското село Подвис, каде се држела настава на мајчин јазик.

За жал денеска од овој грандиозен објект, останати се само рушевини. Жална и болна е сликата кога ќе се доближите до еден ваков објект кој во себе носи долга историја.

Дека тука пред 76 години се одржал првиот час по мајчин јазик сведочи само спомен плочата која е поставена на некогашниот влез на училиштето.

Нема пишани документи, но според кажувањето на постарите љубојнчани, првото училиште во селото било изградено во втората половина на 19 век. Училиштето било малечко и само со две училници.

Потоа, во 1907 година, со доброволна работа на селаните, изградено е ново и просторно училиште на два ката, во близината на сретселото, а во дворот на старото училиште. Првата настава во новото училиште започнала во 1908 година, а за први учители биле назначени: Климе, Каролина и Лена, сите Македонци од Охрид, што докажува дека во крајот на 19 век во Охрид брзо напредувала писменоста.

Во текот на Првата светска војна, како и меѓу војните, училиштето во Љубојно имало повеќе намени. Така, по поделбата на Македонија, тоа било користено за болница на француските војски, за потоа во него да продефилира еден голем и различен по состав наставен кадар. Многу од нив ја обавувале својата просветителска должност, а некои биле само маша на буржуарскиот сталеж; го малтретирале македонското население, а децата ги учеле на туѓи јазици, неразбирливи за нив. Само во текот на Втората светска војна, македонските деца во Љубојно „ги учеле“: спрски, италијански, албански и бугарски „учители“.

Сите страдања, бруталности и непедагошки односи кон македонското население и невините Македончиња се окончале на 5 ноември 1944 година, со ослободувањето на Преспа од окупаторите. Престанале асимилаторските односи кон македонскиот народ од овој крај на Преспа, кон народот кој со векови трпел ропство и понижување.

По ослободувањето на 14 ноември 1944 година, за првпат во Љубојно се отворило училиште на мајчин – македонски јазик. Тоа е првото училиште на македонски јазик во Преспа, а второ во слободна Македонија, гордост на плеада интелектуалци кои го започнале своето школување на мајчин јазик.

Минатата година пак, на одбележувањето на двегодишнината од склучувањето на “Преспанскиот договор”, премиерот Зоран Заев кажа дека е обезбедени 30 милиони денари за старото училиште „Димитар Влахов“ кое ќе стане Центарот за промоција на македонскиот јазик.

Но, старото училиште во Љубојно и понатаму е оставено на милост и немилост и се распаѓа секој ден.








Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.