Прва национална Олимпијада за вселената: Сите ученици од овие градови можат да се пријават за натпреварот во ПРИЛЕП!

По 10-годишниот јубилеј на хакатонот NASA Space Apps Challenge кој традиционално се организира од страна на ЊуМенс Бизнис Акцелераторот и Фондацијата Голдилокс со поддршка на Американската Амбасада, следуваат нови извонредни можности за сите ученици кои уживаат во откривање на мистериите на вселената, создавање нови иновативни решенија, и се страсни вљубеници во информатика, физика, хемија, биологија, математика, технологија и сѐ што вклучуваат СТЕМ вештините.
Стартувајќи од февруари па сѐ до септември 2023 ќе се случува Првата Национална Олимпијада за вселената во сите региони на Р. Македонија, а 5 градови ќе ја имаат честа да бидат првите домаќини. Целта за организација на национална олимпијада за вселената е промоција на СТЕМ вештините и зголемување на интересот кај учениците од целата држава за техничките професии, како и можноста да станат „Граѓани Научници“ (Citizens Scientists) преку трансфер на знаења и искуства од страна на претходните учесници и ментори на хакатоните NASA Space Apps Challenge.
Последната локација за хакатонот е предвиденa во Прилеп, на 15.06 четврток, а наши домаќини се ООУ „Кочо Рацин“-Прилеп со почеток од 10.00 часот до 17.00 часот по што ќе следува и прогласувањето на победниците. Учество во овој регионален натпревар можат да земат сите ученици од следните градови и населени места: Прилеп, Битола, Крушево, Ресен, Демир Хисар, Гевгелија, Кавадарци, Велес, Богданци и Свети Николе.
Сите заинтересирани училишта од соодветните региони ќе можат да пријават неограничен број на тимови, а секој тим треба да има 2 до 3 учесници кои ќе можат да се натпреваруваат во една од двете категории, преку решавање на предизвици зададени од страна на американската агенција за вселенски истражувања NASA во областа NASA STEM Education.
Категории:
1. Ученици од 8 и 9 одделение од основните училишта
2. Ученици од 1ва до 4та година од средните училишта
Сите заинтересирани учесници ќе можат да се пријават најдоцна до 12.06.2023 до 18.00 часот преку нашиот формулар за аплицирање: https://forms.gle/d9Z9JMqKAYnjKdqK9
Предизвици:
1. Истражи што се BallonSAT и какви видови на експерименти можат да се постават на нив и направи power point презентација и/или мал прототип https://www.nasa.gov/…/features/explorers_balloons.html
2. Избери интересен мит за некоја научна појава, истражувај онлајн и направи видео за твоите откритија со цел да го разоткриеш и да ги поттикнеш другите на размислување https://nasaeclips.arc.nasa.gov/resources/sdchallenge
3. Направи забавен и едукативен стрип за патување од Земјата до Марс. Можеш да користиш било какви материјали и техники, вклучително и компјутер https://www.nasa.gov/…/files/artemis_comic_activity_en.pdf
Еден тим ќе може да избере само еден предизвик што ќе го решава заедно со свој ментор наставник и ќе изготви кратка 10 минутна презентација за креираното решение пред комисија на денот закажан за регионалниот еднодневен хакатон. Доколку се одлучат за физичка изработка треба да користат материјали што ги имаат во училиште или дома (ластик, балон, хартија, пластично шише, дрвени прачки, метални плочки, штрафчиња и слично). Ќе се оценува пристапот, иновативноста и знаењето како функционираат нештата, а не користењето на скапи материјали во изработката.
Посебно ги поттикнуваме наставниците ментори да формираат родово и етнички мешани тимови ставајќи акцент на промоција на техничките вештини и професии и меѓу девојките, како и зајакнување и унапредување на соживотот и соработката меѓу младите.
По презентациите, жирито ќе ги прогласи првите три места во двете категории (категорија основци и категорија средношколци), а тимовите кои ќе бидат прогласени за прво пласирани ќе си обезбедат учество на финалниот настан на средината на септември во Скопје за прв пат ќе бидат лансирани 2 метео балони BallonSAT кои ќе летаат до почетокот на вселената, а ќе бидат опремени со сензори и експерименти направени од победниците на регионалните натпревари.
Трошоците за пат за учениците кои не се од градот домаќин во висина до 700 денари по учесник ќе бидат надоместени од страна на организаторот.
За време на самиот натпреварувачки ден за сите учесници и ментори ќе бидат обезбедени освежување и 1 оброк.
Ќе ни претставува посебна чест доколку и вашето училиште се прикличи кон овој единствен настан со свои учесници.
За сите дополнителни информации и прашања ве молиме да се обратите на Катерина, тел. 070 260 149.
Со почит,
Тимот на Првата национална олимпијада за вселената




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.