Општина Кривогаштани со задоволство ги поканува сите граѓани и посетители да бидат дел од овогодишното Културно-спортско лето во Кривогаштани, програма исполнета со спорт, култура, музика, театар, традиција и забава за сите генерации.
Во рамките на манифестацијата ќе се одржи турнир во мал фудбал, кој ќе ги собере љубителите на спортот и ќе донесе натпреварувачки дух и дружење во нашата општина.
Посебно место во програмата има концертот на отворено „Врбјанска Чука“, кој е организиран од Центарот за истражување на предисторијата, во соработка со Општина Кривогаштани.
Овој настан е можност за уживање во музиката и дружењето под отворено небо, на самиот археолошки локалитет. Љубителите на театарот ќе имаат можност да уживаат во претставата „Девојките на Марко“, реализирана во соработка со Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.
Спортската програма продолжува со меморијален турнир во баскет, во организација на здружението ,,Урбано Гнездо Кривогаштани” кој ќе биде уште една можност за спортско натпреварување. Традицијата и локалните производи ќе бидат во центарот на вниманието на Фестивалот на пиперката, организиран во соработка со ,,ЛАГ Агро Лидер”.
Фестивалот има за цел да ја промовира пиперката како значаен земјоделски производ и да ја истакне локалната традиција, производството и вредностите на нашиот крај. Културно – спортското лето ќе заврши со „Бела ноќ“, која и оваа година ја организира ,,Урбано Гнездо Кривогаштани” со поддршка од Општина Кривогаштани.
Вечер исполнета со музика, забава и дружење ќе биде убаво заокружување на целиот месец со активности. Ве покануваме заедно да го прославиме летото во Кривогаштани, со спорт, култура, музика, традиција, дружење и добра енергија.

























