Штип спремен за Супер лига, Прилеп од расадник за спорт порано, при две сали нема сала (ФОТО)

Штип е подготвен повторно да ја врати суперлигашката кошарка во градот. Со новата спортска сала „Џексон“ и амбициозниот проект на „Соколи 1933“, градот најавува враќање на врвниот спорт и создавање услови за кошарка на највисоко ниво.

Поранешниот македонски селектор и репрезентативец Марјан Србиновски е промовиран за нов шеф на стручниот штаб на „Соколи 1933“, а клубот најави дека ќе аплицира на конкурсот на Кошаркарската федерација на Македонија за пополнување на испразнетото место во Суперлигата.

Сликата од Штип е убав пример за тоа што значи кога еден град има спортски амбиции и истовремено создава инфраструктура за нивна реализација.

Од друга страна, Прилеп кој важеше за еден од најголемите расадници на спортски таленти во Македонија, и град од кој произлегле бројни врвни спортисти, репрезентативци и клубови кои оставиле трага во македонскиот спорт, сега моли за спортска сала.

Прилеп веќе две години го чека ветувањето дека Универзалната сала конечно ќе биде ставена во функција. Наместо да биде место каде што ќе тренираат и ќе се натпреваруваат младите спортисти, салата и понатаму не е ставена во употреба.

Резултатот е апсурден – град со две спортски сали, а голем дел од спортот и понатаму функционира во училишни сали.

Во нив тренираат деца, младински категории, клубови и спортисти кои треба да ги градат своите кариери и да го претставуваат Прилеп. Во услови кои одамна не одговараат на потребите на современиот спорт.

Во меѓувреме, други градови покажуваат дека спортската инфраструктура може да биде приоритет и дека со добра сала може да се создаде услов за враќање на големите натпревари и развој на клубовите.

Штип денес се подготвува за Супер лига и го промовира „Џексон“ како можност за развој и промоција на врвен спорт.

Прилеп, кој има спортска традиција и таленти со кои може да се гордее цела Македонија, сè уште моли за услови во кои тие таленти ќе можат нормално да тренираат.

Не е проблемот во тоа што Штип гради и вложува во спортот. Напротив. Проблемот е што Прилеп предолго чека.

И можеби токму затоа фотографиите од новата сала во Штип треба да бидат потсетник дека спортот не се развива само со таленти, ентузијазам и љубов кон играта. За врвен спорт потребни се и врвни услови.

И едно едноставно прашање кое веќе две години чека одговор: Кога Универзалната сала во Прилеп конечно ќе биде ставена во функција?




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.