Фото: Нечија неажурност го дислоцира најпознатиот регионален баскет турнир 3х3

Само два дена пред почетокот на 16-то издание на популарниот „КГЈ 3×3“ турнир во Прилеп, неизвесно е дали најпознатиот баскет спектакл во градот ќе се одржи на својата традиционална локација.

Од 14 до 16 август е предвидено да се игра 16-то издание на „KGJ3X3“, турнир кој со години е синоним за oдличен баскет, спортска атмосфера и дружење, а на кој учествуваат екипи од Прилеп, но и од други градови во земјава.

Култното игралиште во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ е местото по кое овој турнир практично го доби својот препознатлив идентитет. Токму тука низ годините се создаваше атмосферата по која „КГЈ 3×3“ стана еден од најпознатите регионални турнири во 3х3 баскетот.

Но, оваа година ситуацијата е поинаква.

Иако до почетокот на турнирот остануваат само два дена, градежните и реконструктивните работи на спортското игралиште во училиштето сè уште не се завршени.

Поради ваквата состојба, според информациите кои се споделуваат во пресрет на турнирот, се разгледува можноста „КГЈ 3×3“ годинава да биде дислоциран на друга локација, а како можна алтернатива се споменува просторот кај „Могилата на непобедените“.

Доколку тоа се случи, би било првпат по 16 години турнирот да не се одржи на игралиштето кое е неразделно поврзано со неговото име, традиција и препознатливост.

Прашањето кое логично се наметнува е како можеше реконструкцијата на игралиштето да се одвива токму во периодот непосредно пред одржувањето на еден од најмасовните спортски настани во Прилеп, особено кога датумите за турнирот се однапред познати.

„КГЈ 3×3“ не е само уште еден спортски турнир во календарот. Шеснаесет години овој настан собира млади кошаркари, рекреативци, љубители на баскетот и бројна публика, а со годините прерасна во препознатлив прилепски спортски бренд.

Годинава, покрај баскетот, организаторите подготвија и дополнителна програма со музички настапи, 3-point contest, награди за публиката и други изненадувања. Во петок на сцената се најавени Sexy Marsa и Bon Praskiza, додека во сабота ќе настапи Zeebomb.

Останува да се види дали до петок игралиштето во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ ќе биде подготвено за најголемиот баскет настан кој традиционално се игра токму таму, или 16-тото издание ќе мора да се пресели на друга локација.

Она што е сигурно е дека по 16 години традиција, би било навистина штета култниот „КГЈ 3×3“ да биде принуден да го напушти својот дом поради ненавремено завршени градежни работи.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.