Македонија денес го чествува св. Климент Охридски, најистакнатиот ученик на солунските браќа св. Кирил и Методиј и учесник во извршувањето на познатата Моравска мисија.
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 25 ноември.
Денеска е Св. Климент Охридски – Чудотворец.
Свети Климент се роди во Рим, а потекнуваше од царски род. Во младоста отпатува на Исток, каде што се запозна со верата во Христос. Учители му беа самите апостоли.
По враќањето во Рим беше избран за епископ во престолниот град. Подоцна, во времето на императорот Трајан, свети Климент беше протеран во Херсон, каде беше осуден на смрт и фрлен в море со камен околу вратот. Пострада за Христа во 101 година. Своевремено, неговите мошти ги пронајдоа светите браќа Кирил и Методиј и ги пренесоа во Рим.
Свети Климент Охридски го носеше своето име по углед на овој голем Христов светилник.
Свети Климент Охридски, родоначалник на словенската литература и црковно беседништво, прв оригинален словенски и македонски поет, говорник, преведувач, заштитник на Охрид бил назначен за прв словенски епископ на Балканот.
Овој ден е прогласен за Ден на свети Климент Охридски, патронен празник на Македонската православна црква. Во негова чест, во Република Македонија се доделува секоја година наградата „Св. Климент Охридски“ со која се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, спортот и заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност.
Свети Климент е основач на познатата Охридска книжевна школа која е наречена уште и прв словенски универзитет, каде што се образувале над 3 500 ученици. Паралелно со црковната и со педагошката дејност се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност. Нему му се припишува авторството на опширните житија на св. Кирил и Методиј познати како Панонски легенди, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа.