Пред вас денес сакам да ja презентирам дел од работата и активностите што ги реализиравме и што се во тек, со една јасна цел – Крушево да биде подобро место за живеење, атрактивна, туристичка и спортска дестинација, вели Нико Чонески, градоначалник на Општина Крушево.
„Во изминатиот период работевме на повеќе полиња – од патната и комуналната инфраструктура, преку водоснабдувањето и уредувањето на јавните простори, до урбанистичкото планирање, спортот и туризмот.
Еден од нашите приоритети е подобрувањето на патната инфраструктура во Општината.
Во тек е изградбата на пристапната улица до скијачките терени, која ќе овозможи подобар и побезбеден пристап до оваа значајна туристичка и спортска локација и ќе се поврзе со идната обиколница околу Крушево. Обиколницата е во фаза на тендерска постапка и со нејзината реализација очекуваме значително да се олесни сообраќајот низ градот, особено сообраќајот на тешките товарни возила.
Паралелно, се изработува техничка документација за подобрување на патната инфраструктура во населените места, а продолжуваме и со ревитализација и санација на локалните улици во градот.
Во тек е и изработка на сообраќаен проект, со кој ќе се обезбедат дополнителни паркинг места и ќе се регулира режимот на сообраќај во централното подрачје, со цел подобро функционирање, особено во периодите со зголемен број посетители.
Посебен фокус ставивме на едно од најважните прашања за секоја општина – сигурното и квалитетно водоснабдување.
Во тек е изработка на студија за намалување на загубите на питка вода во Крушево, со цел максимално искористување на гравитационите извори и детектирање на деловите од системот со најголеми загуби на вода, кои ќе бидат приоритет за раконструкција.
Завршена е реконструкцијата на објектот на пумпната станица за водоснабдување на Крушево, а во тек е тендерска постапка за целосна замена на хидро и електро опремата.
Го продолжуваме и процесот на модернизација на Јавното комунално претпријатие. До крајот на септември се очекува испорака на нов ровокопач-натоварувач, а веќе е набавено и ново возило за собирање отпад. објави Скопје1.мк
























