Со уметност, култура, музика, спорт и настани посветени на историското наследство, Битола ќе го одбележи 4 Ноември – Денот на ослободувањето на градот. Под мотото „Сите бои на сеќавањето“, годинашната програма носи порака за почит кон минатото, зачувување на колективната меморија и создавање нови приказни што ќе останат за идните генерации.
Празничните активности ќе се реализираат во периодот од 30 октомври до 10 ноември, обединувајќи различни генерации и творечки изрази преку разновидна културна и општествена содржина.
Посебно внимание привлекува и визуелниот идентитет на годинешното одбележување, чиј автор е графичкиот дизајнер Иван Јанчев Коцка. Преку препознатливата битолска архитектура, погледот кон еден од градските покриви и силниот колоритен акцент, постерот повикува градот да го погледнеме од поинаква перспектива и повторно да ги откриеме деталите што ја создаваат неговата посебност.
Програмата „Сите бои на сеќавањето“ опфаќа документарни филмови, музички содржини на винил, детски настапи, изложби и театарски претстави. Посебно место имаат и активностите посветени на борците за слобода, како и признанијата за современите придонеси во развојот и афирмацијата на градот.
Во организацијата учествуваат Општина Битола и Културниот и информативен центар Битола, заедно со културни установи, училишта, здруженија, уметници и спортски организации.
Со оваа програма, Битола уште еднаш потсетува дека градската историја не е само спомен на минатото, туку живо наследство кое се пренесува, надградува и добива нови бои со секоја генерација.
























