Секој четврток забава пред Камена бина и ова лето во Прилеп: Први се Crossroad Blues Band!

Општина Прилеп продолжува со реализирање на проектот “Од 0 до Културa”, со цел елементарно музичко и културно описменување на граѓаните на Општина Прилеп, како и презентација на млади музичари од општината и Република Македонија за нивна промоција.

Годинава концертите започннуваат со настап на легендарните прилепски блузери – Crossroad Blues Band Reloaded, кои ве покануваат на едно посебно музичко патување на Камената Бина во Прилеп.

Концертот „Жените во блузот“ е посветен на најголемите женски имиња кои оставиле неизбришлива трага во историјата на блуз музиката. Вокалистките, Александра и Викторија, ќе изведат безвременски светски блуз класици од легендарни уметници, носејќи ја на сцената силата, емоцијата и страста што го дефинираат овој музички жанр.Ве очекува вечер исполнета со врвна музика, искрени емоции и незаборавна блуз атмосфера…

Настапот на Crossroad Blues Band е закажан за 18.06. со почеток од 21:00 часот.

CROSSROAD B.B. е музичка формација од Прилеп, основана кон крајот на минатиот век, или поточно во 1997 година, од двајца љубители на блуз музиката, Александар Дворчанец-Сале и Бранко Нешкоски-Бане.

Од локална атракција, низ годините CROSSROAD B.B. прерасна во сериозен бенд кој бескомпромисно работи повеќе од дваесет години во својот роден град, во речиси сите градови и места во Македонија, а од 2004 до 2018 година настапува на речиси сите престижни фестивали и места во регионот (претежно на Балканот) каде што се цени и се свири блуз музиката.

Сите изминати километри и бројните настапи му дадоа на бендот многу искуство за настапи во живо, но и многу самодоверба бидејќи наидоа и се запознаа со многу блуз музичари од регионот, создавајќи трајни пријателства кои траат до ден-денес. Оваа приказна беше грубо прекината од ненадејната смрт на Сале, фронтменот на бендот во ноември 2018 година. Со неговото заминување, бендот изгуби многу, но и блузот во Македонија и регионот воопшто.

Во периодот од 1997 до 2018 година, CROSSROAD B.B. снимија три студиски албуми, од кои два беа оригинални со кои го промовираа блузот кирилица (блуз песни на македонски јазик) со наслови ..Тутун блуз .. и …Градско дете .. и еден албум со аранжмани на блуз песни што самите автори ги заборавиле, со наслов. Сè уште живеејќи го блузот. Важно е да се спомене дека Сале беше автор на речиси сите текстови од оригиналната музика, кои не беа само текстови, туку вистински приказни од неговиот живот.

Сегашната формација на бендот е следнава:

Давид Нешкоски – вокал и гитара
Бранко Нешкоски – гитара
Зоран Настески – тапани
Љупчо Шилоски – бас
Александра Трајческа – Вокал
Викторија Георгиоска – Вокал

Бендот во последните неколку години настапува и снима нов материјал како што се видео запис за песната Mustang Sally, нова авторска песна и видео запис за песната Дојди си Дома.

Најновото дело на бендот е аудио и видео записот на целосно новата песна со име “Мораше Баш Сега” . Со оваа нова песна бендот се претставува во блуз светло со модерен призвук и моќни женски вокали кои нема да ве остават рамнодушни. Последното дело е и најбрзо растечката песна на Crossroad со преку 100.000 прегледи на социјалните мрежи во првиот медец од објавата.

Бидете трпеливи и ќе ги видите во живо на 18. јуни на плоштадот “Александрија” во Прилеп.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.