Ротари клубот Прилеп денеска на Здружението на слепи лица на град Прилеп му донираше професионален апарат – електронска лупа (дигитална видео лупа), уред кој значително ќе им помогне на лицата со оштетен вид во секојдневното функционирање.
Станува збор за современ уред со камера и екран, кој им овозможува на слабовидните лица полесно да читаат и да забележуваат детали преку висок контраст и можност за зголемување на сликата (зум). Оваа технологија ќе им овозможи на членовите на здружението полесен пристап до информации, подобри услови за учење и поголема самостојност во секојдневието.
Донацијата е обезбедена благодарение на партнерскиот Ротари клуб Кочани-Виница, за што од Ротари клубот Прилеп упатија благодарност за поддршката и хуманоста.
Здружението на слепи лица на град Прилеп брои 185 членови, а ваквите иницијативи претставуваат важен чекор кон создавање поинклузивна средина и подобрување на квалитетот на живот на лицата со оштетен вид.
„Продолжуваме да правиме промени!“ – порачаа од Ротари клубот Прилеп.
























