Крушево ова лето повторно ќе биде центар на младинските случувања, културата и забавата. Од 11 до 18 јули ќе се одржи фестивалот „Крушево Будно 2026“, кој низ осум фестивалски денови ќе понуди богата програма исполнета со музички настапи, театар, работилници, адреналински активности и дружење во единствената атмосфера што ја нуди највисокиот град на Балканот.
Посетителите ќе имаат можност да уживаат во театарската претстава „Нирвана“, работилница за влашка култура и јазик, адреналински парк, Sunset Party, како и настапи на DJ Galoski, Lockdown Band, Invictus Band и повеќе домашни и регионални диџеи.
Покрај забавната и културната програма, фестивалот има за цел да создаде простор за нови пријателства, размена на идеи и активно вклучување на младите во општествениот и културниот живот.
За сите заинтересирани е обезбеден фестивалски пакет по цена од 1.000 денари, кој важи за сите фестивалски денови и вклучува ланч пакет за 16 јули, фестивалска маичка и подароци од спонзорите.
Организаторите најавуваат уште многу изненадувања и дополнителни содржини кои ќе бидат објавени во пресрет на фестивалот.
„Крушево Будно 2026“ претставува значаен настан за промоција на младинската култура, туризмот и локалната заедница, а неговата реализација е поддржана од Европската Унија.
Со богата програма, прекрасна природа и препознатливата крушевска гостопримливост, фестивалот ветува незаборавно летно доживување за сите генерации.
























