Ристески: Од следната недела грантови за сопствен бизнис, младите можат да добијат и до 20.000 евра

Оперативниот план за вработување за 2026 година стана активен откако доби одобрение од Комисијата за заштита на конкуренцијата. Планот е вреден 40 милиони евра, а средствата од помалку атрактивните мерки се пренасочени кон мерките за самовработување и вработување на невработени лица.

Новина е што право на аплицирање ќе имаат лица со најмалку средно образование, а за првпат се опфатени и младите повратници од странство, кои ќе добиваат 10 проценти повисоки грантови. Од Министерството за економија и труд очекуваат преку мерките годинава да се вработат меѓу 5.500 и 6.000 лица, а јавниот повик ќе биде објавен следната недела.

„Грантовите за лица за отворање на сопствен бизнис до 29 години изнесуваат до 10.000 евра помош, додека за лица над 29 години помошта изнесува 7.000 евра. Доколку се здружат 2 лица во друштво со ограничена одговорност тогаш помошта за младите до 29 години би била до 20.000 евра, а за лица над 29 години до 14.000 евра, или доколку се комбинирани лица до 29 години и над 29 години тогаш помошта со здружување би била 17.000 евра. За лица до 29 години предвидени се субвенции на правните субјекти до 250.000 денари, за лица со попреченост до 220.000 денари, а за лица над 29 години доколку ги вработат ќе имаат помош од 160.000 денари“, изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд.

Ристески информираше дека годинава за прв пат со мерките се опфатени и иселениците.

„Во овие две најатрактивни мерки оваа година ќе можат да учествуваат само лица кои имаат завршено средно образование. Исто така за прв пат се опфатени и иселениците кои ќе можат да ги користат сите овие грантови предвидени во овие 2 мерки, плус 10% од самиот грант. На пример доколку се лица до 29 години, тогаш би можеле да искористат помош од 10.000 евра плус за повратници 10%, односно 11.000 евра. Исто е и со другите мерки кои ги спомнав претходно“, додаде Ристески.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.