Ништо од титула и годинава за прилепчани, Крива Паланка среде Прилеп го крена шампионскиот трофеј

Во салата на ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ во Прилеп се одигра финалниот натпревар од плејофот на Супер лигата на Македонија во пинг-понг за мажи, во кој екипата на Крива Паланка славеше над Младост 96 Прилеп со 4:1 и по третпат по ред ја освои шампионската титула.

Гостинскиот состав ја потврди доминацијата во македонскиот пинг-понг, завршувајќи ја сезоната без ниту еден пораз. Крива Паланка забележа максимален учинок од 20 натпревари и 20 победи, со што заслужено го подигна шампионскиот пехар токму во Прилеп.

За Младост 96 настапија Антонио Стомнароски, Андреј Лашкоски и Ѓорѓе Борчиќ. Единствениот поен за прилепчани го освои Борчиќ, кој беше подобар од Ѓорѓе Петровиќ.

И покрај поразот во финалето, прилепскиот состав може да биде задоволен од сезоната, која ја заврши на второто место во државата со биланс од 17 победи и 5 порази на вкупно 22 натпревари.

Младост 96 е клуб предводен од претседателот Марјан Матракоски и потпретседателот Златко Рикалоски, а дел од екипата е и актуелниот директор на ЈКП Водовод и канализација, Ѓоко Јочкоски, кој има двојна улога на играч и тренер, како Нико Доага од Крушево и Петар Костовски од Штип.

По завршувањето на финалниот натпревар, шампионскиот пехар на новиот првак му го врачи токму претседателот на Младост 96, Марјан Матракоски, по што Крива Паланка го прослави новиот шампионски успех и третата последователна титула во македонскиот пинг-понг.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.