Има гласови кои не се забораваат лесно. Гласови во кои има емоција, посветеност и една искрена љубов кон музиката. Еден таков млад талент е 17-годишниот Наум Бумбароски од Ресен.
Наум е ученик во СОУ „Цар Самоил“ во Ресен, на математички смер, а покрај училишните обврски активно тренира ракомет во РК Преспа. Но, неговата најголема страст уште од најрана возраст е музиката.
Со години го гради својот вокален израз, учејќи, вежбајќи и надградувајќи го својот талент со поддршка и менторство од професорката Ана Костадиновска, која му помага неговиот потенцијал да го претвори во вистинска уметност.
Неговиот труд и посветеност веќе носат резултати. Во 2024 година Наум беше победник на музичкото шоу „Патот до ѕвездите“, а во 2025 и 2026 година се закити со први места на државните музички натпревари. Особено признание за неговиот талент е и државната награда за изведба на француска шансона.
Периодов неговото име повторно се најде во фокусот, откако неговата изведба на песна од легендарниот Тоше Проески на улиците на Милано ги воодушеви луѓето и привлече големо внимание на социјалните мрежи.
За Наум, музиката не е само талент, таа е љубов, посветеност и начин преку кој ги пренесува своите емоции.
А додека ги прави првите чекори кон својата музичка кариера и работи на својата прва авторска музика, едно е сигурно, ова младо момче од Ресен има приказна која допрва ќе се слуша.
























