Милион луѓе на улиците по победата на Мексико: „Ел Три“ ја крена цела земја на нозе (ВИДЕО)

Мексико слави голема победа на Светското првенство, а Мексико Сити буквално не спие.

По триумфот на мексиканската репрезентација над Еквадор со 2:0, околу еден милион навивачи излегоа на улиците на главниот град за да го прослават успехот на „Ел Три“, соопшти шефицата на градската влада, Клара Бругада.

Најголемата концентрација на навивачи била кај Ангелот на независноста, традиционалното место за големи национални и спортски прослави во Мексико.

Бругада истакна дека досега нема пријавено посериозни инциденти и дека прославата минува во празнична атмосфера.

Мексико со победата над Еквадор го продолжи настапот на Мундијалот и обезбеди пласман во осминафиналето, што предизвика вистинска еуфорија меѓу навивачите.

И пред почетокот на натпреварот, илјадници фанови се собраа на булеварот „Пасео де ла Реформа“, каде што мечот се следеше на големи екрани поставени во близина на споменикот „Ел Кабалито“.

Поради огромниот број луѓе, градските власти ги повикаа навивачите дел од прославата да ја продолжат и на други локации, меѓу кои и на платото пред Палатата на спортовите, со цел да се намали притисокот врз „Пасео де ла Реформа“ и просторот околу Ангелот на независноста.

Прославата во Мексико Сити уште еднаш покажа колку силно фудбалот ја обединува земјата, особено кога репрезентацијата испишува нова успешна страница на домашен терен.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.