Додека во многу општини капиталните проекти сè уште се на ниво на планови и најави, Кавадарци презентира отчет со десетици реализирани и започнати инвестиции во речиси сите сфери на општественото живеење. Спортски комплекси, реконструирани улици, нови сообраќајни решенија, водоводна и канализациска инфраструктура, гасификација, зелени површини, нови објекти за социјална заштита и младински центар се само дел од проектите опфатени во отчетот за првата година од мандатот на градоначалникот Митко Јанчев.
Под мотото „Една година работа. Големи чекори за Кавадарци“, Јанчев ги презентираше инвестициите кои го опфаќаат градот, но и населените места, со посебен акцент на капиталните проекти што треба да го променат изгледот и функционалноста на општината.
Нови спортски содржини какви што ретко се гледаат во една општина
Особено впечатлив е инвестицискиот циклус во спортот и рекреацијата. Градскиот базен добива целосна реконструкција на големиот и малиот базен, нови водни атракции и детски содржини, со инвестиција од 1 милион евра. Се гради и затворен базен со инвестиција од 1,2 милиони евра, а предвиден е и нов СПА-центар од 240 квадратни метри, вреден 500.000 евра.
На ова се надоврзуваат новиот картинг центар на површина од 2.700 квадратни метри, спортскиот центар „Јасмин“ со куглана, гимнастичка сала и сместувачки капацитети за спортисти, како и новата спортска сала во Марена.
Милионски инвестиции во улици, мостови, кејови и водоводна инфраструктура
Развојот продолжува и преку големи инфраструктурни зафати. Меѓу нив се реконструкцијата на улиците „Задругарска“ и „Вељко Влаховиќ“, изградбата на нови краци на улицата „Ѓорѓи Соколов“, новиот кружен тек на Северниот булевар, мостот Марена – Сопот, како и новиот кеј на Луда Мара до Општата болница, инвестиција вредна 1 милион евра.
Значајни средства се вложуваат и во водоснабдувањето и комуналната инфраструктура, преку реконструкција на водоводните линии Страгово – Крњево и Западен булевар – Сопот, нова водоводна и канализациска мрежа во Моклиште, поставување 2.500 нови водомери и реконструкција на фекалниот колектор на булеварот „Видое Смилевски“.
Гасификација, нов био пазар и зелени урбани површини
Во делот на енергетиката и урбаниот развој, започната е првата фаза од гасификацијата на Кавадарци, се уредува нова зелена урбана целина во Кавадаречки Дол, со озеленување на 15.000 квадратни метри и покривање на долот во должина од 760 метри.
Предвиден е и нов современ био пазар, инвестиција од 32 милиони денари, а фотоволтаични системи се поставени на 12 јавни установи, со вкупна моќност од 355 kW.
Инвестиции и во населените места, младите и социјалната заштита
Развојот не е ограничен само на централното градско подрачје. Во Дреново се гради повеќенаменски објект за спорт, рекреација и култура, меѓу Глишиќ и Марена е предвидена нова велосипедско-пешачка патека, а во Сопот е изграден нов објект „Виножито“ во рамките на детската градинка „Рада Поцева“.
Особено значајни се и проектите од социјалната сфера. Дневниот центар за лица со телесна или ментална попреченост е со капацитет од 40 корисници, а планиран е и дом за стари лица со капацитет од 55 легла и инвестиција од 160 милиони денари. Во плановите е и нов младински центар, со инвестиција од 1 милион евра, наменет за едукација, креативност, претприемништво и дружење.
Дополнително, обезбеден е грант од 50.000 долари за изработка на техничка документација за велосипедска патека до Тиквешкото Езеро, проект кој треба да отвори нови можности за туризам и рекреација.
„Една година работа е само почеток на уште поголеми цели“, е пораката од отчетот на градоначалникот Митко Јанчев, во кој се истакнува дека развојот на Кавадарци не се мери само преку нови објекти, асфалт и инфраструктура, туку и преку подобри услови за живот на граѓаните, децата, младите, спортистите и повозрасните сограѓани.
Со ваков инвестициски интензитет, Кавадарци поставува високи развојни цели за следниот период, а најавата е дека продолжува реализацијата на проектите за современ, функционален, зелен и економски развиен град.


























