Грее од убавина: Уште едно училиште во Битола добива современи терени за спортување (ФОТО)

Завршува реконструкцијата на спортските терени, односно игралиштата во рамките на подрачното училиште „Тодор Ангелевски“ во населбата Горно Оризари кај Битола.
Станува збор за два спортски терени, едно ракометно игралиште или игралиште за мал фудбал, а другиот терен за кошарка.

-По отстранувањето на стариот асфалтен слој, бетон и земјишниот слој, следуваше поставување на тампон, потоа асфалтирање и поставена е тартан подлога на површина од 900 м2. Терените ќе бидат опремени со реквизити, оградени се со заштитна мрежеста ограда висока околу 3 метри и во рамките на ова, нови патеки со бехатон плочки и елементи кои создаваат училница на отворено. Игралиштата се осветлени со што ќе може да се користат и навечер, а обезбедени се и со камери. Просторот околу нив ќе биде хортикултурно уреден, велат од општина Битола.
Средствата се обезбедени преку Министерството за образование и наука од вториот владин повик, а целата инвестиција изнесува 11.318.523 денари.

Денеска увид во работата изврши градоначалникот на Битола Тони Коњановски кој истакна дека верува дека овие терени ќе бидат искористени од младите за секојдневни спортски активности, а дека општината покажува дека максимално е посветена на спортската училишна инфраструктура.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.