Tурски полнети палачинки со пилешко и…

Турците се мераклии на добра храна. Користат многу зачини. Затоа аромите се чувствуваат оддалеку, а од храната се лижат прстите. Еве еден турски рецепт што се приготвува брзо со готови палачинки или со готови кори за пита.

Потребни се околу 600 г. пилешко бело месо, главица кромид, 2 пиперки, домат, 150 г. варен грашок, сол, сув зачин, црн пипер, црвен пипер. За палачинката се потребни 2 јајца, 2 чаши млеко, 1,5 чаша брашно, полобина лажичка сол и масло. Бешамел сосот се подготвува со 2 лажици путер, 1,5 лажица брашно, 2 чаши млеко, сол, црн пипер и парче кашкавал.

Прво се приготвуваат палачинките. Потоа во тавата става масло, па месото исечкано на коцки. Се пропржува и се додава сечканиот кромид. Потоа и пиперките. Се пржи заедно 3-4 минути, па додава лупен, ситно сечкан домат. Се зачинува по вкус, се поклопува и се динста на тивко 6-7 минути. На крајот се додава варениот грашок. Додека се динста, се приготвува бешамелот. Се топи путерот, па се додава брашно. Кратко се пржи, па се додава млекото, мешајќи да не се создадат грутчиња. Се вари 2-3 минути, па се зачинува.

На секоја палачинка се става по 3 лажици фил, па се преклопуваат како пакетче. Полнетите палачинки се редат во караванче намрсено со путер. Секоја полнета палачинка се прелива со 2 лажици бешамел, а одозгора се ренда малку кашкавал. Се пече во рерна загреана на 200 степени околу 25 минути додека се запече убаво.

Извор: “zenitprilep.com.mk”


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.