Tри битолски училишта добиваат нови типски спортски сали

Подобри услови за спорт и физичко образование за учениците во три битолски училишта

Во три училишта на територијата на Општина Битола се реализираат проекти за изградба на типски училишни спортски сали, со кои учениците ќе добијат современи услови за спорт, рекреација и физичко образование.

Денеска градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, заедно со одговорните лица за проектот, изврши увид во градежните работи за изградба на новата спортска сала во дворот на ОУ „Стив Наумов“ во Битола.

Салата ќе се простира на површина од 650 квадратни метри и ќе биде наменета за реализација на спортски и рекреативни активности, меѓу кои кошарка, одбојка, гимнастика, ракомет, пинг-понг и други спортови поврзани со училишното образование.

Објектот е проектиран во две функционални секции. Едната ќе ги опфаќа помошните простории, односно соблекувални, канцеларија и санитарни јазли, додека во другата ќе биде сместена фискултурната сала со димензии 15 на 30 метри и висина од 7,6 метри.

Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 48.297.406 денари, обезбедени преку вториот владин повик, преку Министерството за образование и наука, со учество и од буџетот на Општина Битола.

Изградбата беше забавена поради потребата од измени и дополнувања на проектната документација, со цел усогласување на фазата термотехника и исполнување на потребните параметри за енергетска ефикасност.

Покрај ОУ „Стив Наумов“, нови типски училишни спортски сали ќе добијат и ОУ „Тодор Ангелевски“, како и подрачното училиште „Даме Груев“ во Долно Оризари.

Со реализацијата на овие проекти, трите училишта ќе добијат дополнителен простор и подобри услови за спортски активности, што ќе придонесе за создавање посоодветни услови за физичко образование и развој на спортските навики кај најмладите.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.