Peфлектopите биле “шaшливи”, тpeва нема доволно: Oпштина Пpилeп и ФФM ce иcпокapaa за cтадионот “Гоце Делчев”?

Претставници на Фудбалската федерација на Македонија извршија примопредавање со Општина Прилеп после целосното завршување на инфраструктурните работи на стадионот “Гоце Делчев” во Прилеп кои беа во надлежност на ФФМ. Според договорот, сега стадионот е целосно во надлежност на Општина Прилеп – објавија вчера на веб сајтот на ФФМ, откако претставници на локалната самоуправа и градоначалникот Илија Јованоски, заедно со претставници на ФФМ, изведувачите на работите за ставање во функција на рефлекторите и тревникот, го посетија Градскиот стадион „Гоце Делчев”.

Веднаш потоа следуваше реакција од Општина Прилеп од каде велат:

“Општина Прилеп ја демантира објавената информација на официјалната страна на ФФМ, според која стадионот во Прилеп и’ е предаден на Општината.

После извршениот увид, беше констатирано дека треба да се доработи поставувањето на тревникот зад двата гола, чија вкупна површина изнесува околу 1.800 м2, да се преземат дополнителни активности за рамнење на поставениот тревник, како и да се изврши регулирање на прскалките за негово наводнување.

Што се однесува до рефлекторите, факт е дека тие се ставени во функција. Меѓутоа, за запазување на пропишаните стандарди и непречено одигрување на фудбалски натпревари во вечерните часови, потребно е да се изврши фокусирање на светлото од рефлекторите.

Откако ФФМ ќе ги отстрани увидените недостатоци и ќе изврши комплетно завршување на планираните инфраструктурни зафати, Општина Прилеп ќе го потпише Договорот за примопредавање на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ и ќе ги преземе сите преостанати градежни и други активности за негово ставање во функција”.

И ФФМ подоцна упати нова реакција:

“Фудбалската федерација на Македонија изразува разочарување од односот на одговорните лица во Општина Прилеп и изјавите споделени од страна на градоначалникот на општината, Илија Јованоски кои се однесуваат на реконструкцијата на стадионот “Гоце Делчев” и договорените обврски меѓу Фудбалската федерација на Македонија и општина Прилеп.

Фудбалската федерација на Македонија не бара благодарност за целокупниот придонес кој го даде во реализација на целиот проект, но очекуваме барем почит и пристоен дијалог, по се што ова раководство на федерацијата направи за реконструкцијата на стадионот и ги исполни сите обврски од договорот.

Како сериозна и транспарентна организација го споделуваме договорот со општина Прилеп за реконструкција на стадионот „Гоце Делчев“ во кој се наведени обврските на договорните страни.

Во однос на точките кои општина Прилеп ги сподели како нереализирани од страна на ФФМ, потенцираме, а тоа е јасно наведено во договорот, дека ФФМ нема обврска за поставување на тревник зад двата гола, но изразуваме подготвеност да го реализираме и тој дел, односно ФФМ да постави тревна површина зад двата гола, во услови кога временските прилики ќе дозволат да се направи тоа.

Во однос на рефлекторското осветлување потенцираме дека по извршените тестови, извештајот од надзорот за осветлувањето потврди дека истото функционира според сите домашни и меѓународни стандарди.

Една од важните забелешки е дека општина Прилеп треба да изгради трафостаница за снабдување со електрична енергија, а потоа да се изврши фокусирање на светлото за рефлекторите.

Сметаме дека е беспредметно да навлегуваме во расправа или убедување во однос на забелешката за „нивелирање на прскалка“ за тревната површина во услови кога сите присутни и од страна на инвеститорот и страна на надзорот констатираа дека се испочитувани сите стандарди со поставувањето на новата тревна подлога (тревни бусени), модерен дренажен систем и нов автоматски систем за иригација – полевање, нова песочна подлога и тревен бусен од природна трева”, напишаа од ФФМ и во прилог јавно го објавија договорот со Општина Прилеп.

ФФМ договор Општина Прилеп.pdf


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.