Радоста и насмевките на најмладите беа во центарот на една убава иницијатива на Ротаракт клуб Прилеп, чии членови денеска го посетија ООУ „Страшо Пинџур“ во прилепското населено место Мало Коњари и донираа спортска опрема за потребите на училиштето.
Како дел од донацијата, училиштето доби три фудбалски, три одбојкарски и две кошаркарски топки, со кои учениците ќе имаат уште повеќе можности за спорт, рекреација и дружење.
Но, посетата не заврши само со донацијата. Возбудени од изненадувањето, децата ги поканија членовите на Ротаракт клуб Прилеп на одбојкарски натпревар, покана на која тие со задоволство прифатија и им се приклучија на учениците во спортската дружба.
Од клубот велат дека особено ги радува можноста да организираат вакви активности, преку кои можат да придонесат за најмладите, да ги поттикнат на спорт и да создадат убави заеднички моменти.
Тие изразија надеж дека ова е само една од многуте идни можности за повторна средба и дружење со учениците од Мало Коњари.
Мала донација, голема радост и уште еден убав пример дека највредните нешта се создаваат преку внимание, хуманост и грижа за заедницата.



























